Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе одлука за формирање на Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи - Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА).

Комисијата, составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, има за задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од Министерството за внатрешни работи - Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача. 

Формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата на РМ да ги овозможи сите услови за старт на работата на Оперативно-техничка агенција, до денот на започнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година.

На редовната 96-та седница, Владата на Република Македонија ги усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и единки корисници основани од единиците на локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. 

Со првиот закон се уредува финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. На овој начин ќе се подмират 51% од вкупниот пријавен износ заклучно со месец септември 2018 година, а за оваа намена со ребалансот на буџетот на Република Македонија се обезбедени 3.032.383.086 денари.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се врши измена со која се ограничува планирањето на сопствените приходи на основниот буџет на општината. Општините сопствените приходи ќе може да ги планираат до најмногу 10% од просечните приходи во последните 3 години. Доколку буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени истиот нема да биде впишан во трезорот на Министерство за финансии. Дополнително, измените на законот за финансирање на ЕЛС предвидуваат зголемување на транспарентноста - општините на своите интернет страници ќе мора да објавуваат кому исплатиле и колку пари потрошиле. 

Денеска, министрите ја прифатија информацијата за текот и прогресот за отворање на центрите за ран детски развој во соработка со УНИЦЕФ во Република Македонија. Во периодот од 2014 до 2016 година се отворени 29 вакви центри во 15 општини. Од нив, 4 се јавни установи за деца - центри за ран детски развој, а 25 се во состав на установите за деца - детски градинки. Досега се опфатени вкупно 1345 деца. Дополнително, според повикот на Канцеларијата на УНИЦЕФ во февруари 2017 година, девет нови општини во Република Македонија ќе бидат поддржани од УНИЦЕФ за отворање на центри за ран детски развој, односно: Радовиш, Струга, Кривогаштани, Виница, Гостивар, Охрид, Кочани, Тетово и Куманово. 

Центрите за ран детски развој спроведуваат програма за ранo учење и развој на деца од предучилишна возраст од три до шест години, во локалните заедници каде што нема установи за предучилишно згрижување на деца, а пред се во руралните и маргинализираните средини

На денешната седница, Владата ја прифати и Предлог-програмата за дополнување на програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година. Дополнувањето на програмата предвидува набавка, испорака и монтажа на опрема за детска градинка во општината Карпош, како и за два објекти за детска градинка во општина Кавадарци. 

Воведување на функцијата заменик директор на Агенцијата за лекови и медицински помагала - МАЛМЕД, предвидуваа Предлог-законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, којшто денеска го усвои Владата. Оваа потреба произлегува од обемноста на овластувањата на директорот и потребата од постојана присутност. За спроведување на законот, односно за обезбедување плата и други надоместоци за заменик на директорот, годишно ќе бидат потребни 802.000 денари.

Како материјал за информирање, Владата ја разгледа информација за претставување на книжевното творештво на авторите од Република Македонија на меѓународните саеми за книга. Согласно Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот од 2018 до 2022 година, која предвидува мерки за унапредување на литературната и издавачката дејност на национално и на меѓународно ниво, министерството за култура е организатор на претставувањето на нашата земја на неколку меѓународни саеми на книгата во светот. Во таа насока, авторите од Република Македонија и нивното творештво, оваа година ќе бидат претставени на саемите во Франкфурт, Тирана и на саемот во Пула. 

Меѓу одлуките на денешната владина седница е и информацијата за иницијативата за потпишување на Меморандум за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа, како и текстот на овој меморандум. Притоа, Владата го овласти Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на економските ресори, Кочо Анѓушев да го потпише Меморандумот за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа.

На 95-та редовна седница, Владата на Република Македонија ја прифати информацијата за пренамена на средства од програмата енергетска ефикасност и обновливи енергии за финансирање проекти од областа на наводнувањето. Министерство за финансии треба да ја започне постапката за пренамена на средствата во вид на заем во износ од 20 милиони евра од програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, III фаза, за проекти од областа на наводнувањето, а за останатите средства потребни за затворање на финансиската конструкција  на овие проекти да побара развоен заем од Владата на СР Германија и банката КфВ.

Министрите денеска ја прифатија информацијата за обезбедување деловен простор за отворање Инфо - центар за евроатлантски интеграции. Целта е да се обезбеди простор за активен дијалог и дебата за евроатлантските интеграции.

