Спасов ги посети децата на зимување во битолското одморалиште „Пелистер“

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска ги посети децата кои се на зимување во детското одморалиште „Пелистер“ во Битола. Престојот на децата од неколку македонски градови се реализира во рамки на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик.

-Оваа зима со овој проект ќе бидат опфатени 1.000 дечиња кои ќе имаат бесплатен зимски одмор. Од 2012 година, од кога Министерството го реализира овој проект, правото за бесплатен летен и зимски одмор го искористиле околу 8.000 деца, односно заедно со годинешните корисници, вкупната бројка е околу 9.000 деца, истакна министерот Спасов.

На денешната средба со новинарите во Битола, Спасов најави дека овој проект ќе продолжи да се реализира и во летниот период и притоа ќе бидат опфатени над 2.000 деца.

-Како Влада и како Министерство интервенираме со еден ваков добродетелен проект давајќи можност децата од ранливите категории да престојуваат на планина или покрај езеро. Инаку, на Пелистер годинава ќе престојуваат околу 1.000 деца, а околу 2.000 деца летоска ќе престојуваат покрај македонските езера, предочи Спасов.

Од Министерството за труд и социјална политика потврдија дека по распишаниот оглас за купување на објекти во државна сопственост, веќе се продадени одморалиштето во Крушево и еден објект во општина Пехчево кој ќе биде наменет за Дом за старци. Непродадените објекти повторно ќе бидат огласени за продажба, вклучувајќи го и детското одморалиште „Пелистер“ кое првично е проценето на околу 500.000 евра со обврска купувачот да ги задржи сите вработени лица и да ја задржи дејноста за кое е наменето.