Средба Димитриев - Борисов во Рига: Заложба за подлабока економска соработка на Македонија и Бугарија

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на избори, Емил Димитриев, утринава во Рига оствари средба со својот бугарски колега Бојко Борисов.

 Двете страни се обврзаа да придонесат со заедничка заложба за унапредување на економската соработка, трговската размена и реализација на инфраструктурни проекти што се од значење за двете држави, со акцент на изградба на железничката и патна инфраструктура на коридорот осум.

Истакната е значајноста и потребата од членство на Република Македонија во НАТО и почеток на пристапни преговори за македонско членство во Европската унија. Од двете страни била нагласена одлучноста за натамошно продлабочување на добрососедските односи.

Премиерите се согласиле дека тежиштето мора да биде ставено на големиот потенцијал за размена во области што се од најголемо значење на граѓаните на двете земји, како економијата, туризмот и културата. Заедничка намера е добрите практики на соработка, преку академиите за науки да се пресликаат и во другите области на соработка.

Оваа средба се одржа пред почетокот на Петтиот состанока на 16 европски земји од Средна и Источна Европа со Народна Република Кина во Рига.