Говори и интервјуа

Интегрално пренесени говори и интервјуа на Претседателот на Владата на Република Македонија и министрите на Владата.

Почитувани присутни,

Почитувани претставници на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија,

Почитувани претставници на верските заедници,

Почитувани претставници на Собранието, на Владата, на општините,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани граѓани,

 

Денес сме овде на ова легендарно место “Мечкин камен“, заеднички да го одбележиме големиот празник 2 август - Илинден, кој е симбол на непокорот, симбол на жртвата, симбол на преданоста на цела една генерација наши предци, кои тогаш кога било потребно се жртвувале себеси за денес ние да живееме слободно и рамноправно во нашата држава Република Македонија.

Како што ќе каже големиот Кочо Рацин

“...У историјата на македонскиот народ има многу места кај што се покажује сето онова што е битно за неговата борба за ослободуење. Секоа народна историја има таквиа места ели датуми, па и македонската историја. А еден таков, и това, можеби најголем е Илинден ели Илинденското востание. Това е денот, кога заспалиот македонски народ, разбуден од петвековниот сон се разбудуе и стануе да оди со свои нозе по своjот вистински пат...“

Токму тоа почитувани сограѓани, ...тоа е симболот на денешниот празник, ... големото будење на нашиот народ и тргнувањето со свои нозе, по својот вистински пат... И покрај тоа што оние кои тргнале знаеле каков е тој пат, дека тоа е патот на жртвата, дека тоа е трнливиот пат кон слободата, сосема свесни решиле со својата крв да остават патокази за следните генерации, да знаат каде да се движат, да знаат кој е вистинскиот пат.

Крушево е место со безброј такви патокази. Каде и да се свртиме, каде и да погледнеме, се чувствува тежината на големите битки, тежината на големиот празник кој денес го славиме и тежината и значајноста на идејата.... Се чини дека секој камен, секое дрво и секоја билка тука, крие своја приказна за минатото.

Една од големите битки во кој илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република била битката кај Слива.

Во оваа битка, високо во планината, од една страна биле 40-ина комити, а од друга страна 20-илјадна војска која доаѓала да го задуши востанието. Комитите можеле да се повлечат, но така само ќе го олеснеле противничкото продирање, а со тоа ќе било загрозено и излекувањето на другите востанички сили и извлекувањето на самото население од Крушево. Одлучиле да останат и да се борат до крај.

Со четата командувале Диме Смугрев и Ѓорѓи Стојанов. Токму на тоа место, на Слива,  се наоѓала и нивата на војводата Ѓорѓи Стојанов, нивата на неговите предци, нивата на Стојановци. Тоа е татковина, а татковината треба да се брани. Ако неговите предци таа нива ја залевале со пот, судбината налагала, тој како војвода да ја залее со својата крв. Така и било.

Пред самиот судир војводите се обратиле со зборовите: „Браќа часот е голем ... Непријателот е пред нас, но и примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг. Смртта станува неизбежна, но еднаш прифатена, таа треба да се пречека достоинствено“.

Така и завршила оваа битка, достоинствено до самиот крај. Востаниците се бореле до последниот куршум, а со последните куршуми решиле да се самоубијат, за живи да не паднат во рацете на непријателот. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови - со истрели во воздух да им оддаде почит.

Почитувани сограѓани,

Денес ние оддаваме почит кон илјадници вакви битки, кон илјадници знајни и незнајни јунаци кои ја прегрнале смртта за да го одбележат патот кон слободата.

Таква е нашата историја, тешка и емотивна. Дури и спомените за неа се тешки за раскажување. Таквата тежина е сосема доволен притисок за постојано да бидеме свесни што е тоа што го немале нашите предци во минатото, а што го имаме ние денес. Што е тоа за што порано се гинело, а денес ние го живееме.

Тоа е сопствената држава и слободата во секоја смисла на зборот. Слобода на сопствен идентитет, слобода да се зборува на својот мајчин  јазик, да се образува на својот мајчин јазик, да се пее и твори на својот мајчин јазик, без притоа некој да биде презиран, навредуван и малтретиран. Денес секој може да ја развива својата култура на начин на кој тој смета дека треба да ја развива, без притоа да биде осудуван и прогонуван. Денес секој може да си ја одбере својата религија и да верува во неа без никакви притисоци и присилби да се откаже од истата и да премине во друга.

Таквата слобода е скапо платена и како таква треба да се цени и почитува од секој граѓанин на оваа земја, како и од сите други граѓани на другите земји.

Илинденското востание било само една етапа, еден поттик за следните генерации да го продолжат копнежот за слобода и сопствена држава. Како што ќе каже Кочо Рацин во предвечерјето на втората светска војна:

“Илинденското востание не го доврши патот за слободата. Тоа само го почна тој пат, поправо, само го покажа за тие што вистински се борат за вистинска слобода на Македонија. И баш затова оти тој пат не е довршен, оти само ако понего се тргне ќе се дојде до слободата на Македонија, баш затова ние младите, напредните синови на оваја поробена земја, треба да го цениме и учиме Илинден, за да би ја постигнале целта на својата борба и слобода на Македонија“.

Овие зборови на Рацин и повикувањето на историските традиции на Илинденското востание кои ги говореше Кузман Јосифовски Питу, биле водилка за следните генерации да ја поведат Македонија во втор Илинден и преку народноослободителната и антифашистичка борба да докажат дека илинденската идеја живее. Дека наследената борбеност и нескршливиот дух заедно со силната и исконска желба за слободна Македонија можат да издвојуваат победа. Победа која е заверена на првото заседание на АСНОМ со формирањето на слободната Македонска држава.   

Токму затоа, ние денес ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на Илинденската генерација, така и на Асномската генерација. Денес Македонија и македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ.

Почитувани сограѓани,

Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе  носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешни замешателства, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија.

Затоа, денес од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина... Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Таков пристап и искрена волја ни е посебно потребна во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која мораме и можеме да излеземе посилни. Оваа политичка криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети. 

Токму затоа денес сакам да упатам апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од истата, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.

Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување.

Силно уверен дека одржувањето на изборите ќе ја оконча политичката криза, Ве уверувам дека како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега. Нема причина и не смее сега да биде поразлично бидејќи тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава.

За изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање од исклучителна важност е улогата на политичките партии кои се надевам и искрено очекувам дека наместо кампања базирана на навреди и местенки ќе се фокусираат на кампања и политика базирана на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата. Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија!

Драги пријатели,

И во моменти на политичка криза, и во моменти на соочување со глобални безбедносни ризици кои претставуваат сериозни предизвик за сите држави, како држава продолжуваме да бидеме фокусирани на реализација на програмата која е базирана на ветувањата кои се дадени во изборниот период и кои претставуваат наша обврска кон граѓаните. Бидејќи интересот на граѓаните мора секогаш да биде на прво место!

За таа цел и во овој период продолжуваме да работиме на основниот приоритет на Владата за намалување на невработеноста и отворањето на нови работни места. Историски најниското ниво на невработеност од 24,5% кое го постигнавме оваа година претставува доказ дека посветената долгогодишна работа вродува со резултат. Падот на невработеноста за 13,5 проценти во однос на минатото кога истата изнесуваше огромни 38 проценти е доказ дека имаме сила, знаење и енергија за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Дека Македонија може успешно да се справува со предизвиците и дека имаме сила за добри резултати.

Тоа е доказ дека борбата за нови работни места покажува резултати. Тоа е борбата на нашата генерација, за работа за секого, како чекор кон обезбедување на повисок стандард и плати за населението. За тоа говорат  илјадниците ново отворени места во технолошко-индустриските развојни зони во кои работат странските компании, кои препознавајќи ги одличните услови за инвестирање дојдоа во нашата држава и изградија свои фабрики, и вработувањата во домашните компании. А доказ дека бројот на ново отворени работни места дополнително ќе расте, се и голем број на ново најавени инвестиции и препознавањето на овој стратешки приоритет од страна на домашната бизнис заедница која и покрај сите предизвици не отстапува од политиката на вработување и поддршка на растот, за што сакам на овој празник да им оддадам високо признание.

Сакам да искажам благодарност и до сите еснафски организации, на здруженијата на земјоделците, на синдикатите, на пензионерите, на младите, на учителите, лекарите, административците, полицајците и војниците, социјалните работници, работниците по фабриките и во услужниот сектор, земјоделците по нивите, кои успеаја да го задржат фокусот, да ја препознаат вистинската приказна за денешната борба за Македонија и македонскиот суверенитет, да ја направат разликата која што ја прават години наназад и кои успеаја да придонесат и во услови на криза државата да функционира, да ги надминува предизвиците и да чекори напред, со помало темпо од она што го посакуваме но сепак напред. И така ќе продолжиме. Да одиме напред!

Овие групи и категории на лица имаа суштинска улога во пребродувањето на предизвиците, внатрешни и надворешни и тие заслужуваат голем пиетет. Тие го исполнија својот влог кон државата, во иднина државата со уште поголем интензитет и обем треба да им возврати. И ќе им возврати. По разрешувањето на кризата, и по изборите, државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус на реформи, на проекти, на задоволување на потребите на секој еден граѓанин на нашата земја. И ние како и досега сме спремни и подготвени да ја исполниме нашата обврска кон народот, бидејќи ние сме едно со народот. 

По изборите, мора и ќе продолжиме со силно темпо на секој дел од теренот, на уште повеќе капитални инвестиции и градежни проекти кои на оваа држава и носат нови патишта и булевари, нови железнички пруги, нови спортски објекти, училишта и градинки, нови здравствени установи, нови театри и музеи, голема раздвиженост во градежниот сектор, многу работа за нашите компании и секако нови работни места во истите.

Само така, градејќи ја Македонија ја градиме иднината на нашата држава. Реализираме и ќе реализираме проекти кои остануваат трајни вредности за македонските граѓани. Градби кои се капитал на државата.

Реализираното досега повеќе од доволно говори дека имаме капацитет и енергија да ја направиме Република Македонија силна држава. Затоа што ние не се штедиме и работиме многу затоа што само работата, трудот и постојанството, посветеноста и одговорниот пристап, како и исполнетите ветувања ја прават разликата.

Почитувани сограѓани,

На крајот би сакал да завршам со една прекрасна мисла од нашето минато која вели:

“Пет минути од секое деноноќие ќе и ги посветам на Македонија, за да се соочам со мојата македонска совест и да се уверам дека не е ништо она што сум го сторил за неа”.

Во духот на оваа мисла би сакал да апелирам до сите оние кои искрено си ја сакаат оваа земја, во прв план секогаш да им бидат интересите на Македонија, интересите на нашиот народ и на иднината на следните генерации ! Пет минути помисла за Македонија, за да сфатиме дека имаме доста направено, но и дека имаме обврска уште многу да направиме. Пет минути помисла а остатокот од денот работа за Македонија и во интерес на Македонија!

Да се огледаме на нашата историја, да поземеме пример од минатото, да се соочиме со нашата совест и да се увериме дека колку и да сме направиле, тоа се уште не е доволно во однос на она што Македонија го заслужува, а Македонија заслужува најдобро !

....Заслужува стабилност, заслужува развој и инвестиции во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, заслужува продолжување на добрите економски резултати, заслужува уште нови инвестиции, уште голем број на нови работни места, нови проекти, нови патишта, нови проекти во образованието, инвестиции во здравството, поддршка за земјоделството, културата, туризмот и сите останати сфери кои се од значење за секојдневното живеење.

Македонија заслужува развој и просперитет!

Ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија.

Нека ни е честит и за многу години големиот празник Илинден !

Нека е вечен споменот за илинденците !

Да сте живи и здрави!

Да живее Република Македонија!

Да живее илинденскиот дух!

Да живее европска Македонија!!!

Ми претставува чест што можам да учествувам во генералната дебата во годината во која ја обележуваме 70-та годишнина од основањето на Обединетите нации, дваесеттата годишнина од Пекиншката конференција, деценија и пол од усвојувањето на Милениумската декларација и една деценија од Светскиот самит во 2005 година.

Од 1945 година и крајот на разурнувачката војна што ги одзеде животите на повеќе од педесет милиони луѓе, Обединетите нации, цврсто посветени на промовирање на слободата од сиромаштија и слободата од страв, се етаблираат како неуморна движечка сила зад меѓународната заедница и позитивните промени во светот.

Критичарите на мисијата на ОН велат дека живееме во свет каде во одредени делови конфликтите се повторуваат, влијаејќи врз животите на милиони луѓе, во кој се појавуваат нови конфликти што влијаат врз други милиони животи. Свет каде распространувањето на оружјето загрозува невини животи и го поткопува економскиот развој, свет каде има сиромаштија, недостиг на колективна волја за договарање за прашањата што влијаат врз сите нас, како што се климатските промени. Живееме во свет на десетици милиони бегалци и раселени лица.

И покрај сето ова, јас не мислам дека Обединетите нации не успеаја во својата мисија. Напротив, организацијата ги реши или ги олесни и продолжува да го прави тоа, тешките ситуации и прашања кои никој од нас немаше да ги реши сам. И затоа ние редовно се среќаваме тука во Њујорк да дискутираме и да развиваме инструменти за тоа како ние, Обединетите нации, може подобро да се справиме со постојните и со новите предизвици од различна природа. Неуспесите не се само на нашата организација, туку главно на земјите-членки поради недостигот на политичка волја и понекогаш, храброст, за смели, но неопходни одлуки.

Нашите заеднички напори треба да бидат насочени кон зацврстување на системот за нивна гаранција, гледајќи ги и на индивидуално и преку колективното ниво (како на пример правото на именување кое е и индивидуално, а преку тоа и колективно)  и ние траба да ја дадеме целата наша поддршка кон напорите насочени кон тоа заштитата на човековите права да биде во сржта на стратегиите и оперативните активности на ОН.

Екселенции,

Она што нам ни е потребно и за сегашноста и за иднината е ООН да продолжи да ја игра својата улога на глобален лидер, за добробитта на човештвото. Во тој контекст, охрабрувачки е што земјите-членки одлучија да му дадат поголема улога на Генералното собрание во претстојниот избор на следниот генерален секретар. Имајќи го предвид фактот дека ниту еден Генерален секретар досега не бил избран од источно-европската група, ние силно го поддржуваме барањето на нашата група во таа насока. Република Македонија останува посветен поддржувач на мултилатерализмот со ОН во неговата средина и верува во предностите што мултилатерализмот му ги носи на светот. Тоа останува главниот принцип на нашата надворешна политика.

Екселенции,

Иако живееме во досега невидена ера на технологија, каде иновациите се бескрајни и ги прават нашите животи полесни, додека примери за посветеноста на научната заедница, како што беше ситуацијата со вакцината за ебола, донесоа надеж и можен лек, човештвото сѐ уште се соочува со прашања што им се закануваат на меѓународниот мир и стабилност, им се закануваат на нашиот развој и просперитет, ѝ се закануваат на нашата иднина. Во овој сѐ поглобализиран свет, каде денешните вести се веќе минато, каде никој не е изолиран од проблемите на другите, нам ни треба храбра промена во нашите политики.

Политиката на ПОСВЕТЕНОСТ, СОРАБОТКА И МУДРОСТ кон решавањето проблеми треба да биде нашата заедничка опција, и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман.

Потребно е да важи политиката на почитување и репроцетитет. Младите не смеат да бидат на линија на огнот во предизвиците помеѓу големите. Принципите на секој народ односно држава треба да бидат уважувани. Секоја држава има своја автохтона политика и таа се утврдува на избори низ демократија и неможе да биде вештачки наметната. Не преку уцени. Таа демократија извира природно од народот и неговата слобода да избере, од неговата волја да одлучи самостојно  и Организацијата на ОН мора да продолжат во негувањето на тој принцип, во заштитата на демократијата. 

Господине претседателе, 

Цврстите морални вредности треба да се носечки темели кои ќе ја артикулираат новата светска ралност и тие во својата суштина ги имаат фактите за слободата и човековите права за хуманоста и солидарност. Од искуствата во изминатите 70 години најногу преку работата на Организацијата на ОН и нејзините тела би требало сите земји членки колку што можат посветено да помогнат во обликувањето на реформите на ООН како светска организација на држави и народи кои слободно соработуваат меѓусебе. Идниот свет треба да биде повеќе слоен и мултитоларен, без безмислени војни за реставрација на минатото и слично заради што страдаат цели народи. Ние треба да се соочиме со реалноста и да ја подготвиме иднината за нашите потомства. Новиот човек треба да биде самосвесен, способен да сонува, да има идеали, мотив, стремеж, оти без нив не е возможен живот со полн капацитет. Да сочуствува со другите, а без солидарност ги отвораме вратите на деструкцијата и автодеструкцијата. Човечноста мора да се менува на секој начин  и секаде и секогаш.

Почитувани

Секој ден ме известуваа за илјадници стотини илјади  убиени, ранети масакрирани, раселени луѓе. Бројките на купче иако се доволни секого да уплашат сепак се само апстрактни доколку заборавиме дека секој од тие стотици илјади е всушност поединечен човечки живот кој бил насилно прекинат. Секој од нив уште утре може да биде било кој од нас и овде и во нашите земји. Затоа мора да останеме одговорни луѓе со развиена совест за своите лични постапки, за политиките што ги водиме, за партнерствата што ги склопуваме, за последиците што ги предизвикуваме сосовите одлуки. 

Би сакал да истакнам дека  Регионот на Југоисточна Европа, влегува во фаза на позитивен развој и генерално, националните и регионалните примарни цели се веќе исполнети или се на дофат. И покрај ваквиот напредок, одредени долготрајни, нерешени или делумно решени билатерални прашања имаат јасен негативен одраз врз нашата сегашност и блиска иднина, а за Република Македонија која се соочува со отворен спор, тоа се покажа како сериозна пречка за интеграциите во меѓународни организации. Тоа претставува оптоварување за напредокот за градење на капацитети за превенција од нарушување на стабилноста, и тоа во мигови на големи глобални искушенија.

Нашиот регион се соочува со два клучни стратешки и глобални предизвици, првиот е кризата со мигрантите и бегалците и вториот многу поопасен, аспирациите за посилен продор на ИСИС во Европа, кои појавуваат сериозни опасности за влијание на економијата и одржливиот развој, но многу пострашно преку агендата на ИСИС за рушење на општествата базирани на универзалните вредности и принципи кои ги штити ООН.

Денес не само мојата земја, туку и Балканот и целата Европа е соочена со илјадници бегалци, деца, жени, стари луѓе, семејства кои бегаат од крвопролевањата во нивната земја. Од почетокот на оваа година речиси 200.000 луѓе, главно Сиријци, минаа низ Република Македонија. Соседите на Сирија, на пример Либан, Турција, Јордан, се силно погодени, а првите знаци на општествена тежина се чувствуваат и во балканските земји, чии што економии не може долго изолирани да се справуваат со состојбите.

Но ние мораме да дадеме суштина на извинувањето и жалењето за изгубените и неповратни животи, суштина преку конкретни потези и чекори.

Од наша страна, ние ќе направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на овие луѓе кои имаат потреба, луѓе кои го бараат својот мир, својата надеж за безбедно патување, за безбеден и пристоен живот. Без разлики на економскиот и одржливиот аспект ние се трудиме да придонесеме за помош кон нив, надминувајќи и санкционирајќи одредени слабости во системот кој е поставен, но со силна посветеност да се придонесе во креирање на излезни позитивни решенија за овие лица согласно нивните потреби. Но, ние не можеме да го направиме тоа сами. Справувањето со овој проблем претпоставува посилен ангажман на Европската Унија во соработка со балканските земји, која би била од значење за засилување на соработката на конкретни нивоа. На тој начин, од овој предизвик ќе се извлечат позитивни ефекти кои покрај помагање на лицата во несреќа, ќе значат и конкретно унапредување на стандардите во балканските земји и имплементација на европските вредности и пристапи кај земјите аспиранти за членство. Низ соработка до решенија. Но круцијално, единствениот начин да ја решиме бегалската криза е Европа итно да се сврти кон главната причина за нивното страдање – во случајов сирискиот конфликт.Решението е во изборот, а никако проблемот не смее да се лоцира на места кои се само рефлекс офносно ефект од вистинската негова причина.  Постојните разлики околу решението мора да се стават настрана. Потребна ни е обединетост, заедничка позиција на Обединетите нации, на Советот за безбедност, како во примерот со позитивниот резултат со спогодбата за елиминација на хемиското оружје во Сирија, ситуацијата каде дипломатијата оствари силна победа.

Господине претседател,

Ситуацијата на Блискиот Исток останува сериозен проблем. Таа се влоши се појавата на ИСИС и нивниот распространет терор во регионот. Оваа безбедносна закана пред нас го постави предизвикот на странски борци, нови терористички закани, верска нетолеранција, насилен екстремизам, расна омраза. ИСИС не е закана само за Блискиот Исток, таа стана глобална закана на која никој од нас не е имун, а особено земјите од Југоисточна Европа каде што веќе ги имаме и првите отворени аспирации за поголема пенетрација на ИСИС, но и остварување на поголемо влијание кај населението заради регрутација, факти кои може да имаат сериозно влијание во нарушување на стабилноста на мултиетничките општества. Затоа, враќањето на мирот и стабилноста на Блискиот Исток, особено во Сирија и Ирак, е прашање од најголема важност. Позитивниот развој со договорот П5+1 со Иран за нуклеарната програма  сигнализира дека другите прашања на блискиот исток може успешно да бидат решени. Од друга страна, во меѓувреме е потребна конкретна демонстрација на политиката на превенција на конфликти, за која расправавме токму во ОН, и тоа токму во нашиот регион. Со заеднички ангажман на ОН, колективните системи за безбедност, но пред се преку соработка на безбедносните служби од регионот треба да се елиминира опасноста од радикализамот во било кој облик, ширењето на платформата на ИСИС, но и превенирање на изолирани конфликти или обиди за дестабилизација во овој регион. Акциите за сузбивање на јадрата на оваа организација кои се спроведуваат во земјите од регионот се позитивен исчекор, но треба да се продолжи и со правилен пристап кон населението кое е цел на нивната идеолошка индоктринација преку едукација, давање на можности и социјална инклузија базирана на вредностите на ОН.

Господине претседател,

Југоисточна Европа треба трајно да ја осигура својата стабилност и да граби кон економски напредок. Решавањето на отворените прашања, и тоа врз база на принципите на ОН, во што побрз период, треба да биде стратешки приоритет и предмет на интерес на ОН. 

