Сервиси и услуги

Скопски регион

  • Патниот правец кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино (опш.Чучер Сандево) не е прооден, а истите села немаат и електрична енергија.

Битолски регион

  • Заради новите врнежи од снег сообрајќајот се одвива отежнато, во зимски услови. Воведена е забрана за тешки товрни возила на патниот правец Битола - Ресен (планински превој „Ѓавато“).

Охридски регион

  • Во општина Македонски Брод и Пласница локалните патни правци кон селата Битово, Растеш, Заград, Волче, Ботушје, Бенче, Лупште, Звечан, Инче, Требовље, Брест, Косово, Рамне, Брезница, Могилец, Калуѓерец, Томино село и Сушица се проодни за теренски возила со зимска опрема.
  • Во општина Струга, патниот правец што ги поврзува селата во Малесија осносно патниот правец од с.Присовјани до хидрецентралата Глобочица е непрооден.           

Кумановски регион

  • Во општина Старо Нагоричане единствено регионалниот патен правец кон Р.Србија - Пелинце е прилагоден за движење, додека патните правци кои гравитираат кон селата во козјачијата се тешко проодни.
  • Во општина Липково, тешко проодни се патните правци кои гравитираат кон повисоките села Гошинце, Лукаре и Малино.
  • Во општина Крива Паланка, магистрален пат Ранковце - Крива Паланка - Граничен премин Деве Баир е прооден во зимски услови.
  • Регионален пат Крива Планка - с.Огит и Крива Паланка - с.Луке, во општина Крива Паланка, се проодни во зимски услови.
  • Регионален пат Ранковце - с.Герман е прооден до с.Пклиште додека од с.Пклиште до с.Герман е непрооден.
  • Локалниот пат од с.Дурачка река м.в.Метоф кон с.Дренак е непрооден Отсечено е с.Дренак во општина Крива Паланка.

Тетовски регион

  • Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патните правци Гостивар - Стража - Кичево, Гостивар - крак Маврово - Дебар, Тетово - Попова Шапка со напомена дека за Попова Шапка има и забрана за движење за автобуси, а за другите пмв потребно е да се стави зимска опрема - ланци.
  • Во под шарпланинските села Вејце, Бозовце, Бродец и Вешала движењето е отежнато во зимски услови со употреба на зимска опрема.              
  • Во ЕЛС Теарце локалните патни правци се проодни освен патот за селата Варвара и Брезно.              
  • Во ЕЛС Брвеница отежнато е движењето за с.Гургурница.
  • Во ЕЛС Боговине се очекува да биде пробиен патот до повисоките планински села - Раковец, Ново Село, Урвич и Јеловјане.

За околу три недели односно на  25- ти  јануари истекува рокот за доставување документација за јавниот оглас за доставување на понуди за интерес за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерија и помошните објекти во функција на оранжеријата. Ова е втор јавен повик за интерес за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии, што го објавува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Право на учество на јавниот повик имаат физички лица и правни лица кои во катастарот на недвижности се запишани како сопственици на оранжеријата и помошните објекти кои се во функција на оранжеријата, односно на објектите во стопанскиот двор.

Со овој јавен повик сопствениците на оранжерии ќе имаат можност да го купат земјиштето на кое што се наоѓа оранжеријата, а кое што во моментов е во државна сопственост. Со стекнувањето на имотни листови, сопствениците на оранжерии ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите, за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на објектите, но и ќе остварат право за аплицирање за мерките од европската ИПАРД програма. Можноста која што им се отвора за нови инвестиции крајно ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство укажува  сите заинтересирани да достават комплетна документација и да го запазат рокот за доставување, со цел побрзо да се склучат договорите.

 

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 7 јануари 2019 година (понеделник), Божик, првиот ден на Божик според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија. 

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, им го честита Божик на граѓаните од православната вероисповед.

 

Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека на 29 декември 2018 година, е објавен Јавниот оглас број 379/2018 за вработување на 26 (дваесет и шест) административни службеници во Министерството за надворешни работи  (дипломати - приправници и помошно -стручни службеници).

