Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

На денешната 59-та тематска седница, посветена на младински политики, Владата ја усвои Информацијата за имплементацијата на младински политики од областа пазарот на трудот со воведувањето на мерката Гаранција за млади (ГМ), која се однесува на решавањето на проблемот со невработеноста со кој се соочуваат младите во Република Македонија.

Покрај владините претставници, во работата на седницата учествуваа и претставници на Агенцијата за млади и спорт и на повеќе други младински организации, кои доставија и свои мислења и предлози за политики за млади, посветени на унапредувањето и подобрувањето на животот на младите во земјава.

Гаранција за млади е дел од Европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Македонија, квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практиканство.

Планот за спроведување на ГМ во Република Македонија е осмислено да се одвива во две фази: пилот фазата во 2018 година во неколку општини, и втора фаза до 2022 година кога програмата ќе се имплементира на територија на цела Република Македонија.

 

 

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, на денешната седница информираше за развојниот карактер на Буџетот на министерството за 2018 година, како и тоа дека е насочен кон подигнувањето на стандардите за квалитет на сите нивоа и во сите образовни сегменти.

Вкупниот буџет на МОН за 2018 година изнесува 25.179.444.000 денари, што претставува зголемување од 5% во споредба со минатата 2017 година.

Средствата предвидени за ученички и студентски стандард изнесуваат 1 милијарда и 270 милиони денари. За првпат се обезбедуваат 80 милиони денари за подобрување на условите во ученичките домови, од кои, 30 милиони денари за реконструкција и 50 за опремување. За студентскиот стандард се планирани 660 милиони денари, што претставува зголемување на минатогодишниот буџет за повеќе од 50 милиони денари.

За капитални инвестиции во образованието предвидени се 2.140.024.000 денари, од кои за изградба и реконструкција на основни и средни училишта се издвоени 282.600.000 денари.

На оваа седница, Владата ја разгледа усвои и Информацијата на Министерството за здравство за преземени активности за унапредување на здравјето на младите во Република Македонија.

Министерството за здравство, со цел унапредување на здравјето на младата популација континуирано, во рамки на превентивните програми реализира повеќе мерки и активности, кои ги опфаќаат младите од целата држава, како Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти, Програмата за јавно здравје за 2018 година во која се предвидени повеќе активности за превенција на деформитети на рбетниот столб кај младата популација, спроведуваат едукативни предавања од здравствени работници од Центрите за јавно здравје во основни и средни училишта, советувалишта за сексуално и репродуктивно здравје, Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција и Програма за имунизација со која се обезбедуваат вакцини за континуирана имунизација на сите лица од 0 до 18 годишна возраст.

На денешната седница, владата ја усвои Информацијата за младински политики на Министерството за култура и мерките и програмите со кои се овозможува поголема вклученост на младите во културниот живот во Република Македонија. Дел од програмите што опфаќаат поголема вклученост на младите се Стипендиите за млади таленти; Попусти за средношколци и студенти; Проекти со УНЕСКО/ЕУ од областа на културата, во партнерство со Агенција за млади и спорт; Национална Стратегија за култура, вклучени младински мерки; како и Дефинирање на индустриска политика за креативните и културните индустрии.

На предлог на Заменик претседателот на Влада на РМ за економски прашања, Кочо Анѓушев, Владата ја усвои Информацијата во врска со мерките и активностите од Планот за економски раст кои ги опфаќаат младите.
Мерката предвидува Финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите преку покривање до 30% од трошоците за обука и стручно усовршување на нововработени млади лица.

Поддршката ќе се реализира преку аплицирање на јавен повик за финансирање на проекти за технолошки развој за мали и средни претпријатија (два повици/фискална година), врз основа на доставен елаборат за проектот (проектна апликација) и предлог-буџет. Вкупната поддршка преку оваа мерка (под еден или повеќе проекти) може да се користи во период до 24 месеци за исто нововработено младо лице.

Една од најважните мерки предвидени во Акциониот план е Планот за економски раст е основањето на Научно-технолошки парк, кој е предлог на Фондот за иновации и технолошки развој, како инфраструктурна поддршка на иновациската дејност и овозможува поврзување, создавање и брза примена на нови технологии, создавања и пласман на нови производи, процеси и услуги на пазарот.