Проектот предвидува организирање на промотивни настани, дебати и други активности преку кои на граѓаните ќе им се доближи процесот на евроатлантските интеграции и ќе го зголеми нивното знаење за истиот.

На предлог на Министерството за економија, Владата ја прифати информацијата во врска со формирање работна група за изработка на интегриран Национален акциски план за енергија и клима. Најдоцна до 25 овој месец, Кабинетот на ЗПВРМ задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, министерствата за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за финансии, Секретаријат за европски прашања, како и Агенција за енергетика, ЕЛЕМ и МАНУ треба да номинираат лица кои ќе бидат вклучени во работната група за подготовката на Националниот план, а Министерството за економија по потреба дополнително во работната група да вклучи и претставници од други надлежни институции, граѓанскиот сектор и експерти. Национален акциски план за енергија и клима е обврска која произлегува од Енергетската заедница во која Република Македонија е една од Договорените страни.

На денешната седница, Владата на Република Македонија усвои и информација за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци. Изјавата за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци ќе ја потпише министерот за  информатичко општество и администрација и истата во рок од 15 дена треба да ја достави до членовите на Советодавниот одбор на Повелбата за отворени податоци.

Владата ја усвои информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес - Гевгелија. Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на мостот. Додека ЈП МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕ3НИЦИ - ИНФРАСТРУКТУРА е задолжено да започне итна постапката за реализација на набавката - санација на армирано - бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија.

На 95-та седница, Владата донесе одлука да му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата поднесена од Еленко Миланов од Скопје, доставена до Уставниот суд на Република Македонија под У.бр.106/2018, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 196 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004) и член 100 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009).

Владата му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата, со цел да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од страна на високи функционери за кои се води постапка од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Дел од одлуките на Владата на Република Македонија денеска е информацијата за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“. Генералниот секретаријат на Владата е задолжен во рамки на предвидените средства потребни за Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија да обезбеди парични средства во износ од 1.200.000,00 денари во рамките на средствата обезбедени од државниот буџет за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“.

По повод 100 години од првите истражувања на некрополата Требениште, кај Охрид, Археолошки музеј на Македонија, Национален археолошки институт со музеј - Софија и Народен музеј Белград во името на пријателските односи и соработката во областа на културно - историското наследство и научното истражување, ќе организираат три заеднички изложби, кои ќе се одржуваат последователно во Скопје, Софија и Белград. Изложбата ќе се одржи во периодот од 15 Ноември 2018 гoдина до 15 Мај 2019 година.

Изложбите се посветени на промоција на заедничките европски вредности и европската интеграција на Западен Балкан, прогласена за главен приоритет на надворешната политика на трите држави - Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Со изложбата ќе се претстави еден дел од богатото културно наследство на Република Македонија, кое се наоѓа во три држави пред пошироката јавност со што истата одблизу ќе биде запознаена со еден од најзначајните локалитети од Република Македонија. Изложбата „100 години Требениште“ ќе биде несомнено најголемиот промотор на македонското културно археолошко наследство.

Владата на Република Македонија, на 94-та вонредна седница, што ја одржа вечерва, го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Оваа одлука Владата на РМ ја донесе врз основа на фискалните движења кои ја создадоа потреба од минимално прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7% од БДП.

Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година што ги предлага Владата на РМ да бидат усвоени од страна на Собранието на РМ, извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5% надолу, односно за 1 милијарда денари. 

На оваа седница Владата на РМ констатираше дека, во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на:

- Намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки.

- Согласно остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5%, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.

Имајќи го тоа предвид, Владата на РМ на седницата за ребаланс на буџетот го усвои предлогот  на Министерството за финансии, расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5%, при што извршени се следните позначајни измени:

- Реалокација на средства помеѓу буџетските корисници;

- Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити;

- Намалување на каматните расходи за 897 милиони денари;

- Зајакнување на фискалниот капацитет на општините;

- Алоцирање на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со целн непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.

Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата на РМ ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори.

Повеќе детали за ребалансот на Буџетот за 2018 година ќе бидат презентирани на прес-конференцијата на министерот за финансии Драган Тевдовски во текот на утрешниот ден (недела, 14 октомври).

