Интервјуа

Гостување на премиерот Зоран Заев во Телевизија 24.

Премиерот Заев во интервју за Еуроњуз

Во ходникот што води до неговиот кабинет стојат портретите на неговите претходници. Во актуелниот контекст, заеднички именител за нив е што во нивните мандати не успеаја да стават крај на најтешкиот камен врз интегративните чекори на Македонија – спорот за името со соседна Грција. 

Дали ќе му успее тоа на нивниот наследник, актуелниот премиер Зоран Заев, ќе се знае до почетокот на летото, а со вонредни напори и заложби, можеби и до крајот на март. Она што го прави поразличен, е што во неговиот речник не се слушат фрази од типот – „не можеме“, „не веруваме…“

Говорот му е едноставен, без „меѓуредови“ и со видлив оптимизам. Тоа доминира и во разговорот за името, но со воздржаност по прашањето дали Берлин ќе игра некаква улога во процесот.

„Верувам дека е возможно, исто како и со Бугарија, билатерално да го решиме спорот, но не е на одмет и со пријателски осврт да се охрабрат двете страни. Германија во континуитет го покажува пријателскиот однос кон Македонија од нашата самостојност до денес и знам дека и мисли добро на нашата земја. Тоа е така и со Грција. Решението не е невозможно, иако е многу тешко. Ако било лесно, досега ќе бил решено“, потенцира премиерот.

Во едно од последните интервјуа како краен рок за решение го наведе јуни, но вели дека тоа не е ретерирање од претходните најави „до крајот на март“.

„За нас и јуни не е краен рок по прашањето за НАТО, бидејќи имаме автоматска покана за членство, и не мора тоа да биде на Самитот. Но, добро е да се заврши до јуни, затоа што ќе ги охрабри одлуките за датум за преговори со ЕУ. Истовремено, знам дека секој нов месец нема да ни биде од помош. Моја желба и амбиција, желба на Владата, на Никола Димитров, на сите што сме вклучени во овој процес, е да се дојде до решение до крајот на март. Ако го одложиме, тоа нема да ни помогне, бидејќи секогаш има антагонистички струи кои влечат кон нерешавање на овој проблем. Останувам на мојата верба дека прво премиерот Алексис Ципрас искрено сака да се најде решение. Гледам дека и министерот Коѕијас прави напори. Останувам на чувството што ме води од самиот почеток: дека е возможно решение. Но, остануваме и на ставовите дека тоа решение мора да значи заштита на идентитетот и достоинството на двете страни“, дециден е Заев.

Уште подецидно одговара на прашањето: Што ако промената на Уставот е услов без кој не ќе може да се постигне решение?

„Не би требало ни нашата, ни нивната страна да поставува нешто без кое не се може. Искрено сум посветен да најдам прагматично објаснување за грчката страна, мислејќи, пред се, на грчкиот народ, дека ова претставува обид за трајно решение, а не некаков вид заобиколување, манипулација, лажење еден на друг… При ваков процес мора да се водиме од фактите. Јас немам дилема дека е факт оти на географската територија на Македонија ние сме северниот или горниот дел, дека јужниот и припаѓа на Грција, источниот на Бугарија. Ако се водиме од фактите, мора да најдеме решение. И да не заборавиме дека проблемот е за името. Не треба да допираме до нешто со кое дополнително ќе предизвикаме проблеми, а кои ќе не доведат до причини за нерешавање“, потенцира премиерот.

Со оглед на дискрецијата во сегашната жешка и тешка фаза на разговори, нема друг начин да се разбере колкав е неговиот оптимизам за успешен исход на разговорите, освен илустративно да го соопшти тоа ниво на скала од 1 до 10.

„Никој досега не го тестирал мојот оптимизам на ваков начин. Но, немам проблем да го дефинирам тоа и преку бројки. Јас сум оптимист, иако не докрај, но сепак би дал ‘осумка’“.

По оптимизмот во дипломатската офанзива за спорот, се соочува со домашниот песимизам по прашањето за ефикасен реформски исчекор и критичките повици „Премиере, вратете се дома“, во смисла, дека додека тој е посветен на крупните прашања – името, НАТО, преговори со ЕУ, на микро-план се редат случаи кои потсетуваат на девијантните практики на претходната власт, со примери на дефицит од професионален и морален кредибилитет кај именувани функционери.

„Сериозно гледам на секоја критика и се трудам да учам од неа. И таа критика е дел од слободата и демократијата, за која, како шеф на тогашната опозиција водев борба да се вратат тие вредности, и сега треба да ги ползуваме. Нема да му падне капата од глава на ниеден политичар ако некој критички се осврнува кон него. Посебно, ако сакаме од тоа да учиме. Од моето време 10% до 15 % трошам на меѓународната политика, и тоа е заради економијата“, објаснува премиерот.

Уверен е дека градењето пријателство носи инвестиции и охрабрува.

„Во пријателска и извесна атмосфера секој е охрабрен да го преземе ризикот, да земе кредит, гради фабрика, вработува луѓе, и чека да генерира профит. Надежта за приближување кон НАТО и ЕУ има и прагматична вредност. Луѓето кои инвестираат во капацитети знаат дека вредноста на пазарот расте по членство во НАТО и со датум за преговори со ЕУ. Оваа меѓународна политика има импакт: економски квалитет на животот на граѓаните. Другиот дел од времето, од 30% до 40 % го трошам на компаниите. Повеќето се странски, би сакал да има и повеќе домашни, и се надевам дека ќе ги има, откако со новата програма се изедначени мерките и за странските и домашните“, вели Заев.

Како пример дека не каскаат работите на домашен план, посочува дека се потпишани осум договори со странски компании, за период од осум ипол месеци.

„Сето тоа со нула денари, без реклами, без економски промотори, без роуд-шоуа. Покрај тие 8, уште 20 компании чекаат одлука на компаниите-мајки, бидејќи ги завршија процесите овде. Ако сублимираме, досега сме разговарале со повеќе од 300 компании. Тоа само по себе кажува дека Македонија е излезена од политичката криза. Да, Македонија негува пријателство кое е дополнително охрабрување за инвеститорите, и да – Македонија е во надежна фаза дека ќе се интегрира во НАТО и ЕУ“, тврди премиерот.

Се надева на подобрување на перформансите на институциите, со цел тоа да ја зголеми економската оперативна активност во државата.

„Еден дел од капиталните инвестиции со години не може да се реализираат заради трапавоста и тромоста на администрацијата во изработката на проектните документации, спроведувањето на јавните набавки, и имплементацијата и реализацијата на самите проекти. Зборувам, пред се, за капитални инвестиции, оние што носат пари: пат, гасоводи, школи, болници градинки, домови за стари лица, а сето тоа е дополнителна инјекција за стопанството“, набројува тој.

Во образложението, стигнува и до слабостите на дел од новоизбраните функционери, критикувани во јавноста.

„Се раководев од критериуми и услови да им ја дадам довербата на луѓе во кои стартно верував. Можете да ги погодите комплетно, да погодите дел од нив или да промашите дел од нив. Добро е што тоа е на увид на јавноста, и што се дебатира“, се согласува Заев.

Одговара и на забелешките дека отсуствува енергична реакција со која јасно ќе се обзнани нулта толеранција за неодговорно и коруптивно однесување. Вели дека по тоа прашање нема дилема.

„Тоа што значи неуспешност во менаџирањето на една институција, не може да заврши како рефлексија во самата институција. Ќе следуваат кадровски промени. Не сакам никој да ја изгуби шансата. Ако не е за првото место, можеби ќе биде за второто, третото, четвртото… Има огромен дел кои многу сакаат да се докажат, но не знаат. Тука се и новите генерации кои доаѓаат, и веројатно, паралелно и учат. Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат. Рекапитуларот ќе се случи по десетте месеци од стартот на Владата, напролет, кога на дел од нив ќе им се заблагодариме. Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати. Рекапитуларот може да предизвика и реконструкција. Може да има промена на директори, но и промена на министри, на државни секретари…“, најавува премиерот.

Но, кадровските промени не се доволни, а засега нема информација до каде е предистражната постапка на ОЈО за „двајца пријавени функционери од власта“, кои пред неколку месеци тој ги спомна во контекст на битката против корупцијата.

