Министерства

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Јапонија, Н.Е Кеико Ханеда, и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска посетија неколку здравствени установи, каде јапонската влада даде грант за зајакнување на капацитетите со опрема и реконструирање на јавните здравствени установи.

Во рамки на посетата, министерот Филипче изрази благодарност до јапонската влада, и ја истакна важноста за вложување во здравствениот сектор. Покрај Клиниката за дигестивна хирургија, со Програмата на јапонската влада „Грант – помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ се опфатени и Клиниката за гинекологија и акушерство и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.

 - Речиси половина милион евра беа доделени на пет здравствени установи за набавка на медицинска опрема и реновирање.  Со оваа голема донација ги подобруваме условите и ги зајакнуваме капацитетите во здравствените установи, онаму каде што е потребно, посочи министерот Филипче.

Амбасадорката на Јапонија се заблагодари на министрите, директорите и медицинскиот персонал за нивната соработка за време на имплементацијата на овие проекти, која придонесува кон подобрување на здравствените услуги на македонските пациенти.

 - Ми претставува особено задоволство, што денеска ја имам честа да бидам домаќин на амбасадорката на Јапонија во РМ, Н.Е. Кеико Ханеда, овде на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, каде сè уште активно работам. Задоволството е секако уште поголемо, ако се има предвид дека токму со несебичната помош од Владата на Јапонија, но и со несебичното залагање на амбасадорката, денес имаме значително подобрени услови за работа, а кои секако се најважни за нашите пациенти,  истакна заменик претседателот на Владата, Османи, во улога на национален координатор за распределба на странска помош во РМ.

Заменик претседателот Османи посочи и дека од осамостојувањето на нашата држава, Јапонија има обезбедено голема поддршка преку официјалната развојна помош во повеќе значајни сектори, клучни за постигнување на нашите реформски процеси и стратешки цели како здравство, образование, развој на локалните заедници во износ над 420 милиони евра.

Македонија од оваа година го презема претседателството со Секретаријатот Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG). Ова денеска и официјално беше соопштено на годинешниот 12-ти работен состанок на Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој што се одржува во Струга, а домаќин е македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На конференцијата учествуваат ресорните министри и потпретседатели на Владите на Босна и Херцеговина и  Црна Гора, министрите за земјоделство на Бугарија, Словенија, Албанија, заменик министерот од Косово, државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека целта на оваа конференција е да се потенцира важноста на регионалната соработка, од која што бенефит ќе имаат економиите вклучително и земјоделството на земјите од ЈИЕ.

 

 

„Нашите заеднички аспирации на целиот регион се во насока на засилена регионална соработка во делот на размена на искуства особено во делот на евроинтеграциите кон кои се стреми македонската Влада, посебно во делот на искористеноста на ИПАРД фондовите. Денеска исто така ја потврдивме и поддржавме нашата иницијатива за регионална трговија која што подразбира нови брзи зелени линии во делот на транспортот особено на земјоделските производи во регионот, што е од голема важност за земјите од ЈИЕ. Како земја која се стреми да напредува во процесот на интеграција во ЕУ и кон креирање ефикасна земјоделска политика, подобрувањето на организациската и оперативната основа ни се повеќе од потребни. За мојата земја, која се подготвува за претстојниот процес на преговори, оваа заедничка регионална аналитичка работа е од исклучителна важност“, изјави министерот Николовски.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на свеченото отворање на конференцијата потенцираше дека земјоделството е особено важна гранка за економијата и затоа Владата е посветена на развој на секторот посебно кон вклучување на младите во овој сектор.

 

 

„Земјоделството мора да се осовременува. Потребна е нова, современа механизација, да се користат модерни технологии и да се користат најновите научни методи во земјоделството, во насока на раст на оваа гранка. ИПАРД програмата, со поддршка од ЕУ, помага во голема мера за развој на земјоделието, а во 2018 година за оваа програма се наменети 10 милиони евра. Сепак сметам дека ова не е доволно, а со пристапување на Република Македонија кон ЕУ, очекуваме да се зголеми поддршката од ЕУ со пристап до фондовите. Впрочем, искуствата кажуваат дека земјите кои пристапуваат во ЕУ, имаат поголем пристап до финансиски средства од ЕУ фондовите од 7-10 пати“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека клучно за развојот е земјите од регионот пред да станат дел од ЕУ, најпрво да научат поефективно и поефикасно регионално да соработуваат, што значи и практично отстранување на административните бариери и усогласување на лиценците, дозволите и другите потребни документи кои би важеле во сите земји порача Анѓушев.