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за елементите од пристапните разговори за членство во НАТО, кон кои Република Македонија треба да се приклучи на 18 и 19 октомври 2018 година, во седиштето на Алијансата во Брисел. Исто така, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за формирање Работен комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО. Членовите на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО се задолжени да ги спроведат пристапните разговори на Република Македонија во седиштетото на НАТО во Брисел.  

Министрите ја усвоија информацијата за потребата од изменување и дополнување на Законот за државните награди. Притоа Министерството за култура, во соработка со неколку ресорни министерства и надлежни институции е задолжено да формира работна група, која треба да подготви и до Владата на Република Македонија да достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди, со кој ќе се востанови нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски.

На 93-та седница Владата донесе одлука за воведување нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Имено, оние производителите коишто ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. Условот за добивање на оваа нова субвенција е родот да биде предаден најдоцна до 25 декември годинава по цена не повисока од 5 денари за килограм. Владата ја донесе оваа одлука со цел да им излезе во пресрет на производителите на јаболка особено на оние во преспанскиот регион, коишто претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди.

Денеска Владата донесе одлуки за доделување срeдства на државниот студентски дом „Пелагонија”, како и на Државниот студентски дом „Скопје“.

Државниот студентски дом „Пелагонија” ќе добие 7.204.603,00 денари од Буџетот на Република Македонија за 2018 година со цел подмирување на трошоци за тековно работење, односно режиски трошоци за потрошена електрична енергија, трошоци за греење, за потрошена вода и трошоци за комунална хигиена, а кои што не можеле да се предвидат и планираат во буџетот на Државниот студентски дом ,,Пелагонија” - Скопје. За истата намена, вкупно 79.592.133,00 денари од државниот буџет, ќе добие и Државниот студентски дом „Скопје” - Скопје.

На седницата беше разгледана и усвоена Стратегијата на Владата на Република Македонија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, со Акцискиот план 2018 – 2020 година. Создавањето на оваа стратегија беше дел од долг инклузивен и консултативен процес. Стратегијата се темели на досега постигнатите резултати, но и разработува рамка за идни активности кои ќе овозможат понатамошно унапредување на соработката и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор, како коректив на политиките, сервис на граѓаните и канал за солидарност, партнер на државата и бизнисот и двигател на ЕУ интеграцијата.

Владата ја усвои Информацијата за потребата од изработка на Национална стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам. Изготвувањето и спроведувањето на Стратегијата е во согласност со Програмата на Владата на Република Македонија, како и во согласност со стратешките приоритети на Владата за 2019-та година. Нејзината цел е да се подобри интеркултурната толеранција во Македонија помеѓу различните култури и заедници, како и преку неа да се спроведат препораките на Советот на Европа од последниот извештај на Европската Комисија.  За изработка и спроведување на Стратегијата ќе биде формирана координативна група чии членови ќе бидат претставници од повеќе надлежни министерства и државни институции.

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за подготовка на Република Македонија во однос на последиците од БРЕГЗИТ со фокус на трговските и економските односи, на билатерално и мултилатерално ниво и на ниво на Европска унија.

Владата на Република Македонија го определи Министерството за надворешни работи на Република Македонија за координатор на сите аспекти поврзани со процесот на БРЕГЗИТ. Исто така, ќе биде формирано и меѓу ресорско тело со претставници од неколку министерства, чија што задача ќе биде да го следи процесот БРЕГЗИТ.

Владата на Република Македонија на редовната седница ја разгледа и усвои информацијата за започнување на повеќегодишна јавна набавка на работи за изградба на водоводна мрежа за делот од Индустриска зона Визбегово, општина Бутел. Министерството за транспорт и врски е задолжено средствата во износ од 84.240.000,00 денари за реализација на проектот: „Изградба на водоводна мрежа за делот од Индустриска зона Визбегово, општина Бутел“ да ги вклучи во буџетските барања за 2019 и 2020 година.

Согласно стратешките приоритети на Република Македонија - членството во ЕУ и НАТО, Владата на Република Македонија на денешната 92 седница го разгледа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со Насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија, како следен чекор кој произлегува од Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција.

Владата на РМ го утврди текстот усогласен согласно укажувањата изнесени во расправата на седницата на Владата и врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија и членовите 193 и 194 од Деловникот на Собранието на Република Македонија заклучи да го достави до Собранието на Република Македонија, со предлог да го разгледа Собранието и да донесе одлука за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија.