„Истрагата е работа на обвинителството. Се што доаѓа како индиција, наша должност е да го процесуираме до истражните органи“, вели премиерот. Лично тој поднел две-три пријави, а некои институции – и други.

„Кај мене стигнаа некои укажувања. Кога ги соопштив како пример, тогаш беа два случаја. Но, јас не треба да судам. Се што било испратено до мене, сум го испратил до Обвинителството, но запознавајќи го за тоа и раководното лице – директор или министер, кој е надлежен на пријавеното лице. Без разлика како ќе заврши истрагата, за мене и тие индиции се доволни дека тие лица не треба да го продолжат мандатот. И по актуелните конкурси верувам дека сите што беа в.д. нема 100 % да останат на истите позиции“, категоречен е Заев.

Но, и некои расчистени случаи, ги следат контраверзи. Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Александар Донев, беше „приземјен“ поради авио-билет за бизнис класа, но на истата седница на која беше разрешен Владата ја прифати неговата програма за работа Агенцијата. Премиерот смета дека нема морален лупинг во оваа постапка.

„Програмата е доставена со потпис на директорот, но е плод на работата на институцијата. Може да се случи програмата да стигне по пошта и по два дена откако бил разрешен директорот. Директорот само го процесуира она што институцијата го сработила. И јас ја потпишувам програмата на Владата, но не ја работам само јас, туку сите заедно во консултација со министрствата и стручните служби. Во случајот со Донев, верувам дека се работи за добар кадар, и не беше во прашање кривично дело, туку етичкиот аспект: како се однесуваме кон средствата на граѓаните – дали ќе бидеме штедливи или расипнички настроени“, вели Заев.

Тврди дека не слушнал оти имало користење службени картички за шопинг, но ако има има такви потврдени информации – би сакал да ги знае. Има јасен одговор и за писмото од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во кое тој вели дека 100.000 жители му се лутат на Заев, бидејќи општинскиот буџет е блокиран за атер на ДУИ.

„Јас сум прагматичен политичар. Буџетите во Струмица во 90 отсто случаи ги носев со консензус заедно со опозицијата. Градоначалникот и членовите на Советот мора да седнат и да ги изградат стратегиите. Граѓаните сами ќе оценат, но веројатно, начинот на раководење на општината провоцира одредени состојби за некомформноста на мнозинството на Советот да носи одлуки. Не може да повикувате на консензус за одредени прашања, а да ги смените сите директори и да поставите само од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса за Албанците. Ако повикувате на консензус, тогаш ги консултирате сите и консензуално ги поставувате луѓето. Буџетот е најважен документ за секоја општина и тој се дискутира“, порачува Заев.

Вели дека за никого не е од полза Гостивар да нема буџет. А, ако Советот не го донесе буџетот, се распушта и треба да се избира нов.

„Не сакаме нови локални избори за Совет. Треба да си најдат решение на локално ниво. Го сфаќам писмото како некоја горчина, веројатно од прекинот на соработката помеѓу Алијансата и СДСМ, се надевам, времен. Не ги делам општините во она што значи соработка и поддршка. Градоначалниците, исто како и јас, се лица кои привремено добиле чест и одговорност да управуваат со средствата на граѓаните“, потенцира Заев.

Но, критиката од Таравари не е единствена. Едни реагираат за форсирање партиски решенија на власта, а други – за продолжување на мандатите на компромитираните „режимски кадри“.

„Прво, 30% до 40 % институците не се променети. Не тргнавме со намера на секој веднаш да му го прекинеме мандатот и да ја преземеме власта на тој начин. Не! На пример, во Гевгелија има 32 подрачни одделенија на извршната власт. Во 15 има промени, во 17 не. Ние не разрешивме 1.800 луѓе на првата седница на Владата, ни потоа. Сакаваме да испратиме порака дека правот на политички поделби треба да спласне и дека сметаме на се што е капацитетно во државата. Огромен број институции, регулаторни тела, не се чепнати и нема да бидат чепнати, освен ако нема причина во делот на законитоста на работењето, етичноста и т.н. Еден дел од нив професионално си ја вршат работата и јас лично сум задоволен“, тврди Заев.

Некои од оние кои се синоним за незаконско работење во мандатот на претходната власт, а би можеле и натаму да влечат потези штетни за демократизацијата и реформите, засега се „блиндирани“ со законите.

„Се чекаат нови законски решенија кои институциите мора да ги направат независни, а не под контрола на извршната власт или други центри на моќ. Но, спроведување на тие законски решенија бара одреден период, а во меѓувреме институцијата од некого мора да биде водена. Во една институција деновиве се случи завршување на мандат и реизбор на одреден директор, и критичката јавност испрати серија критики со очекување дека Владата и таму нешто треба да смени. Во суштина не можете заради кадровското решение да давате примат пред реформите што треба да се испорачаат. Тоа е и со Законот за АВМУ, на пример. Во еден дел од институциите не е лесно да се сменат луѓе дури и да сакате да ги промените. Законите се така направени, што режимот буквално ги поставил за стогодишно владеење, за да не се случат промени. На пример, неопходно ‘пет години работно искуство во инстутуцијата каде што е’. Ако нема минимум луѓе во кои министерот би имал доверба, следи процес на градење кадар согласно со законите, за прво да се исполнат условите, па да се случат промените. Да не заборавиме дека имавме окупирана држава од сите аспекти и сега ја подослободуваме“, потсетува Заев.

Вели дека е добро што луѓето дебатираат, критикуваат, што власта е на мегдан за секоја нејзина одлука.

„Нема нешто што е скриено, освен од стратегиски причини, разговорите за името, но само за да не го урниса процесот. Ако имаме слобода, демократија, ќе има напредок. Кадрите ќе ги погодуваме, некогаш ќе ги промашуваме, ќе доаѓаат и ќе заминуваат, но многу е важно дали е погоден правецот, дали е поставен на шините за напредок“, вели тој .

Лично е задоволен од начинот на кој сега се поставени работите.

„Македонија е финансиски стабилизирана, ликвидноста е огромна, во моментов има 400 милиони евра резервоар поради новата обврзница, 100 милиони евра вративме. Сега сум убеден дека процентот на капитални инвестиции сериозно ќе расте. Задоволен сум од насоката во кој се движи Македонија, од перформансите на Владата, од владините институции. Ќе беше подобро ако кризата ги немаше рефлексиите што ги гледаме во парламентот, правосудството… Веројатно би било полесно“, заклучува премиерот.

Поминаа три години од објавувањето на „бомбите“ а се уште нема судски епилог на некои од капиталните случаи, па во јавноста расте сомнежот дека во име на помирувањето можеби правдата ќе биде заменета за симболични казни, а во некои случаи ни за тоа. Заев ги отфрла ваквите сомнежи.

„Јас не бев кандидат ни за судија, ни за обвинител. Со сите слабости кои ги има правосудниот систем, очекувам законот да важи еднакво за сите. Секој што се огрешил пред законот , кој и да е, треба да одговара. Секако, очекувам судски процеси побрзи од овие што ги имаме денес, без разлика дали за мојот случај или за некој друг. Но, немам намера да кренам телефон за да охрабрам судија или обвинител да ги забрза. Сум против притвори, верувам во транспарентни судски постапки со сите докази пред очите на јавноста, верувам во правда и правичност еднаква за сите“, вели Заев.

Прашање отвори и изјавата на турскиот премиер, кој деновиве му изрази благодарност на Заев „за поддршката против терористичката организација Фето“, и за окончување на нејзини активности во Македонија. Заев тврди дека не станува збор за постапување по некаков список за наводни поддржувачи на Ѓулен.

„Ние сме против насилнички начин на преземање на институциите, нешто што се случи и во Македонија. Промени се случуваат по пат на дебата, дијалог и демократски процеси. Ние сме против секаков вид терористичко и насилничко организирање против институциите на системот. Во годините кога протестиравме по улици, и тоа како имавме шанса да влеземе во институции, не не го направивме тоа. Ако постојат индиции и докази за какви било терористички, радикални и екстремистички елементи во Македонија, ќе делуваме и тоа директно, со автономни мерки во согласност со нашите закони“, објаснува Заев.