Република Македонија останува активен и конструктивен актер во регионалното опкружување, давајќи значителен придонес на натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зацврстувањето на регионалната безбедност. Оваа година ние претседаваме со Централно Европската Иницијатива и се фокусираме на афирмирање и промовирање на регионалната поврзаност, развој на инфраструктурните и енергетски врски и одржливиот развој во регионот.

Главната стратегиска и надворешно-политичка цел на Република Македонија останува нашето членство во ЕУ и НАТО. Сите реформи преземени во земјата се во согласност со таа цел. Сите внатрешно-политички проблеми се решаваат во тој дух. Сепак, без оглед на внатрешно-политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон Евро-атлантската заедница на нации.

Дами и господа,

Едно нерешено прашање, кое за жал стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН, за жал, е разликата со Грција околу името на мојата земја.

Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение.

Нашата позиција е добро позната. Таа е во контекст на реалноста дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со  уставно име, Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука одлуката на Меѓународниот суд да правдата донесена во  корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, посебно затоа што токму тој суд е основан од Организацијата на ООН и тој треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на биалтералните договори склучувани под покровителство на ООН. Во спротивно довербата во Светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа и ќе се остава простор на сите оние скептици кои ги споменав и кои пробуваат неправедно и намерно да го оспоруваат нејзиното работење. Мојата земја, Република Македонија, во последните 25 години откако прогласи независност помина низ сопствена внатрешна, но и низ регионална европска и светска позиција. Не е добро да се добие впечаток дека Организацијата на ОН стојат настрана од овој процес кои силно ги попречува македонските апсирации за подобра иднина за граѓаните. Процес кој добива една поинаква димензија непочитувајќи го меѓународното право и правејќи преседант  кој понатаму може лесно да се злоупотребуваат за внесување дополнителна нестабилност насекаде. 

Треба сериозен ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање имајќи ја во предвид инертноста која во дел  е резултат на причини заради неповолната економска состојба и објективните предизвици со кои се соочуваат. Но и во еден дел и заради предолгото игнорирање на  ова прашање од меѓународната јавност и недостатокот на конкретен пристап на клучните играчи кои можат да помогнат, а кои не го приоритизираат ова прашање. Треба да најдеме решение како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме во еден позитивен дух  на пријателство и соработка со сите земји во регионот. Мора да продолжи да се движи мојата земја остварувајќи ги своите цели и заложби за добробит на нашата држава но и на целиот регион. 

Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, ние неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, а предрасудите ќе се надминат. 

Денешните генерации политичари од двете страни треба да направат овој спор кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го подржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување.

Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици.

Со таква една трајна стабилизација широко ќе се отворат можностите за реализација на економски напредок, за поголема соработка на сите земји во регионот во трговската размена и соработката на полето на инвестициите.  Сите ние треба да се стремиме кон реализација на крупни економски инфраструктурни проекти, кои ќе опфаќаат поголем број на држави, и со чија што имплементација следствено ќе се влијае на зголемување на бруто домашниот производ на сите земји партиципиенти и ќе се обезбеди отворање на десетици илјади нови работни места. 

На тој начин ќе продолжиме со стратешките цели за намалување на невработеноста која е суштинска цел од првиот ден на мојот ангажман во политичкиот живот, цел за која ние постигнуваме огромни успеси и напредок во изминатиот период. Иако може да звучи нескромно може да кажам дека сме една од позитивните економски изненадувања во Европа, привлекување на инвестиции, развој инвестиции во крупни проекти од инфраструктурата и други гранки, за подигнување на економскиот стандард на граѓаните, за развој во образованието и културата и во унапредување на стандардите во секоја сфера кои ќе донесат корист и за земјите и за регионот. 

Затоа, дозволете ми уште еднаш да апелирам тука, во Обединетите нации, додека се потсетуваме на принципите и целите на организацијата, дека двете земји мора целосно да го искористат меѓународното право и правда во решавањето на ова прашање на одговорен начин, почитувајќи ги притоа разликите во нашите позиции, а сепак во обид за нивно надминување, верувајќи во европските вредности и во нашата заедничка иднина.

Господине претседател,

Оваа година, под Ваше водство, Генералното собрание на Обединетите нации ќе мора да работи на многу прашања што се од клучна важност за сите нас. Во таа насока, дозволете ми да ја потенцирам нашата поддршка и да Ви посакам успех на сите. Република Македонија ќе продолжи да работи заедно со сите земји-членки на ОН за зацврстување на меѓународниот мир и безбедност, промовирајќи ги човековите права и постигнувајќи ги глобалните развојни цели.

На крај, би сакал да ја искажам нашата благодарност за водството и неуморните напори на Генералниот секретар на ОН во водењето на нашата организација.

Дами и господа,

Почитувани пријатели,

Почитувани присутни,

Денеска е 8 Септември. Денес ја прославуваме дваесет и четвртата годишнина од формирањето на независна, суверена и слободна Република Македонија.

Тоа достигнување чија кулминација беше со изгласувањето на референдумот на 8-ми септември 1991 година, беше завршница на формирање на сопствена држава, по многу години борба на генерации и генерации наши предци, огромен број положени жртви, уништени животи, затворања и малтретирања.

Формирањето сопствена држава не одеше ни лесно ни брзо. Одеше чекор по чекор, борејќи се и начекувајќи и искористувајќи одредени историски моменти за реализација на наредниот чекор.

Она што беше сврзното ткиво, она што како нишка провејува низ вековите во сиот изминат период и кога народот што живееше на овие простори беше под комунистичкиот режим, под фашистичката окупација, под српска или бугарска власт, под отоманската империја, под византиската и римската империја, или пак претходно, беше зборот -Македонија.

Некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, некогаш провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име. Некогаш, гласно, некогаш тивко, некогаш тајно, некогаш забрането, некогаш дозволено, некогаш јавно, некогаш признаени, некогаш непризнаени, некогаш со посилни, некогаш со послаби чувства, но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патописците, монетите,архивите, хроничарите или било која друга историска анализа.

Како што кажав во одреден период овој поим под притисок на разни поробувачи бледнее, некогаш се зајакнува, но опстанува, не умира, не се заборава или отуѓува. Блескавиот пробив на империјата која во антиката го носи името Македонија, останува синоним со кој се поврзуваат или некогаш и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор. Тој збор, тој поим, таа историска и географска одредница, во 19-от век во процесот на формирањето на нациите како поим во Европа, почнува да станува сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација а потоа и држава. Се разбира, покрај историскиот и географски збор Македонија, останатите сврзни ткива се јазикот, културата и обичаите.

Тој стремеж за слобода и независност добива на интензитет кон крајот на 19-от век, најпрвин со неколку позабележителни востанија како Кресненското и Разловечкото и формирање на интелектуални кружоци, а најмногу и најенергично со формирањето на Македонската револуционерна организација - МРО, која неколку пати го менувала името, но во колективната меморија на народот останува запаметена како ВМРО, која активно се бори за слобода, автономија и независност во едно тешко време, зад кое има близу петстотини години владеење на Отоманската империја. Колку и да не ја постигнала крајната цел во тоа време, оваа над четириесет годишна активност е јасен сигнал кој е кој на овој простор. Сигнал не само до владејачката империја и подоцнежното кралство кое ја зазема територијата по Балканските војни, туку и до цела Европа и до светот кој внимателно ги следеле случувањата на овој простор преку своите конзули и дипломати за што сведочат и огромниот број не само на архивски материјали туку и пишувања низ најпознатите весници во светот од крајот на 19-от до првата половина на 20-от век.

Тогаш, зборот Македонија почнува освен историско и географско да добива и едно друго значење. Започнува создавањето на нацијата, тогаш се никулците на создавањето на нацијата и свеста за потребата за долготрајна организирана борба за слобода и државност. Се разбира тоа не се случило преку ноќ тоа било еден долг процес на премрежија и преиспитувања, надворешни влијанија и притисоци, грешки и пропусти, предавства и разочарувања... Но процесот не запрел. Иако со одредено задоцнување зад повеќе европски нации и држави, таа национална свест и борбата за автономија, слобода и независност добиле силно на интензитет токму во тој период. Тоа е периодот кога луѓето кои живеат на овој простор независно на одредени контроверзии, поделби и несогласувања помеѓу нив, даваат јасно до знаење дека кој и да владее на оваа почва, треба да знае дека ќе има отпор, континуирана борба, жртви, нереди и нема да има мир сè додека македонскиот народ не ја оствари посакуваната цел.

Се разбира на овој простор и во овие активности не биле вклучени само оние кои се идентификувале како Македонци, туку и припадници на други нации и народи кои живееле на истиот простор, а кој се идентификувал со поимот Македонија. Борбата за слобода е заеднички плод на залагањата на сите нив, на Македонците, но и на сите кои заеднички со Македонците во различни етапи повеќе или помалку се бореле за таа слобода и независност на Македонија, како Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, христијаните, муслиманите, евреите, атеистите... Сите.

Таа борба продолжува и подоцна во Втората светска војна и дополнително добива на интензитет. Во редовите на таа борба која ја предводела Комунистичката партија, се вклучиле сите. Дел од нив биле идеолошки припадници или поддржувачи на Комунистичката партија и идеологија, но огромен дел не биле, но верувале и почувствувале дека тоа е историската шанса, историскиот момент за остварување на конечната цел, за извојување на слобода и за создавање на своја држава.

Еден од клучните сигнали кон сите припадници борци е фактот што Комунистичката партија на интернационално ниво, уште во самите зачетоци донела одлука да се признаат малите народи и нации и да им се признае државноста меѓу кои и на Македонија и македонскиот народ. Тие документи се усвоени во 20-те години, најпрвин на меѓународно ниво, а подоцна и на ниво на КПЈ, уште пред стапувањето на Јосип Броз Тито за нејзин Генерален секретар и останале непроменети до крајот на Втората светска војна по што и реализирани. Тогаш, имајќи го предвид даденото ветување од пред војната, имајќи ја предвид антифашистичката борба, имајќи го предвид деценискиот отпор и борба на македонскиот народ и другите народи на овој простор водени главно од ВМРО и имајќи предвид дека после таква крвава војна и борба за слобода на Македонија, неисполнувањето на даденото ветување ќе значи понатамошни крвопролевања и континуирани проблеми, имајќи ги предвид и потребите на тогашниот водач на КПЈ за баланс во државата со формирање на повеќе федерални републики, наместо со помалку и некои од нив да се предоминантни по големина републики, се создава историскиот момент кога се добива државноста, но само во рамките на Југославија.

Следуваат 45 години на тежок и брутален режим, но и на континуиран отпор на народот за целосна независност кој преку разни етикетирања, затворања и ликвидации се потиснува или прикажува на поинаков начин во тоа време. Сето тоа трае до следната историска шанса, која доаѓа со падот на комунизмот во сите земји во Европа, па и во Југославија и со распаѓањето на Југословенската федерација. Тоа е повторно историски момент, историска шанса, која правилно се искористува, за конечно создавање на слободна, суверена и независна Република Македонија, заокружено преку активностите на политичките партии и парламентот и запечатен со референдумот токму на овој ден на 8 Септември, во 1991-та година.

Генерацијата која ја издвојува независноста и самостојноста заслужува благодарност од сите следни генерации. Таа генерација во виорот на новите времиња и под татнежот на неприликите кои се случуваа во соседството успеа да донесе правилни одлуки и покрај сите парцијални слабости и недоречености на тие одлуки, сепак, ние оддаваме должна почит на таа генерација и таа генерација ќе остане запаметена во македонската историографија.

Оттука на овој ден, треба да ги спомнеме имињата на луѓето кои во 1991-та ризикуваа и успееја.

На Киро Глигоров и Љубчо Георгиевски, како претседател и потпретседател на Република Македонија, Стојан Андов, како претседател на парламентот, Никола Кљусев, како премиер на владата, потпретседателите и министрите во таа влада, од кои еден од нив, министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков, извршувајќи ја својата високо ризична задача во тој период го загуби и неговиот живот.      

Понатаму, сите пратеници во парламентот во тоа време, како и политичките партии кои партиципираа во парламентот, меѓу кои најбројна беше ВМРО-ДПМНЕ, втора најбројна СДСМ, партијата ПДП, социјалистичката партија на Македонија, Либералната партија како и другите политички партии кои имаа свои претставници во парламентот. 

Но пред сè и над сите нив е народот. Неговата решителност и одлучност да ризикува и да гласа за тоа што и тој и неговите предци со генерации посакувале и се бореле, слободна, суверена и независна Република Македонија.

Тоа беа денови на неизвесност на опасности од нови окупации и војни, денови кога секојдневно се шпекулираше дека може да бидеме нападнати и окупирани, а политичките предводници ликвидирани. Имајќи во обѕир какви војни беснееја низ поранешната југословенска федерација, шпекулациите не беа неосновани. Но, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите, одлучно излегоа на референдумот и гласаа, и за тоа треба да им се честита.

8 Септември е историски момент за Македонија, триумф на борбата и жртвите на сите претходни генерации. Триумф и на нашата генерација.

Јас лично бев студент во тоа време, само што бев наполнил 21 година и откога гласав во текот на денот, вечерта бев во толпата народ на плоштадот Македонија, каде го очекувавме објавувањето на резултатите од референдумот. Точно памтам на кој дел од плоштадот стоев и сликата од таа возбудлива вечер ја помнам како да била вчера. Откога се соопштија резултатите и се слушна еуфоричната радост, памтам дека прокоментирав: направивме своја држава.

Да, почитувани присутни. Свои на своето! Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето!

Оттогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме, ЕУ и НАТО.

Поминавме низ многу предизвици и премрежија, но сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода. Македонија, со сите проблеми со кои се соочуваше, одеше напред, некогаш побрзо, некогаш побавно, но темелите се зацврстуваа, а куќата се надградуваше.

Имавме успони и падови, залети и кризи, успеси и неуспеси, остварени и неостварени соништа, но државата се градеше и се движеше напред. Не секогаш исто и со посакуваната динамика, но зад нас се дваесет и четири години континуирана надградба на она што се оствари на 8-ми септември 1991 година.

Денешниот  голем предизвик на Македонија, откако веќе ја доби независноста е членството во ЕУ и НАТО и надминувањето на проблемот кој го постави Грција, а поврзан со нашето име и идентитет. Очигледно и за ова ни треба долга борба овој пат политичка и историски момент.

Веќе дваесет и четири години нашиот сосед нè оспорува. Во еден период ни имаше поставено и ембарго со затворање на границата во време кога ООН наложи затворање на северната граница. Издржавме многу предизвици на овој план, вклучувајќи ја и успешната битка пред меѓународниот суд на правдата во Хаг пред четири години. Веќе седум години е блокиран нашиот влез во НАТО и шест години се блокирани преговорите за влез во ЕУ. Многу негативни работи ќе беа избегнати и многу побрзо ќе се движеше развојот и напредокот на државата ако тоа не се случеше или ако не беше дозволено да се случи од сојузниците во овие организации. Другите членки на НАТО и ЕУ, особено најмоќните треба да стават крај на оваа неправда што ни се случува и на оваа наша голгота. Ако не за друго, заради своите принципи за почитување на меѓународното право. Го разбирам и го почитувам принципот на солидарност, но кога земјата на која ѝ се дава солидарноста е во право и сè додека нема одлука на меѓународен суд. Ние бевме и сме подготвени за разговор и компромис по ова прашање, но тој компромис не може да ги поткопа темелите на кои се создаваше и градеше оваа држава. Се надевам дека нашиот јужен сосед наскоро ќе излезе од внатрешните проблеми кои неколку години го дефокусираа од ова прашање и ќе отвори одлучен и искрен разговор за конечно негово затворање. Во меѓувреме членството во НАТО и во ЕУ остануваат на врвот на нашите приоритети и попатно ќе продолжиме со реформите кои се во склад со принципите и вредностите во овие две организации.

Економијата, инвестициите, новите работни места се вториот најголем наш предизвик, заедно со членството во ЕУ и НАТО. Фактот што деновиве ММФ објави дека сме во групата на петте најмалку задолжени земји во Европа ги потврди нашите досегашни тврдења. Одговорното однесување на овој план треба да продолжи.

Чекорот кој владата неодамна го направи со намалување на казните на фирмите и нивно нивелирање според економската моќ и бројот на вработени во фирмата е чекор кој внесува поголема правичност во санкционирањето на престапите и плод на одличната комуникација меѓу владата и приватниот сектор.

Големиот број инвестиции во последните години дури и во времиња на светски и европски кризи, ни помогнаа значително да ја намалиме невработеноста иако истата и понатаму останува голем предизвик. Значајно подобрената бизнис клима во земјата ќе продолжи да се надградува. Големи компании од различни држави во светот ќе продолжат да доаѓаат и да отвораат нови работни места, но и домашните фирми ќе креираат нови работни места и поголем извоз. Извозот во 2014-та во однос на 2006-та е речиси дуплиран и радува што една третина од тоа припаѓа на зголемувањето на извозот на домашните фирми.

Пред само две недели, во Штип, започна со работа фабриката на германскиот „Техникал Текстил“, која ќе вработи 1000 лица. Наскоро со работа започнува со работа германскиот гигант „Маккард“, кај Велес, кој ќе вработи 600 лица, а американскиот бренд „Ки сејфти системс“ во октомври ќе се всели во нивната новоизградена фабрика кај Кичево каде предвидува 1000 вработувања.

Со работа веќе утре на 9-ти септември ќе стартува и новата фабрика на италијанскиот „Диатек“ во скопската зона и ќе ангажира 250 лица. Привршуваме со договарањата на нова фабрика на глобална американска компанија која неодамна ја најавив, а која е  со седиште во Америка  и планира капацитет во Струмица и отворање на околу 1500 нови работни места, а свој влез неодамна објави и американската „Леар“ со околу 3000 лица во Тетово.

„Анфенол“ во Кочани, континуирано вработува и со новонајавените дивизии во зоната Виница - Кочани, се очекува да достигне до 2.500 вработени.

„Гентерм“ во Прилеп ќе ја почне изградбата на својата фабрика следниот месец каде предвидува 2.000 вработувања. „Технохозе“ ќе ја заврши втората фабрика во зоната во Скопје за дваесетина дена и ќе почне со нови вработувања, а „Еипл ленд“ треба да го заврши и отвори својот капацитет во Ресен каде постепено ќе се вработат околу 200 лица.

Министерот Бил Павлески ме извести дека работи со една мултинационална компанија од прехранбената индустрија која на пат е да рестартира неколку пропаднати капацитети од прехранбената индустрија и да вработи неколку стотици лица.  Министерот Висар Фида е во финиш на разговорите со една швајцарска софтверска компанија која ќе започне со 80 ИТ инженери, а со друга швајцарска компанија го договара терминот за почеток на градба на нивната фабрика за соларни панели во Скопје. Виктор Мизо е во финиш на разговорите со една американска компанија од автомобилската индустрија која треба да започне активности од почетокот на 2016-та скопската зона со план да вработи над 500 луѓе, а најдоцна следниот месец австрискиот „Текспорт“ треба да почне со работа во Виница во нивната нова фабрика каде ќе се вработат над 200 лица.

Христијан Делев ме информираше дека отворањето на „Кап Кон“ во Скопје ќе се случи некаде кон крајот на октомври, а во втората половина  на октомври очекуваме уште еден влез, овој пат на познат регионален бренд од прехранбената индустрија.  Другите членови на тимот исто така се во активни финализирања на договори со повеќе познати компании што се заедно говори дека ќе следуваат поголем број нови компании и илјадници нови работни места.

Во врска со актуелните внатре-политички случувања.

Договорот од 2-ри јуни, како и протоколот од 15-ти јули,  мора целосно и дословно да се спроведат и да завршат со парламентарни избори на 24-ти април 2016-та, после кои никој нема да може да има алиби и да не ги признава изборите. Доста и е на Македонија од бојкоти и од политичари кои немаат доблест да излезат пред нивната партија и пред народот и да признаат пораз. Реформите кои ги договоривме мораме да ги завршиме на време и квалитетно. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области.

Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен. Како е договорено и потпишано, така треба да се реализира, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број на стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла, на канцеларии, возила, и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки.

Го поздравувам враќањето на опозицијата во парламентот и ги потсетувам дека освен права како опозиција имаат и одговорност пред народот. Тие се платени од народот, совесно, одговорно и чесно да ја извршуваат својата функција како опозиција во парламентот. Така треба и да дејствуваат ако сакаат да имаат надеж да ја освојат поддршката од мнозинството граѓани во државата.

Почитувани пријатели,

Екстерното тестирање во училиштата се воведе откако во државата повеќе од една деценија и половина, бевме сведоци на необјективно оценување кај огромен број наставници и ученици. Причините за тоа се многубројни, но коренот е во атмосферата која ја изгради транзицијата, рушењето на основните морални вредности и појавата на ново печени богаташи кои преку ноќ се збогатија и недоволно посветеното време кон своите деца сакаа и почнаа да го заменуваат со притисоци кон наставниците да им пишуваат највисоки оцени на нивните деца независно какво е нивното знаење.

Со тоа постигнуваа краткорочен ефект на услуга кон нивните деца, покажување моќ и наводна грижа, а од друга страна несвесно создаваа паразити од нивните деца, луѓе со лоши животни навики пред се за добивање нешто без заслуга туку по нечесен и заобиколен пат и непријатности низ целиот нивен живот заради недоволното стекнато знаење.

Не е трагедија ако некое дете има некоја четворка, тројка, двојка, па и единица некогаш, ако тоа е израз на реалноста и реално вложениот труд. Пониската оценка треба да е аларм за родителите да се посветат повеќе на детето во правец да му помогнат или на некој начин да го поттикнат повеќе да научи, а не аларм да бркаат врски и да вршат притисок на наставниците за да добијат незаслужени оценки.

Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од  континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално оценување.

Јас знам дека екстерното тестирање не е совршено и може да се подобрува. И ние и во изминатите години го подобрувавме, а и сега работиме на нови подобрувања.

Но, најмногу разочарува што политичките партии, опозицијата, сака и од оваа тешка борба за помош на новите генерации да станат поуспешни и посреќни во животот, со менување на некои наследени лоши навики, со повеќе учење и пред се знаење, сакаат да исполитизираат и сето ова да го користат во политичко партиски цели. Многу е опасно кога учениците и родителите неодговорно ги гледаш како бројка на гласачи на кои треба да им се угоди за да гласаат за тебе, дури и кога правиш чекори со кои на долг рок им одмагаш, а тие во моментот не се свесни за тоа. Ако и ние се вклучиме во таа битка и почнеме да се натпреваруваме која партија ќе овозможи полесно земање диплома без знаење, каде ќе оди државата?