Јавниот оглас, покрај на интернет страната на Агенцијата за администрација е објавен и во дневните весници Нова Македонија, Независен весник и Лајме и истиот ќе трае 20 дена од денот на објавувањето.

Како што Министерството за надворешни работи веќе објави, водејќи се од начелата на меритократија, инклузивност и транспарентност, охрабруваме пријавување на што поголем број на кандидати кои ги исполнуваат условите за вработување, со цел извршување на објективна селекција на високо перспективни кадри, кои постепено ќе ги развиваат неопходните дипломатски вештини, придонесувајќи на тој начин кон успешна афирмација на Република Македонија

Заинтересираните кандидати можат електронски да аплицираат на огласот на следната интернет страница:

http://prijava.aa.mk/#/announcementDetails/509

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 6 јануари 2019 година (недела), Бадник, ден пред Божик, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија. 

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика им го честита Бадник на граѓаните од православната вероисповед во Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник  на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 1 јануари 2019 година (вторник), Нова Година е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.  

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, на граѓаните на Република Македонија им ја честита Новата Година. 

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ  („Службен весник  на  РМ„ бр.21/98 и 18/07), 25 декември 2018 година (вторник), првиот ден на Божиќ е неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед во Република Македонија им го честита празникот Божиќ.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник  на  РМ“ бр.21/98 и 18/07), 21 декември 2018 година (петок), Денот на настава на турски јазик е неработен ден за граѓаните припадници на турската заедница во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на турската заедница во Република Македонија им го честита Денот на наставата на турски јазик.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Се работи за повик наменет за неатрактивно земјиште, поточно од пониска класа и на поголеми надморски височини. Врз земјиштето не смее да има востановено право на закуп или плодоуживање, да биде предмет на тековни јавни огласи или денационализација. 

Целта на овој повик е да се стави во функција секоја педа земја, која може да овозможи добро производство. Со воведување на оваа олеснителна процедура им овозможуваме на сите заинтересирани со нивен пројавен интерес да добијат државно земјоделско земјиште и  на тој начин директно да се зголеми површината на обработено земјоделско земјиште.

Понудата се доставува за земјоделско земјиште на кое нема подигнато долгогодишни насади и кое во катастарот на недвижности е запишано со  катастарска класа 4, 5, 6, 7 и 8. Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавата во дневните весници, односно од 12.12.2018 година. 

Јавниот повик се однесува на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во регионите Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.

Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост е за:
- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
- подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
- подигање на маслинарници за период до 50 години,
- одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години,
- ливади за период до 15 години,
- за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
- рибници до 20 години и
- спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години

Откако ќе се приберат сите понуди,  комисија формирана од страна на Владата на РМ ги разгледува понудите и донесува одлука за избор на најповолен понудувач, по донесување на одлуката министерот склучува договор со сите избрани понудувачи.

Доколку има двајца понудувачи за иста катастарска парцела, Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во член 25-а и член 27 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13, 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15 и 98/15) и член 3 од Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/08, 26/12, 02/13,158/13, 110/15, 120/15 , 129/15 и 27/16) и тоа:

- оддалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на јавниот повик - 65 бодови;
- понудената годишна закупнина по хектар - 25 бодови и
- правниот статус на понудувачот - 10 бодови.

Јавен повик: http://mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=277
 

Министерството за труд и социјална политика информира дека врши исплата на долунаведените права за месец ноември 2018 година.

Права од социјална заштита:

  • Социјална парична помош
  • Паричен надоместок за помош и нега од друго лице (туѓа нега) 
  • Цивилна инвалиднина 
  • Мобилност и слепило 
  • Постојана парична помош 
  • Еднократна парична помош 
  • Парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа
  • Сместување во згрижувачко семејство
  • Парична помош за студирање 
  • Парична помош за згрижувач
  • Социјално домување
  • Азиланти домување
  • Социјална парична помош  за азиланти
  • Субвенции за електрична енергија

Права од детска заштита:

  • Детски додаток 
  • Еднократна парична помош за новороденче 
  • Родителски додаток за трето дете 
  • Родителски додаток за четврто дете
  • Единствен родителски додаток 
  • Посебен додаток-за месец 12/2018 година.