Го прашувам – дали се воздржува кога разговара по телефон?

„Не. И верувам дека никој не се воздржува. Во Македонија нема служби кои слушаат, а граѓаните да ги плаќаат. Се надевам дека трајно ќе остане така, а гаранција е реформата на тајната полиција преку независната агенција што ќе се формира, и преку парламентарна и цивилна контрола. Незаконското прислушкување покажа како на најмизерен начин се уништуваат човековите права и слободи“, потсетува премиерот.

Во однос на соработката со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува средба со Мицкоски по враќањето од Берлин и Лондон.

„Би сакал да се сретнеме. Нема некои драматични новини од средбите Димитров-Коѕијас, но што и да е, треба да се информираме. Разговарав со министерот Димитров да го информира претседателот Иванов до каде сме дојдени, зашто преговарачкиот процес практично почна во Виена. Сакам опозицијата да знае се, и негувам желба да бидеме заедно во процесот на решавање на проблемот. Задоволен сум од ставовите на опозицијата по прашањето за името, тие се внимателни, а тоа е сериозна порака дека сакаат да се реши проблемот и дека се подготвени за партиципирање од аспект на негово решавање, а не за одложување или блокирање“, оценува Заев.

Не го одбегна и одговорот на прашањето – дали знае кој „немал чиста мета“ нишанејќи кон него, на 27- ми април 2017 година во парламентот?

„Тоа е дел од истрагата. Мојата позиција дава можност да бидам информиран. Не е нешто ново, само што веројатно сега се потврдува со докази. Јас ги знам деталите околу 27-ми април, толку колку што можам да дознаам. Најмногу знаат обвинителите. Законот треба да важи за сите, што се однесува до мене јас лично сум простил, и сакам да гледам напред“.

На пат сме да ја заокружиме визијата за модерна, напредна и респектирана држава. Повикувам на обединување околу овие приоритети, и во 2018-та година посилно да преземаме иницијативи за нашата иднина, порачува премиерот.

Оддава силна волја и енергичност за постигнување на стратегиските цели и приоритети на Република Македонија. По седум месеци на првата позиција во „Илинденска“ број 2, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, е оптимист дека земјата е на добар пат да ги реализира тие цели, ако процесот е проследен со инклузивност, напорна работа, одговорност и визија. Во интервју за Дојче веле зборува за актуелните состојби во земјата и предизвиците на внатрешен и надворешен план, во клучната 2018-та година.

ДВ: Направивте огромен пробив во деблокирање на зачмаените односи со соседите, но само од реализацијата на домашни реформи зависи како ќе биде оценет напредокот на Македонија во интегративните процеси. Ги прифаќате ли како добронамерни повиците да ги замените офанзивите на гостински терен со поголемо присуство и внимание на домашен?   

- Ги прифаќам, но не во целост. Остануваме фокусирани и во надворешната политика, особено во онаа што се однесува на нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ, но и на издигање на следно ниво во односите со нашите соседи и другите земји во регионот. Мојот став е дека граѓаните препознаваат дека политиките насочени кон нашите евроатлантски интеграции, како и новите политики на добрососедство во регионот, имаат сериозно влијание и на домашната сцена. Интеграцијата на Македонија надвор, е заради обезбедување услови за подобар живот на граѓаните дома, внатре. Мултилатералната соработка и иницијативи во регионот, како и зачестените средби на премиерско рамниште, создадоа добар амбиент и услови за решавање на голем број од отворените прашања што ги имаат одделните земји на билатерален план. Регионот е политички многу постабилен, со мотивирачки степен на безбедност, како предуслов за економски активности, што е приоритетна цел на регионалното поврзување. Во наредниот период ќе ги собираме плодовите од договорената трговска интеграција, од воведените поволности за регионален инвестициски простор, од олеснетата регионална мобилност и од дигиталната трансформација на поголем број бирократски процедури кои ја оддолжуваа реализацијата на бизнис зделките.

ДВ: Но, паралелно со тоа, не смее да има застој во реализацијата на Планот 3-6-9...

- Не порекнувам, ниту го избегнувам делот од вашето прашање за поголемо присуство дома. Но, сакам да нагласам дека и дома постигнавме многу. Со мали отстапки, Планот 3-6-9, планот за итни реформи, се реализира целосно. Рековме дека процесот ќе биде инклузивен и сеопфатен. Дадовме збор дека само така, со максимално вклучување на сите засегнати, со учество на граѓанската заедница и стручната јавност, ќе ги договориме и ќе ги реализираме реформите. Тоа е процес што троши време, но ние не сакаме да ги правиме грешките на нашите претходници. Лесно е да седиш во кабинет и да скицираш закони и амбиент кој потоа им го наметнуваш на граѓаните. Тоа време заврши. Секогаш може подобро, очекувањата на граѓаните се големи. Но, да бидеме искрени: Донесовме, или се во фаза на финализација клучни законски решенија кои ни беа поставени како императив од анализите на групата на Прибе. Тие закони сега треба да се спроведуваат и да ја вратат довербата во системот. Ние наследивме уништен институционален систем, кој згора на тоа се претвори во инструмент за страшна злоупотреба и за кршење на човековите права. Во исто време, изработивме и усвоивме прецизен и детален План за економски раст со кој обезбедуваме поддршка за домашните и странските компании да инвестирааат во Македонија, да отвораат нови работни места и при тоа ги мотивираме да ги покачуваат платите. Со Ребалансот на буџетот за 2017 година и со Буџетот за 2018 година ги скративме непродуктивните и нерационалните трошења и парите ги насочивме кон граѓаните и кон финансиска и економска стабилизација на земјата. Обезбедивме пари за зголемување на минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците и за укинување на радиодифузната такса. Ја вративме евтината тарифа на струјата. Влегуваме во инвестициски циклус од преку 100 милиони евра за изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Ќе реконструираме околу четириесетина патни правци или преку 600 километри патишта со што ќе обезбедиме квалитетна инфраструктура во државата. Гасификацијата продолжува интензивно. Ова се сериозни зафати на домашен план.

ДВ: Во премиерското експозе на министрите им порачавте: „Не очекувајте да бидам министер наместо вас“. По седум месеци, јавноста има впечаток дека тој тим не работи со исти брзини, дури некои се и во лер. Каква е вашата оценка? 

- Пред две години ја препознавме волјата и разбудената надеж кај граѓаните да си ја вратат заробената држава. Пред седум месеци добивме доверба да го вратиме достоинството на луѓето. Се договоривме дека ова е влада на граѓаните и влада за граѓаните. Реформска и отворена, и дека води суштинска политика. Заедно дефиниравме дека се бориме за слободен и подобар живот за сите нас, во општество еднакво за сите. Откочивме многу закочени, заборавени процеси. И, знаете што: Кога ќе дадете збор, дадениот збор мора да се претвори во конкретна придобивка за граѓаните. Јас сум задоволен од најголем дел од министрите и соработниците и сакам да дадам шанса на секој што е подготвен да вложи максимум од своите капацитети, знаења и експертизи во развојот на Република Македонија. Но, кој не верува во овој концепт и не е подготвен да испорача, залудно си го троши времето, а и времето и трпението на другите. И ако е така, фер е да се повлече.

ДВ: Планираните реформи во правосудството и безбедносниот сектор добиваат забелешки за отстапување од она што го препорача групата на Прибе. Дел од реформите страдаат од практиката „многу бабици, килаво дете“, а дел - од ресорска затвореност. Во таква ситуација, ќе се спроведат ли реформи до февруари, не за да ги испорачаме на Брисел, туку, пред се, за потребите на општеството.