Владата на Република Македонија ја усвои и оваа Информација, и го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори да формира работна група составена од, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука и Кабинетот на Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија која што ќе направи предлог за спроведување на оваа иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк во Македонија со предлози за просторни, финансиски и кадровски ресурси и за 90 дена да ја информира Владата за тоа.

 

 

Во текот на седницата, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за приоритетите во младинскиот сектор, на предлог на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Според планот и програмата на АМС, приоритети во младинскиот сектор за 2018 година се изборот на младински претставник во управниот одбор во регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан (RYCO), формирањето на работните групи кои ќе бидат задолжени за креирање на содржината на новиот Закон за млади, ревизијата на Националната стратегија за млади, финализирање на прирачникот за Локални младински совети, и подобрување на улогата на младинските организации, развојот на средношколското и студентското организирање во Република Македонија, изготвување стратешки документи за отворање на зелени работни места и др.

По изложените предлог мерки за градење младински политики, од страна на претставниците на младинските организации и АМС, во текот на седницата, Владата донесе одлуки за формирање работни групи за младински политики, составени од претставници на Владата, ресорните министерства, надлежните институции и претставници од младинските организации, и тоа:
Работна група за препознавање на младинската работа, работна група која ќе го дефинира ко-менаџмент телото за координација помеѓу младинските организации и институциите и за структурен дијалог, работна група за сеопфатно сексуално образование, работна група за средношколско демократско организирање , работна група за студентско демократско организирање, работна група за мапирање зелени работни места и нивно поврзување со невработеноста на младите во земјава и работна група за изработка на програма за сеопфатна грижа и лекување на малолетни корисници на психоактивни супстанци.

Владата ги задолжи овие работни групи во рок од 30 дена да достават план програма и предлог-политики за понатамошно делување.

На оваа седница и претходеа серија на отворени координативни средби, организирани и координирани од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Владата на Република Македонија, кои низ широка јавна расправа, отворија простор за учество на младинските организации и за нивни предлози за младински политики.

 

На дневниот ред на 60-тата редовна седница на владата, која ќе започне денеска во 15:00 часот, по завршување на 59-тата тематска седница посветена на младинските политики, меѓу другото, ќе се најде и информацијата за можноста за изменување на Законот за катастар на недвижности во насока на подобрување на квалитетот на податоците запишани во катастарот на недвижности, вклучувајќи го и механизмот за отстранување на грешки од страна на Агенција за катастар на недвижности, и за намалување на процентот на незапишани права во катастарот на недвижности.

На денешната владина седница ќе биде разгледана и информација за рокот на реализација и проблемите при реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, на 60-тата седница на Владата на РМ ќе се расправа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето.

На оваа 60-та редовна седница на Владата на РМ, на дневен ред ќе се најде и информација за имплементацијата на Национална стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 година, како и информацијата за воведување на професионална рехабилитација на лица со попреченост.

На 58-мата седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за степен на изграденост на рударскиот комплекс „Казандол“ и го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот „Казандол“, кој ги опфаќа општините Валандово, Богданци и Дојран, и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20.7.2015 година.

 

Владата денеска го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија

Основна цел на Законот е внесување мерливи квалитативни и квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот на секои две години. Воедно се внимаваше на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето. Истовремено се интервенира и во однос на одребите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот и слично.

Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се направени и вградување на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, во однос на транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

 

Владата го разгледа и утврди Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, чие донесување произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем, стратегиската цел на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија на натамошна постапка за усвојување.

 

На усвојување во Собранието на РМ, владата денеска го пушти ново усогласениот текст на Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Македонија. Овој закон претставува своевидна шема за поддршка согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош за инвестициите.

Целта на овој закон е поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и вработувањето, а мерките од законот освен странските, ги опфаќаат и дијаспората, како и домашните компании.

 

Министерство за труд и социјална политика предложи, а владата ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година.