За каков напредок ќе зборуваме и за каков квалитет во образованието? Апелирам основните вредности да не се предмет на политичко поткусурување и собирање ситни политички поени. Основните вредности се столбот на општеството, не смееме да ги рушиме. Загрижувачки е отпорот на дел од народот кон знаењето и учењето. Мошне загрижувачки. Особено оној на дел од родителите. Формирањето на партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството.

Или да ја земеме за сличен пример математиката која сакавме да биде задолжителна на матурскиот испит барем кај оние кои се запишале во математичка гимназија. И тоа не напредна математика туку основна математика. Огромен отпор за нешто што е во прв план во сите напредни земји во Европа и во светот и веднаш поддршка од опозицијата преку нивниот пленум. Да го поставиме отворено прашањето. Зошто во без малку цела Европа, математиката е задолжителна на матурскиот испит, а во Македонија не смее да биде? Зошто никаде опозицијата ова не го користи како алатка за политичка битка? Зошто во ниту една друга држава нема протести против математиката на матурски испит? Зошто нешто што е нормално во другите држави кај нас не е нормално? Зошто некој мисли дека владата сака со тоа лошо да им направи на матурантите и зошто би им правела лошо? Зошто владата би се изложувала на политички ризик, ако не е научно докажано дека математиката ги развива центите за логика и рационално размислување кај секој човек и е предуслов за успешност во најголемиот број струки кои во иднина може да ги одбере матурантот?

Зошто гледаме да поминеме полесно за нешто што подоцна во животот ќе не направи неконкурентни и цел живот ќе минуваме многу потешко? И повторно ќе прашам, зошто заради дневна политика, некој го поддржува тоа? Со иднината на нашите деца правиме дневна политика. Ете им, го одложивме и тоа со математиката и законот за високо образование за септември 2016-та. Ајде да видиме колку заради тоа некој ќе гласа на изборите за опозицијата. 

На денот кога е формирана државата треба да си го поставиме прашањето, каде одиме како народ, нација, граѓани, општество, колектив, индивидуи? Дали некој верува големите индивидуални и колективни успеси ќе доаѓаат по заобиколен пат и без конкурентни со знаење и креативност индивидуалци? По којзнае кој пат ќе повторам: ние немаме избор. Ние сме мала земја во развој, без излез на море, без наоѓалишта на нафта или природен гас, без преголеми количини на рудни богатства. Не сме ни географски доволно големи или многубројни па, заради тоа да имаме големи пријатели. Во меѓународната политика големите пријателства почиваат на големи интереси. Кои интереси ги има некој од една педа земја како Република Македонија? Ние немаме избор освен да одиме напред со знаење, со учење, со развој на сопствените мозоци, на креативноста, со иновации, со развој на претприемачкиот дух, со вложување во себе.  А како? Ако сакаме високи оценки без знаење и ако градиме култура за поддршка на тоа? Како ако бегаме од основниот двигател на повеќето науки - математиката? Како, ако се плашиме од тестирање на нашето знаење во време во кое тестирањето е главната алатка насекаде во светот. Кој натпревар ќе го водиме ние?

Нормално, потоа ќе се следуваат фрустрации дека другите ни се криви за се. Не, за нашиот индивидуален па и колективен успех, одговорноста е наша. Колку ќе вложиме во себе, толку и ќе добиеме за себе. сè додека опозицијата планира на власт да дојде преку поддршка на незнаењето, ќе имаме проблем. Ве молам тргнете ги рацете од децата и од младите. Приказната со ЕУ и НАТО е прекрасна. Ама без знаење, без учење и во таа ЕУ, ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот. Секогаш други ќе управуваат со нашите животи и планови. Ајде да свртиме нова страница. Да градиме силни, по знаење и креативност индивидуи, па за  дваесет години да видите што е силна држава. Да не ги лаже некој луѓето дека ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми. ЕУ ни треба, таа е голема шанса, но за тие кои имаат развиен капацитет и знаење да ја искористат. За другите многу малку ќе им смени. сè зависи од нас.

Времињата се менуваат, но во секое време, знаењето е константа која носи успех. Еве на пример, во февруари годинава стапи на сила новиот Закон за администрација, кој за секој еден кој сака да се вработи во администрација, предвидува одредено ниво на познавање англиски јазик кое се докажува со меѓународна диплома која не може да се стекне никако поинаку освен со учење и знаење и за секој еден кој ќе сака да се вработи во администрацијата ќе се следуваат неколку тестирања на знаењето, на психолошкиот профил и интегритетот и слично. Тестирањето е обмислено на начин што без знаење нема никаква шанса да се избори пласман во врвот на ранг листата. Повеќе нема да биде од помош ни припадноста на етничките заедници, затоа што и кандидатите од различни етнички заедници ќе се тестираат и рангираат на ист начин секој во својата група на етничка заедница. Да, ќе се примаат потребниот број на Македонци, или Албанци, или Турци, Роми, Власи, Бошњаци ама ќе се вработат оние кои ќе имаат најдобри резултати на тестирањето. А тестирањата во живо ќе се пренесуваат на интернет на веб страната на институцијата, освоените бодови освен на компјутерот истовремено ќе се појават на голем семафор во просторијата од каде се гледаат во живо преку интернет преку преносот на веб страната, на секој кандидат софтверот ќе му распредели различни прашања, од претходно објавен голем базен на прашања. Не постои шанса за успех по заобиколен пат. Знаењето ќе биде единствениот критериум.

Почитувани присутни,

Како што неодамна кажав, демографијата, наталитетот и фертилитетот останува на врвот на нашите најголеми предизвици. Во изминатите недели излегоа многу статистички информации, кои покажуваат две работи:

Прво, владините мерки даваат видливи резултати и трудот и напорите се исплатеа иако многу скептици не веруваа во тоа. Трето дете во семејство не е веќе вистинска реткост туку е сè почесто и полека станува но сигурно хит, станува мода, станува нормално сè повеќе. Ако пред седум години беа вистинска реткост, веќе нема улица или влез во зграда каде нема по еден или повеќе случаи на семејство со три или повеќе деца. Бројот на трето родени деца во 2008-та е 2.677 трети деца во семејство, додека во 2014-та е 3.715 трети деца во семејство, што е раст од без малку 40 отсто. Тоа се цели 1.038 повеќе семејства само во текот на една година кои се одлучиле да имаат трето дете, споредено со 2008-та. Во 2008-та се родиле вкупно 22.945 деца, а во 2014-та, 23.674 деца, што е плус 729 деца, и раст од 3,2%.

Второ, бидејќи ова прашање не се  третирало од поранешните влади на време, на пример десет, петнаесет или дваесет години пред ние да се зафатиме со ова прашање во 2008-та, сега во наредната деценија ќе се соочиме со ниска фертилна база. Тоа значи ако значително помал број на жени во доба кога може да родат деца споредено со пред дваесет или триесет или повеќе години. Преку илустративен пример ќе објаснам ако некогаш во еден период во некое место имало сто жени во доба кога може да родат деца, сега има шеесет или седумдесет такви жени. Дури и ако сите раѓаат по три деца, што сè уште е невозможно, пак бројот на население нема да расте.

Но барем, ќе се создаде односно ќе се врати култура на повеќедетни семејства и ќе се запре деценискиот пад на наталитетот.

Годинава за прв пат во прво одделение се запишаа над 1.000 повеќе првачиња отколку лани. Тоа со децении не се случило на овој простор.

Дами и господа,

Засега добро се справуваме со проблемот на транзитните илегални емигранти. Но овој проблем е темпирана бомба која човек не знае кога ќе експлодира. Зависи од многу фактори кои воопшто не се поврзани со нас. Тргнувајќи од политичките, безбедносните и економските состојби во земјите од каде тие доаѓаат, преку одлуките на владите во регионот и најмногу од одлуките на најмоќните европски држави во врска со справувањето со оваа појава која неодамна ја нареков нова голема преселба на народите. Овие кои сега транзитираат кон ЕУ се главно припадници на т.н. средна класа во нивните земји, голем дел од нив со солидно образование и кои можат да си дозволат доволно пари за таквото патување. Сиромашните, кои се најголемиот број од граѓаните на тие земји, главно, сè уште немаат тргнато и се изненадени од успехот на оние кои тргнаа и пристигнаа во западна Европа. Кога тие ќе тргнат, тогаш проблемите ќе нараснат.

ЕУ сè уште нема изградено заедничка стратегија по ова прашање. Постојат многу морални дилеми и крупни несогласувања. Сепак, се чини, успехот зависи од тоа, колку длабоко и колку доволно и побрзо ќе се интервенира заради решавање во изворот на проблемот, во причините зошто тие бегаат и доаѓаат во ЕУ. ЕУ е свесна за понатамошните проблеми и можни последици од така нагол прилив на толку многу луѓе со различни култури, степен на образование, религии, обичаи и начини на размислување и делување. Од друга страна е хуманиот аспект, на кој мора да се води сметка. Ова е еден од најголемите предизвици за ЕУ во поновото време, за кој се надевам дека брзо ќе изгради некоја заедничка стратегија.

Почитувани присутни,

Македонија е држава каде живеат граѓани од различни етнички заедници и религии. Бројните расправии на меѓуетнички план, пресметувањето на бројките и процентите од рамковниот договор, различните негови толкувања, имаа различни ефекти. Од една страна рамковниот договор разреши многу работи и трасира пат на разбирање меѓу различните етнички заедници по конфликтот во 2001-та. Од друга страна, преголемата оптовареност со тој договор, гледано човечки и емотивно малку нè оддалечи како луѓе, како соседи, соработници, сограѓани, блиски. нè натера наместо како луѓе, сè повеќе да се гледаме како бројки. Неодамнешните поплави во северозападна Македонија кои предизвикаа повеќе невини жртви и огромна материјална штета, нè натераа малку повеќе да се почувствуваме пред сè како луѓе од крв и месо, а не како некоја „друга страна“ или друг етникум,.. Повеќе свои, а дури потоа како припадници на некоја етничка заедница или вера. Поплавите ни одзедоа повеќе животи и многу пари за санирање на штетите, но барем донекаде нè доближија како луѓе и нè потсетија на некои заеднички вредности. Се виде на дело, дека луѓе на луѓе, соседи на соседи,  помагаат кога е најтешко и во такви моменти не е важно кој што е. Така треба секогаш да биде.

Ја видов одблиску маката на тие луѓе во Шипковица и во Речица и тоа кога им беше најтешко.

Но, го видов и поривот на сите останати да им помогнат, на оние кои до вчера ги гледаа како опасност или како некој со кој треба да имаат дистанца. Ја видов и благодарноста во очите на оние на кои им се помагаше.

Драги пријатели,

Луѓе сме пред сè. Да не го забораваме тоа. Ова не значи дека не треба да го исполнуваме рамковниот договор. Треба. Но да не ја заборавиме човечката димензија. Да не дозволуваме несреќите да нè потсетуваат дека Бог така одлучил и нè довел на едно место  заедно да живееме и треба заеднички да работиме животот да си го направиме поквалитетен и посреќен.

Деновиве се актуализира и темата околу легализација на марихуаната за медицински цели.

Мојот став по ова прашање е дека општата легализацијата на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би довело до лоши последици долгорочно. Истовремено, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано. Не од политичари или новинари или пак политички аналитичари туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база. Потребно е темелно да се проучи зошто во некои држави во Европа и САД овие лекови се дозволени, а во некои не, и какви се нивните искуства. Дури потоа може да се заземе став по однос на овој вид медикаменти.

Почитувани присутни,

Македонија направи огромен напредок во овие дваесет и четири години на независност и сувереност, но потребна е уште многу работа. Мораме да останеме фокусирани на континуирани реформи и фокусирани на стратешките цели. Како влада тоа и ќе го правиме, но паралелно ќе останеме во директен контакт со народот. Одењето на терен и соочувањето со проблемите на луѓето и нивно решавање во случаите кога е можно, ќе ја одржуваат бистра сликата за реалноста кај политичарите и функционерите кога се дизајнираат реформите.

Мораме да продолжиме директно да се соочуваме со проблемите на луѓето, да ветуваме и да го реализираме нивно решавање. Независноста ни даде одврзани раце да бидеме свој на своето. Сами како држава и народ да ги носиме одлуките за нас. Сега, оваа наша држава, мораме на најдобар и најефикасен начин да ја модернизираме, зајакнуваме и континуирано да ја реформираме кон подобро. За доброто на народот, бидејќи народот е државата.

Нека ни е честит 24-от роденден на независна, суверена и самостојна Република Македонија!

Нека е вечен празникот и нека е вечна Македонија!

 

 

Почитувани граѓани, 

Денес сме собрани тука на ова место пред споменикот на Методија Андонов Ченто на централниот градски плоштад, плоштадот Македонија, во главниот град на слободна, независна и суверена Република Македонија, да го одбележиме националниот празник 2 август, на ден Св.Илија, кој има повеќекратно значење за Македонија, за македонците но и за сите граѓани на Република Македонија.

Денес е голем празник за големите дела и настани од нашата историја !

Денес е голем празник за големите луѓе од нашата историја !

Денес одбележуваме 71 годинa од АСНОМ и 112 години од Илинденското востание. Денес е ден кога Македонија се сеќава, денес Македонија одбележува, денес Македонија ги слави хероите, делата и вредностите!

Илинденците од 1903тата и антифашистите-народноослободителни борци се нашиот паметник.

Тие се темелот на нашата денешна држава и слобода. Многу им должиме на нив, на нивнта лична жртва.

Пред малку положивме свежо цвеќе пред споменикот на президиумот на АСНОМ, и на претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Со почит поминавме покрај споменкот на основачите на МРО-организацијата во чија организација беше спроведено  илинденското востание на поголем дел од територијата на Македонија, на 2ри август  во 1903тата, како и покрај споменикот на Питу Гули, човекот кој свесно одлучи да го положи животот на Мечкин Камен за да го симболизира македонскиот отпор и непокор, поминавме и покрај паметникот на Кузман Јосифовски Питу, еден од клучните идеолози во НОБ. Тука се и паметниците на Гоце Делчев, Даме Груев, и многумина други великани на нашата историја. На влезот на главниот град е паметникот на Михајло Апостолски, командантот на партизанските сили, и според многумина најавторитетната личност меѓу борците во Македонија во тоа време на големи борби и жртви. Македонија не ги заборава. Македонија ги слави нивните дела, нивната храброст и нивната жртва. Сите генерации кои доаѓаа по нивната смрт, паметат и почитуваат, нивниот напор и стремеж кон највисоките цели.

Секоја генерација има свој стремеж кон највисоките цели. Во различно време, различни се целите и највисоките цели. Во времето на нашите Илинденци и асномци стремежот кон највисоката цел беше слободата и државноста која денес  ја имаме. Тие беа темелите на остварувањето на таа цел, која генерации и генерации подоцна ја надоградуваа, и во иднина ќе ја надоградуваат.

Денешниот празник....денешните чествувања, сите одбележувања по повод Илинден, во Крушево, во Пелинце, тука во Скопје, во секое село и град во Македонија, во дијаспората, секаде каде што има луѓе кои си ја сакаат оваа земја како татковина,....сите тие прослави  јасно говорат  дека ништо не е заборавено.

...И Ченто и Кузман и Гоце Делчев и Даме Груев и Апсотолски и Брашнаров, Татарчев и Павел Шатев, Христо Узунов и Чакаларов, и сите други знајни и нејзнајни јунаци можат да бидат мирни во своите вечни почивалишта.

Нивното дело и нивната жртва вредеше, целите се остварија. Генерациите паметат и се заблагодаруваат на нивната жртва. Нашата генерација памети ! Нашата генерација добро знае кој и зошто гинел за Македонија ! ...Кој и што направил за слободата која денес ја живееме....Секоја манифестација, секоја песна, секое наздравување денес е во име на нашите предци кои кога било потребно се запишале во историјата и со име и со дело и со чест, и со лична жртва!

Нека им е слава и чест на нашите херои! На целата илинденска генерација и на целата антифашистичка генерација !        

Нивното дело за навек ја задолжи Македонија и сите идни генерации ! ..Да се сеќаваме, да прославуваме, да одбележуваме и да земеме пример како се сака Македонија и како се работи за својот народ ! И како се бори за остварувањето на највисоките цели!

Почитувани,

Методија Андонов-Ченто- првиот Претседател на Македонија пред чиј споменик денес се наоѓаме, истакнал:

Мака ми е што нема да напишам некои работи, коишто историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да се знае кој и зошто гинел и кој и што направил за неговата слобода...

Сигурно е ако Ченто имаше можност да напише што се знае за таа борба, ќе дозневме за многу детали кои денес можеби не ги знаеме, но тоа што тој го направи, колку и во некои децении да се ставаше под тепих, денес сите го слават. Тој беше спречен да продолжи да ја шири идејата за независна Македонија, но семето кое го распрснуваше беше фатило корен, и идејата продолжи да се шири, до нејзината реализација. Неговиот грев беше дека сакаше ние да имаме независна држава. Денес, неговата идеја и неговата борба се слави, како што се слави борбата на генерациите борци и идеолози од двата Илиндена.

Тоа е и нашата прослава денес на ова место, кое се наоѓа наспроти музејот на македонската револуционерна борба. Едно од симболичните гестови на одбележувањето од  оваа генерација, се градењето на спомениците на великаните на македонската историја, музеите, имињата на улиците, булеварите, плоштадите,населбите и мостовите, со нивните имиња, книгите и монографиите за нив, документарните филмови за нивните дела и страдања, ликовните дела и други симболични чекори и гестови со кои се залагодаруваме на нашите предци кои се жртвуваа за својот народ. Но тоа се симболичните гестови.

Најважните чекори во правец на продолжување на нивните дела, е зацврстувањето и напредокот на државата, обезбедувањето на мирот и безбедноста на земјата и  на народот, подобрувањето на животот на народот во секој поглед, развојот на демократјата и човековите права, развојот на образованието, на економијата, на владеењето на правото, обезбедувањето на стабилност на државата и нејзин континуиран напредок во секој поглед.Трката во напредокот со другите држави и народи. Чекорењето на пататот кон ЕУ и НАТО, донесувањето на компании со највисоки технологии и пренос на знаењето на нашите луѓе кои работат и управуваат во нив, отворањето на нови работни места, битката за повисоки стандарди на секое поле и во секој сектор, спроведувањето на континуирани реформи, и реализацијата на илјадници проекти,  решавањето на крупните проблеми кои го оптоваруваат народот или државата, справувањето со најголемите предизвици и кризи, давањето многу нови можности за новите генерации, тоа е нашата борба и нашиот стремеж кон највисоките цели. Посилна држава, посреќен и помоќен народ во неа.Во слободна и независна Македонија, каде ние политичарите отчетот го даваме пред народот, а тој избира кому ќе му ја довери довербата да ја води државата, и во кој правец.

Но да не заборавиме, Делата на генерациите зад нас ни го трасираа патот и ни овозможија денес да се натпреваруваме на полето на напредокот.

Една од пораките која во аманет ни ја оставија е дека треба постојано да се стремиме кон напредок, и само кон напредок.

“Да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме” рече Гоце Делчев.

 Од тој стремеж за постојан напредок ние никогаш нема  да се откажеме.  Тоа е нашата движечка сила Една од причините поради која овој ден останал запаметен повеќе од еден век не е случајна. Има причина зошто нашата нација веќе 112 години се навраќа на делата на своите предци. Восхитот кој го чувствуваме за нивните остварувања и за остварувањата на нивните следбеници од народноослободителната војна постои со причина. Неисцрпната сила на овие луѓе служи како поттик и охрабрување за сите следни генерации и за нас како нивни наследници. Тоа е постојаниот стремеж за напредок!

Големо е делото кое треба да го надградуваме, но подеднакво голема е и честа да се работи за Македонија! Должноста на нашата генерација е да ја оставиме државата на нашите деца посилна, поразвиена, подостоинствена и постабилна отколку што сме ја наследиле од нашите татковци.

Можеби на моменти е тешко, но „ништо што некогаш било вредно да се достигне не било лесно“. Празниците како што е Илинден, нашите предци и минатото кое го славиме, не научија дека нема цел која неможе да биде постигната.

Ние знаеме што сакаме и каде одиме ! Во секоја од областите во која работиме, нашите цели се поставени доста високо !

Стремејќи се кон највисоките цели, ...за да биде подобро, за да биде поубаво, за народот да живее побогато, да има поголем стандард, да има работа, да има фабрики, да има иновации, да има нови патишта,  да напредуваме во образованието, во здравството, во земјоделието, културата, спортот, туризмот...Во секоја област работиме со неисцрпна енергија, со голем ентузијазам, со голема верба во себе и со неизмерна љубов за својата земја и за својот народ. Ние мора да останеме фокусирани на реалниот живот, на реалните проекти кои носат корист за нашиот народ, и го подобруваат животот за семејствата, за граѓаните, за земјоделците, за работниците, за учениците, студентите, за бизнис заедницата..

Земаме пример од најдобрите во светот. Се трудиме да ја придвижиме Македонија кон најуспешните во светот. Без разлика за кое поле се работи, ние не се плашиме да се натпреваруваме. Нашите погледи се насочени напред кон најуспешните во секое поле. Таквите амбиции водат кон високи цели....високите цели водат кон предизвици ....предизвиците бараат многу работа, пропратена и со многу препреки и проблеми, но таквата работа секогаш води кон успех.

Успехот понекогаш може да биде оспорен, но тоа е краток миг, тоа е капка во море, тоа не може да трае, секогаш успехот се валоризира, и секогаш тој останува видлив. Го спореа и успехот на илинденците,  го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација, но тој не може да се скрие, нашите дела се видливи, нашите дела, нашите реформи, проекти, политики, новите фабрики и нови работни места кои носат не само нови технологии, туку и нови перспективи особено за младите генерации, успесите во развојот на администрацијата, судските реформи, реформите и напредокот во здравството, новите можности во образованието, подршката на иновациите и на  претприемништвото и бизнисот, подршката и напредокот на земјоделието, помагањето на пензионерите, развојот на туризмот,   градбата на патиштата и автопатиштата, стадионите, аеродромите, салите, школите, болниците, паметниците, автобусите, тракторите, се за целиот овој народ.