- Ние немаме друга опција освен реформите предвидени во 6-ката од Планот 3-6-9 да ги испорачаме во предвидениот рок. Луксузот на одлагање не е предвиден во тој план и патоказ за итни реформи. И точно е тоа - тоа е наша домашна задача, за нас, овде. Важно е и за Брисел, но граѓаните на ЕУ и институциите на Унијата не се најдиректно засегнати, ниту толку загрижени. Нашите граѓани, граѓаните на Република Македонија, се тие кои очекуваат од нас да си ги завршиме обврските кои ни се дадени со довербата. Веќе спомнав дека, со мали отстапувања, ние се држиме до предвиденото. Не е едноставно да изградите целосно нов систем врз основа на суштински, европски и демократски принципи во правосудството, во полицијата и безбедносните служби, во јавната администрација и доброто управување, во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во концептот на изборниот систем, во создавањето услови за автентична улога на медиумите и граѓанското општество, како корективи на власта. Еве, во отворен процес со овозможен пристап за придонес на секоја заинтересирана страна, ја затвораме втората одредница, 6-ката од 3-6-9. Се согласувам, во еден таков отворен и инклузивен процес, кога учествуваат сериозни капацитети од академската средина, сосема е очекувано да се судрат концепти по различен основ. По основ на различни школи, по основ на различни практики, по основ и на суети... Но, кога ќе го одмерите придонесот, и највеќе од сè моделот на инклузивност кој претпоставува дека се собрани, прибрани и просеани најдобрите решенија, тогаш судирите можете да ги сметате само како дела од тој креативен и продуктивен процес. Судирот на аргументи е најздравото нешто што може да и се случи на една демократија. Конечно, својата посветеност во обезбедувањето правна држава ќе ја интензивирам и преку формирање Совет за имплементација на стратегијата за реформите во правосудството, составен од искусни практичари и експерти, со единствена цел реформите да течат со уште поголема динамика и квалитет, согласно со усвоената стратегија која ја изработија институциите, граѓанскиот сектор и експертите, и која ја усвои Владата.

ДВ: Најавивте обнова на Македонија на демократски, материјален и морален план. Но, одредени функционери не се покажаа имуни на непрележаните болести за кои беше критикувана претходна власт. Вие најавувате битка против криминалот, корупцијата и злоупотребите на функциите, но досега не видовме да одржите практична лекција - да разрешите некого. Зошто?  

- Како одговорен политичар, и како премиер на Република Македонија, се заложив дека ќе имам нула толеранција за корупција во владата и во мојата партија. Секогаш кога истакнувам дека градиме општество еднакво за сите, додавам дека еднакво се однесува и на одговорноста. Затоа очекувам и личен пристап кога станува збор за одговорноста. Тоа е шанса секој што се огрешил да ја прифати одговорноста и последиците. Корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на човековите права, е најтежок вид на корупција. Затоа, ги повикувам институциите да дејствуваат и ако некој го прекршил законот, веднаш да преземаат мерки според законите. Во исто време, апелирам до сите носители на јавни функции да се придржуваат до владината политика за кратење на непродуктивните трошоци и да се откажат од сѐ што е несоодветно користење на парите на граѓаните. Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон реформата и кон новото време за кое се исправивме пред граѓаните и за кое добивме доверба од граѓаните. Нула толеранција за корупцијата - и ништо помалку.

ДВ: Во Солун ја дочекавте 2018 година, на покана од градоначалникот Јанис Бутарис. По новогодишното гостопримство, следува тешкиот дел: барање компромис за спорот за името. Нимиц планира во преговорите да ги вклучи и министрите за надворешни работи, и премиерите. Дали во таа насока е средбата со премиерот Ципрас, што ја најавивте за почетокот на годината?

- Мојата покана за средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, е отворена. Јас тоа му го пренесов и во нашиот телефонски контакт во јуни кога разговаравме за понатамошниот развој на односите помеѓу двете земји и за унапредувањето на мерките за градење доверба, кои се од големо значење. Нашиот пат до НАТО и ЕУ е оддолжен и одложен заради проблемот на Грција со нашето име, и сосема ни е јасно дека тоа прашање треба да го решиме. Ние не бегаме од тоа, за разлика од политичките елити во минатото. Активно работиме на создавање услови за позитивен исход. Препознаваме волја и на другата страна. Во атмосфера на добра волја, политичка зрелост и подготвеност за надминување на ова прашање, можеме до решение да дојдеме многу бргу. Пред нас е важен момент. Ако сакаме да го искористиме, не треба да бидеме фиксирани на вината на едниот или на другиот, туку да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина. Да најдеме вистински одговор, еднакво прифатлив за двете страни. Лидерите на двете земји треба да дојдат до решение. Се разбира под закрила и со поддршка на ОН и на медијаторот Нимиц, како и со поддршката и на нашите заеднички партнери САД и ЕУ. Ја прифативме иницијативата на министерот Коцијас за спроведување на Мерките за градење на доверба. Средбите меѓу претставници од двете земји јас ги оценувам како многу успешни. Дополнителен оптимизам е отворениот процес за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

ДВ: Оптимизмот во двете земји веќе е подигнат на повисоко ниво, со надеж дека конечно ќе се стави крај на спорот. Сепак, која е нашата црвена линија што ќе ја одреди границата меѓу достоинствен компромис и она што може да ја урне таа можност?

- Оптимизмот е добар, и сакам да му дадеме шанса на тој бран што е забележлив од двете страни. За новиот конструктивен пристап во надворешната политика на Република Македонија, базиран на европските и евроатланските вредности, говорат средбите на нашиот министер за надворешни работи Димитров со неговиот колега Коцијас. На сите средби и од двете страни дојде уверување дека нема да престанеме во нашите обиди да ги отвориме перспективите и за двете држави. И мојата немера како премиер, е да не престанам да ја убедувам официјална Грција да избереме светла призма, друг агол во погледот на ова прашање. Можеби како прво дека излезот од оваа ситуација не е во решението на победник и победен. Црвени линии има и во Република Грција и во Република Македонија, но тоа помага само да останеме во своите ровови. Еве да речеме дека црвените линии се поставени, но зошто тоа да го запре процесот? Тој треба да тргне и треба да оди напред. Црвените линии да ги претвориме во осветлени патеки кои водат до решение прифатливо за граѓаните на двете земји. Да оставиме разговорите, во духот на добра волја и политичка одговорност, да не доведат до решението.

ДВ: Потребна е поддршка и конструктивна опозиција во претстојните реформски и политички процеси, но и силен контролор на вашата власт. Очекувате ли да најдете таков партнер во новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски?

- Уште во стартот на работењето на новата влада, по драматичната криза што ја предизвика претходната владина коалиција, побаравме соработка и поддршка од опозицијата. За некого тоа беше чудна понуда, ако се знае дека штетета што ја направија додека беа на власт ја уназади Македонија во многу сфери. Сериозни штети. Тоа го направив и во мојот прв говор како премиер во Собранието, а го повторувам постојано, зашто сметам дека на Македонија ѝ претстојат сериозни одлуки за кои е потребен консензус од мнозинството од граѓаните. Искрено се надевам и посакувам опозицијата да го препознае тоа, и да го даде својот придонес. На средбата со Мицкоски се согласивме дека е потребно учество на опозицијата во реформите, и дека патот на Македонија е во ЕУ и НАТО. Јас промовирам обединување околу вредности кои никој не може да ги оспори. Повикуваме на отворена соработка, во период кога сите политички лидери се повикани да го препознаат моментот што ќе ја одвои нашата земја од изолацијата. Заедно треба да покажеме дека Република Македонија е земја на граѓани и политички лидери кои имаат сериозен демократски капацитет, што ги оставиле делбите и минатото зад себе.

ДВ: Дали Груевски во изминатиот период бараше одредени концесии за себе?

- Нашата јавност знае дека уште во стартот на процесот на демонтажа на претходната власт, јас му пристапив на Груевски отворено и го соочив со тоa што ќе се случува. Тој избра неразумен одговор. Не знам, мислеше ли дека е толку моќен и дека ароганцијата ќе му помогне да се извлече од тоа што беше неизбежно - од соочувањето со екстремните злоупотреби и од последиците од нив. Од тогаш наваму, стануваше само прашање на време кога дефинитивно ќе се соочи со одговорноста за своите постапки и со фактот дека правдата не е протерана од Република Македонија. Беше само брутално потисната. Граѓаните го кажаа своето. Правосудните институции си го враќаат независното професионално достоинство. Кога владее правото, правдата ќе ги стигне сите, и пред неа никој нема право да бара било какви концесии.

ДВ: Вие сте личноста која ја одбележа минатата година и стави крај на една тешка деценија за Македонија, што е огромен капитал, но и голема обврска. Може ли тоа да стане тоа и ваша Ахилова пета, ако дозволите ли тој капитал да го прокоцкаат лица кои влегуваат на одредени позиции далеку од стандардите на мерит системот? 