Предлогот и насоките за изменување и дополнување на Уставот на РМ можете да ги симнете на следниот линк.

Сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат имаат историска должност и обврска пред граѓаните, да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку македонско-грчкиот договор.

Од пратениците во Собранието на Република Македонија се очекува одлука во таа насока и како израз на почитување на волјата на граѓаните коишто гласаа на референдумот, како и на волјата на околу 80% од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Од денеска остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно и таа зависи од нив. Тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Република Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин.


Врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, на седницата, одржана на 08.10.2018 година одлучи на Собранието на Република Македонија да му поднесе 

ПРЕДЛОГ 
ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 
СО НАСОКИ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

 

1. ДОДАВАЊЕ НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНА ВО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во целиот текст на Уставот на Република Македонија пред зборот Македонија се додава придавката Северна. 

 

2. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ

Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата ќе бидат извршени соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.  ​​

3. ПОЦВРСТА ГАРАНЦИЈА НА ГРАНИЦАТА

Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.  Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми. 

Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. 

Со новиот уставен амандман кој се предлага ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните земји. 

 

4. ГРИЖА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ДИЈАСПОРАТА ВО СТРАНСТВО

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. 

И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година ко предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. 

Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина. 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ 

 

1. ДОДАВАЊЕ НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНА ВО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. 

Притоа, покрај општи услови и рокови за стапување во сила на амандманите кои ќе бидат врзани со влегување во сила на Договорот и ратификација на протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО во Парламентот на Република Грција, односно престанок на важење на амандманите во случај на невлегување во сила на овие два документи, за начинот на примена на овој конкретен амандман ќе има и посебни рокови.

Имено во согласност со договорот ќе биде утврден преоден период за примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија. При тоа ќе има два преодни периода: „технички“ и „политички“.  

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Република Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува со истекот на нивното важење, но најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на договорот.  

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Република Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантната област во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.  

 

2. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи  пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.  

 

3. ПОЦВРСТА ГАРАНЦИЈА НА ГРАНИЦАТА

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. 

Со Договорот се потврдува постоечка меѓусебна граница меѓу Република Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, и Република Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било вакви претензии кои може да ги изнесат трети страни. 

Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава. 

Исто така двете држави презедоа обврска, во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително и од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница.  

 

4. ГРИЖА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ДИЈАСПОРАТА ВО СТРАНСТВО

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.  

Согласно Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.  

 

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување. 

Со заклучок на денешната седница, Министерот за внатрешни работи во рок од 3 дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата на Република Македонија Предлог одлука за формирање на Меѓуресоска работна група која ќе предложи Модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување. 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имотот кој припаѓал на должникот Тутунски комбинат „Боро Петрушевски Папучар АД” од Куманово со цел да се испитаат можностите за рестартирање на комбинатот. 

Во таа насока Владата на РМ на денешната седница ги задолжи Управата за јавни приходи и Агенцијата за управување со одземен имот, во договор со доверителите и сопствениците на имотот, или на дел од него, да влезат во процес со кој ќе ги уредат меѓусебните односи во постапката со која треба да се создадат услови за продажба на вкупниот движен и недвижен имот на потенцијалните инвеститори.

На денешната 91 седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Рамковна соработка (Country Partnership Framework) помеѓу Република Македонија и групацијата Светска банка за периодот 2019-2023 година и го прифати предлогот за Рамковната соработка, односно го прифати предлогот со проекти кои би се реализирале и финансирале со средства (грант и/или заем) од групацијата Светска банка во наведениот период.

Министрите во владата денеска ја разгледаа и усвоија Информацијата во врска со активностите кои ги презема Република Македонија за имплементација на Националната стратегија за одржлив развој и Имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, и донесе одлука за изменување и дополнување на Одлука за формирање на Националниот совет за одржлив развој.

На својата денешна седница владата го прифати најновиот усогласен текст на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за научна и технолошка соработка, и го определи д-р Арбер Адеми, министер за образование и наука во име на Владата на Република Македонија да ја потпише Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за научна и технолошка соработка.

Владата на РМ за претседател на Организациониот одбор за претстојната прослава на државниот празник - 11 Октомври - Ден на народното востание ја именуваше Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, а за членови м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Асаф Адеми, министер за култура, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, Драган Николиќ, државен секретар во Министерството за одбрана и м-р Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.
 