Успехот на нашата генерација е успех на нашата генерација. На секој еден од нас, и особено на оние кои го подржуваат таквиот прогрес, но и на оние кои не го поддржуваат толку многу  и го критикуваат.И тие многу допринесуваат во заедничкиот успех. Секоја критика, поттикнува кон позитивни корекции и подобрување, особено ако е реална. Секое подобрување носи поголем успех. На сите. Заслугите се поголеми кога се заеднички. И успехот е поголем кога е заеднички. И предизвиците треба заеднички да ги решаваме, затоа што тоа се наши предизвици. И проектите заедно треба да ги славиме затоа што тоа се наши проекти. Проекти на нашата генерација.  

По остварувањото се гледа вложениот труд. Чекор по чекор, проект по проект, тула по тула, работиме макотрпно за да поставиме што повисоки стандарди за европска Македонија, ..што повисока основа под која нема да може никој повеќе да се спушти....што повисока основа од која ќе може да се качиме погоре и да целиме што повисоко, кон повисоки цели ....И сигурен сум дека таквиот пример ќе го превземат и многумина други генерации после нас, или како што кажал Павел Шатев цитирам:

„Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото... Ако останатите генерации Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат и други подобни акции....

И јас цврсто верувам во овие зборови. Верува нашиот народ, затоа што нема успех без напор, нема успех без предизвици. Ние цврсто ќе останеме да чекориме по трасираниот пат од илинденците и антифашистите. Идните генерации нас ќе не следат. Ние имаме уште многу што да покажеме, уште многу проекти треба да исполниме кои сме ги ветиле, а ветувањата мора да се исполнат. Затоа што и илинденците и антифашистите дадоа ветување дека ќе се борат до крај, дека ќе работат за Македонија, и тие го исполнија своето ветување. Мораме и ние и сите по нас, да ги исполнуваме нашите ветувања, стремејки кон највисоките цели.

 Последната од нашите нови крупни предизвици се последните препораки на ЕУ поврзани со поглавјата 23 и 24, кои ги вградивме како составен дел на нашите цели, и на кои силно и интензивно работиме. За да го зајакнеме, подобриме и надградиме доброто функционирање на  државниот систем на повеќе полиња. И тоа ќе го спроведеме.

Следното лето е следниот самит на НАТО, организација во која Македонија цели да стане составен дел. Ќе работиме силно во правец да ја оствариме таа цел.

Повремените кризи во државите се составен дел во развојот на секоја држава, а особено кај помладите држави. Справувањето со тие кризи и извлекувањето одредени придобивки,  напредоци, и поуки од нив, е нешто што и во тие кризи ги придвижува државите напред.

Таков мора да биде случајот и со последната политичка криза во Македонија. Во оваа криза направивме се, меѓуостанатото, да го спречиме запирањето на доаѓањето на нови фабрики и компании кои отвораат нови нови работни места но и нови перспективи за нашиот народ. Ова беше еден од најголемите предизвици во изминатиот период.

Зад нас се и две меѓунардни глобални економски кризи со силно влијание на нашата економија. Погледнете, најголемиот дел од мерките кои ги превземавме за нивно справување, не само што ни помогнаа во тој тежок период, туку останаа и трајни зајкнувања на нашиот економски ситем. Затоа, паметните нации од секоја криза излегуваат посилни. Македонија е држава со мудар народ.

Мораме да се  соочиме и справуваме со проблемите и заканите на денешното време. Мигранскиот бран што ја зафати Европа, ја стави Македонија засега во својство на транзитна држава, со можност тоа во иднина да се промени, и да почнат мигранти од различни азиски или африкански земји да се задржуваат во Македонија. Тоа е и доправа ќе биде сериозен предизвик. Ако некој мисли дека оваа мигранска криза е некаков бран кој ќе помине набрзо, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе растат.Ќе бидат потребни дополнителни напори, дополнителни мерки, и политики на сите држави во Европа и на Македонија. 

Заканите од тероризмот демнат над нас, како и над цела Европа. Радикалните групации отворено се закануваат, а повремено и дејствуваат. Мораме да ги јакнеме нашите капацитети во справувањето со нив, и мораме да се справуваме со нив. Неодамнешните настани во Куманово, и повремените фрлања бомби или гранати, се само потсетник дека ваквиот вид закани не е само некаде далеку од нас, во Франција, или во Белгија, во Норвешка или во Америка, во Ирак или во Сирија. Тие може да дојдат ивоншата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски. Не смееме да останеме пасивни на овие движења и мораме колку што е можно превентивно и активно да делуваме. Во тој правец треба да работиме на зајакнување на нашите одбанбени и безбедносни сили, бидејки кога доаѓаат заканите, тие се на браникот на одбраната.

Кризата кај јужниот сосед, и нам ни направи штета. Како економски, заради блискоста и поврзаноста на нашите економии, така и политичка, пред се заради целосно дефокусирање на нашиот сосед од решавањето на нашиот билатерален проблем, што нас  веќе цели 7 години, неоправдано не чини членство во НАТО, и веќе слободно можам да кажам и членство во ЕУ, затоа што ако немаше блокада на започнувањето на преговорите во 2009 тата, ние денес ќе бевме член на ЕУ. Посакуваме нашиот јужен сосед, побрзо да ги надмине актуелните економски предизвици, и да го врати фокусот на нашиот билатерален проблем и блокадата врз нас.

Историјата е важна, но не смее да биде пречка за иднината. Затоа важни се напорите, историјата да ја оставиме на историчарите, на науката, на образованието, и секој кој сака да ја проучува, анализира, да ја славиме, одбележуваме  да извлекуваме поуки и мудрости од неа, но  државите и народите на балканот мораме да градиме нови мостови за посреќна заедничка иднина на нашите народи.

Демографијата останува во врвот на нашите предизвици како држава. Иако, со солидни ефекти од превземените мерки во последните 7-8 години, кои што изненадија многумина скептици кои не веруваа дека било какви мерки на Владата воопшто ќе вродат со некаков резултат, сеуште, ниската фертална база која не очекува во наредната деценија, е голем предизвик. Овој би рекол европски предизвик, кај мала нација има позастрашувачки ефекти, отколку кај големите нации. Загрижува и воспоставувањето пракса на се подоцнежно стапување во брак на младите, што се одразува и на бројот на деца во семејствата.

Последната порака која денес би ја испратил е до другите политички партии. Не потценувајте ја дијаспората. Најновите притисоци кои доаѓаат кон нас а во правец да се елиминираат пратениците на дијаспората, заради калкулантски дневно политички ситни интереси, ќе ја оддалечи од нас оваа структура на луѓе која непрестајно, и во добри и во тешки времиња помага на Македонија. Барањата преку разни законски акробации, да се сведе работата на ниеден или најмногу еден пратеник од дијаспората, ќе испрати лош сигнал до најверните наши надворешни подржувачи. Ако јас се прашувам бројот на пратеници од дијаспората треба најмалку да се триплира, а не да се елиминираат и сегашниве. Дијаспората, не само што испраќа огромна финасиска помош за нивните блиски во Македонија, туку со душа и со срце помага и на многу други начини, преку политички и економски лобирања, но се повеќе и преку помали или поголеми инвестиции во Македонија. Во бројни ситуации кога се боревме да привлечеме компании во Македонија, различни здруженија на дијаспората ни отвораа врати на многу места, лобираа и помагаа колку што можеа.Немојте да го потценувате нивниот труд. Независно што мал дел од нив гласаат, ќе ги погоди и оние кои гласаат и оние кои од различни причини во овој период не гласаат, и оние кои не гласаат. Симболиката со нивни минимален број преставници во парламентот им значи, и треба да останат.

Почитувани граѓани,

Ние имаме дадено ветувања пред Вас.Нема скршнување од нашите ветувања, дадени пред народот. Тоа е, и тоа мора да остане фокусот. Се друго е споредно. По некоја грешка имало и ќе има. Но, покажавме дека имаме доблест да признаеме грешка и да ја корегираме. Да го следиме ипулсот на нашиот народ. Денес ние ја имаме одговорноста да работиме за нашиот народ и ние таа одговорност ќе ја оправдаме. Економскиот раст, зајакнување на стандардот на граѓаните, изградбата на нови капитални дела, реформите во секоја област за унапредување на секој стандард, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО се следниот Илинден кој го сонуваме, за кој работиме, кој го очекуваме и кој ќе го оствариме. Затоа што ние знаеме дека тоа го заслужуваме и дека сме кадарни тоа да го оствариме. Оваа, нашата генерација!

            Да живее 2 август –денот на двата  Илиндена!

            Да живее споменот на Илинденското востание и на АСНОМ!

            Да живее слободна, демократска, независна и суверена Република Македонија!

            Да живее европска Македонија!

Владата на Република Македонија од денес па во наредниот период започнува со сеопфатна кампања за безбедност во сообраќајот чија првенствена цел е да се влијае врз подигнување на свеста на граѓаните учесници во сообраќајот за почитување на пропишаните правила и прописи.

Причината за отпочнување на оваа кампања е потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од несaкани незгоди во сообраќајот.

Оваа кампања се однесува и е насочена кон сите учесници во сообраќајот. Возачите, велосипедистите, пешаците.

Слоганот на оваа кампања е ПОЧИТУВАЈ ГИ ПРАВИЛАТА, ПОЧИТУВАЈ ГО ЖИВОТОТ!

Поентата е да се даде на значење и поголема свесност кај факторот човек дека почитувањето на правилата покрај тоа што секогаш е добро, рационално и исправно пред се и во оваа смисла претставува заштита за самиот човек, за неговото здравје и за неговата безбедност. Со почитувањето на правилата се почитува и животот.

Загубата на човечки живот во сообраќајна несреќа преставува ненадоместлива загуба, загуба за семејството и за нивните блиски, загуба за општеството, но и сериозна загуба за државата од општествен, економски и социјален аспект, при што економските аспекти достигнуваат и до 2% од националните буџети.

Податоците покажуваат дека во светски рамки бројот на жртви изнесува околу еден милион и триста илјади жртви годишно, или како секој ден да паѓаат по десет авиони Џамбо џет со триста патници.

За жал податоците покажуваат дека на патиштата во Република Македонија секој втор ден згаснува по еден живот. Бројот на загинати во сообраќајни незгоди во 2013 година достигна 198 лица или 9 жртви на секои 100 илјади жители.

Оваа состојба може и мора да се надмине! Зависи од секој од нас, од секој член на нашето општество, од секој возач на автомобил, на велосипед, на мотор, од секој пешак и од секој учесник во сообраќајот. Невниманието е немилосрдно, може да наштети на секого.

Кампањата за безбедност во сообраќајот дава и конкретни совети, алармира и врши едукација на учесниците во сообраќајот.

Централната порака на оваа кампања е ВОЗИ БЕЗБЕДНО СО ВРЗАН ПОЈАС! Таа се однесува на возачите на автомобили, камиони, автобуси, кои претставуваат процентуално најголем учесник во сообраќајот. Неврзувањето на појас е една од главните причини за настанување на тешки телесни повреди на возачите или пак повреди кои носат во смрт.

Секој учесник во сообраќајот мора да биде информиран дека светските практики покажуваат дека шансите да загинете во судар се двојно поголеми ако не носите безбедносен појас! Возачите и патниците на возраст од 17 до 34 години имаат најниска стапка на врзување појас во комбинација со највисока стапка на несреќи. Тоа значи дека многу млади животи згаснуваат како резултат на слабата сообраќајна свест.

Постојат докази дека луѓето помалку користат безбедносни појаси на кратки и познати дестинации – што ги става во сериозен ризик за повреда при судар. Возачите и патниците што не врзуваат појас кога седат напред или назад во возилата го кршат законот. Сообраќајните контроли покажуваат дека многу млади луѓе не го почитуваат ова правило.

Возачите и патниците што не врзуваат појас кога седат напред или назад во возилата го кршат законот. Тука ќе бидеме ревносни во обезбедувањето на почитувањето на ова правило, без разлика колку тоа ќе предизвика реакции во јавност. Да се знае, за да се почитува.

Апелирам до сите учесници во сообраќајот да носат безбедносен појас. Јас секогаш носам безбедносен појас во автомобил, и кога седам на предните, но и кога седам на задното седиште! Ве молам носете и вие.

Друга причина за сообраќајна незгода, која ја донесе модерното време е користењето на мобилен телефон при учествување во сообраќајот. Тоа е многу лоша, многу лоша навика. Не ја применувајте! Светските искуства покажуваат дека веројатноста да се судрите ако користите мобилен телефон додека возите е четири пати поголема. Статистиката покажува дека времето на реакција кај возачите што користат телефон при возење е 50% побавно отколку при нормално возење. Дури и на внимателните возачи може да им биде одвлечено вниманието од повик или порака – а дури и пад во концентрацијата за дел од секундата може да доведе до судар.

Потсетувам дека треба да знаете дека е незаконски да се зборува на мобилен телефон што се држи во рака кога возите дури и кога сте застанати на семафори, заглавени во сообраќаен метеж или сте паркирани на сообраќајница. Ако ве фатат, ќе бидете казнет, може да ја изгубите возачката дозвола и да ви се зголемат трошоците за осигурувањето.

Не повикувајте и не примајте повици кога возите, сите телефонски повици им го одвлекуваат вниманието на возачите од патот. Паркирајте безбедно пред да го користите вашиот мобилен телефон. Не им се јавувајте на други луѓе доколку знаете дека возат. Ако се јавите некому и ви кажат дека возат, замолете да ви се јават кога ќе паркираат безбедно.

ВОЗДРЖЕТЕ СЕ ОД УПОТРЕБА НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН И КОГА СТЕ БИЛО КАКОВ УЧЕСНИК ВО СООБРАЌАЈОТ!

Ограничувањето на брзината на патиштата е со причина. Разликата од неколку километри на час може да значи разлика меѓу живот и смрт. Колку побрзо се вози, толку помалку има време да се сопре ако се случи нешто неочекувано. Ако убиете некого кога возите пребрзо, ќе треба да живеете со долгорочните емоционални последици.

Брзината е еден од главните фактори во фаталните сообраќајни несреќи. Ризикот од смрт е околу 4 пати поголем кога пешак е удрен со 60 километри, отколку со 50 километри на час! Десет километри на час разлика значат 4 пати повеќе ризик за смрт.

Не смеете да возите побрзо од ограничувањето на брзината според типот на патот и типот на вашето возило. Но и треба да сте свесни и дека ограничувањето на брзината е апсолутен максимум и не значи дека е безбедно да се вози со таа брзина во сите услови. Возете според условите на патот. Во некои услови на патот(како што се магла, дожд и густина на сообраќај), дури и возењето со ограничената брзина може да биде пребрзо. Возењето пребрзо во однос на условите на патот е лошо возење. Возењето премногу блиску до автомобилот пред вас, претекнувањето и невклучувањето трепкачи при претекнувањето се широко прифатени како примери на лошо возење. Но, некои возачи не прифаќаат дека премногу брзото возење е исто така лошо возење и покрај фактот дека тоа е фактор кој придонесува за стотици смртни случаи и илјадници повреди секоја година.

Не претпоставувајте дека е безбедно да го надминувате ограничувањето на брзината на рурални патишта бидејќи таму има помалку сообраќај или отворен пат пред вас. Бидете свесни дека може да има неочекувани опасности, како остри кривини, возила што излегуваат од крстосници и животни на патот.

Заморот е лош сојузник на секој возач и на секој учесник во сообраќајот! Според студиите, возачите не заспиваат без предупредување. Возачите кои заспиваат на волан често пати се обидуваат да се справат со поспаноста отворајќи го прозорецот или пуштајќи го радиото погласно. Но, ова не функционира за долго и по правило и за жал завршува трагично.

Според истражувањата во светот речиси 20% од несреќите на главните патишта се поврзани со заспивање на возачите. Поверојатно е дека несреќите поврзани со заспивање на возачите ќе доведат до фатален исход или сериозна повреда, во однос на несреќите од други причинители. Несреќи најмногу се случуваат во раните утрински часови и по ручек. Во околу 40% од несреќите поврзани со заспивање на возачите се вклучени комерцијални возила. Најголем ризик за заспивање зад воланот има кај мажите под 30 години. Застрашувачки факти!

Планирајте вашето патување да вклучува одмор од 15 минути на секои 2 часа. Не започнувајте долг пат ако сте веќе уморни. Запомнете ги ризиците ако треба да станете невообичаено рано за да започнете долг пат. Обидете се да избегнете долги патувања помеѓу полноќ и 6 часот наутро, време во кое вообичаено спиете.

Ако почнете да се чувствувате поспано, најдете безбедно место да застанете, освежете се. Кратка дремка е краткорочно решение коешто ќе ви овозможи да продолжите да возите само кратко време.

Сите треба да се свесни. Не само возачите на автомобили, камиони и автобуси, туку и возачите на велосипеди и моторцикли. Светските практики и искуства покажуваат дека бројот на повреди со кои се здобиваат моторциклистите не е пропорционален со бројот на моторциклисти присутен на патиштата. Светските статистики покажуваат дека на моторциклистите отпаѓа само 1% од вкупниот патен сообраќај, но 19% од сите смртни случаи на учесници во сообраќајот. Веројатноста моторциклистите да загинат во сообраќајна несреќа е околу 38 пати повисока отколку онаа за корисниците на автомобили, по единица извозен километар. Триесет (30) моторциклисти дневно умираат или се повредени на раскрсници во светски рамки.

Би запрел тука. Ова се работите кој сакаме да ги посочиме и на кој дејствуваме за да се превенираат. Можеби некој ќе рече дека не е моја работа како премиер да зборувам за ова и дека тоа треба да го прави некој друг, да не кажувам статистики и да давам совети, но јас свесно ова го правам затоа што иако јас сум премиер, јас сум човек, еден од вас, кого исто како секој друг човек го погодуваат ваквите работи, несреќите, загубите на живот, социјалните драми на семејствата. И затоа што јас сум убеден дека ние сите заедно можеме да направиме многу, да ја издигнеме свеста на повисоко ниво, да допре пораката до секој човек, да придонесе, да помогне, да едуцира. Секој спасен човечки живот е од непроценливо значење. ПОЧИТУВАЈ ГИ ПРАВИЛАТА, ПОЧИТУВАЈ ГО ЖИВОТОТ, е пораката која сите треба да ја знаеме. 

Почитувани,

За комплетното осмислување, креирање и  реализација на оваа кампања се обезбедени 500 000 евра без вклучен ДДВ. Кампањата за подигнување на свесноста на граѓаните за безбедноста во сообраќајот вклучува дизајн и изработка на лого, дизајн и изработка на тв спотови, дизајн и изработка на радио спотови, дизајн на принт огласи и адаптација на билборди и внатрешно рекламирање, дизајн и изработка на web банери, осмислување и реализација на пи-ар стратегија за промоција на кампањата, подготовка на медија план и закуп на медиумски простор за електронски, печатени медиуми, внатрешно и надворешно рекламирање. Идејните решенија за на пи-ар агенцијата Република, освен медија планирањето кое ќе го реализира агенцијата Њу момент (New moment) и Њу идеас компани ( New ideas company).

Како дел од активностите на овој општ и координиран пристап ќе бидат и едукација во основните и средните училишта, промоција на активности за младите, за старите и изнемоштени лица, испраќање на пораки за безбедноста во сообраќајот на патиштата, како и учество на носители на функции од Владата и институциите во активностите и директна и непосредна комуникација со широката јавност, главно преку користење на електронските, печатените и интернет медиумите. Тоа претставува нов и свеж пристап во пренесувањето на пораката која ќе стане препознатлива помеѓу младите.

Подигнувањето на јавната свест и сообраќајната култура, што и е основната цел на кампањата, значи помалку жртви и спасени човечки животи.

Нашата намера е и што повеќе јавни личности, професори, доктори, артисти, уметници кои се влијателни во сферата каде што работат и делуваат, но и корпоративно одговорните компании да се приклучат и ја поддржат оваа кампања. Така тие ќе го дадат својот придонес во подигнувањето на јавната свест и намалување на бројот на сообраќајни несреќи во државава.

Подобрување на  одговорното однесување во сообраќајот во многу држави придонесува за значително подобрување на целокупната добросостојба на граѓаните и на општеството, а ние очекуваме дека со ова кампања ќе дадеме импулс тоа да се оствари и во Република Македонија.

Денес одбележуваме 70 години од АСНОМ и 111 години од Илинденското востание.

Денес на овој историски ден, сакам да изразам почит кон сите генерации, кои во различни периоди во нашата историја, низ различни предизвици, делејќи судбини и давајќи големи жртви, се изборија за суверена, самостојна и независна Македонија. Нивниот сон е наша реалност! Нивната жртва е наша обврска!

Чест и слава за нашите херои!
Чест и слава за нивната жртва!

“Не постои лесен пат до слободата (до сонот), и многумина ќе поминат низ солзи и крв, повторно и повторно се додека не се стигне до заветот голем колку и жртвата, тоа е слободата”. Така веруваа нашите херои.

Ние мора да учиме од нашето минато, и мора да опстоиме и продолжиме со наша жртва за историјата, и за иднината.

Ние не смееме да отстапуваме од патот кои тие го трасираа. Колку и да е тешко, колку и да се појавуваат препреки, ние мора да ги совладуваме и мора да бидеме цврсти и посветени на она што е наша визија и наш сон.

Кузман Јосифовски Питу, еден од главните идеолози на народноослободителната борба и еден од нејзините главни идеолози во тоа време ќе рече „....На 2 август 1943 година се навршуват 40 години како избувна славното ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ, откако заврши херојската Илинденска епопеја на македонскиот народ... Денеска, кога македонскиот народ се најдува пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појке от секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја, да створат се от себе  за остваруење на еден нов, последен и победоносен Илинден...”

Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме.

Затоа честа е голема, заеднички да го одбележиме 2-ри август  денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чуствуваат за свој дом.

Ова е еден од најубавите и најголемите македонски и државни празници! Денес одбележуваме 70 години од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ и 111 години од Илинденското востание. Денес на многумина им навираат спомени, им навираат солзи, се мешаат чувства на гордост, патриотизам и љубов кон татковината.

Овие два Илиндена сведочат за развој на една идеја која во себе ги крие најдлабоките чуства на луѓето кои тука живееле и се бореле за нејзе.

Од сон до сонце! Сонот за кој што тие се бореле е слободата која ја живееме денес!

И тоа биле цели генерации на луѓе,...цели генерации наши предци од сите етнички заедници, култури и религии. Кои имале заеднички сон и заедничка визија. 

Затоа денес слободно можеме да кажеме дека она пто го изградиле нашите предци во минатото е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина!

Затоа сме тука ние, следните генерации, за да остане траг, да се потсетиме, да заблагодариме, да ги пренесеме овие вредности и историски пораки до нашите поколенија, да вреднуваме, да прославиме.