- Ќе тргнам од вашите констатации за политичкиот капитал и за обврската. Само сакам да додадам дека политичкиот капитал го добив од граѓаните на нашата земја. Тие препознаа дека нашите политички и општествени вредности се сретнаа во еден клучен момент за Република Македонија. Тој капитал си дојде заедно со обврските. Тоа е секогаш така. Во политиката ништо не се добива на вересија. Ќе добиеш толку, колку што граѓаните ќе препознаат во вредноста на твоите политички идеи, колку ќе се идентификуваат со твојот ентузијазам и во твојата подготвеност да демонстрираш јасна идеја и да поднесеш жртви за јавниот интерес. Во однос на моите соработници со кои заедно сме се впуштиле во овој наш голем потфат - да ги исполниме очекувањата на граѓаните и заедно да создадеме држава и општество достојни за сите граѓани, не ми останува друго освен да опстојам на уверувањето дека сите се подготвени за тој пат. Дека уште во стартот им е јасно што нѐ очекува, и дека им е јасно дека треба да исполниме стандарди и критериуми кои ние ги баравме од нашиот опонент, заедно со граѓаните на нашата земја. На овој пат инсистирав да ми се придружат оние со желба, одлучност и талент, оние кои се убедени и кои ме убедија дека можат да остварат најдобри можни резултати за граѓаните, за јавниот интерес, за општеството. Јас нема да дозволам отстапки од зацртаното и ќе барам исполнување на заеднички договорените обврски. Верувам дека сите мои соработници во владата и сопатници на овој пат, ќе дадат сѐ од себе, својот најголем потенцијал. Тоа е прво што го очекувам од сите. Како второ, ми останува мојот личен пример. Ќе направам сè за да покажам дека нема нерешливи прашања. Дека има стотици креативни начини. Ќе направам сè за сите да препознаат дека државите што се водат од вредности, се демократски позрели и имаат повисоки стапки на економски раст. 

ДВ: Какви се вашите проекции за економијата во 2018 година?     

- Планот за економски раст беше на увид на јавноста и достапен за коментари, забелешки и предлози повеќе од три месеци. Дебатата беше многу корисна, и дојдовме до унапреден, финален документ, сериозен план за раст во кој се интегрирани прифатените забелешки и предлози на експертите и на пошироката јавност. Спроведувањето на Планот за економски раст ќе овозможи одржлив развој на економијата. Како што најавивме, од 2018 година започнуваме процес за финансиска стабилизација и развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани. За таа цел, со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе од средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во Планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициска активност. Создаваме здрава економска основа за развој на фирмите, за да бидат конкуренти и на домашниот и на странски пазари. Како резултат на тоа, уверени сме дека проекциите за предвидениот раст на бруто домашниот производ од 3.2% за 2018 година се реални и остварливи. Воспоставуваме еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во ТИР зоните и надвор од нив. Условите и критериумите за поддршка се транспарентни. Со тоа, целосно се отстрануваат можностите за дискриминаторско, тајно или нефер одлучување. Креиравме мерки со коишто државата финансиски ќе им помага на компаниите да отвораат нови работни места и ги стимулираме оние кои ќе даваат повисоки плати. Тоа ќе води кон натамошно намалување на стапката на нвработеност и кон поттикнување на младите да останат тука, во Македонија.

ДВ: Денес, кога зачекоривме во првиот ден од Новата 2018-та година, која е вашата прва порака до граѓаните?

- На патот сме да ја заокружиме визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава. Повикувам да се обединиме околу овие приоритети, а Новата 2018 нека ни донесе среќа и бериќет за уште посилно да преземаме иницијативи за нашата иднина!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во телевизиско интервју на емисијата „Ноќно студио“ на Телма ТВ.

Во процесот на решавање на прашањето за името сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата. Но ако, не дај боже, не се реши до крајот на јуни, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде. Но јас сум непоправлив оптимист и не помислувам дека нема да се реши, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за МКД.мк. Тој додава дека никој од него не побарал промена на имиња на патишта или аеродром, но ако некој постави вакво прашање, тој е спремен да разговара. Заев се надева дека кај опозицијата ќе преовладее чувството на одговорност кон државата и дека таа ќе се врати во парламентот.

Најавите за напредок во евроатлантските интеграции идната година, за која велите дека е клучна, се чинат пооптимистички отколку што е реалната состојба. На што го темелите тој оптимизам?

-Целиот регион и нашата Македонија се многу поинакви во очите на ЕУ, и на целиот демократски свет, за само една година. Република Македонија блесна во очите на Европската Унија. Критериумите се јасни и строги и ако нема реален напредок, нема да можеме да ги излажеме партнерите од ЕУ, коишто треба да штиклираат успешна реформа.

Оптимизмот е реален и се темели на јасниот реформски пакет наречен 3-6-9, на интензитетот на спроведување на реформите поставени во тој план и на довербата што реформскиот концепт ја има од граѓаните на Република Македонија.

Во 2018 година влегуваме со уште посилен ентузијазам, со јасна мапа на сите предизвици пред себе и со посветеност за реформите да заинтересираме што е можно повеќе целни групи и заедници. Инклузивноста подразбира да се биде отворен за критика и да се даде можност, институционален канал, секој заинтересиран субјект да даде мислење или сугестија како да се подобруваме на реформскиот пат.

Да, критериумите се јасни и строги, ама до каде сме со нивното остварување?

-Во реализацијата на Планот 3-6-9, фазата на трите месеци е успешно завршена, таа на шесте месеци е во тек и верувам дека на „прекршителните“ моменти навистина сме исполнителни. Има одредени застои поради Собранието, ја чекавме опозицијата. Нова седница ќе има на 15 јануари и очекувам дека опозицијата ќе се појави во парламентот. Опозицијата треба да учествува во донесувањето на законите, дали ќе гласа или не, тоа е нивно право. Наша обврска е да направиме доволно инклузивен процес и сѐ што можеме за да ги поттикнеме да ги поддржат реформите, но во најмала рака тие мора да бидат учесници во носењето на одлуките.

Имате информација дали ќе се вратат, има ли комуникација околу тоа прашање?

-Јас од средбата со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, добив на знаење дека генералната тенденција е да учествуваат во Собранието. Веројатно тоа е врзано со некои одлуки што допрва треба да ги носат, поврзани со притворите за пратениците и другите лица. Тоа се нивни одлуки, но јас се надевам дека сепак ќе преовладее одговорноста кон државата. Опозицијата има одговорност, секако помала од власта, но има одговорност. Искрено се надевам дека ќе се вратат во парламентот за да работиме.

Мицкоски најави дека подготвуваат закон за амнестија, значи секако мора да дојдат во парламентот...

-Ете уште една причина да се надеваме дека ќе се вратат.

Велите дека со Грција градиме огромно пријателство и дека остана само еден политички проблем што ќе го решиме, а за себе рековте дека сте политичар што сака да го реши проблемот со Грција за името. Не сте единствениот политичар што сака да го реши, но како ќе го сторите тоа без отстапки од другата страна? Убеден ли сте дека Грција е подготвена на компромис?

-Засега можам да кажам дека успешно ја реализиравме првата фаза, при што посредникот Метју Нимиц седна на маса заедно со преговарачите од двете страни, за да провери до каде се спремни да одат двете страни и впечатокот од таа средба е дека двете страни се спремни суштински да навлезат во решавање на проблемот. Паралелно, градиме меѓусебна доверба и тоа се гледа низ сите пораки што си ги испраќаме едни на други.

Сѐ уште не е дојден моментот да се разговара по предлози, но очекувано е да има чести сесии, за наоѓање решение на проблемот со името.

Убеден сум дека тоа треба да го направиме до крајот на првата половина на 2018 година.

Тоа е фактичката состојба во овој момент. Како ќе се развива понатаму преговарачкиот процес не би можел да знам, но се надевам на најдоброто.

Во име на таа надеж би се воздржал од дополнителни прогнози, со една единствена цел - не би сакал на кој било начин оваа, можеби клучна шанса за Македонија, да биде загрозена од погрешно толкување на зборови.