Владата на денешната редовна седница го прифати предлогот на министерството за образование и наука за поведување на постапка за водење на преговори за склучување на договор за заемно признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози, архитекти и градежни инженери меѓу земјите од Западен Балкан. 

Целта на договорот е да се зајакне регионалната трговија на услуги, врз основа на CEFTA протоколот 6 за Трговија со услуги со намалување и елиминирање на препреките за слободно движење на експерти и професионалци во регионот, но и согласно целите и приоритетите предвидени со Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 и повеќегодишниот план за регионална економска зона, а со цел отстранување на препреките за признавање на професионалните квалификации. Договорот исто така би ја зголемил и мобилноста на професионалците, а ќе придонесе и за подобро спојување на вештините со потребите на пазарот на трудот и зголемена продуктивност.

На предлог на министерството за правда, Владата ги  прифати предлог-законите за изменување и дополнување на законот за извршување и на законот за нотаријат. Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити. 

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог-законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната. 

На редовната, 90-та седница, Владата на Република Македонија го задолжи министерството за внатрешни работи, како краен корисник на производите од компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит“, Прилеп, да и исплати 6 милиони денари, со цел фирмата непречено да продолжи да работи.   

Министрите денеска ја разгледаа и ја прифатија информацијата за програмата и приоритетите на Австриското претседателство со Советот на Европската Унија, со календар за одржувањето на неформалните министерски состаноци на Европската Унија. Владата ги задолжи ресорните министри доколку добијат покана за учество на неформалните министерски состаноци на ЕУ да учествуваат  на истите, а по одржувањето на состаноците во рок од 15 дена да ги известат Владата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи и  Секретаријатот за европски прашања. Исто така, министерството за надворешни работи е задолжено да ги координира подготовките за учество на неформалните министерски состаноци на Европската Унија. 

Инаку, за време на нејзиното претседателство, Австрија ќе се фокусира на безбедноста на Унијата (борбата против нелегалната миграција преку обезбедување на надворешните граници на Унијата),  одржување на Европската конкурентност преку дигитализацијата и стабилноста во поблиското соседство на Австрија (интеграција во ЕУ на земјите од Западниот Балкан). 

На седницата, Владата ја прифати информација за планирање на опремувањето и модернизацијата на армијата на Република Македонија во предлог буџетот на Министерството за одбрана за период 2019-2021. Приоритет во опремувањето и модернизацијата имаат декларираните сили за НАТО/ПзМ активности прифатени во рамките на НАТО Процесот на планирање и преглед (PARP), вклучително и Лесната пешадиска баталјонска група како најголема декларирана борбена единица со која Република Македонија придонесува во НАТО базенот на сили. 
 

Владата на Република Македонија на својата денешна, 89 редовна, седница ја разгледа и усвои Информација за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во јавните установи за деца-детски градинки во 2018 година.

Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика, почнувајќи од месец септември 2018 година, да ги изврши подготовките за исплата на плата која ќе биде исплатена во месец октомври 2018 година, линеарно зголемена за 5% на коефициентите кои се во примена и да го реализира зголемувањето на платите за вработените во детските градинки согласно обезбедените средства во Буџетот за 2018 година.

Со оваа мерка на Владата на Република Македонија ќе бидат опфатени повеќе од 4200 вработени во предшколското воспитување.

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и го овласти д-р Кочо Анѓушев, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори да го потпише Меморандумот за соработка во име на Владата на Република Македонија, за реализација на проектот „Изработка на Стратегија за развој на енергетиката на Република Македонија до 2040 година“.

Министрите во владата денеска ја разгледаа информацијата за текот на постапката за основање на ТИРЗ Липково, како материјал за информирање.

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за активностите на проектот изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и рехабилитација на средни и основни училишта во Република Македонија, и донесе одлука за продолжување на рокот за реализација на склучениот договор за изведување на градежни работи за изградба на училишни спортски сали и продолжување на рокот за реализација на склучениот договор за стручно - технички надзор за доизградба на училишни спортски сали, со цел заокружување на реализацијата на проектот.

Владата на Република Македонија ja разгледа и усвои Информацијата за потребата од воспоставување на меѓу-министерска работна група за координација на Регионалната инвестициска реформска Агенда за Западен Балкан, како заклучок од иницијативата Берлински процес.