Учесниците се согласија дека земјоделството и руралниот развој се важни за регионот и посветено ќе работат на развивање и јакнење на регионалната соработка. Потпретседателот на Владата и министер за земјоделство и рурален развој во Владата на Црна Гора, Милутин Симовиќ нагласи дека за регионалната соработка која се однесува на одржлив раст и економски просперитет во Југоисточна Европа од особена важност е стабилноста, бидејќи без стабилност нема ни развој на општеството, ниту на земјоделството, ниту пак рурален развој.

Заменик претседавачот во Советот на министри на БиХ, Мирко Шаровиќ, изјави дека со одржување на овој состанок се докажува дека земјоделството и развојот на руралните средини се исклучително важни прашања за целиот регион.

Министерката за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија, Александра Пивец потенцираше дека земјите од регионот на Западен Балкан сé уште се многу важни трговски партнери за словенечката прехранбена индустрија, а напорите за отстранување на трговските бариери се од најголема важност за двете страни.

На конференцијата присуствуваа и претставници од Генералниот секретаријат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија. Директорот за стратегија, поедноставување и анализа на политиките во Европската комисија, Тасос Ханиотис, во својата презентација истакна дека не само во европски, туку и во светски рамки ќе има потреба од поголеми промени, бидејќи ќе има поголема побарувачка за храна, поради што е потребно да се посвети внимание на истражувања и пренесувањето на знаење за земјоделците.

Денеска учесниците на конференцијата ќе потпишат Декларација за „Регионална Соработка за Одржлив развој и Економски Просперитет во Југоисточна Европа" (ЈИЕ), која претставува ново-управувана рамка во конципирањето на еден насочен пристап кон земјоделството и руралниот развој и ја насочува визијата за регионална соработка во однос на заедничкиот економски раст и просперитет во регионот.

Денес во Владата на Република Македонија на покана на заменикот претседател на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се одржа брифинг со амбасадорите на земјите членки на НАТО Алијансата, акредитирани во Република Македонија.

Брифингот беше посветен на актуелностите врзани за пристапниот процес за интеграција на Република Македонија во Северно-атлантската Алијанса и истиот имаше за цел амбасадорите на земјите членки на НАТО да бидат информирани за досега преземените чекори, како и претстојните активности во рамки на пристапниот процес за членство.

На средбата со амбасадорите, двајцата Министри детално ја презентираа Програмата за продолжување на реформите која претставува составен дел од процесот за пристапување на земјата во НАТО Алијансата.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на состанокот на министри од САД-Јадранската повелба (група А5) што се одржува во Будва. На состанокот присуствуваа и министрите за одбрана на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, како и заменик помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.

Пред почетокот на состанокот Шекеринска имаше работен појадок со заменик помошничката на секретарот за одбрана на САД Купер, при што уште еднаш беше истакната силната поддршка до Македонија од стратешкиот партнер САД и уверувањето дека со полноправното членство во НАТО нашата земја ќе стане дополнителен фактор за стабилноста и безбедноста на регионот.

Претставничката на САД беше информирана дека Македонија ја изготвила и наскоро ќе ја презентира пред НАТО Програмата за продолжување на реформи и дека минатонеделната посета на Воениот комитет на НАТО е сигнал дека интегрирањето на Македонија во Алијансата добива се појасни контури и видливост во меѓународните рамки.

Министрите за одбрана од групата А5 и заменик помошничката Лора Купер во име на секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис, потпишаа заедничка Изјава во која меѓу другото посебно се нагласува финиширањето на пристапните разговори и се поздравува идното членство на Македонија во НАТО. „Силно веруваме дека приемот на Македонија во НАТО ќе доведе до натамошно зголемување на стабилноста и безбедност на регионот. Оттука цврсто ја поддржуваме Македонија што е можно поскоро да добие статус на полноправна членка“, се нагласува во заедничката изјава.