Да се говори за нашите победи како нација, како граѓани, како држава, да се знае дека сме биле на правата страна на историјата, и дека нашите победи сами сме ги извојувале, и затоа се поголеми во делото и позаслужни...

Ние бевме дел од антифашистичката светска коалиција. Ние правата, цивилизациските права, самостојно ги извојувавме, и затоа никој не може да ни ги присвои, одземе или укине! Темел на тоа се 26.000 животи кои ги положивме во светлото на слободата, нашите борци за слобода во антифашистичката борба. Ние имаме обврска тие права да ги браниме!

Методија Шаторов Шарло, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов - Ченто,  Панко Брашнаров, Петре Пирузе - Мајски, Страшо Пинџур, Емануел Чучков, Кирил Петрушев, Лазар Соколов, Михаило Апостолски, Киро Глигоров, Кемал Аголи, Венко Марковски, Кочо Рацин и уште многу други знајни и нејзнајни револуционери, партизани и носители на народноослободителната борба. Уште многу лични приказни и судбини, лица кои стоеја достоинствено и храбро еден до друг, зад нивната идеја и нивниот сон.

Почитувани,
Сакам да го искористам овој празник за да пратам неколку пораки. Вакви празници кога се сеќаваме на вистински дела, на жртва, на труд и постојанство, се најдобриот момент кога можеме потсетувајќи се на минатото да говориме за сегашноста и иднината, и да испратиме јасни пораки за нашите позиции и нашата визија.

Драги браќа и сестри,

Ние сме Македонци! И зборуваме македонски јазик! Имаме наша, автентична, македонска култура! И немаме никакви претензии кон Грција или кој било друг наш сосед, ниту пак сакаме да наштетиме на кого било. Ние сакаме мир, сакаме слобода, сакаме просперитет на нашите граѓани.

Ние сакаме правда!

Многумина ќе речат нема правда во политиката, нема правда во животот. Не е така. Луѓето ја создаваат правдата! Од луѓето зависи дали ќе бидат правични или не. Луѓето носат одлуки, и луѓето знаат да направат разлика за тоа дали едно дело е добро или лошо. Тие се моралниот суд, и тие знаат многу добро која е вертикалата која ги движи.

Проблемот на Македонија не е само наш проблем. Тоа е европски проблем! Ако некој мисли дека со игнорирање на овој проблем ќе создаде решение длабоко се лаже. Проблемот на Македонија, кој го лимитира нејзиниот прогрес е проблем кој стимулира нетрпеливост, стимулира несогласувања, стимулира нестабилност, создава предизвици. Игнорирањето, само го помага проблемот да се зголемува и продлабочува, а не го решава.

Европа не смее интересот да го става над принципите и над вредностите! Така само ги потхранува скептиците кои демнат над нејзината причина за постоење, и темелите на кои таа треба да почива.

Честопати во говорите на европските лидери слушаме цитати од де Гол, Аденауер, Моне, Шуман, Черчил, Маргарет Тачер, Роналд Реган, Линколн, Кенеди или други.

Но суштината на сите нивни постапки, на сите овие лидери и државници кои ги споменав, не е во убавиот речник и во историските говори и фрази по кои се познати и по кои се цитирани. Суштината е во нивното делување, во нивните конкретни дела, постапки, вредности кои ги застапувале. Нивните изјави без делата не би имале никакво значење.

Цитатите немаат значење ако зад нив не стојат дела.

Време е Европа да погледне со поголемо внимание кон нас, и време е да ги оправда цитатите кои ги кажуваат нивните лидери низ историјата.

Да се признае јавно од некои од нив дека треба да се преговара за името и за идентитетот, во ситуација кога да се негира нечиј идентитет е рамно на бришење на една нација, е погубно и сам показател, колку рамнодушно или пак површно или неспремно се пристапува кон ова прашање.

Да се молчи кога некој негира постоење на еден јазик, кој треба да се гледа како богатство, но никако како закана, е само уште еден показател за еден вредносен систем кој е ставен пред сериозен тест. И ова не го велам претенциозно, предимензионирајќи ги работите. Не. Ова го велам одговорно.
Со сета почит кон сите европски лидери, и кон нивните аргументи, и со сето разбирање дека во некој момент и ние имаме наши грешки, предизвици, сепак, не смее да се игнорира фактот дека ова што и се случува на Македонија е далеку од вредностите за кои се залагаат и на кои почива Унијата. За која слобода, правда и еднаквост ќе говорат тие ако гледаат како јасно се негира нечија друга слобода, еднаквост и правда!?

Ние не сме воопшто наивни, но Македонија има јасна стратешка зацртана цел. Членство во ЕУ и во НАТО. И за тоа има сериозни и длабоки причини, меѓу кои што и вредносни.

Споменувањето на проблемот јавно не е доволно. Потребно е конкретно дело. Ние сме подготвени за разговори, и за изнаоѓање на решение, но навистина е трагично како никој не може да ги убеди нашите соговорници да седнат на маса со нас, и колку тоа претпазливо и срамежливо го кажуваат, па како тоа се појавуваат некакви квази аргументи кои треба да ја покријат нивната немоќ да предизвикаат решение. Најлесно е очигледно да се купува време, затоа што времето е практично интересот.

Факт кој го покажуваат со своите постапки, е дека интересите се над вредностите.

Кога ќе се појави проблем, потоа најлесно е да се впрегне машинеријата и да се обвини некој дека е виновен за проблемот. Тие никогаш и не се.

Ние мора да се бориме за нашите правдини. Тоа очигледно е нашата судбина како народ. Ние знаеме кој сме и каде одиме. Ние само бараме внимание,и праќаме порака дека без разлика на исходот, ние до крај ќе останеме достоинствени на нашите верувања и вредности. 

Почитувани,

Би сакал денес да упатам порака до нашите политички опоненти од опозицијата.

Немојте да им давате аргументи на сите оние кои ги бараат за да ни направат штета да не закочат во нашите планови и во нашите заеднички стратешки цели.

Ајде да седнеме и да разговараме отворено и директно како понатаму. Сакате да поставите барања. Во ред. Но поставете разумни барања, јас ветувам дека ние како гарнитура сме спремни разумните барања да ги прифатиме.

Македонија има многу поголеми предизвици од дневно - политичките интереси на поединци или на некои групи, кои не можат да се помират со нивната позиција во општеството и кои срамно се поставуваат над се.

Нема да дозволам тие интереси да надвладеат.

На нашиот политички конкурент му кажав и повторно ќе му кажам независно на природната конкуретност меѓу нас мора да има мостови меѓу нас, времињата не се воопшто едноставни за државата. Ако во нас има вина зошто се срушени, ние сме спремни да ја прифатиме нашата одговорност и да ги градиме повторно, но и тие да ја согледаат и испитаат сопствената улога и да помогнат во градењето на тие мостови. На граѓаните им е потребно тоа. На Македонија и е потребно тоа.

Лажните експонирања се само резултат на лична слабост и немање на капацитет. Лажните вредности, и силења, се резултат на состојба на заробен ум, заробен од суета, и личен страв.

Ние не се плашиме од ништо.
Ние сакаме да одиме напред.
Ние сме должни тоа да го овозможиме на нашите сограѓани.

Драги пријатели,

Сакам да испратам порака до сите оние кои ги ставаат на тест меѓуетничките односи.

Ова не е 2001. Ниту пак може да биде. Немојте да злоупотребувате нешто што е вака сериозна и емотивна тема.
Немојте да барате причини за создавање проблеми. Причини за проблем ако некој сака, секогаш може да најде или да смисли. Ајде заеднички да покажеме дека можеме да живееме сложно и со почит. Јас ќе продолжам да бидат посветен на прашањето на меѓуетничките односи, и ние нема да дозволиме ситни провокатори кои одработуваат за туѓи или лични интереси, кои многу добро ги знаеме, многу добро, да потпалуваат и да и наштетуваат на државата и на соживотот во него.

Делото на Кемал Аголи, Камбер Хасан, Абдула Алија, Неџат Аголи, Ибе Паликуќа и други Албанци, и останати кои се вградени во оваа држава е посилно од намерите на некои кои гледаат само личен интерес.

Албанците се составен дел од оваа држава. Нивната култура и традиција е додадена вредност на нашето општество. Исто како што се тоа и Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците, и сите останати граѓани на оваа држава. Исто како што сме тоа и ние, Македонците. Ова е наша држава. Заедничка. Ние немаме резервна татковина и ние мора Македонија да ја градиме врз основа на вредности, принципи, почит и разбирање. Само така ќе можеме да докажеме секаде дека може да се живее заедно и дека универзалните вредности се реални.

И ако некој ме праша која е нашата цел? Нашата цел е да се бориме со сета наша сила, која Бог ни ја дал, до последниот наш атом,зедно со сите вас, граѓани на Македонија, да создадеме подобар живот во нашата татковина. Да се бориме силно и посветено за нашите заеднички вредности, без разлика на сите неправди и предизвици пред кои стоиме. Ние ќе се бориме! Вие сте со нас! Јас го знам тоа! Вие сте со нас! Со нашата борба, во која сме секој ден, за нов проект, за нова реформа, за ново работно место, за нов пат, училиште, болница, субвенции, повисоки плати, пензии, стипендии, повеќе можности и шанси, повеќе успеси, поквалитетен живот. Вие сте со нас во оваа борба и ние сме горди на тоа! Ние не се откажуваме! Македонците се народ кој не се откажува! Граѓаните на Македонија се луѓе кои не се откажуваат. Не. Ние сме народ кој се бори! Кој знае дека мора да се оди напред и ова е најдобриот ден да се потсетиме на тоа! Борба! Тоа е она што треба да го правиме! Сите ние, од сите етникуми и вери, сплотени, борба за подобар живот!

Иднината на Македонија зависи од нас, од нашата мотивираност, од нашиот труд, од нашата визија за тоа каде сме и каде се гледаме. Нашата задача  не е само да ја зачуваме оставината од нашите прадедовци, туку и силно да ја надградиме. Се што правиме не смееме да заборавиме дека ќе влијае на иднината. Одговорноста за она што ќе им го оставиме на следните генерации е само наша, на сите нас и со истата мора да сме подготвени да живееме и да се носиме. Јас сум целосно свесен за тежината на таа одговорност. Како што бев уште во 2006тата и сеуште сум свесен дека многу работи треба и мора да се променат.  Треба да смениме некои практики и навики од минатото. Иднината на Македонија е наша заедничка. Нашите судбини се испреплетени. Без оглед на верата, етничката или политичка припадност. Го делиме и доброто и лошото. Заедно ги доживуваме и радоста и тагата. Нека тоа дополнително не сплоти, а таа сплотеност нека не направи посилни.

Почитувани сограѓани,

Делата на поединецот ја чинат иднината на сите. Зошто ние не сме два милиони поединци, ние сме неразделна заедница која ја споделува истата судбина. Во ова наше созревање осознавме дека не секогаш е лесно да се остварат желбите и соништата, но исто така знаеме дека напорната работа и беспоштедниот труд, со сигурност повеќе не доближуваат до истите. Водени од оваа мисла, така и ќе продолжиме. Препреките кои ги имаме верувам дека не се ненадминливи. Можеби истите на момент се фрустрирачки и демотивирачки, но нема да дозволиме тие да не изместат од темпото да оствариме подобар животен стандард, побрз развој на државата, похармонично општество и подобар живот за сите граѓани  во Република Македонија и пред се отворање на нови работни места во Македонија. Она што е до нас, е да продолжиме неуморно да работиме. Да ја надградуваме и развиваме земјата. Тоа природно ќе не доведе до нашите цели и приоритети. Македонија природно и вредносно припаѓа на европското семејство.

Почитувани граѓани, драги сонародници,

Секој 2-ри август Македонија се сеќава на тежината со која е стекната нашата слобода, нашата самостојност, нашата државност. Можноста да бидеме овде, да бидеме слободни, да ви се обратам на македонски јазик, се должи на минатото, на големиот број дадени животи, на мноштвото изгубени генерации. Она што денес е наше секојдневие, за нив било само копнеж и недостижен сон.

Токму затоа, со почит ги спомнуваме нивните имиња денес и ветуваме дека нема никогаш да паднат во заборав. Тие своето УТРЕ несебично го дале за да ние имаме наше ДЕНЕС, а ние нашето ДЕНЕС да го вложиме за подобро УТРЕ на генерациите кои доаѓаат и кои ќе не наследат.

Се што правиме ние, или ќе прави некој утре, треба да биде сигурен дека е пред се за доброто на Македонија. Зашто ова што го имаме денес не е само наше, ниту пак е само за сега. Го имаме благодарение на минатото и поради тоа треба да го чуваме како нешто безвременско, нешто што припаѓа колку на нашата, толку и на минатите и идните генерации Македонци и граѓани на Република Македонија. Она што е до нас, е да оставиме нешто вредно, нешто позитивно, нешто по што ќе не паметат долго, или барем да се потрудиме во оваа насока.

Само она што е искрено и од срце сработено за Македонија ќе остане да сведочи за љубовта која една генерација ја чувствувала кон својата татковина, токму онака како што ние денес ги чувствуваме генерациите на кои е посветен овој празник.

ОД СОН ДО СОНЦЕ! ОНА ШТО ГО ИЗГРАДИЛЕ НАШИТЕ ПРЕДЦИ ВО МИНАТОТО Е НАШИОТ НАЈЦВРСТ ТЕМЕЛ ВРЗ КОЈ ШТО ЈА ГРАДИМЕ НАШАТА ИДНИНА! СОНОТ ЗА КОЈ ШТО ТИЕ СЕ БОРЕЛЕ Е СЛОБОДАТА КОА ЈА ЖИВЕЕМЕ ДЕНЕС! ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ДВИЖИМЕ НАПРЕД КОН СИГУРНА ИДНИНА, ЗАТОА ШТО СЕКОЈА НАША ПОБЕДА ДЕНЕС Е НОВ ИЛИНДЕН ЗА ИДНИТЕ ПОКОЛЕНИЈА!


Нека е аирлија денот.

Нека ни носи среќа Свети Илија.

Ура за Макеоднија

Да живее 2 Август

Да живее споменот, вредностите и енергијата на АСНОМ и на Илинденското востание

Да живее Илинден

Вечно да го славиме овој ден

Да живее Република Македонија

Да сте живи и здрави

Ви благодарам.

Обраќање на настанот за промоција на концептот Менаџмент етика

 

Почитувани вработени на јавниот сектор,

Почитувани раководни органи, членови на УО и НО,

Почитувани присутни,

Дами и Господа,

 Денеска се собравме на овој несекојдневен настан со цел да се потсетиме на некои вредности кои се пред се човечки, а секако и професионални, длабоко поврзани со Вашата работа и функција, а кои се дел од вредностите на етичките норми на однесување.

Целта на денешниот собир е ние како Влада да испратиме јасни пораки околу одредени недоследности кои ги имаме како информација од теренот, од граѓаните, од компаниите, од оние од кои и Вие и ние сме платени, и за чија услуга и потреби работиме.

Имајќи во предвид дека денес се повикани две категории на лица, и тоа, лица кои се дел од јавната и државната администрација, и втора група лица кои се на раководни позиции во УО и НО, јас мојата дискусија ќе ја поделам во два дела, обраќајки се најпрвин на администрацијата, а потоа на раководните структури, иако има многу нешта кои се корисни и за двете.

Почитувани присутни,

Низ годините зад нас, па би рекол и низ овие две децении зад нас како држава, честопати различни влади, некој повеќе некој помалку носеше закони и правила со кои се очекуваше подобрување на капацитетите и односот на луѓето од јавниот сектор. Секоја година ЕУ дава отценка за работењето на јавниот сектор, и укажува на потребата од нови подобрувања. Низ годините наназад државата ангажираше различни експерти од Македонија и странство, консултански куќи, професори, стручни лица итн…владите на други држави ни одобруваа грантови за различни обуки и надоградувања на администрацијата, како и за многу промени кои се нарекуваа реформи во администрацијата.

Сепак, мое мислење е дека најголемата реформа која е потребна е реформата на личниот однос, чуството на лична одговорност, волјата коректно и професионално да се сработи обврската и задачата која произлегува од работносто место, менталната матрица на луѓето, или ако сакате филозофија на размислување и делување во овој исклучително значаен сектор.

Јас тргнувам од претпоставката дека огромно мнозинство на вработени во јавниот сектор коректно си ја извршуваат својата задача и обврски, но, сепак, ќе се согласите постои и еден дел кој го валка лицето на целата администрација, и можеби тоа е најсилната причина зошто денес сме тука.

Честопати седејќи на маса со експерти за креирање политики за јавниот сектор, доаѓам до сознание дека многу нешта што во понапредните развиени држави е нормално, обичај, или дел од личната култура, кај нас мора да стане дел од некој закон со строги казнени одредби со цел да не се случуваат работи во јавниот сектор, за кој стрнските консултанти се вчудоневидени дека постојат или се прашуваат како воопшто сме се сетиле да регулираме со закон превенирање или казнување на некоја појава за која во нивните држави никој не се сетил да ја направи а камоли да ја стави како дел од казнена одредба во закон, и дека таквото однесување е дел од општоприфатените етички норми и општа култура во нивната земја. И не случајно, нашите закони имаат многу повеќе детали, а нивните се многу поопшти. Некои велат дека тука на балканот луѓето се покреативни кога станува збор за изигрување на законите и дека етичките норми немаат доволна тежина односно лесно се газат, но оваа теза паѓа во вода низ многу примери на наши граѓани кои кога ќе се најдат на исто работно место во Германија или Англија или Франција, оддеднаш подеднакво добро и коректно функционираат како таму да се родиле и цел живот да биле таму. Ако истите се вратат во земјата по некое време брзо ги враќаат и старите навики.

Зошто е тоа така? Каде грешиме? Зошто многу луѓе се незадоволни од јавната администрација?

Најпрвин дозволете да изложам една теза за која неверувам дека некој ќе опонира, а тоа е дека јавната администрација постои заради граѓаните и фирмите кои живеат и постојат и работат во државата, а не обратно, односно непостојат граѓаните и фирмите заради администрацијата. Со други зборови, администрацијата постои за да биде од највисока професионална помош, подршка и услуга на сите граѓани и фирми во државата. И затоа зема плата. И затоа таа е должна да ги почитува законите, да не ги изигрува, и пред се да делува во духот на етичките норми.

Второ, колку и ние како Влада да се трудиме да подобриме некои нешта во земјата, сепак администрацијата е онаа која ги спроведува и таа е лицето на извршната власт пред граѓаните. Може ние во Владата да работиме колку сакаме, но ако потоа на терен тоа не се спроведе соодветно, и најдобрата реформа во било која свера граѓаните нема да ја почуствуваат.

Затоа, да недолжам многу, без да навлегувам во она што се досега сме направиле како реформи во јавниот сектор, дозволете да испратам неколку препораки до Вас, пред се до оние кои во истражувањата покажале недоволно добри резултати. Истовремено да Ве охрабрам, во идниот период во својата работа да се раководите од етичките принципи и својата работа да ја извршувате согласно етичките стандарди:

1.Незаборавјте дека Вие сте на тоа работно место или функција само заради и во функција на услугата на граѓаните и фирмите кои се упатени на Вас, законот им наложува да се обратат кај Вас заради некоја услуга која им следува. Ако тие се незадоволни од Вас, и ако тоа незадоволство е оправдано, порано или подоцна ќе се соочите со проблем.

2.Кон секоја фирма и граѓанин пријдете со добра воља и чуство на обврска и одговорност да му помогнете. Вие земате плата од даноците кои ги плаќаат сите граѓани од нивните фирми и даноците кои ги плаќаат фирмите. Со добра воља значи дека не ви е идејата да го откачите колку можете побрзо, туку најбрзо можно да му помогнете и да му ја завршите работата во рамките на законите. Објаснете му се што треба, доволно долго и онолку пати колку што е потребно додека не се уверите дека ве разбрал.

 3.Во рамките на законските ингеренции бидете максимално креативни кога има некоја пречка во остварување на неговото барање. Најлесно е да се каже не е по закон и пријатно. Во секоја таква ситуација размислете добро, како да се работи за Ваш најблизок човек или за човек од кој Ви зависи работното место, како да му помогнете, кои се можните патишта, начини, варијанти и можности, во рамките на законот најбрзо и најевтино да стигне до целта. Бидете и негов чесен советник секогаш кога можете. Бидете добри луѓе во очите на народот и стопанството. Независно дали сте шефови на сектор, на одделение, референти или раководители на подрачни единици, работете со позитивна енергија и желба секому да помогнете.Нека тоа ви биде мисија.И нека граница ви биде само законот и етичките норми.

Незаборавајте го проектот нема погрешна врата.

Секој кој залутал во Вашата институција, не да му објаснувате по кој ходник да сврти лево или десно, туку станете и однесето го на вистинската врата.

4.Бидете љубезни со секого. И кога денот не ви е добар, и кога имате проблеми во семејството или било какви проблеми Вие морате со оние кои се упатени на Ваша помош, да се однесувате крајно љубезно и културно. Независно дали со некој кој бара ваша услуга и помош е со вас приватно скаран или неистомисленик, или ве озборувал или приватно ви нанел некоја штета, вие службено бидете крајно професионални, одговорни и помогнете му. Ако некој направил некаков грев према вас, не му возвраќајте со тоа што и вие ќе направите грев, неправда или ќе покажете ароганција.

Ароганцијата ги руши вашите позиции. Немојте да покажувате ароганција кон никого, ниту повишен тон при комуникацијата. Не смеете никого да навредите. Какви и да се, тие се луѓето или фирмите заради кои постои Вашето работно место. Почитувајте го тоа.

Граѓанинот, претствникот на некоја фирма, или ајде да го нарекуваме странка, може да е некогаш и нервозен и нељубезен со вас, но Вам тоа не ви дава право на ист начин да му возвратите. Вие сте должни да вложите максимални напори да го разберете неговиот гнев и нервоза, да се ставите во негова кожа, и дури ако не го разберете, повторно, потрудете се да му помогнете. Тоа секој човек посебно ќе го цени одкога ќе помине нервозата.

 5.Бидете неселективни и не ги делите луѓето  и фирмите по ништо, и бидете подеднакво сервилни кон сите.

Не ги делите по етничка припадност, помагајте и услужете ги сите со најголема можна брзина и квалитет.

Не ги делите по политичка определба, не ги делите на наши и ваши или нивни. Сите се наши. Политичката определба ќе си ја каже секој на избори, помеѓу избори секој треба професионално, коректно и непристрасно да си ја врши својата работа, без дискриминации и поделби.