Со оваа програма се утврдуваат корисниците, мерките, носителите, извршителите и обезбедените средства за персоналната асистенција на лица со попреченост со цел да се придонесе за нивното независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Мерките од Програмата ќе им помогнат на лицата со попреченост во извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, за учество во образованието и на пазарот на трудот и други активности, кои лице без попреченост вообичаено би ги извршило без поддршка.

 

Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за високото образование, и донесе одлука по усогласување на одредени членови, да биде пуштен во собраниска процедура до негово усвојување.

Со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, како и признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.

 

На денешната седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со одговорот на Министерството за транспорт и врски до Европската Комисија за шемата на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници кои го користат аеродромот во Скопје.

Во однос на постапката за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници, Комисијата за заштита на конкуренцијата се произнесе дека во овој случај Министерството за транспорт и врски се однесува како инвеститор во пазарна економија, и дека финансиската поддршка на домашните и странските авиопревозници е целосно усогласено со соодветното европско законодавство. Во одговорот до ЕК се наведува дека на долг рок ова субвенционирање генерира позитивен ефект и придонесува за остварувње на поволен финансиски резултат и зголемување на БДП на земјата.

 

Владата денеска го прифати предлогот на Министерството за надворешни работи за потпишување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји, како и предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за потпишување на Спогодба за еднострано времено укинување на визите за краткорочен престој за државјаните на Република Украина, Руската Федерација, Азербејџан и Казахстан.

 

Владата го разгледа конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи за 2016 година на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија, со препорака оваа установа да изработи Акционен план за имплементација на дадените препораки, а Министерството за здравство да го следи и олесни процесот на имплементација на дадените препораки.

Истовремено, заклучок на владата е Министерството за здравство да процени дали е потребно Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија, Скопје, да се достави до Јавното обвинителство на Република Македонија.

 

 

На денешната редовна, 58-мата седница, Владата на Република Македонија, меѓу другото, ќе биде разгледана Предлог-програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година, како и Предлог-програма за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година.

Овие точки доаѓаат како предлог на Министерството за труд и социјална политика, кое денеска на разгледување ја достави и Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2018 година.

Владата денеска ќе ја разгледа и Предлог-програмата за изменување на Годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2018 година.

Од програмата за реализација на инфраструктурните проекти, на денешната седница на владата ќе биде разгледана Информацијата за прогрес на активностите за реализација на проектот „Рехабилитација, надградба и реконструкција на поголемите железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10д, како и Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Модернизација и реконструкција на влезовите во Битола и изградба на експресен пат од Битола до граничен премин Меџитлија”.

Пред министрите на Владата на РМ, на денешната седница на одобрување ќе биде поднесен извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната 58-ма седница на Владата на РМ, ќе биде разгледан и предлогот за поведување на постапка за водење преговори за потпишување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји, и предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за потпишување на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Кабинетот на Министри на Украина за услови за заемно патување на државјаните на овие две земји.

Владата денеска ќе ја разгледа и Информацијата во врска со активностите за анализа на моменталната состојба во областа на ИТ во сите институции од јавниот сектор во Република Македонија, на предлог на Канцеларија на Претседателот на Владата на Република Македонија и на Националниот совет за ИКТ.

 


 

Дневен ред: http://vlada.mk/sednica/58

 

 

 

На редовната 57-ма седница, Владата на Република Македонија го формираше Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев. На седницата беше утврден и составот на Советот. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, Јавниот обинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховен Суд, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од Апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од Основните судови Скопје 1 и 2. Членови на овој совет, ќе бидат и Народен правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседателот на здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.

На седницата, министрите ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Демир Капија – Смоквица”, автопатот ќе се пушти во употреба кон средината на следниот месец.

Од областа на образованието, министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за одложена имплементација на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование од учебната 2019-2020 година, односно на програмата КЕМБРИЏ. На седницата беше усвоена и Информацијата за воведување на италијански јазик во основно и средно образование како можност за втор странски јазик.

Заради негување на играорната, вокалната и вокално-инструменталната фолклорна уметност на албанската заедница во Република Македонија, на денешната седница се основаше Национална установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ - Скопје, како непрофитна установа од областа на културата.