Мене животот ме научил дека за да има некое решение, треба да има отстапки од двете страни, или двете да бидат подеднакво среќни, или двете да бидат подеднакво несреќни. Но решение треба да има. Јас сум среќен што доаѓаат и позитивни пораки од Грција и дека тие се поприлично многу поподготвени за решение од порано. Македонија е исто така поприлично поподготвена и тоа го покажуваме, веројатно со извлечени поуки од минатото, колку тоа ја чини државата со губење на младите, со миграциите, со застоите во севкупните процеси. Тоа се само причини и за нас и за Грција да се направат максимални напори да се најде решение. Тоа што е ново е градењето на пријателство и недозволувањето на кои било причини од наша страна да бидат за нив изговор за нерешавање на проблемот. Истовремено, среќен сум што и грчката страна навистина е внимателна. Сето тоа дава надеж и оптимизам дека можеме, ако бидеме доволно храбри и доволно родољуби кон своите земји и доволно со погледи кон перспективите и иднината, да ја преземеме одговорноста и да го решиме ова.

Би се согласиле ли со промена на Уставот, бидејќи предлозите што се споменуваат од Грција го предвидуваат и тоа, имајќи го предвид инсистирањето за ерга омнес?

-Не се согласувам дека сите изјави од Грција се поврзани со тоа. Но не би навлегувал во дебати и во суштина, затоа што сакам да му дадам шанса на преговарачкиот процес. Ако преку медиумите соопштуваме детали од нашите позиции или стратегии како држава, верувам дека нема да придонесеме кон полесно решавање на овој проблем што Грција го има со нашето уставно име, туку верувам дека треба да ја информираме јавноста за текот на процесите, за она што се случува.

Јавноста знае, но ќе потврдам дека досега сѐ што сме направиле во овој процес е потврдување дека ние сме во суштина подготвени да влеземе во решавање на ова прашање. Не само купување време или одложување, туку мислиме дека до крајот на првата половина од 2018 треба да го искористиме како период погоден за двете земји за да се најде решение.

Што ако не се реши спорот до крајот на јуни?

-Верувам дека ќе се реши, дури и не помислувам дека нема да се реши.

Толку сте убеден дека тоа ќе се случи?

-Веројатно тоа ми ги прави позициите пооптимистички и сакам да верувам дека ќе се реши. Не дај боже, ако не се реши, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде. Но јас сум непоправлив оптимист.

Што значи тоа Европа да ја донесеме овде?

-Тоа значи комплетно создавање европски вредности, коишто нашите граѓани ќе ги практикуваат како да сме членка на ЕУ. И верувам дека тоа е можно, но секако тоа не треба да биде нашиот план Б. Нашиот план и А и Б и В е потполна интеграција во ЕУ и во НАТО.

Многу граѓани во Македонија, кога се зборува за прашањето за името, без оглед од која партија се, велат „Заев ќе го продаде името“...

-Мојот патриотски однос кон државата сум го докажал и јас и заедно со моето семејство. Сѐ што имам ми е во Македонија, сѐ што сум учел е љубовта кон мојот народ и мојата татковина. Сум се радувал за мојата независност, нашата македонска независност, посебност, различност од сите земји и апсолутно македонштината ми е својствена како на секој наш граѓанин и ја негуваме во нашите души и срца. Апсолутно сум свесен дека родољубието е перспективата на државата. Секако сите знаат дека треба да ѝ отвориме перспективи на Македонија, но и сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата.

Значи не го „продавате“ името?

-Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам.

Останувате на партиската определба за референдум?

-Да, нашата определба е овој проблем да се решава заедно со опозицијата и со другите институции, како што е претседателот, но во функција на наоѓање решение и заедничко спроведување на референдум за потврда од граѓаните, а не во функција на пролонгирање или блокирање на овој процес.

Имате ли изградено заедничка позиција со претседателот Иванов и со опозицијата?

-Разговаравме за првиот процес на давање упатства на преговарачот Васко Наумовски, меѓусебно се информиравме. Периодот беше незгоден затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше пред конгрес, па во таа фаза се информираа неколку пратеници. Претседателот Иванов исто така е информиран од Наумовски и до тука сме дојдени. Како што ќе напредуваат фазите, јас ќе бидам првиот што ќе ги информира и опозицијата и Иванов.

Но со преговарачот имавте одвоени средби, Вие и претседателот...

-Веројатно не сме дојдени до таа фаза. Јас прифатив да имаме заедничка средба кај претседателот на државата за брифирање со Наумовски. Претседателот веројатно не беше во државата, па не можеше да се оствари средбата. Останувам на ставот дека државата треба заеднички да застане, да ги гради стратегиите, заеднички да дава упатства и заеднички да навлегува во решавањето на овој проблем.

Преговарачот Наумовски има нови упатства за средбата на 19 јануари?

-Нема нови упатства.

Му ветивте ли навистина на Бутарис промена на името на аеродромот, на улици, на автопатот и слично?

-Се работи за неформална средба. Се разговараше за сѐ, се отворија секакви прашања. Јас реков дека чекам да дојде соодветно време, спремен сум да покажам градење пријателство. Никој не побарал од мене промена на имиња на патишта или аеродром. Знам дека главна задача во овој процес е да најдеме решение, а ако некој постави вакво прашање, јас сум спремен да разговарам.

До каде ќе оди Македонија во компромисот?

-До таму до каде што придобивката ќе биде вредност плус за Македонија и до каде што ќе оди и Република Грција во компромисот. Затоа е компромис. Двете страни мора да направат отстапки, а со тоа да создадат придобивки, за на крајот да си подадеме рака и да се видиме како партнери под европското знаме.

Потсетувам дека за ова прашање ќе бараме национален консензус, учество и согласност од политичките фактори и, се разбира, од граѓаните. Мојот оптимизам го темелам на основа на тоа што го чувствувам како подготвеност од грчка страна, и преку средбите со Коѕијас, но и од разговорот што го имав со премиерот Ципрас и како генерална оцена на политичката фела во Грција. Драго ми е што е подобрен имиџот на Македонија во Грција. Верувам дека ќе можеме со целосно зачувување на нашиот дигнитет да најдеме решение.

Грчкиот премиер имаше средба со неколку министри од различни партии за ова прашање. Планирате Вие некаква слична средба?

-Да, планирам. Секако, во соодветно време. Планирам да биде тука шефот на најголемата опозициска партија, веројатно една или две албански партии, претседателот на државата. Ако можеме да се собереме сите, би било добро и се надевам дека тоа ќе биде баш родољупски во интерес на државата, а не заради ситни калкулации или некакви поени.

Тоа ќе значи и наш официјален став, дека заедно со опозицијата и институциите на државата ќе се обидеме да ги изградиме нашите стратегии во функција на решавање на овој проблем.

Колку е стабилна владината коалиција со заминувањето на Алијансата за Албанците?

-Коалицијата е стабилна затоа што пристапуваме со голема одговорност кон поставените реформи, кон програмата за работа на Владата и кон дадениот збор пред граѓаните.

Не можеме да дозволиме Македонија повторно да стане заложник на политичките амбиции на поединци или политички партии. Премногу е свежа таа лекција за да се однесуваме како да не сме ја научиле. Планот 3-6-9 и спроведувањето на реформите не е, и не смее да биде предмет на пазарење. Тоа ни е билетот за возот што ќе нè однесе во ЕУ и НАТО, а тоа е побитно и од ДУИ и од Алијансата и од СДСМ и од Заев, и од кого било од владејачкото мнозинство. Ако реформите и мирниот и квалитетен живот на граѓаните се пред сè и над сè, тогаш не треба да постои пречка тие да бидат прифатени и поддржани и од пратеници што до сега не беа дел до владејачкото мнозинство.

Алијансата за Албанците не е во Владата. До кога ќе ја чувате позицијата вицепремиер за реформи за Зијадин Села и ако е толку важна, како што рековте неколку пати, зошто не му ја дадете на некој друг?