Нема да и помогнете на вашата партија ако кон некој кој сметате дека не е нејзин подржувач или е подржувач на спротивниот табор, не му дадете најдобра услуга и помош. Напротив и одмагате на партијата. Ниту пак ќе и помогнете на партијата во која Вие верувате и гласате, ако на нејзин припадник му дадете некоја привилегија која е дел од вашата работа. Тоа ќе се забележи, и ќе Ви нанесе штета и Вам, и на партијата која ја подржувате.

Еве, до оние кои на пример се гласачи, членови или подржувачи на партијата која јас ја водам би порачал: најмногу ќе и помогнете на партијата ако доследно и без исклучок ги спроведувате овие препораки и совети за кои денес говорам.

Не ги делите по верска основа, секој има право да верува во онаа религија во која сака да верува.Помагајте им на лужето од сите вери, без колебање.

Не ги делите по социјален статус. Бидете подеднакво посветени и кога треба да му услужите на некој богат, и кога треба да му услужите на некој кој ќе ви се виде сиромашен.

Не ги делите по образовна структура, и поучените и помалку учените имаат исто право на Ваш коректен професионален и чесен однос. Дури кон помалку образованите ќе Ви треба поголеми напори за да ве разбере, за да го поучите, за му помогнете.

6. Работите исклучиво по закон. Не помислувајте да направите нешто вон закон, верувајки дека некој ќе Ве заштити од било која причина, или дека никој нема да Ве фати.

7.Неподлегнувајте на притисоци од било кого во однос на нечесно, неетичко или незаконско работење. Кој сака нека Ве притиска или заплашува, држете се до законот и моралните и етички вредности. Секогаш ќе бидете на правата страна, и секогаш тоа ќе Ви се исплати. Независно дали притисокот ви го врши некој моќен бизнисмен, политичар, или било кој, непопуштајте, одработете професионално, и соодветно постапете со пријава согласно законите ако сте предмет на притисок, мобинг или закана. Ова важи за сите. И за наставниците во училиштата на кои родители им вршат притисок за незаслужена повисока отценка на нивното дете. И за оние на кои некој моќник ќе им се јави за привилегија околу некоја јавна набавка. И за оние кои работат во некоја државна установа која издава лиценци, решенија, потврди, и слично. Само по закон.

Ова важи и за оние на кои некој ќе се повика на нечие име. На мое на пример, или на министер или директор, или вашиот шеф, или слично. Има такви луѓе кои независно кој е на власт, имаат неверојатна дарба да заплашат некого убедувајки го дека се многу блиски со некого кој има голема моќ. Ако некој Ви каже или ве уцени со зборовите сега ќе му се јавам на премиерот па ќе видиш, или на тој и тој минитер или директор, постапете исто како да не ви го рекол тоа. Ве уверувам дека или нема да ми се јави што е најверојатно, или во случај на некој начин да дојде до мене или до министер или директор, никого нема да земеме здраво за готово додека не се чујат двете страни и добро не се истражи случајот, при што ако сте постапиле правилно и законски не само што нема да сте казнети, туку истрајноста и професионалноста и ќе се награди, порано или подоцна.

Во крајна линија, ако притисок се обиде да Ви изврши Ваш претпоставен да направите нешто надвор од закон, одбијте го и повикајте се на законот, етичките норми, и ако сакате и на овој мој говор. Спротиставете се на секого кој сака да Ве злоупотреби или уцени.

8.Бидете отворени, јасни и транспарентни. Тоа се почитува. Не оставајте ниту малку сомнеж или некому надеж дека може да Ве поткупи. Не очекувајте заштита ако влезете во корупциска зделка од било каков карактер. Независно на која партија припаѓате или за кого сте гласале. Независно кој Ви е роднина, или сопруг или сопруга, чичко или вујко, комшија или близок пријател. Чувајте си го образот, и не само тоа: секој обид за поткуп пријавете го во соодветните институции без колебање и одлагање.

9.Не премолчувајте кога гледате корупција, или незаконско и неетичко работење. Со секое премолчување Вие сте соучесник и со тоа правите штета некому но и на државата. Секаде каде ќе забележете неправилност во работењето, во смисла незаконско работење, некој некому да дава нечесни привилегии, или слично, не молчете и не се правете дека не сте виделе. Пријавете и борете се против тоа. Колку повеќе така постапуваме толку повеќе ќе имаме поправична и посилна држава. Ако некој ве нарече кодош, знајте дека не сте кодош ако сте спречиле или пријавиле корумпирано и криминлно работење. Вие сте херој, а не кодош.

Ако ме прашувате што е неетично во ова, ќе ви одговорам, немото гледање е неетично.

10.Не ги препраќајте луѓето и фирмите од шалтер на шалтер ако можете да им помогнете. И кога сме кај ова морам да Ве потсетам и предупредам дека за ова се донесоа и закони неодамна со кои доколку за некоја услуга од некоја државна институција, некому му треба документ од друга државна институција, Вие несмеете да ја терате странката да оди од шалтер на шалтер, туку Вие, односно Вашата институција е должна да го набави тоа. За непостапување по ова, предвидени се многу високи казни. И тоа, за службеникот од 1500 до 3000 евра за секој одделен случај, за раководителот на сектор од 3000 до 6000 евра, а за раководителот на институцијата (министер, директор и сл.) од 7500 до 15000 евра, и нема начин како да се избегне ова. Законот е така направен што непостои начин да се изигра. Дури и директорот на управната инспекција или министерот надлежен за администрација да сакаат да ве заштитат, законот е таков да на крајот тие ќе треба да ја платат казната. Затоа е важно овие раководни лица да воспостават систем со кој ќе обезбедат функционирање на оваа законска одредба и ли совтверски или по пошта или со курирска служба. Истите казни важат и за ненавремено давање на одговор на разни барања на фирмите и граѓаните, доколку доцнењето го пријават до управната инспекција. Ве молам ова да го сватите многу сериозно и да го спроведувате без одлагање.

Тука ќе запрам во делот за администрацијата иако имам уште многу работи да кажам. Сигурен сум дека останатите говорници ќе ме надополнат.

Сосема за крај да најавам дека во завршна фаза е новиот закон за администрација, кој ќе донесе такви крупни промени, какви што немало до сега. Кариерно напредување, тестирања, многу обуки, многу отценувања на работењето, наградувања и казнувања според учинокот и многу новини што досега не биле дел од нашиот систем. Го подготвувавме цела година, и ќе биде меѓунајдобрите неколку во Европа. Но, за тоа, потоа.

Ве молам пренесети ги овие пораки до сите Ваши колеги во државните и јавни институции.

А сега кратко за раководните лица, членовите на УО и НО.

 Вие имате многу значајна улога во системот на раководење на државните институции и управувањето на државниот имот. Иако кон јавноста, директорот е оној кој е ја преставува институцијата, незаборавјте дека Вашите законски права, обврски и одговорности се огромни. И тоа не е случајно.  Огромно мнозинство од Вас, правилно ја имате сватено функцијата, и соодветено се однесувате. Но постоеле и примери кои ја заматуваат општата слика, и затоа дозволете да упатам пораки и кон Вас членовите на УО, но, неизвршни директори и сите раководни структури. Пораката ја праќам исто како и претходно до админситративците, чисто, јасно, недвослмислено, и ве молам никој поинаку да не го разбира или толкува од она како што го кажувам.

1.Вие членовите на УО и неизвшните директори на компании во државна сопственост, Вие раководите со државната институција заедно и подеднакво со директорот или извршниот директор.Вие пак, во надзорниот одбор сте одговорни за надзор над работењето на директорот и управниот одбор. Како претседател и членови на УО имате подеднаква одговорност пред законот како директорот. Неговите грешки кои вие не сте ги спречиле а сте можеле и сте морале да ги спречите, истовремено и поддеднакво се и Ваши грешки. Говорам за оние работи кои се во ваша надлежност. Вие треба да сте подеднакво загрижени и посветени за законско и етичко работење на институцијата како и директорот и дополнително вие треба да сте и негова контрола, и да спречите негови грешки или злоупотреби. Повторувам, неговите грешки се и ваши грешки. Се разбира, и заслугите се заеднички кога ги има.

2.Вие не сте поставени во УО или НО смо за да изгласате нешто што ќе Ви сервира директорот и неговите служби. Вие сте должни секој матерјал за кој треба да се расправа и одлучува, да се гласа, прифати или одобри, внимателно да го прочитате, да го пручите, анализирате, и стручно обсервирате, пред да одите на седница на УО или НО. Вие не сте на таа одговорна функција за да слепо гласате се што ќе Ви побара директорот. Напротив.

 3.Не дозволувајте да гласате за нешто што или не сте го прочитале, или не сте го разбрале, или сметате дека не е соодветно образложено. Бидете активни за време на состаноците на УО, и НО, барајте објаснување за секој нејасен детал, стручно проучете го секој збор и бројка, и гласајте исклучиво согласно сопствената совест и стручност. Вие сте таму за да работите во интерес на државната институција, а не во интерес на директорот и неговиот тим, или во интерес на некоја политичка опција, етничка заедница, или во интерес на некој приватен интерес и слично.

Не се колебајте ни секунда остро да се спротиставите ако некој ја бара вашата подршка или вашиот глас повикувајки се на некој моќник, интересна група, директор, министер, премиер, партија, или слично. Држете се до интересот на државната институција, и ништо повеќе или помалку.

4.Вас на оваа позиција Ве поставува Владата. Владата и политичките партии кои ја составиле таа влада одкако добиле доверба од граѓаните, политички одговара пред народот и за Вашето работење. Вие законски одговарате пред владата и должни сте за секоја неправилност, притисок, уцена, заплашување или обид за поткуп, да ја известите и владата и надлежните институции во државата.

5.Во случај на незаконско работење, нестручно работење, несовесно работење или злоупотреба, одговорноста не е колективна и ничија, ниту пак е само на директорот. Секој од Вас поединечно одговарал, онака како што гласал за секоја точка на дневен ред. Ако сте гласале за нешто што е криминал или на било каков начин незаконско, сносите лична законска одговорност. Затоа барајте доколку ве надгласаат, во записникот да влезе дека Вие сте имале одвоено мислење или сте гласале спротивно на мнозинството, доколку има таква ситуација.

6.Ниту владата, ниту јас лично, не му имаме дадено мандат на ниту еден директор да работи било што незаконски и неетички, и ако некогаш се повикува на нас, или на некој моќен човек, барајки од вас да му изгласате нешто неетичко, незаконско и спротивно на интересите на државната институција или компанија, знајте дека Ве лаже и манипулира. Одбијте таква соработка и пријавете го тоа, и во Владата и во надлежните институции, со цел да се истражи случајот и доколку се утврдат неправилности да има и законска реперкусија и политичка реперкусија преку разрешување на тој директор. Непријавувањето се смета за соучество.

7.Ако некогаш Ви треба дополнително стручно мислење, и лично не се чуствувате специјалист за некој сегмент од работењето на државната установа или компанија, побарајте директорот да обезбеди професионално, стручно или правно мислење од надворешни лица специјалисти за таа проблематика, пред да донесете одлука како ќе гласате.никогаш не гласајте на слепо или на несигурно.

8.Не смеете да дозволите директор да го поткупи Вашиот глас со ништо и никаква услуга кон Вас или Ваш близок. Не само што така ќе го загубите авторитетот, туку ќе ја загубите и довербата на владата, а доколку директорот направил нешто неетичко или незаконски за да ви ја направи таа услуга, чии мотив е да ве придобие за ваша безусловна подршка, тогаш одговорност ќе сносите и двајцата. Независно дали се работи за користење службено возило кое не ви следува, или влијание при некое вработување, или друга привилегија, не дозволувајте да ве купат со услуги и матерјални добра. Порано или подоцна ќе се покаете за тоа, но може да е предоцна.

9.Не подпаѓајте под притисок, ургенција или обид за поткуп и корупција, ниту пак под мислење или влијание на други лица, ниту на некој кој е моќен или важна личност во државата. Работете чесно, совесно, стручно и професионално. Во интерес на државната институција или државната фирма. Бранете го исклучиво интересот на државата и државната институција, и исклучиво согласно закон и етичките норми.

10. Ако директорот работи незаконски, неетички, се расфрла со државните пари и државниот имот, незаконски применува селективност во работењето,  не се однесуваа соодветно кон вработените и кон надворешните лица,или нестручно или несовесно работи и прави грешки,  опоменете го или казнете го без колебање, а во согласност со законите. Ако прекршокот е сериозен и се повторува, без колебање, разрешете го. Истото важи ако отцените дека е неспособен и нестручен и не ја води институцијата добро.

Од друга страна, не смеете пак  Вие, да ја злоупотребите Вашата моќ и позиција за неетички или незаконски да издејствувате нешто од директорот и службите, или од државната институција воопшто злоупотребувајки ги овие пораки и вашата моќ.

Особено внимавајте на непотизмот, корупцијата, јавните набавки, склучувањата договори и нивната содржина, мобингот, и воопшто борете се за доброто на државната институција, согласно закон и во интерес на граѓаните и компаниите во земјата. Не ни укажувајте за слабостите на директорот на крајот на вашиот или на мандатот на директорот, туку веднаш кога ќе ги осознаете.

Чесно заработете ги парите кои Ви се плаќаат за оваа функција. Со чесна работа, труд, стручна посветеност, и со искрен пристап.

Ако сметате дека Вашиот труд не е доволно платен, и не сакате за парите кои ви се плаќаат да го правите ова што го барам од Вас, или ако се чуствувате нестручен за функцијата, или не е вољен да се посветите на неа, чесно повлечете се од функцијата, и работете нешто друго што Вие сакате да работите.

Почитувани присутни,

Постојат уште многу работи што можат да се кажат, но верувам дека ги опфатив најприоритетните. Не велам дека сето ова вие не го знаете. Ниту пак преудицирам дека Вие несоодветно се однесувате. Сепак, заради зајакнување на меѓусебната доверба, елиминирање на гласини или погрешни разбирања на работите, ценев дека е добро ова да го кажам во ваква форма, директна, јасна и недвосмислена. Без дилеми, тоа што го говорам и го мислам, тоа што го барам од Вас и го очекувам.

Овој концепт кој го промовиравме ќе продолжи да се развива и по сектори и регионално, за пораките од истиот да допрат до секој поединец, член на администрацијата, за секој да биде вклучен во овој голем  реформски процес и да биде вклучен во имплементацијата која значи реформа и на суштината и на духот и свеста, реформа која е од интерес за секој член од општеството. Ќе продолжиме со работа на оваа тема со конкретни мерки и активности кои нудат нов квалитет.

Убеден сум дека со ваквиот пристап сите ние ќе оствариме повисоки резултати во работата и ќе придонесеме да остваруваме нови успеси на секое поле, за продолжување на економскиот развој, унапредување на стандардот на граѓаните, повеќе можности за индивидуален развој, развој на образованието, здравството, културата, и останатите дејности, се во интерес на граѓаните и напредок на нашата држава Република Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.

Изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски по повод добивањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во 2013

 

Владата на Република Македонија го поздравува Извештајот на Kомисијата за остварениот напредок на земјата во 2013 година и обновената препорака до земјите-членки на Европската Унија за донесување одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија.

Република Македонија се заблагодарува на Комисијата за континуираната силна поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција во ЕУ.

Обновената препорака претставува признание за остварените резултати во изминатата година, признание за сработеното од страна на институциите, администрацијата, сите политички и општествени чинители.

Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. Се согласуваме со констатацијата на Комисијата дека почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија, туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата како мериторен процес базиран на цврста условеност.

Република Македонија очекува дека и земјите-членки во Советот на Европската Унија ќе се раководат од овие аргументи, од заедничкиот ЕУ интерес, и во декември оваа година ќе ја донесат одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија.

Владата на Република Македонија темелно ќе го проучи и анализира Извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес, и тие ќе бидат преточени во конкретни мерки при редовното годишно ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ефикасната реализација на оваа Национална програма останува да биде приоритетна задача на Владата.

Во претстојниот период, Владата ќе продолжи со реформите и со испорака  на конкретни резултати за натамошно унапредување на степенот на примена на ЕУ стандардите во македонското општество, а заради подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Притоа, посебно внимание ќе се посвети на продолжување на реформите во државната администрација, судството, борбата против корупцијата, состојбите во медиумската сфера, одржување на добри меѓу-етнички односи, зголемување на економскиот раст и вработеноста, натамошно ефикасно спроведување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, унапредување на хармонизацијата со европското законодавство и политики, зголемување на степенот на искористеност на ИПА. 

Што се однесува до добрососедските односи и регионалната соработка, Комисијата отсекогаш ја препознавала и високо вреднувала конструктивната улога на Македонија во билатералните односи со соседните земји и активниот ангажман во регионалните иницијативи. Така е и во овогодишниот Извештај, и тоа е од исклучително значење за нас.

Владата на Република Македонија ќе продолжи проактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот.

Односите со соседните земји-членки ни се особено важни. Сакаме да го изодиме патот до членството во Европската Унија во соработка со и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа инициравме и ќе продолжиме да предлагаме со искрена волја мноштво конкретни активности и проекти за унапредување на взаемната соработка и доверба.

Што се однесува до наметнатите грчко – македонски разлики околу името на Република Македонија, повеќе пати сме повториле дека сакаме час поскоро да ги разрешиме. Патот до решение е преку владеењето на правото и почитувањето на меѓународната правна рамка дефинирана од Обединетите нации и Меѓународниот суд на правдата. Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого.

Од исклучителна важност е грчко-македонските односи да се развиваат низ призмата на заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива добрососедските односи со Грција во таков дух, за добробит на регионалната стабилност и просперитет. 

Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може само да придонесе за унапредување на грчко-македонските односи и за надминување на разликите.

Ја повикуваме Република Грција да го поддржи донесувањето на одлуката за Македонија на декемврискиот Европски совет и на тој начин директно да придонесе во евроинтеграцискиот моментум на Балканот. Посакуваме нашата прва меѓувладина конференција за пристапните преговори да се одржи за време на Грчкото Претседателство со ЕУ.

Предизвиците и перспективите на македонската економија 2013 и 2014 година

Почитувани бизнисмени, стопанственици, сопственици на акции и удели, менаџери на компании,

Почитувани раководства на стопанските комори,

Почитувани членови на Владата, професори, аналитичари, новинари,

Дами и Господа,

Денес, слично како и минатата година ова време, по покана на стопанските комори, тука сум заедно со Вас, сопственици, директори, менаџери  на над 700 компании во Република Македонија, како домашни така и странски, поголеми, средни, помали, постари и понови, извозни и увозни, трговски, индустриски, производни, услужни, финансиски и од сите сектори на економијата. Секако тука се присутни  и претставници на најголемите 250 компании во Македонија според извозот и профитот, но и значаен број претставници на средни и мали претпријатија. Како и минатата година, така и годинава сум тука со Вас со задоволство, да споделам некои размислувања, видувања, анализи и информации за актуелните состојби и перспективите на македонската економија во 2014-та.

Уште од самиот почеток кажав, а во изминатиот период максимално се трудев тоа и да го оправдам, дека ние ќе бидеме Влада која е пријателски ориентирана кон бизнисот. Тоа значи дека главниот фокус на нашата работа ќе биде економијата, и тоа не само  општо земено, туку конкретна поддршка и помагање на фирмите, соочување со проблемите и максимални обиди за нивно решавање  и создавање подобри услови за водење бизнис.

Во однос на условите за правење бизнис, во Македонија дојде до радикални промени во многу краток период. Минатата година, при моето прво обраќање од ваков вид, потсетив на повеќето мерки и ги образложив активностите кои ги превземавме за да ја подобриме бизнис климата. Заради тоа, денес, освен со некои исклучоци нема многу да се задржам на тие чекори, но повеќе ќе се задржам на оваа и следната година, секако и со општ осврт на среднорочен и долгорочен план. Впрочем, откога се покажаа за успешен модел и широко се прифатија сите тие радикални мерки, како намалениот и рамен данок, ослободувањето на нераспределената добивка од оданочување, регулаторната гилотина, бруто платата, намалувањето на царините, репрограмирањето на старите долгови на фирмите, 250 милиони евра евтини кредитни линии, продажбата на земјиштето со ниска почетна цена, и многу други мерки и реформи, сите тие веќе не се третираат како новини, туку толку се одомаќинија, што се додека не отидеме во некоја друга земја ни изгледаат како нормални.

Кога сме веќе кај меѓународните стандарди и рангирања, со задоволство би сакал да констатирам дека Македонија, за прв пат направи посериозно придвижување на листата за конкурентност на Светскиот економски форум, каде во 2013та се искачи за дури седум места. На оваа листа искачувањето е многу потешко и покомплицирано, затоа што има многу поголем број и посложени индикатори, за кои дел од нив невозможно е да се сменат за неколку години, туку потребни се децении за нивна промена.

Таму поместувањето најчесто е за едно, две или максимум три места, така што земајќи го тој аспект во предвид придвижувањето за седум места беше крупен исчекор. Со ова придвижување, Македонија влезе во првата половина на оваа листа, и е над просекот на земјите од регионот. За оваа цел, мерки и активности за зголемување на конкурентноста на економијата како Влада креиравме специјален комитет, кој го предводеше потпретседателот на Владата задолжен за координација на економските ресори Владимир Пешевски, а членуваа не само министри, претставници и експерти од сите министерства туку и многу надворешни експерти, професори, бизнисмени и консултанти. За оваа цел лани се усвои пакет од 60 мерки преточени во 72 заклучоци и заедно со акциски план, креирани врз основа на детална длабинска анализа. 21 од овие мерки веќе се реализирани, а реализацијата на останатите е во тек.

Да напоменам дека, мерките превземени за подобрување на бизнис климата а кои се рефлектираат во извештајот на ИФЦ и Светската Банка Дуинг Бизнис, за што исто така креиравме тим кој го предводеше потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, имаат значаен удел во овој извештај на конкурентност.

Иако сме задоволни од успешното придвижување во однос на условите за правење бизнис, како и во однос на подобрената конкурентност, состојбите може уште да се подобрат. Постојат уште многу проблеми кои можат да се решат, услови кои можат да се подобрат, напредок кој може да се направи. Секако, тоа е можно само со многу работа, труд, посветеност и одговорен пристап, и со целосна вклученост на компаниите и стопанските комори.  