 

 

Владата ја усвои информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“. Министерството за животна средина и просторно планирање до Секретаријатот за европски прашања треба да достави ИПА апликација за проектот, а потоа СЕП апликацијата да ја достави до Делегација на ЕУ во Скопје и истата да се препрати до Европската комисија во Брисел.

Владата на Република Македонија го става во мирување процесот на продавање на возилото “Мерцедес” до завршувањето на судскиот спор во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал. Оваа одлука се носи со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес каде возилото е предмет на интерес.

Владата на денешната седница одлучи да прекине постапката за измена на Планот за управување на Националниот парк Галичица, согласно препораките на УНЕСКО. Тоа значи дека овој Национален парк и натаму останува заштитено светско наследство на листата на УНЕСКО.

На седницата беше донесена и Национална стратегија на Република Македонија за спречување на насилен екстремизам, со Акциски план за имплементација и Национална стратегија на Република Македонија за борба против тероризам, со Акциски план за имплементација.

 

 

Министрите, на 57-мата седница донесоа одлука за формирање на Управен одбор на Проектот - Самовработување со кредитирање и Проектот кредитирање на правни субјекти, односно микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места.

Станува збор за проект кој се реализира преку Агенцијата за вработување, а целта е доделување кредитни средства под поволни услови на правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис како и на невработените лица кои сакаат да го решат своето вработување. Во рамки на Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места постои можност за правните субјекти кои ќе вработат млади лица до 29 години да се одобруваат по 4.000 евра за едно новоотворено работно место, со максимален износ до 12.000 евра за вработување на 3 невработени млади лица до 29 години.

На седницата денеска ќе се најде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија.

На денешната седница, закажана во 13:00 часот, на дневен ред е и Информацијата до Владата на Република Македонија за работната дефиниција за антисемитизмот усвоена од страна на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА).

Секретаријатот за европски прашања на денешната седница на Владата на РМ ќе ја презентира Информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија, и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка за билатерална проектна соработка, како и Информацијата за потпишување на два Договори: Договор помеѓу Република Македонија и Шведска, претставувана од шведската агенција за развој и соработка СИДА и Договорот помеѓу Република Македонија и Шведска за општите услови на развојната соработка.

Министрите во Владата, денеска ќе ја разгледаат и Информацијата со Предлог-одлуката за формирање на Управен одбор на Проектот - Самовработување со кредитирање и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места, на предлог на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

На дневниот ред на седницата денеска ќе се најде и Информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“, како и информациите за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот рехабилитација и реконструкција на автопатите, експресните и регионалните патни делници во Република Македонија.

 


Дневен ред: www.vlada.mk/sednica/57


 

 

Владата на Република Македонија на денешната редовна 56-та седница го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година. Со него посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години. Со оперативниот план ќе се создадат услови за создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица.

Со усвојување на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година, стартуваше имплементација на мерките од третиот столб од Планот за економски раст на Владата. Среднорочната програма е насочена кон постигнување на целите кои се дефинирани во Стратегијата за иновации на Република Македонија, Планот за економски раст на Владата на Република Македонија и Проектот за развој на вештини и иновации.

Министрите на денешната седница ја усвоија информацијата за можноста за понатамошно вклучување на Република Македонија во иницијативата „Програма за развој на зелени градови“. Целта на програмата е да се унапреди управувањето со активностите за зелен развој во градовите преку обезбедување инвестиции, поддршка за развој на политики и градење капацитети на национално и локално ниво. Програмата предвидува вклучување на девет држави кои се подобни за користење средства од Зелениот климатски фонд на Европската банка за обнова и развој, и тоа: Албанија, Ерменија, Македонија, Грузија, Јордан, Молдавија, Монголија, Србија и Тунис.

На предлог на Mинистерството за финансии Владата го усвои Предлог - законот за пријавување и евиденција на обврски кои ги имаат буџетските институции. Имено, досега не постоел унифициран механизам на евиденција и следење на обврските на субјектите кои располагаат со јавни средства. Новиот предлог – закон предвидува преку електронски систем да се евидентираат преземени, а неисполнети обврски на институциите, како и неплатените обврски. Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес.