-Таа функција во моментов јас ја извршувам и сите знаат дека како главен координатор по функција, како премиер, ги движам ресорите затоа што главна стратегиска цел на Македонија е членство во ЕУ и во НАТО. И навистина е сериозна позиција, како и другите вицепремиерски функции. Останува под моја контрола, и верувам дека позицијата засега треба да биде отворена. Водејќи се од програмските принципи и определбите на Алијанса за Албанците, јас го понудив ова место. Тие се млада партија што сака да расте, имаат двајца пратеници и ова беше и е одличен предизвик да се зафати, имајќи предвид дека имаше и многу други значајни позиции во државата. И од тој аспект не би сакал да кажам дека е измислено место, зашто сите знаат дека не е измислено место, реформите се многу значајни. Но останува отворено.

Но Села кажа дека не е заинтересиран за тоа место. Зошто не го дадете на друг, на ДПА на пример?

-На пример, мислам дека не треба да го понудам на друг во моментов. Мислам дека тие можеа да го исполнат тоа и го понудив. Во моментот како мандатор мислам дека не гледам одредена можна соработка со други партии преку понуда на такво место.

Ќе влезе ли ДПА во Владата?

-Немаме никакви разговори со господинот Мендух Тачи и со ДПА.

Ветивте департизација, а последниот пример со оставката на директорот на Очна клиника од Алијансата за Албанците, кој дури и ја објави оставката, е класичен пример на партиски војник на директорско место во здравството. Како да се излезе од тој шаблон на поставување директори по партиска линија и навистина да се ставаат стручни луѓе на вистинските места?

-Дел од позициите се и ќе останат политичка определба. Некаде се експерти. За Очна клиника се погодило политичка партија да понуди експерт. Јас и не го знам него. Имаше критики дека сме повлекле многу луѓе од граѓанскиот сектор и слично. Но ние се отвораме.

Првиот принцип е експертизата на профилот на личноста што се нуди за тоа место и апсолутно сме растоварени дали е од политичка партија од мнозинството или е независен граѓанин, професор, експерт или слично. Мора да ги искористиме сите капацитети, има еден куп многу подобри луѓе од нас политичарите, но не се нафаќаат за овие позиции. Но ние сме политички партии избирани на избори и мора да ја преземеме одговорноста за политички позиции за одредени места.

Имате ли одговор на обвинувањата од Села дека на пример „едно општество не важи за сите“, во случајот со Гостивар, дека работите со Али Ахмети да го тргнете него и слично?

-Легитимно е да има секаква дебата во нашето општество и јас ја прифаќам како здрава. Но на крајот можеме само да се замислуваме дека граѓаните не ги знаат деталите. Граѓаните знаат сѐ. Суштината во управувањето дури и во Гостивар, мора да биде прво интересот на граѓаните на Гостивар. Го слушам градоначалникот, зборува за заедништво, а ги смени сите директори и постави партиски луѓе. Го потврди фактички ВМРО-ДПМНЕ. Не сум дал инструкции, ниту имам намера. Апелирам на соработка од секаков вид во функција на доброто за граѓаните на Гостивар. И тоа важи за сите општини. Немам предрасуди, сите градоначалници ми се еднакви, секој град, село, граѓанин, зашто навистина верувам во концептот едно општество за сите. Тоа е можно во Македонија. До пред 1-2 или три години не беше можно.

Реформите во правосудството не одат баш едногласно. Очигледно е дека има отпор кај една структура на луѓе на кои ова не им одговара и наметнуваат некои други решенија. Колку длабоко сте подготвени да одите во овие реформи?

-Верувам и знам дека меѓу судиите има сериозен дел што се спремни и чесни. Во амбиент кога се подготвува и се спроведува реформа, чесните ќе се приклучат. Ги следев сите реакции од членовите на Советот за реформи во правосудството и како што сум информиран, проблемите се надминати, но истовремено ги знам и причините за манифестираните реакции.

И знам дека може и подобро, а тоа е можно само ако се зголеми напорот, ако им се посвети повеќе внимание на ставовите на другиот, на различните мислења. Во таа насока, за да се интензивира спроведувањето на реформите, лично како премиер одлучив да основам Совет за спроведување на стратегијата за реформите на правосудството, тело што ќе помогне да се растовари обемот на ангажманот што падна врз Советот за реформи при Министерството за правда.

Дадена е можност за работа, можност за исправање една голема грешка што ни се случи, а ја плаќаме прескапо – партизацијата на судството. Без независно судство тешко дека ќе се врати довербата во институциите. Треба да ги вклучиме сите заинтересирани, да ја има дебатата, здрава дебата, за да се продуцираат квалитетни решенија што ќе дадат конечна реализација на целта што ја сакаме – независно правосудство.

Позитивни потези надвор, на меѓународна сцена. Што дома? Тука незадоволството е поголемо, па веќе ви беа упатени критики и повици „да се вратите дома“?

-Интеграцијата на Македонија надвор е еден од условите за да излеземе од изолацијата. Билатералните соработки со соседите и со земјите од регионот носат директен економски бенефит за граѓаните на Македонија. Олеснуваме трговски размени, создаваме услови за полесно движење на граѓаните, ги поевтинуваме комуникациите, вложуваме во инфраструктурно поврзување. Сите овие мерки што се резултат и на надворешната политика се со јасна цел, подобар живот на граѓаните дома, внатре или ако сакате, внатрешна интеграција. Овие два сегменти и инаку се нераскинливо поврзани, но во нашиов моментум тие се практично едно, ако сакаме да разбереме колку е важно целиот регион, Западен Балкан да оди напред, во време кога Унијата подава рака.

Патем, запознаен сум со критиките. И јас сакам штетите во системот да се репарираат многу побрзо отколку што се нанесувале. Но со носењето избрзани одлуки и решенија преку ноќ, колку да ни се брои нема да бидеме ништо подобри од нашите претходници. Се заложивме на континуирана транспарентност и отчетност и на создавање можности за учество на стручната јавност и граѓанскиот сектор низ институционалните механизми. Ако сакате сѐ да е транспарентно, мора прво да вклучите експерти, законите да се носат во нормални постапки по пат на дебата.

Тоа одзема време, но знаеме дека ги отстранува ризиците за „забегување“. Не сакаме да создадеме затворена власт, од една таква едвај се ослободивме.

Најавивте дека веќе имате сомневања за коруптивни активности на двајца високи владини функционери. Од тогаш јавноста нема никаква информација за тоа. Дали имате некоја подетална информација за овие случаи?

-Таа изјава е манифестација на одлучноста на владата за нула толеранција кон корупцијата во сите сфери на власта. Никој нема да биде поштеден ако постојат основани сомневања за злоупотреби на позицијата и овластувањата. Пораката е јасна и бескомпромисна. Верувам во професионалноста на надлежните институции да си ја завршат својата работа.

Како гледате на случувањата во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таа сепак ѝ е потребна на власта и за спроведување на реформите и за решавање на името?

Добро е ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се бори да си го обели образот и да се ослободи од криминалниот товар наметнат од минатите години.

Му посакувам среќа и многу истрајност на тој пат на новоизбраниот претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Особено сум задоволен што на средбата во владата се согласивме дека е неопходно учеството на опозицијата во процесот на реформите, заради интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.

На Македонија ѝ треба силна, демократска опозиција. Си требаме едни на други, не како поединци-политичари, туку како одговорни политички субјекти, кои треба да изградиме мостови помеѓу нашите разлики и да ги спроведеме реформите што ни следуваат, а за кои ни е потребен национален консензус.

Интервју на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, за Friedrich Ebert Stiftung

Тема: Политички трендови и динамики во југоисточна Европа                                                                                                                                                                                              

 

 

FES: На Балканот и порано имало енергични лидери кои набргу, наместо да ги испорачаат декларираните очекувања, всушност не се разликуваат од препознатливите претставници на националистички елити. Што ја прави вашата влада поразлична и зошто луѓето треба да ви веруваат кога велите дека ќе испорачате демократки икон решенија фокусирани одлуки?

Јас, од мое име, како човек пред сѐ, а потоа како како премиер на Република Македонија, можам да кажам дека минатото за нас е научена лекција која не сакаме да ја повторувам. Доволно време изгубивме ридајќи врз одлуките на другите во минатото. Ние се одлучивме да испишуваме иднина, заедничка, партнерска, добрососедска, и би си дозволил да кажам и братска.