Учесниците на состанокот се заложија за натамошно продолжување на политиката на отворени врати за прием на нови членки на Алијансата со цел поддршка на аспирациите на останатите земји од регионот. Беше афирмирана и заедничката посветеност на НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан при што потписниците се обврзаа на натамошно учество во меѓународните мисии на Алијансата.

Тема на министерскиот состанок беше регионалната соработка и посветеноста на земјите членки на групата А5 - Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска и Црна Гора, на интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во евроатлантските структури.

Од страна на сите учесници на состанокот беше изразена и благодарност до САД за поддршката во развојот на групата А5 при што е истакната потребата за продолжување на американската улога во зајакнување на капацитетите и можностите на безбедноста и одбраната во регионот.

„Едно општество, односно еден систем не се вреднува по квантумот на институции, на закони, или по бројноста на население, на ресурсите, на разноразните статистики кои што се толку менливи и променливи. Вистинските вредности доаѓаат од дејствителната способност на општеството да го прифати и почитува различното, да ја препознае и негува индивидуалноста исто како и колективноста, да ги штити, апсорбира и негува човечките надежи, стремежи, перспективи и амбиции“.

Ова меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно поздравно обраќање на Регионалната конференција посветена на темата „Одговoр кон антисемитските злосторства од омраза и решавање на безбедносните потреби на заедниците“, што во организација на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и мисијата ОБСЕ-ОДИХР во Република Македонија се одржа денес во Скопје.

Потенцирајќи дека омразата, односно ксенофобичноста отсекогаш била туѓа на македонскиот граѓанин и општество министерот Спасовски нагласи дека- “Еврејската заедница овде во Македонија е тесно вткаена во севкупниот живот и развој на Македонецот и нашето општество, таа е суштински дел од нас, од овдешната култура, традиција и воспитание. Нејзиниот печат е длабок и драгоцен и ние тоа знаеме и сакаме да го чуваме. И заради себе самите и заради нив, како наши сограѓани и пријатели. И токму заради таквото наследство, заради тој дар оставен од нашите претци, ние сме должни да бидеме и натаму будни, подготвени за брз, ефикасен, одговор на институциите кон сите обиди или трендови за појава на каква и да е омраза“.

Министерот Спасовски посочи дека од страна на Министерството за внатрешни работи таквиот вид на омраза ќе биде благовремено детектиран и бескомпромисно спречен во својот корен, истовремено порачувајќи дека не само МВР туку и сите останати институции во Република Македонија се широко отворени за сите иницијативи и идеи во насока на заедничко превенирање на таквите тенденции.

Во текот на минатата недела е извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија, за која досега пациентите беа упатувани во странство.

Од денеска, лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар, таа е веќе редовно достапна за сите пациенти во нашата држава. Со ова нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем, истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипче на денешната прес конференција во Министерството за здравство.

Министерот потенцираше дека е реализирано ветувањето за инвестиција на Клиниката за хематологија, а воедно истакна дека продолжуваат инвестициите во инфраструктура во јавно-здравствениот систем.

Министерството за здравство и во иднина продолжува да дава поддршка на сите вакви проекти, кои значително го подигнуваат квалитетот во функционирањето на здравствените установи, посочи министерот Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев посочи дека пациентите нема потреба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни финансиски средства за лекување ваков тип на болести. За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале по 110.000 евра - 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, во зависност од земјата и видот на самата интервенција.

Д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Универзитетската клиника за хематологија истакна дека ова е висок професионален дострел на хематолозите, со кој се испишува нова страница на македонската медицина.

- Првпат во Република Македонија направивме трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина. Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија, посочи д-р Пановска Ставридис.

Првиот трансплантиран пациент со оваа интервенција, Филип Димишковски, во видео пораката упатена до јавноста го раскажа своето искуство, со цел неговата приказна да ги охрабри сите останати пациенти кои имаат потреба од ваков вид здравствена услуга.