Како што знаете, со проектот Учиме од бизнис заедницата целосно ги завршивме првите два циклуси од посетите на околу 150 компании со цел идентификување и решавање на нивни проблеми, во завршна фаза е третиот циклус, а неодамна објавивме четврт оглас за повик до сите компании кои сакаат да бидат посетени од владин тим со цел идентификување и решавање на нивни проблеми. Освен што се трудиме да ги решиме конкретните проблеми на компаниите кои побарале помош, се трудиме и да креираме системско решение, со цел ако и други фирми имаат или можеби во иднина ќе имаат исти или сличен проблем, да им се реши преку определени измени и дополни на закони, подзаконски акти или пракси во работењето. Степенот на реализација на усвоените барања во првиот циклус е над 60 отсто, а приближно таков е и во вториот циклус кога се посетија 165 компании со 220 барања.  Во тек е третиот циклус на посети на над 100 компании со вкупно 242 барања, а во фаза на објава е четвртиот циклус. Како резултат на овие директни комуникации дојде до носење на нов Закон за минерални суровини со кој се олеснија постапките за доделување концесии, нов Закон за концесии и јавно приватно партнерство, овозможување платежните трансакции од мал обем да се вршат преку телекомуникациски или мрежни оператори, измени на законот за Агенции за привремени вработувања во насока на намалување на нелојалната конкуренција и воведување лиценци за нивно работење, измени на Законот за работни односи, Законот за здравствено осигурување, Законот за туристичка дејност, Законот за превоз во патниот сообраќај, правилници за енергетски карактеристики на зградите и енергетска контрола, категоризација на објектите за вршење угостителска дејност, Законот за туристички развојни зони и повеќе други.

 

Покрај ова, објавивме и повик за интерес за посета на владин тим за решавање на проблеми на компаниите од областа на имотно правни прашања. Проектот во првите две фази опфати 67 компании од сите три стопански комори, кои во соработка со Министерството за финансии и други стручни служби решаваат прашања од областа на приватизација на градежно земјиште и други слични прашања. Досега се решени половина од барањата вклучително и децениски долги и комплексни случаи не неколку фирми, а останатите се во тек на решавање. Неодамна е објавен и нов оглас на кој се пријавија уште 167 компании, чии постапки веќе се почнати да се решаваат. 

Уште еднаш се покажа дека теренската активност на владата е неприкосновена во споредба  со канцелариската активност. Имајќи во предвид дека овие два јавни повици сеуште се актуелни, ве повикувам сите кои имате проблеми за кои верувате дека со интервенција на Владата може да се решат, или за кои верувате дека се системски слабости и пропусти, не се колебајте и во текот на следната една недела испратете писмо или е- маил до Владата, до Kабинетот на потпретседателот  Пешевски, а за имотно правните прашања до кабинетот на потпретседателот и министер за финансии Зоран Ставрески, согласно насоките во двата јавни огласи кои се во тек. Тимови кои се под нивно раководство многу брзо ќе ви се јават за договарање на датум за средба на која ќе се разговара за проблемите со кои се соочувате а кои се од доменот на нашите одговорности како Влада.  

Сметам дека ваква отвореност, активност и конкретен пристап на владата немало никогаш претходно во Република Македонија, а не познавам таков случај и во ниедна друга земја. Независно кој како ќе го окарактеризира ова, јас знам дека можеби половина од мерките кои ги превземавме во последните 6 години, ги превземавме како резултат на сознанија од овие активности и овој пристап. Искористете ја оваа отвореност за соработка на владата.

 Вчера Владата објави и нов проект, оглас до сите компании кои имаат интерес од искусен странски експерт од нивната област, да се обратат со цел да успееме да помогнеме во донесување на таков експерт на неколку недели или месеци да помогне околу решавање некои проблеми и давање нови идеи за отворање нови пазари и партнери, промени во производството и слично, со цел пренесување на неговите искуства од иста или слична успешна  компанија од некоја развиена земја. Ова е проект кој го водат неколкумина во мојата канцеларија и Ве охрабрувам без колебање да се обидете да  го користите.

 

Сепак, ние не бевме ограничени само на оваа комуникација со бизнисот. Јас лично, покрај средбите на терен организирав работни средби со над 70 компании групирајќи ги во 4-5 компании од ист сектор на една средба во времетраење до два часа, во присуство на други министри или директори на државни институции. Исто така и состаноците со стопанските комори останаа како пракса, а со ретки исклучоци и консултациите со коморите кога станува збор за посериозни промени на економските закони. Но она што е најважно сепак е што успеав да создадам клима, да кога некоја компанија ќе побара на телефон или за средба или телефонски разговор некој министер или директор, тој да одговори, но и повеќе од тоа, да се обиде да им помогне. Нема и не смее да има недопирливи министри или изолирани директори. Ако некој стане таков, тој треба да си оди. Јас велам, ако некој бизнисмен дојде до таа ситуација, да неможејќи да искумуницира со ресорниот министер, бара комуникација со мене, тоа е прв сигнал дека нешто се случува со министерот. Друга работа е што во некои поретки ситуации, некои бизнисмени знаат да побараат и работи кои не се соодветни или целосно сообразени со регулативата, но такви ги има се помалку, бидејќи во сиве овие години паралелно се надоградуваше и бизнис културата и бизнис етиката.

Затоа, не е случајно што во екот на светската економска криза од средината на 2008 до крајот на 2010,  и во екот на европската должничка криза, од средината на 2011-та до денес, и нивните силни реперкусии врз македонската економија, сепак, Македонија е една од ретките земји, која успеа не само да не дозволи да се зголеми невработеноста, туку успеа и да ја намали. Да потсетам, дека оваа влада стартуваше со наследена стапка на невработеност од околу 38 отсто  во 2006-та, а денес, и покрај големата и долготрајна светска криза, сепак, ја намаливме невработеноста и таа за прв пат падна под психолошката бариера од 30 отсто, која во минатите 17 години се чинеше недостижна. Последната вчерашна објава на државниот Завод за статистика за стапка на невработеност од 28,8 отсто, и уште повеќе резултатите за растот на БДП во  последниот квартал со раст од 3.9 отсто, како трет највисок во Европа после Литванија и Латвија, но и првиот квартал од оваа година со раст од 2.9 отсто, покажуваат дека напорите за подобрување на условите за бизнис, подобрувањето на конкурентноста на економијата, сите реформски и антикризни мерки кои ги превземавме даваат резултат.

Иако несомнено стапката на невработеност е сеуште висока и борбата за нејзино намалување останува врвен приоритет на Владата, сепак можеме да констатираме дека Македонија е една од ретките земји во Европа во која невработеноста се намали во текот на кризните години. Според пресметките Македонија, Германија и Црна Гора се земји кои најмногу успеале да ја намалат невработеноста од 2006 наваму гледано за колку отсто е намалена. Истовремено, стапката на вработеност во првиот квартал од 2013 година изнесува 40,7% и е највисока досега, односно бројот на вработени  во споредба со вториот квартал од 2006 е зголемен за 112.174 вработени (од 566.293  К2 од 2006 на 678.467 лица во К2 од 2013 година), што претставува раст од околу 20%.

Се разбира ниту стапката на невработеност, ниту стапката на растот на БДП, не се на ниво кое би сакале, но ако се земат околностите и од што тргнавме, и дека невработеноста се намалува во време во кое таа расте во речиси сите други земји, а само две други земји од Европа кои се во многу постабилен регион имаат повисок раст на БДП од Македонија, тогаш може да се каже дека тоа се добри резултати.

Полека се доближуваме и до моментот кога ќе дадеме јасен одговор на многу од вас кои често на средбите се жалите дека тешко доаѓате до работници, или пак ќе се вработат и брзо се откажуваат. Најчесто се прашувавме зошто е тоа така во услови на толкава невработеност.  Агенцијата за вработување разви методологија на разграничување на активни и пасивни невработени, или поточно кажано лица кои се декларираат за невработени и активно бараат работа, и лица кои се декларираат за невработени и не бараат вработување.

При првата анкета, во која формуларите им се дадоа на сите невработени со можност да ги однесат и пополнат дома за да размислат една недела околу нивното изјаснување, излезе дека од вкупно 215.500  регистрирани во Агенцијата (да потсетам дека оваа бројка во мај 2006 беше 355 илјади лица), значителен број на  лица се изјасниле дека не бараат агенцијата да им понудува вработување, и се декларираат во групата на пасивни невработени. Со тоа го задржуваат правото да добиваат бесплатни обуки за стекнување различни вештини, не бараат агенцијата да им понудува работни места и немаат обврска еднаш месечно да се пријавуваат како невработени (тоа е стандард во Европа), туку тоа го прават еднаш во шест месеци, а при тоа да можат да одберат која од бесплатните обуки кои ги нуди Агенцијата да ги искористат.

Сепак, бидејќи беше прв пат ваквото анкетирање, одлучивме да не го афирмираме премногу, и да не правиме длабински анализи од него, со цел најпрвин  да направиме уште едно вакво анкетирање на истите лица до крајот на оваа година, во кое уште подетално ќе им се објаснат условите и предностите ако се евидентираат во активни или во пасивни невработени. Очекувам во декември оваа година, да имаме многу прецизен податок за тоа колку од невработените лица активно бараат работа, што пак ќе ни одговори на многу прашања, и ќе ни помогне да креираме понатамошни политики во областа на работната сила. Затоа сега само го најавувам ова без да навлегувам во посуштинска анализа, дебата, и слично,  која ќе следи по завршувањето на втората анкета во декември оваа година. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, како и раководството и вработените во агенцијата за невработени посветено ќе работат на ова прашање во следните три месеци.

 

Мерки во економијата превземени во последните 12 месеци

Говорејќи минатата година за четирите пакети антикризни мерки кои ги превземавме, за новиот инструмент задолжница, и многуте други завршени реформи и мерки, чувствував дека сите сте во очекување да слушнете нешто околу проблемите со ликвидноста на буџетот и доцнењата на исплатите на буџетот кон приватниот сектор. Беше очигледно дека тоа беше најголемиот проблем кој во тој момент ве засегаше.

Минатата година Владата и јас лично тука пред Вас се обврзавме во целост да се исплатат обврските кон стопанството со точно утврдена динамика. Ветивме дека до крајот на февруари 2013 година целосно ќе бидат исплатени обврските по основ на поврат на ДДВ и обврски кои произлегуваат од договорите со приватниот сектор.

Како што беше најавено отплатата на долговите започна во септември 2012 година. Вкупните обврски изнесуваа 5.6 милијарди денари или 92 милиони евра. Согласно предвидената динамика до крајот на 2012 беа исплатени вкупно 70 милиони евра, односно 76% од вкупните обврски. На крајот на февруари долгот на државата кон стопанството беше сведен на нула, со што целосно го исполнивме ветувањето на Владата кон стопанствениците. Со тоа Македонија е една од ретките земји од регионот која се раздолжи кон стопанството, што беше потврдено и од ММФ и Светска банка.

Во услови на криза овие 92 мил.евра претставуваа значителен импулс за подобрување на ликвидноста на македонското стопанство и помогнаа да се поддржи економската активност. Овој потег на Владата придружен со големиот број на проекти и економски мерки и активности, несомнено помогнаа претпријатијата полесно да се справат со последиците од намалената економска активност. Дадовме ветување дека во иднина Владата ќе направи напори да нема задоцнувања во плаќањата и навремено да ги плаќа обврските кон стопанството, и досега тоа ветување го исполнуваме.

Закон за финансиска дисциплина

Имајќи го ова искуство во предвид, како и неодамнешните разговори со стопанските комори, кои неколку пати ми нагласија дека сега најголем проблем им се долговите помеѓу приватните фирми, а во правец на системско решавање на овој проблем, со задоволство денес за прв пат можам да соопштам дека во подготовка е Закон со кој прецизно ќе бидат утврдени роковите во кои ќе се подмируваат обврските, кој засега има работен наслов Закон за финансиска дисциплина. Со ова Владата повторно ќе излезе во пресрет на барањата на стопанствениците и ќе воспостави законска рамка со фер правила на игра кои најмногу ќе бидат во прилог на малите и средни претпријатија кои досега се соочуваа со проблеми во наплатата на побарувањата.

Со законот ќе се предвиди во договорите помеѓу приватните фирмите, рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена. Во исклучителни ситуации, доколку постои согласност од двете страни, тој рок може да биде подолг, но не повеќе од 120 дена. Во договорите помеѓу институции од јавниот сектор и фирмите рокот за исполнување на паричните обврски од страна на државата исто така да не може да биде подолг од 60 дена, освен ако со договорот не е предвидена повеќегодишна реализација. Исклучок преставува Фондот за здравствено осигурување на Македонија и корисниците на средства од фондот, за кој роковите за плаќање ќе бидат не подолги од 120 дена во 2014, и не подолги од 90 дена во 2015. Од 2016 и за нив важи рокот од 60 дена. Со законот се предвидува на должникот кој паричните обврски не ги исполнил во роковите да му се пресметува и наплаќа казнена камата, согласно законот за облигациони односи. За прв пат со овој закон се предвидува надомест за доцнење, без претходно потсетување и опомена на должникот. Воведувањето на надоместот е да се елиминира малото доцнење на плаќањата од ден, два или неколку дена. Исто така предвидени се прекршочни глоби, и за субјектите од јавниот и за субјектите од приватниот сектор.

Овој закон е надоврзување на мерката што Владата ја донесе минатата година кога се воведе „задолжницата” како нов инструмент за наплата на побарувањата во должничко-доверителските односи меѓу фирмите. Истата беше дизајнирана за да се обезбеди сигурност и едноставност во наплатата на побарувањата. Досега се издадени 81 задолжници во вкупна вредност од околу 3 милиони евра, што укажува дека овој инструмент постепено го зазема своето место во системот на должничко-доверителски односи.

Објавување на даночни должници

Во насока на натамошно унапредување на лојалната конкуренција и јакнење на даночната дисциплина, сакам да Ви најавам уште една нова активност. Започнуваме со објавување на имињата на сите должници кои должат повеќе од 90 дена, и тоа долг над 2 илјади евра за физички лица, и над 5 илјади евра за правни лица по основ на даноци, царини, акцизи и придонеси. Имињата на неплаќачите ќе се објавуваат јавно на веб страницата на надлежните институции најдоцна до 10ти во месецот, по групи на долгови. Даночниот должник неколку дена претходно ќе биде информиран дека доколку не го подмири долгот, ќе се најде на листата на должници. Со овој проект на увид пред компаниите и граѓаните ќе се стават неплаќачите на данок кои незаконски се богатат, го оштетуваат државниот буџет и нелојално конкурираат на оние кои редовно си ги плаќаат обврските.

Кредитни линии од ЕИБ

Покрај овие мерки за подобрување на ликвидноста, Владата во изминатите четири години спроведе проект со кој на компаниите им се обезбеди пристап до свеж капитал по услови кои се значително подобри од пазарните, преку кредитните линии од Европската инвестициона банка. Набрзо ќе започне со реализација четвртата кредитна линија во износ од нови 100 милиони евра, со што ќе продолжи поддршката на компаниите со квалитетни кредитни средства по поволни услови, односно фиксна годишна стапка од 5,5% и со рокови на отплата до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства. МБПР во соработка со Министерството за финансии ја има отпочнато постапката и се очекува договорот да се усвои на бордот на ЕИБ во средината на октомври. На почетокот на ноември фирмите ќе може да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија. Досега од кредитните линии на ЕИБ во претходните три фази во вкупен износ од 250 милиони евра, повлечени се вкупно 222 мил.евра за реализација на 761 проект и за отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 мил.евра за нови проекти, со што на располагање од третата линија остануваат уште 22 мил.евра. Овие кредитни линии се покажаа како најповолни и најстабилни извори на средства за македонските фирми во кризниот период, кога кредитите од сопствени извори на банките бележеа намалување. Навремената интервенција на Владата со поволни кредити се покажа како најадекватен одговор на кризата и тие кредити беа речиси единствен извор на ликвидни средства за македонските компании.

Мерки од МБПР

Дополнително, Владата во соработка со МБПР изврши подобрување на условите за кредитирање и воведување на нови производи во делот на кредитно осигурување. Така новите мерки предвидуваат:

    Натамошно олеснување на условите од кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 10,7 мил.евра. Минатиот месец се донесе одлука со која на фирмите кои имаат потенцијал за раст и квалитетен бизнис план, а се на почетокот од своето работење или привремено покажуваат негативни финансиски резултати, им се овозможува пристап до оваа кредитна линија  под услов да имаат обезбедено првокласна банкарска гаранција. Притоа, се задржуваат сите останати поволности кај оваа кредитна линија во однос на каматната стапка од само 3% фиксна годишно и рокови на отплата до 5 години за инвестиции и до 1,5 години за обртни средства. Досега од оваа линија одобрени се 22 проекти со кредитна поддршка од 5,9 мил.евра.

    За да се намалат трошоците на компаниите во услови на криза, МБПР ги намали и каматните стапки на „Кредитната линија за поддршка на МСП“ за инвестиции и за обртни средства од 8% на 6,5% годишно. Кредитната линија за инвестиции е со рок на отплата до 8 години, а за обртни средства до 3 години, при што се дозволува користење на обртни средства до 50% од износот на кредитот. Исто така, намалена е каматната стапка кај „Кредитната линија за поддршка на извозот“ на 6% фиксна камата годишно и истата е со рок на отплата до 2 години, при што максималниот износ е до 2 мил.евра доколку се оди преку деловна банка, односно до 1 мил.евра доколку се оди директно преку МБПР.

    За поддршка на извозно ориентираните компании, земајќи ја во предвид одлуката на НБРМ за намалување на задолжителната резерва при кредитирање на нето извозници, МБПР ја намали каматната стапка на извозниот факторинг од 8% на 7% на годишно ниво.

    Исто така, би сакал да ве информирам дека МБПР ги анализира можностите за воведување на нов инструмент ,,Осигурување на кредитите за подготовка на извоз'', кој е наменет за компании кои имаат квалитетни извозни програми и потврден капацитет за производство и извоз на капитални добра на странските пазари. Овој инструмент ќе го користат фирмите кои имаат недостаток на обртен капитал за подготовка на извозот, а истовремено не се во можност да понудат вообичаен колатерал прифатлив за деловните банки.  МБПР со осигурувањето на кредитите за подготовка на извоз, ќе ги покрие ризиците од ненаплата на реализираниот извоз или неплаќање заради стечај и неликвидност.

    Дозволете да најавам, дека во план е и воведување на нов инструмент за осигурување на гаранциите кои ги издаваат македонските банки на наши фирми кои учествуваат на меѓународни тендери. Со овој инструмент ќе се подобрат условите за македонските извозници кои се соочуваат со недостаток на колатерал кој го бараат деловните банки при издавање на тендерските гаранции и на тој начин ќе се олесни и охрабри учеството на македонските компании на меѓународните тендери во странски земји.

 

Царина

    Царинската политика сите изминати години беше во функција на јакнење на конкурентската способност на македонските компании. Во таа насока, покрај претходните неколкукратни намалувања на царините, со последниот царински пакет се укинаа и намалија царините на 130 видови стоки (опрема, алати, машини, резервни делови, репроматеријали за земјоделството и преработувачката индустрија и др.). Оваа мерка, кумулирана со реализацијата на договорите за Стабилизација и асоцијација со ЕУ, СТО, ЦЕФТА и ЕФТА, придонесе за намалување на пондерираната ефективна царинска стапка на 1,75%, што е една од најниските во регионот.  Во 2013 година фирмите плаќаат 40% пониски царини споредено со 2007 година, додека по основ на укинати и намалени царински такси и надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од 10 милиони евра годишно.

    Царинската Управа го зголеми бројот на гранични премини на кои може да се врши извозно-увозно царинење кое е побрзо и поевтино заради еднократните и помали трошоци за терминалски престој, за царинско застапување и ангажирање банкарски гаранции за транзит. Така: 1/ на Ќафасан е воведено извозно царинење на лесно расиплива стока и стока која е едноставна за физички преглед;  2/Се овозможи извоз на акцизни стоки во Албанија на граничниот премин Блато кај Дебар; 3/ воведено е 24 часовно-7 дневно увозно царинење на граничните премини Табановце со Србија и Ќафасан со Албанија, на кои претходно беше воведено извозно царинење. Со овие мерки се зголеми мрежата на гранични премини на кои може да се врши 24 часовно царинење секој ден од неделата (покрај постојните Ново Село, Делчево, Меџитлија, Блаце, Богородица  и Деве Баир).

   EXIM-Електронскиот систем за издавање увозни/извозни дозволи и тарифни квоти го користат 4.100 фирми на кои во првата половина од 2013 година им биле издадени 37.000 увозни/извозни дозволи и тарифни квоти, при што просечното времетраење за издавање на дозвола е околу 2,5 часа. Ќе се сложите ова е значаен напредок споредено со минатото кога за добивање дозвола беа потребни и по неколку денови.

    Покрај овие Царинската Управа спроведува и бројни други реформи кои резултираат со побрзи и поефикасни царински постапки. Во употреба се воведени:

     систем на електронското  управување со документи кој на фирмите им овозможува електронско поднесување на барања за повеќе од 70 стандардни одобренија

     систем за електронско одобрување и раздолжување на одобренија за сите видови лон постапки

     електронска размена на податоци помеѓу Царинската управа и корисниците на TIR карнети, што резултира во намалување на времето на чекање на царинските терминали и услугите на шпедицијата, со што се остваруваат значителни заштеди.

 

Бизнис клима

  Владата во изминативе години во континуитет спроведува мерки за подобрување на деловната клима. Резултатите се видливи и потврдени од релевантни меѓународни извештаи и институции. Во изминатите 7 години рангот на Македонија е подобрен за: 71 место во извештајот Doing Business на Светска Банка(од 94-то на 23-то место); 45 места според извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ (од 82 на37 место); 35 места според Индексот за економски слободи според фондацијата „Херитиџ“ (од 78 на 43 место); и 14 места според Индексот за глобалната конкурентност  (од 94 на 80 место). За натамошно унапредување на бизнис климата, во изминатата година Владата донесе и имплементира сет на нови мерки во повеќе области:

    За олеснување на постапката за основање на фирма и намалување на трошоците, се овозможи целата постапка за регистрирање на фирми да ја спроведуваат т.н. „регистрациони агенти“. Со истите законски измени се даде можност употребата на печат да не биде задолжителна со што се намалуваат формалностите во правниот промет и се олеснува работењето на фирмите.