Времето е единствениот ресурс кој не можеме да го произведеме, ископаме, или да го создадеме одново. Тоа е перцепцијата која вистински води до созревање и правилно искористување на можностите кои ни тропаат на врата.

Само со храбри одлуки можеме да пробаме да го надоместиме изгубеното низ годините. Храбрите одлуки се доказ дека сме созреале да преземаме одговорност за сопствените постапки. Храбрите одлуки се единствени одлуки кои се вредни за паметење и кои градат иднина, подобра иднина за македонските граѓани, и заедничка за регионот.

FES: Која е вашата лидерска философија? Дали времето на автократски лидери на Балканот е завршено?

Се изнагледавме и изнаслушавме политичари силни на збор. Ама само на збор. Дојде време кога треба да го цениме нашето време повеќе и поодговорно, време е за лидери силни на дело, кои не се плашат да создаваат иднина, наместо да живеат во раскошот и во митовите на минатото.

На крајот на денот, со стапувањето на оваа функција, ние веќе не сме само еден човек кој настапува и зборува во прво лице. Ние сме нашите граѓани. Нивниот глас и нивната верба во подобра иднина. Така што храбрите решенија, претходно поминати низ една сериозна анализа и рационализација, се единствените решенија за нас.

FES: Какви се вашите пораки за граѓаните во регионот, ако ги земеме предвид отворените прашања во регионот, проблематизираните граници, дипломатските тензии и економски приблеми?

Дозволете да одговорам на ова прашање од перспективата на Самитот во Трст, во рамките на Берлнскиот процес за земјите од Западен Балкан. За мене беше Самит на обединување, на подавање рака за надминување на недоразбирањата, и вртење нов лист во современата историја на Западен Балкан. Слика на зрело лидерство и доказ дека веќе сите сме сити од поделби. Историски момент на прифаќање на реалноста дека светот нема да не чека вечно да се одлучиме дали сакаме да ги качиме нашите граѓани на возот кон заедничката иднина.   

Од Самитот наваму испишуваме нова историја за нашите држави. Доволно заостанавме, доволно време изгубивме, сега е време со заеднички сили и здружени да надокнадиме колку можеме повеќе за нашите граѓани да го почувствуваат резултатот од слободата и промените по кои копнееа повеќе од една деценија.

FES: Со години Македонија е заглавена со „спорот со името“ со Грција (ЕУ-НАТО). Во првите месеци од работата на новиот кабинет, вашата Влада покажа завидно ниво на прагматизам по ова прашање. Дали е ова стилот на лидерство што сакате да го покажете?

Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици во оваа фаза. Лично мислам дека тоа ќе биде и тест за тоа колку сме пораснале и сме созреале низ годините на изолација, и дали сме научиле да ги цениме вредностите кои носат просперитет, и подобра иднина.

Ние како Влада се фокусираме на затворање на спорот со Грција откако со потпишување на Договорот за добрососедство ги затворивме отворените прашања со Бугарија. Конкретно придвижување на процесот ќе има Она што е битно за мене, и ми влева добра надеж, е тоа дека повторно отпочнавме комуникација. Остварени се повеќе средби на ниво на министри за надворешни работи на двете земји. Во меѓувреме Владата продолжува со новата политика кон соседите без предрасуди и подготвеност на дијалог, како и со презентирање на нашиот нов политички пристап на градење повеќе пријатели меѓу земјите членки на НАТО и ЕУ. Заради спротивниот пристап во изминатава деценија, останавме изолирани и лишени од перспективите кои се отвараат кога си меѓу пријатели, од иднината која сега можевме да ја живееме доколку ЕУ и НАТО навистина ни беа приоритет.

Република Македонија и нема друга перспектива освен Европската.

Нашето место во иднина го гледаме во НАТО алијансата и Европската унија како рамноправни партнери во зачувувањето на мирот и како активни учесници во градењето подобар свет за сите.

Ќе бидам оптимист и повторно ќе кажам дека европската перспектива на нашата земја е поконкретна и поопиплива од било кога до сега.

Македонија е следната земја која ќе стане членка на НАТО, а со тоа ќе отпочнат и преговорите за нашето членство во ЕУ.

FES: Кои се најважните квалитети и/или вештини кои треба да ги поседува еден лидер?

Ова прашање може да биде одговорено на начини на кој ќе се препознаат многу досега дадени одговори. Еве, тоа е еден од квалитетите што треба да ги поседува политичарот на новото време. Да биде храбар во потрагата на оригинални решенија, а повторно да бидат соодветни на ситуацијата и на најдобрите одговори.

Дозволете ми да издвојам една особина. Покрај високиот етички личен кодекс, кој никогаш не смее да биде доведен во прашање, за мене е важна особината човек никогаш да не се плаши да „заплива во длабокото“. Доколку немаше такви луѓе, светот немаше да ги открие новите континенти, зашто тие што не се осмелуваат секогаш пловат близу брегот. Немаше да го освоиме небото и небеските тела, ако луѓето не се осмелија да летаат. Ајнштајн немаше да се ги пронајде одговорите за универзумот, да не се нурнеше во длабочините на човечкиот ум.

 

FES: Што му треба на регионот како целина и кои се најитните работи?

Ние направивме досега сѐ што можеме за да ја вратиме сериозно разнишаната доверба кај нашите пријатели. Да им докажеме дека можеме сами да си ги решиме „домашните задачи“, да се издигнеме над предизвиците и да ги увериме сите дека делиме исти, заеднички, европски и универзални вредности.

Тие наши искрени заложби веќе се препознаени од одлучувачкиот фактор, земјите пријатели на Република Македонија, кои не кренаа раце од нас дури и во најтешките мигови кога изгледаше дека државната политика неповратно застрани од тој правец и ги изгуби европските перспективи од дофат. За тоа сме им благодарни, што дополнително ни дава обврска да ја оправдаме таа доверба.

Изолацијата на нашите граѓани од нивната европска иднина заврши. Доаѓаат посветли денови за македонските граѓани и македонското општество, денови во кои ќе покажеме дека сме го заслужиле нашето место во унијата на европските земји.

 

FES: Иако сите земји во регионот имаат свои специфичности, дали има други примери во регионот, Босна, Косово, каде што гледате сличности и може да се предвидат претстојните промени и што мислите дека треба да се случи?

Сите земји во регионот, помалку или повеќе, делат исти грижи, заложби за нивно решавање, па дури и амбициите ни се заеднички. Околу овие прашања немаме разлики. Она што го видовме, и што го искусивме во изминатите 6-7 месеци, е дека интензивните средби, размена на искуства, и најважно од сѐ, целосното отворање за соработка – дава резултати. И на домашен, и на регионален план. Сите сме сведоци дека успешните иницијативи и акции, во кои политичките лидери од региониот седнаа на заедничка маса донесоа придобивки. Секоја таква иницијатива нè прави чекор поблиску до членство во семејството на европските земји.

Заедничките конкретни договори, со конкретни финансиски аранжмани што ќе го потпомогнат обновување на регионот, а од тие активности директен ефект ќе се почувствува во стопанството, стабилизирањето и зајакнувањето на економијата. Вклучително и во конкретни области како што се туризмот и културната размена преку олеснетото движење на граѓаните на нашите земји. Всушност, такви се и пораките кои сите заедно ги испраќаме од нашите средби досега. Пораки за посилна регионална соработка како клучен елемент за економското приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ или НАТО.

Во исто време, на овие регионални, мултилатерални средби, ги решаваме и отворените прашања на билатерален план. Се обидуваме секогаш да покажеме дека немаме ништо друго совен добри намери за продлабочување на односите за плодна соработка. Тој пристап кон зацврстување и подобрување на меѓусоседските односи ќе остане на таквиот курс и во иднина.

 


Оргиналното интервју на англиски јазик, заедно со интервјуто и на министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, како и анализата на FES за политичките трендови и динамики во југоисточна Европа може да го преземете од следниов линк.

                                                                                                                                                  

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вчера беше гостин во дебатната емисија „Топ тема на ваша страна“ на телевизија Телма.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во рамките на неговото гостување на емисијата 24 Отворено, на темата „100 дена Влада“, одговараше на прашања од бизнисмени, аналитичари, граѓански активисти и новинари, синдикалци.