Меѓу-министерската работна група, меѓу другото, ќе го координира влезот на инвестиции и нивно воспоставување, заштита на инвестиции и задржување на инвестиции, и привлекување инвестиции и промоција преку развој на регионална иницијатива за промоција на потенцијалите за инвестирање во земјите од регионот.

На предлог на Министерството за здравство, Владата на РМ денеска ја разгледа и Информацијата за можноста за воспоставување на јавно приватно партнерство преку формирање на современа модерна организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Република Македонија (HEMS) и хеликоптерските услугите за пребарување и спасување (SAR) чија цел е подобрување на животниот стандард и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија и за сите посетители во земјата.

За оваа цел, Владата на РМ го задолжи Министерството за здравство по завршување на подготвителните работи и по изработката на физибилити студијата за оправданост на доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство, да ја информира Владата за следните чекори во реализацијата.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за испраќање на републички сили за заштита и спасување на меѓународна вежбовна активност за спасување од урнатини и поплави „СРБИЈА 2018“, која, под покровителство на NATO – Euro Atlantic Disaster Response Coordination Center (EADRCC), ќе се одржи од 7 до 12 октомври 2018 година, во Младеновац, Република Србија.

Владата на денешната седница го усвои предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со којшто се намалува старосната граница за пензионирање на рударите.

 

Откако министерството за труд и социјална политика ќе го достави законот и истиот ќе биде изгласан во Собранието на Република Македонија, рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години стаж за мажи и 35 години пензиски стаж за жени.

 

На 88-мата седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата, како и Акцискиот план за отворено владино партнерство 2018-2020 година. Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да формира работна група со сите чинители за имплементирање на националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, најдоцна до 30 септември 2018 година.

 

Инаку Владата на Република Македонија до сега има усвоено три акциски планови во 2012-та, 2014-та и во 2016-та година за соодветните двегодишни периоди. Четвртиот Национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, вклучува широк спектар на активности кои Владата ќе ги преземе во следните две години се со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста на власта, подобрување на ефективноста на институционалните механизми за пристап до информации, пристап до правда, фискална транспарентност, управувањето со податоците и чувањето регистри во државните и во јавните институции, како и зголемување на стандардите за интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани на Република Македонија.

 

Имајќи предвид дека за неколку месеци завршува националната стратегија за деинституционализација 2008–2018, министрите денеска ја прифатија и новата Национална стратегија за деинституционализација во Република Македонија за 2018–2027 симболично насловена „Тимјаник“. 

Новата Национална стратегија за деинституционализација го проширува фокусот и нуди сеопфатен преглед на социјалните услуги во тековниот контекст. Стратегијата ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и дејствата што треба да се преземат и подобрат при спроведувањето на преминот од институционална грижа кон систем за социјална грижа во семејството и заедницата со поддршка од социјалните служби. Во моментов во институции се сместени вкупно 2 358 лица.

 

Како материјал за информирање, министрите денеска го разгледаа и го прифатија Извештајот за степенот на реализација на програмата на Владата на Република Македонија од јануари до јуни 2018-та година. Во овој период според годишната програма за работа на Владата за 2018 биле предложени вкупно 322 иницијативи, од кои 99 закони, а останатите биле акти и материјали по кои одлучува Владата.

 

Исто така, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да предложи мерки за воспоставување електронско следење на Програмата на Владата.

 

На редовната 88-ма седница Владата ја прифати и програмата за изменување на програмата за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри согласно со мрежата на здравствени установи за 2018-та година.

 

Програмата е изготвена врз основа на податоците и консултациите со јавните здравствени установи во Република Македонија, кои потоа беа предмет на детална анализа за потребите од здравствениот кадар во сите јавни здравствени установи.

 

Реализација на оваа програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадар, ќе овозможи обезбедување на потребниот број стручни кадри за нормално, квалитетно, ефикасно, континуирано, ефективно и рационално вршење на здравствените услуги во јавните здравствени установи.

 

На седницата Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата за изработка на планска и проектна документација за потребите на Министерството за економија.

 

Владата го задолжи министерството за транспорт и врски да подготви и во рок од три дена до Владата да достави предлог за изменување и дополнување на годишната програма за финансирање на изработката на урбанистички планови, регулациони планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко - планска документација и урбанистичко - проектна документација, со плански и проектни документации за инфраструктура, за потребите на министерството за економија за изградба на електроцентрали од обновливи извори на енергија.