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче, зборуваше на форумот „Што е потребно за добра контрола на дијабетесот и среќно семејство“, во конференциската сала во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетес - 14 Ноември, во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија - Баланс МК.

Во своето обраќање, министерот Филипче истакна дека детскиот дијабетес како еден од најголемите предизвици на Министерството за здравство е надминат.

„Го укинавме паралелниот увоз на инсулин и терапија за дијабетес. Паралелниот увоз не гарантираше квалитет на инсулинот, ниту пак имавме контрола дали терапијата која им е потребна на пациентите во земјава влегува исправна, дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат овие лекови“, потенцираше министерот Филипче.

Министерство за здравство воведе три нови типови на Инсулин, кои се најнова генерација на лекови. Еден од нив е наменет за децата, а станува збор за Тресибата.

Министерството за здравство, сега е пред нов предизвик, да обезбеди сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта. За почеток потребни се околу 500 вакви сензори, за да можат да се покријат месечните потреби на децата. Со набавката на овие сензорни мерачи ќе им олесниме и на бремените жени кои имаат гестациски дијабетес.

„Ние како Министерство, но и како општество секако треба многу повеќе да обрнеме внимание на стигматизирањето на децата со дијабет. Сведоци сме дека дел од овие деца имаат пречки да бидат дел од предучилишниот процес во градинките, поради стравот на кадарот. За жал, стигматизирање има и во училиштата се разбира неоправдано. Дијабетисот не е заболување тоа е состојба, која ние се трудиме да ја олесниме и ги охрабруваме и децата и родителите сосема храбро да чекорат низ животот и со дијабетес“, изјави министерот Филипче.

Во Македонија има регистрирани 500 дечиња помлади од 14 години кои имаат дијабетес и секојдневно примаат инсулинска терапија.

Во моментов во светот има повеќе од 425 милиони лица кои имаат дијабетес, а се предвидува дека до крајот до крајот на 2030 година, бројот на лица со дијабетес ќе изнесува барем двојно повеќе.

Министерството подолжува и понатаму да ја крева јавната свест преку едукација, трибини, да обезбедува најдобри и најсовремени терапии и лекови за пациентите со дијабетес и да соработува со граѓанските организации за подобрување на условите и квалитетот на животот на децата со дијабетес.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на 22. Европски форум кој се одржува во Виена на тема: „ЕУ како водечки актер за безбедност и одбрана“. Во рамките на Форумот Шекеринска имаше обраќање на панел дискусијата посветена на  Југоисточна Европа, Македонија и нејзината улога во стабилноста на ЕУ.

„Република Македонија неодамна имаше успешен исход на Пристапните разговори за членство во НАТО и очекуваме позитивните тенденции да продолжат и да резултираат и со почеток на преговори со ЕУ. Сето тоа е резултат на долги подготовки и соработка со Алијансата и со ЕУ за исполнување на политичките и воено-безбедносни стандарди. Вложивме огромни напори и посветеност и остануваме на тој пат“, истакна министерката Шекеринска. Притоа Шекеринска наведе дека за првпат е забележан напредок и во политичката клима во Македонија со учество на дел од опозицијата во процесот на уставни измени кои се неопходни за членството во НАТО, и дека тоа е резултат на заложбите на сите да ја видат Македонија успешна и интегрирана во Европа.

Министерката ги посочи договорите со Грција и Бугарија како пресвртна точка во надворешната политика на Македонија и евроатлантските интеграции, и притоа рече дека нивното постигнување барало многу работа и откажувања но сето тоа вреди бидејќи е осигурана иднината на граѓаните. 

„Убедена сум дека дијалогот е единствениот начин за сите нас во регионот да ги надминуваме билатералните разлики и недоразбирања. Искрено се надевам дека нашиот пример ќе служи како поттик во развојот на односите меѓу земјите од регионот“, рече министерката.