На денешната 56-та седница беше усвоена и информацијата за потребата од потпишување Договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу владите на Република Албанија и на Република Македонија. Во име на Владата на РМ договорот ќе го потпише Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми. Со договорот ќе се продлабочи соработката меѓу двете земји преку заеднички акционен план во областа на дијаспората, како и преку периодични програми за соработка.

На денешната седница министрите ја усвоија и информацијата за воведување заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и Република Србија на граничните премини Табановце – Прешево и Пелинце – Прохор Пчински. Оваа мерка е една од целите на Повеќегодишниот акциски план за создавање Регионална економска област на Западен Балкан, усвоен на Самитот во Трст од јули 2017 година. Тој меѓу другото предвидува олеснување на слободната трговија со стока и подобрување на заедничкото управување со ризик, гранични контроли и гранични контроли со едно застанување односно One-Stop Shop.

Владата на денешната седница го донесе и Предлог законот за изменување и дополнување на законот за стечајните работници односно за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Со него се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок кои ќе го добијат стечајците, а кои останале без работа по основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни 2017 година. Оваа категорија граѓани сега се опфатени со новите измени во поголем обем со цел да се постигне конечно решение на овој децениски проблем во земјава.

Владата го усвои предлог - законот за меѓународна и привремена заштита или закон за азил. Со него се врши усогласување на националното со европското законодавство во областа на азилот односно меѓународната заштита. Предлог законот беше доставен на мислење и до Европската Комисија во Брисел и во истиот се инкорпорирани сите забелешки.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министрите ја усвоија информацијата со предлог решение за нормално функционирање на ИПАРД програмата и за соодветно искористување на средствата од ЕУ.

Владата на 56-тата седница одлучи свои простории во центарот во Струга да добие „Сојузот на борците од НОАВ на Македонија“.

Во однос на кадровските решенија, Бујар Дарлишта е именуван за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.
Владата на својата 56-та седница отповика неколку конзули на Република Македонија – станува збор за Ричард Голдман, Џејсон Мико, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо, како и Пуршотам Карамангала Џајарам.

На предлог на заменик претседателот на Владата за економски прашања, на денешната седница министрите ќе ја разгледаат информацијата за можноста за понатамошно вклучување на Република Македонија во Регионална иницијатива - Програма за развој на зелени градови.

Министрите на седницата исто така ќе ја разгледаат и информацијата со Предлог-решение за нормално функционирање на ИПАРД структурата и соодветно искористување на средствата од Европската Унија.

На дневен ред на денешната седница се и предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за судовите.

Владата на 56-тата седница, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ќе го разгледа оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018-та година.

Пред министрите исто така ќе се најде и информацијата за реформите на средното стручно образование, конкретно за техничкото образование.

 


Дневен ред: http://vlada.mk/sednica/56

 

На својата редовна, 55 седница, Владата го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Основна цел на овој предлог закон е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Суштинските измени што се предлагаат се однесуваат на изборот на управните тела и директори на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и во однос на финансирањето на работата на МРТ и АВМУ.

На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација Владата денеска го разгледа и усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, со основна цел за усогласување со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На денешната седница Владата ја разгледа и го утврди текстот на Предлог-Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот 2018-2022 година, и донесе одлука стратегијата да се достави до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Со Стратегијата за развој на културата 2018-2022 и Акцискиот план, се отвора процесот на темелни реформи, преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија.

Стратегијата има за цел да ја реализира визијата за градење едно општество за сите, децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани подеднакво. Со насоките во стратегијата започнува широка и темелна реформа на законите од областа на културата, се менува начинот на работа и финансирање на националните установи од областа на културата, како и финансирањето на другите корисници, преку поддршката за проекти што ја дистрибуира министерството во име на граѓаните.

Владата денеска ја разгледа информација за обврските и роковите кои произведуваат од Законот за утврдување на цени на водните услуги. Од анализата врз основа на оваа информација, произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика не ги почитувала роковите утврдени согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги. Наместо да бидат донесени во 2016, Регулаторната комисија за енергетика новите цени за водата ги донела по завршувањето на локалните избори во 2017 година.