Министерката заклучи дека политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мирот, безбедноста, просперитетот и стабилноста на Европа и дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде голема победа на Европската унија. Како аргумент Шекеринска ги наведе зголемувањето на економските и трговски можности како и подобрувањето на животниот стандард на земјите аспиранти од една страна и зголемената трговија за Европската унија од друга страна.

Домаќини на Форумот беа Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и Дипломатската академија на Виена, а учество зедоа повеќе актуелни и поранешни функционери од регионот, Австрија и пошироко, како и авторитети од областа на одбраната и безбедноста.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, учествуваше на пуштањето во употреба на спортската сала во основното училиште „Перо Наков” во Куманово.

„Денешната промоција на оваа спортска сала, ја симболизира вистинската причина и цел на политиката - да создава подобри услови за сите граѓани на оваа земја. Фактот што со овој објект ги подобруваме условите за младите, претставува дополнителна придобивка за сите нас, и дополнителен поттик за нашата работа”- истакна Османи на почетокот од своето обраќање.

Во продолжение Османи посочи дека објектот е дел од поширокиот проект за изградба на 145 спортски сали, кои се финансирани од средствата обезбедени со кредит од Банката за развој при Советот на Европа, додека проектната документација е изработена со неповратните средства од ИПА фондовите.

„Исто како во училиштето Исмет Јашари во Липково, или Јероним ДеРада во Черкези, Кумановско, вистинско задоволство е кога присуствувам на настани на кои се промовира унапредувањето на условите за образование на граѓаните, за спортување, затоа што е тоа најдобриот начин да им обезбедиме успешна иднина на младите овде во земјава”- истакна Османи, посочувајќи дека само оваа година, веќе трет пат присуствува на положување на камен темелник или отворање на нов образовен објект во овој регион.

„Европската Унија, секоја става на располагање преку 100 милиони евра годишно, неповратни средства, пари на даночните обврзници на земјите - членки на Унијата, кои овие средства, наместо во нивните земји, одлучиле да ги дадат за проекти со кои ќе се трансформира нашето општество, со цел и ние полесно да ги достигнеме стандардите на нивните општества“ – истакна Османи, додавајќи дека со напредокот во процесот на европските интеграции, особено со подготовките за почеток на преговори и самите преговори за членството во Европската Унија, овие средства и овие активности значително ќе се зголемат, што ќе овозможи подобри услови за инвестиции и бизнис, за економски развој и повеќе работни места; средства што ќе овозможат и поквалитетно и подостапно здравство, подобро и поквалитетно образовани, и воопшто, поквалитетни услуги на државата.

Јавна консултација за Предлог законот за социјална заштита, според кој ќе се спроведува социјалната реформа во Македонија, се одржа денеска на Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На консултацијата зборуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. д-р Маја Геровска Митев, експерти, претставници од невладините организации и локалните самоуправи.
 
Министерката Царовска истакна дека за да се постават темелите и да се унапреди социјалниот систем и паричните права, јавните консултации, се од исклучително значење при носењето на овие пакет закони.
 
„Министерството за труд и социјална политика подготви темелна реформа на социјалниот систем и детската заштита со која се прави целосна преобразба на општеството. Со оваа реформа за 300% ја зголемуваме социјалната помош, но и нудиме ефикасни и долгорочни решенија за извлекување од сиромаштијата преку активација на работоспособните на пазарот на труд. Воведуваме детски и образовен додаток- надоместок кој освен примателите на гарантираниот минимален приход ќе можат да го користат и домаќинствата со минимална плата“, рече министерката Царовска на јавната консултација.
 
Царовска потенцираше дека со новиот Закон за социјална сигурност на старите лица, којшто е исто така дел од социјалната реформа, за прв пат во Македонија се воведува и социјална пензија. На овој начин им се обезбедува достоинствен живот на ранлива група граѓани во трето доба, кои поради низа околности не успеале да го стекнат условот од 15 години работен стаж за да остварат право на пензија. Право на надоместокот ќе имаат лица на возраст над 65 години кои имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот.
 
Предложениот пакет закони, кои се дел од социјалната реформа, се веќе објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Во моментот тече рокот за доставувањето на предлозите, забелешките и сугестии од сите засегнати и заинтересирани страни.