Оваа постапка сериозно ја доведува во прашање независноста на Регулаторната комисија за енергетика која очигледно ги синхронизирала одлуките за поскапување на водата со резултатите од локалните избори.

Согласно ова сознание, Владата им препорача на водостопанските препријатија, дека можат да поднесат барање за измена на решенијата за тарифите за водна услуга согласно ставот 2 од членот 17 од Законот за утврдување на цените за водите.

На денешната седница Министерството за финансии ја презентираше информација за првата седница на Советот за управување со јавни финансии, со Предлог Акциски план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2018 година. Владата беше запознаена дека Советот за управување со јавни финансии ја усвои листата на назначени координатори на приоритети и лидери на мерки од Програмата за реформа на управување со јавни финансии, и дека оваа седница ја разгледа и одобри нацрт Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2018 година и одлучи истиот како предлог Акциски план да се достави на усвојување до Владата на Република Македонија преку Министерството за финансии.

 

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година“, и го прифати Акцискиот план за спроведување на стратегијата.

Тргнувајќи од еден од главните стратешки приоритети кој се однесува на јавната администрација дека Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права, реформата во јавната администрација во поширока смисла значи реформа во приоритетни области, креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и во управувањето со јавните финансии.

Владата на Република Македонија да ја разгледа и усвои Информацијата за продолжување на кампањата за мерење на потенцијалот на ветерната енергија во Република Македонија. Информацијата потврдува дека вкупната инсталирана моќност може да достигне 150MW.
Со оглед на фактот дека до денес се инсталирани 72 MW, Владата заклучи дека е оправдано да се продолжи со мерната кампања за утврдување на наредни поволни локации со потенцијал на енергијата на ветерот кој гарантира исплатливо производство на електрична енергија. 

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата денеска ја разгледа информација за заштита и унапредување на работничките права преку колективен договор на вработените во шумската полиција. Владата го задолжи Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во рамките на своите буџетски можности да пренамени средства од својот буџет и да обезбеди средства за обврските согласно содржината на информацијата бидејќи припадниците на шумската полиција припаѓаат во групата на овластени службеници.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија за соработка во областа на водите во делот на поддршка за изградба на нови хидросистеми.

На денешната седница Владата на РМ го разгледа и утврди Предлог-законот за бесплатна правна помош, со одлука да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, а негова цел е да се овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита преку обезбедување финансиска поддршка од страна на државата.

Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија за натамошна постапка.

Владата ја разгледа Информацијата за Предлог Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудство. Со спроведувањето на ИКТ решенија и системи во согласност со европските и меѓународните стандарди, целта ќе биде да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста, како и соработката со други правосудни системи, институциите на Европската Унија, нејзините земји-членки и меѓународните организации.

Владата го разгледа новиот текст на Информацијата за изградба на жичарница од Козле до Средно Водно, за период од 1 јули до 31 декември 2017 година и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје да донесат соодветна одлука за целисходноста на овој проект.

 

На редовната, 55-та седница на Владата, ќе биде разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија.

На предлог на Министерството за правда, пред владините министри денеска ќе се најде и Предлог-законот за бесплатна правна помош.

На оваа своја седница, Владата ќе ја разгледа информацијата за реализација на Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2014 - 2020 година.

На денешната седница ќе бидат разгледани Финансискиот план на Централниот регистар за 2018 година, Годишната инвестициска програма во 2018 година на АД МЕПСО, како и програмата за инвестиции за периодот 2019 - 2022 година на истата компанија во државна сопственост.

Владата на 55-тата седница ќе ја разгледа и информацијата за спроведените активности за промоција на концептот на општествена одговорност на претпријатијата преку доделување на награда за најдобри општествено одговорни практики во 2017.

Министерството за внатрешни работи на денешната седница ќе ја презентира информацијата за спроведување на мерките за ограничување и забрана на сообраќајот во услови на надминување на прагот на алармирање и зајакнување на контролата на издувните гасови од возилата при нивна регистрација во техничките станици.