    Во областа на градежништвото Владата спроведе голем број реформи за поедноставување на формалностите и намалување на роковите за издавање на градежни дозволи. Во таа насока почнувајќи од 1 јуни 2013 со работа започна Електронскиот систем за издавање на градежни дозволи со што целата постапка за добивање на одобрение за градба се поедностави и се води по електронски пат. Македонија е прва од земјите во регионот и една од ретките во Европа каде преку единствен електронски систем општините издаваат градежни дозволи. Со новиот софтвер, дозволите за градба наместо како досега за 45 дена ќе се добиваат за 15 дена, доколку предметот има комплетна документација.

    Владата во соработка со Регулаторната комисија за енергетика и ЕВН иницираше реформи за подготовка и донесување на нови мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија. Со нив значително се скратени роковите за добивање Решение за согласност за приклучување на потрошувач на дистрибутивниот систем. Исто така, трошоците за приклучок се прецизно дефинирани со што се обезбедува транспарентност при утврдување на истите.

    Во април 2013 година беше донесен Нов закон за катастар на недвижности во кој се вградени и одредби од делот на подземните инфраструктурни градби. Со овој закон ќе се овозможи поголема прегледност на податоците за овие објекти, планирање на просторот за инфраструктура и уредување на односите со сопствениците/корисниците на земјиштето, олеснување на постапката за добивање одобрение за градење и овозможување поефикасна реализација на идните инвестиции. Исто така, Агенцијата за катастар на недвижности спроведува масовна дигитализација на сите катастарски планови, што ќе овозможи скратување на времето за решавање на предметите.

    Новите решенија во Законот за трговски друштва, Законот за хартии од вредност и Кривичниот законик обезбедуваат поголема заштита на акционерите. Трговско друштво кое котира на овластена берза, пред донесување на одлука за одобрување на зделка со заинтересирана страна чија вредност надминува 10% од вредноста на активата на друштвото, треба задолжително да обезбеди мислење од овластен ревизор.

    Дополнително, беа усвоени и измени на Законот за договорен залог со кои во договорите за залог задолжително треба да се утврди максималниот износ на побарувањата на доверителите кои се обезбедуваат со предметот на залог од страна на должникот. Исто така, се овозможи предмет на залог да може да се заснова врз сите средства на должникот вклучувајќи ги и идните средства кои ќе ги стекне должникот.

    За натамошно скратување на стечајните постапки Владата донесе измени на Законот за стечај со кои се скратува постапката со оглед дека се избегнува поднесување на неосновани жалби, се укинува стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката. Исто така, се зголемува транспарентноста преку објавување на одлуките од судот на веб страната „Е-стечај“, се зајакнуваат условите за добивање на лиценца за стечаен управник, се зголемува износот за осигурување од професионална одговорност, се воведува електронско именување на стечајни управници, се определува рок за постапување во стечајната постапка и во случај на субјективно оддолжување се разрешува стечајниот управник. Дополнително кон намалување на времетраењето на стечајната постапка и за зголемување на повратот на средствата, ќе придонесе и можноста за електронска продажба на имотот на фирмата во стечај. Водилка ни беше законот за стечај на Данска, која на ранг листата на Светската банка е прва од европските земји со стечај кој не трае подолго од една година. Измените на законот стапија на сила. Нагласувам, дека со новиот закон за стечај, очекувањата се, Македонија да има најбрз стечај во Европа, за фирми кои ќе отидат во стечај согласно овој нов закон. Имено најдолгиот рок што е предвиден е 8 месеци во случаи кога се водат спорови или се продава имот, значи најкомплицирани случаи. Во законот се разбира предвидени се и пократки постапки каде што нема имот, и предвидена е и можноста за реорганизација пред отворање на стечај.

    Сепак, останува фактот дека по законот за стечај од 1996 година и последователните закони до 2006та, кои беа многу неефикасни, сеуште во судските лавиринти талкаат 89 стечајни постапки. Тоа никому не му одговара, освен можеби на некој од стечајните стечајните управници. Од оваа причина, на последниот комитет за стечај, кој лично го предводам, кој практично и го подготви новиот закон за стечај, донесена е одлука, за еден до два месеци Владата да изготви специјален закон за овие 89 фирми по брза постапка да го завршат стечајот, и со тоа, овие фирми заплеткани во неефикасните закони од времето на транзицијата, да го завршат стечајот.

ТИРЗ

Владата продолжува со инвестиции за развој на технолошко-индустриски развојни зони со цел поттикнување на економскиот развој и промоција на Македонија како бизнис дестинација за реномирани странски компании. На 23 август 2013 година беше отворена првата ТИРЗ во Источна Македонија, лоцирана во Штип со површина од 208 хектари и 37 парцели. Првата фабрика на „Џонсон Контролс“ за автомобилски седишта е веќе изградена и во неа веќе почнаа вработувањата па досега се вработени околу 700 лица од предвидените 1427 лица. Наскоро се очекува нов инвеститор  да изгради фабрика за градежни материјали за што веќе е закупена парцела од 6.000 квадратни метри. Исто така, во тек е и изведување на градежните работи во ТИРЗ Кичево, Гевгелија и Прилеп, наскоро ќе почне градбата на ТИРЗ Струмица, а за останатите зони се изработува потребната проектно-техничка документација. Предвидени се вкупно 14 ТИРЗ, и градбата на сите треба да започне до март-април следната година. Преостанатите се лоцирани во регионот Струга/Охрид, Кочани-Виница, Берово/Пехчево, Делчево, Ранковце, Радовиш, додека Тетовската зона за која исто така има најави за инвестиции, се издаде под концесија и концесионерот треба да ја доизгради и управува.

Останати проекти:

    Владата во изминатиот период работеше на студија за едношалтерки систем за домашни и странски инвеститори. Студијата е завршена со повеќе предлог опции. Пилот проект од овој комплексен систем е веќе започнатиот електронски систем за издавање градежни дозволи кој одлично функционира, а планот е до 2016 година да се воспостави целосно едношалтерскиот систем за домашни и странски инвеститори.

    Во меѓувреме работевме и на новите фази на проектот Регулаторна гилотина за поедноставување на прописите и намалување на трошоците за занаетчиите, при што од 20 нивни барања, 15 веќе се реализирани или нивната реализација е во тек. Донесен е и законот за индустриски и зелени зони со кој се овозможува формирање на индустриски и зелени зони заради забрзување на економскиот развој.

    Заради зајакнување на дијалогот меѓу владата на Македонија и деловната заедница се воспостави  и национален совет за претприемништво и конкурентност, кој во моментов брои 17 членки, меѓу кои се и најголемите стопански комори, бизнис асоцијации, како и претставници на научната и академска заедница, и во чии рамки се формирани 6 комитети кои работат во правец на креирање нови мерки во областа која ја покриваат, а во насока на подобрување на конкурентноста.

    Владата формираше и специјален тим за интервенции во фитосанитарната политика, производство и промет со земјоделки репроматерјали (семе, ѓубрива и пестициди), при што се направија измени во казнената политика во неколку закони од оваа област, со сериозни казни за прекршителите, и поголема финансиска поддршка во производството на сертифициран семенски и саден материјал. Целта на овие мерки е да се обезбеди повисок квалитет на садниот материјал, кој е многу значаен за квалитетот на финалните производи.

    Во правец на подршка на фармерите, се донесе исто така и нов закон за земјоделски задруги во кој предвидуваме подршка на задругите според различни критериуми. Наскоро ќе започне и интензивна кампања за подигнување на свеста кај фармерите за нивно здружување.

    Законски се доуреди и статусот на сезонските работници и се отвори можност за ангажирање на сезонски работници во рок од 3 месеци без притоа да има потреба од објавување оглас за вработување, а системот предвидува пријавување и одјавување на сезонските работници да се прави по електронски пат.

    Како што знаете, Владата досега има инвестирано над 500 милиони евра во субвенции за земјоделците, при што наспроти кризата, целосно опстоивме на дадените ветувања во програмата на Владата. Оваа година се распределуваат 135 милиони евра од буџетот како поддршка на земјоделието, а веќе за следната се предвидени нови 140 милиони евра за македонското земјоделие.

    Конечно, една од најкрупните реформи е новиот Закон со кој земјоделците можат да си го купат земјиштето кое го користат под концесија, под поволни услови и на рати, и во иднина да ги користат сите предности на приватната сопственост. Во моментот се донесуваат сите подзаконски акти, и очекувам до крајот на 2013 овој закон да почне со целосна примена. Во законот особено се внимаваше да се одбегнат сите ризици кои земјоделците би ги довеле во непријатна ситуација, а покрај другото влезот на странски компании и физички лица во сегментот на купување на земјоделско земјиште во државна сопственост не е дозволен до моментот додека Македонија не стане членка на ЕУ, и седум години потоа.

Иновации

За да се зајакне економскиот потенцијал на среден и долг рок, особено значајно е да се развие конкурентноста на приватниот сектор преку зголемување на знаењето и иновации кај фирмите. Свесни сме дека доколку сакаме македонските компании да бидат конкурентни на домашниот и извозниот пазар, истите треба повеќе да се ангажираат во иновативни активности. Иако потребата од примена на иновации е општо позната, мал е бројот на македонски компании кои се успешен пример на фирми кои преку иновации успеале да се пробијат и наметнат на пазарот. Стопанските комори и секторските кластери мора да имаат план за јакнење на сопствената улога и капацитетите на фирмите за примена и развојот на иновациите. Подигнувањето на компаниите на ново иновативно ниво е постапен процес, кој вклучува надградување на јавните и приватни истражувачки капацитети, ставање фокус на развојот на вештините и адаптација на технологијата и нивна практична примена односно комерцијализација на иновациите. Би сакал да напоменам дека користејќи ги иновациите, фирмите од традиционалните македонските сектори, може да преминат од активности со ниска новосоздадена вредност кон активности со висока новосоздадена вредност.

Минатата година говорев околу важноста на развој на претприемничкиот и иноваторски дух во Македонија. И тогаш и сега ќе кажам дека тој е недоволно развиен, и дека неговото развивање е една од клучните работи за развој на Македонија. Ова особено важи за големите компании, но не помалку важно е за помалите и средните. Владата во средните училишта веќе воведе предмет иновации и претприемништво, а во дел од наставните програми во основните училишта го уфрли претприемништвото и иновациите. Покрај ова, спроведуваме силна медиумска кампања за поттикнување на иновацискиот и претприемничкиот дух, како и средношколски и студентски натпревари. Воедно, со поддршка на меѓународниот експерт од Израел г-дин Јехошуа Глеитман кој го ангажирав за мој советник за оваа проблематика, Владата подготви сеопфатна Стратегија за развој на иновациите за периодот 2012-2020, како и Закон за поттикнување на иновациите. Со овој закон, помеѓу останатото се предвидува формирање Фонд за иновации и технолошки развој, кој деновиве треба да добие свое раководство и акти за работа. Преку Фондот ќе се обезбедуваат средства за поттикнување на иновациската дејност во вид на: грантови за кофинансирање на новоосновани старт-ап и спин-оф компании, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, еквити и мезанин инвестиции, кофинансирани грантови за трансфер на технологии и техничка помош.

Во сите фази на подготовката покрај комитетот за иновации, кој јас лично го предводам, беше вклучен мојот советник од Израел, а беа консултирани и други меѓународни експерти од оваа област. Очекувам во наредните месец до два фондот да почне со работа, а следната година да ги додели и првите грантови. За понатамошен развој на иноваторството владата е во фаза на креирање нов аранжман со Светската банка која со околу 24 милиони евра ќе го подржи овој исклучително важен проект. Буџетот на фондот за наредните 3 години е близу 8 милиони евра годишно и се очекува за овој период да бидат подржани преку 150 компании.

Овој проект е најважен за новите компании и за компании во развој. За големите компании, кои исто така можат да бидат корисници на средствата од овој фонд сепак би потсетил на пораките кои ги испратив минатата година на оваа тема на истиот настан.

 

Макроекономски состојби

Од 2006 година до денес владата  повеќе од две третини од мандатот реализираше во услови на економска криза најтешка во последните 80 години. По извесното заздравување во 2010 од светската глобална криза, дојде до ерупција на европската должничка криза која го означи второто полувреме на големата рецесија како што меѓународните економисти најчесто ја нарекуваат актуелната криза.

Кризата остави длабоки траги на резултатите кои ги оствари македонската економија. Но сепак наспроти драматичниот пад на економиите во голем број земји Македонија забележа благо намалување на БДП само во две години, во 2009та(-0.9) и во 2012та(-0.3), додека во 2010 и 2011 растот достигна близу 3% годишно. Според меѓународните финансиски институции, гледано споредбено, Македонија е на добар пат да оствари макроекономско заздравување во годините што следат. Да не заборавиме дека некои земји од регионот и во 2013та се очекува да останат во рецесија како Хрватска и Словенија на пример.

Најновите податоци покажуваат дека Македонија излегува од кризата и започна да остварува позитивни стапки на економски раст. Позитивните движења од крајот на 2012 продолжија и во 2013 година, при што БДП бележа значителен раст од 2,9% отсто во првиот квартал што беше четврто најдобро остварување во Европа, а во вториот квартал растот беше 3.9 отсто што пак е трето најдобро остварување во Европа, после Литванија и Латвија. И понатаму најголем придонес во економскиот раст има градежништвото со висок раст од 36,8% во првиот квартал, односно 33% во вториот квартал од 2013. Гледано според расходната страна растот е придвижен од бруто инвестициите кои бележат раст од 9,4% во првиот квартал, и 7% во вториот квартал, што соодветствува со високиот раст на градежништвото, капиталните инвестиции од буџетот и растот на домашното производството на капитални добра.

Имајќи ја предвид поврзаноста на македонската економија со европската, дополнително охрабруваат и најновите податоци за придвижување на економската активност во вториот квартал од 2013 година во Еврозоната која забележа раст од 0,4%. Ова се први позитивни сигнали за Еврозоната која шест квартали последователно бележеше негативни стапки на раст. Значајно е што 16 економии од ЕУ бележат раст, меѓу кои и трите најголеми европски економии-Германија (0.7%), Британија (0,6%), и Франција (0,5%). Во наредните два квартали во ЕУ се предвидува да продолжи позитивниот економски раст од 0,3% на квартално ниво.

Ваквите податоци за ЕУ и солидните перформанси на реалниот сектор во Македонија во првата половина од годинава, се добра основа за реализација на очекувањата, а тие се домашната економија во 2013 година да го оствари проектираниот раст од 2%, а можеби и нешто над тоа. Очекувам кон остварувањето и на таа цел да помогне реализацијата на капиталните инвестиции од Буџетот за 2013 година, која засега оди добро, како и продолжувањето со навремена исплата на сите обврски, имајќи ја предвид добрата ликвидност на буџетот. Во наредните две години се очекува постепено забрзување на растот и тоа 3,2% во 2014 и 3,8% во 2015 година. Најголем придонес кон економскиот раст ќе има домашната побарувачка предводена од бруто инвестициите, во кои и натаму значајна улога ќе имаат капиталните инвестиции од буџетот.

Во оваа прилика, би сакал да најавам дека сме во завршна фаза на подготовка на Буџетот за 2014 година, за кој основните проекции се пораст на БДП од 3,2%, инфлација од околу 3,3% и дефицит од 3,5% од БДП. Владата и во следниот период ќе продолжи со спроведување на дисциплинирана фискална политика, што ќе резултира на одржување на ниското ниво на јавен долг, кој во јули 2013 година изнесува 33,6% од БДП и е четврти најнизок државен долг во земјите од ЕУ и регионот.

Во тие рамки, ќе продолжиме со политиката на зголемување на капиталните инвестиции за реализација на крупни инфраструктурни проекти. Овие проекти на краток рок го раздвижуваат градежништвото кое стана основен генератор на растот на БДП, но и преку 20 индустриски гранки кои се поврзани со градежната активност.  На долг рок пак, инвестициите во патишта, пруги, енергетски и други слични објекти се значајни за подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Сакам во ова прилика да Ви соопштам дека Владата во новоподготвениот буџет за 2014та година предвиде и:

1. Зголемување на пензиите за 5 отсто во кое влегуваат владиното покачување и индексацијата, од март 2014-та година

2. Зголемување на социјалната помош за 5 осто од март 2014та година,

3. Зголемување на платите во целиот јавен сектор за 5 отсто почнувајќи од октомври 2014-та

4.Зголемување на додатокот за самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 отсто, почнувајќи од 1ви јануари 2014-та

5. Се воведува додатокот за мобилност за квадриплегичарите (целосно неподвижни лица на кои сите екстремитети не им се подвижни), во износ од 7 илјади денари месечно. Ваков додаток се воведе лани за инвалиди во количка и слепи лица со над 98 отсто слепило. Сега се воведува и за квадриплегичарите овој додаток.

6.Се воведува и додаток за целосно глувонеми лица во износ од 4 илјади денари месечно, со почеток од први јануари 2014та година.

 

Дами и Господа,

Пред една година говорев за она што сме го направиле и што го планираме во делот на инвестиции во патната инфраструктура. Ве потсетив дека ја изградивме автопатската делница меѓу Куманово и Табановце во должина од 7,6 км и вредност од 15,5 милиони евра, и 26 км обиколница околу Скопје во вредност од 125 милиони евра од кои преку 80% односно околу 100 милиони евра се реализирани по изборите во 2006 година.  Тогаш Ви ја најавив и градбата на последната делница од автопатот Александар Македонски од Демир Капија  до Смоквица во должина од 28,2 километри во вредност од 220 милиони евра. Ве известив и за направениот за жал неуспешен обид за изнаоѓање концесионер за изградба на автопатот на Коридорот 8. Известив и за причините за ова а тоа беше дека ниту една банка не и одобри кредит на ниту една од заинтересираните компании за концесија. Во подоцнежните разговори со повеќе од банките ни беше укажано дека не одобруваат кредит бидејќи сметаат дека проектот заради малиот проток на возила е неисплатлив. Изразив надеж дека можеби ќе изнајдеме алтернативни извори на финансирање, но не се осмелив да дадам цврсто ветување дека ќе успееме.

Исто така Ве информирав дека дека заклучно со 2012 година, изградени и рехабилитирани се вкупно 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри, во вредност безмалку од 30 милиони евра и дека отпочната е изградба и рехабилитација на 105 локални патишта во вкупна вредност од 20 милиони евра и должина од 216 километри, како и тоа дека изградени и рехабилитирани се 15 регионални патишта во должина од 318 километри и вредност од околу 50 милиони евра а дека во тек е и работа на исти такви во должина од 72 километри и вредност од околу 11 милиони евра.

 Една година подоцна, сакам да Ви соопштам неколку работи:

     Работата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица се одвива со полн капацитет и динамика. Заклучно со декември 2013 во овој патен правец се инвестираат околу 40 милиони евра, а целосната градба и инвестиција од 220 милиони евра планирано е да заврши до 2016та година.

     Откако дефинитивно ни беше потврдено дека банките кои во Европа вообичаено финансираат ваков вид на проекти не се заинтересирани да  ги финансираат автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид, по долги и темелни консултации, се одлучивме на барање заем од Народна Република Кина, од поволните програми на Ексим банката на НР Кина. Една од овие програми е и програмата за поддршка на проекти  во источна Европа, која беше промовирана минатата година во Варшава на самитот на земјите од источна Европа и Кина, на кој и Македонија учествуваше. По остварени многу контакти со кинеските власти и институции, меѓу кои и три мои средби со кинескиот премиер и една со претседателот на Кина, како и повеќе посети на потпретседателите на владата Ставрески, Пешевски и министерот за Транспорт Миле Јанакиески, конечно пред неколку дена добивме информација дека Ексим Банката на Кина а потоа и министерството за трговија одобри заем за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип (50 км), со преференцијална камата од 2 отсто, и дека во завршна фаза на одобрување во министерството за трговија е заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга ( 57 км), под истите поволни услови.

Заемот го повлекува Агенцијата за патишта, со рок на отплата од 20 години од кој пет години грејс период, а се очекува патиштата да почнат да се градат 3 до 4 месеци по одобрувањето од парламентот.

Износот на инвестицијата на овие два автопата ќе биде околу 574 милиони евра без ДДВ.

Од посебно значење е што рокот на изградба е максимално брз: изградбата треба да заврши во рок од три години од почетокот на нивната градба.

Патот од Куманово до Крива Паланка (проценка над 400 милиони евра) е најмалку фреквентен со возила од сите овие патишта и засега планираме негова реконструкција и на одредени делови проширување за кое ќе се изготви проект следната година. Покрај ова привршува и грдбата на нов регионалниот патен правец Пробиштип – Свети Николе во должина од  8  километри, во износ од 1 милион евра, кој заедно со веќе асфалтиран пат од 7 км кој сега само ќе го прошириме на неколку места, па така ќе дојде до директно поврзување меѓу Пробиштип и Свети Николе што е нешто што на последните избори им го ветивме на жителите во овој регион. Го изградивме регионалниот патот од Радовиш до Струмица и мината зима го пуштивме во употреба. Откако го завршивме реконструирањето на патот Скопје- Велес, ги почнавме процедурите за реконструкција на автопатот Велес- Скопје, кој треба да се реконструира во 2014 и почетокот на 2015 и ќе чини околу 8 милиони евра. Истовремено ќе тече и проектот за реконструкција на мостови со грант од НАТО, во износ од 8 милиони евра. До крајот на 2013та се планира да започне да се работи на патниот правец Велес- Кадрифаково во кој ќе се инвестираат околу 13 мил евра заклучно со 2015 кога е предвидено завршување на реконструкцијата. 

Во регионалната патна мрежа до крајот на 2013та ќе се инвестираат околу 13 милиони евра за 6 регионални патишта (да се набројат)  во должина од околу 100 километри, а во 2014та ќе се доврши уште еден регионален пат, во должина од околу 15 километри и во износ од 2,5 милиони евра, плус изградбата на патот Сончев град која веќе започна и која е во износ од 7 милиони евра. Се заврши и патот кон манастирот Трескавец, во износ од 1,4 милиони евра, во должина од 7 километри, а на ред е патот кон Зрзе. Во 2012та се работеше на изградба и рехабилитација на 74 локални патишта во должина од 168 километри за што се инвестираат 13 милиони евра. До крајот на годинава ќе се доизградат уште 59 локални патишта  во должина од 90 км и вредност околу 9 милиони евра. Во 2014та ќе се инвестираат 19 милиони евра во околу 100 локални патишта во должина од 180 километри.

По изградбата на аеродромот Александар Велики, и дадените субвенции за отворање на нови авио лини годинава се отворија 7 нови авио линии, уште две линии ќе почнат со отворањето на зимската сезона, а дополнителни 3 се најавени за април следната година.

Гасификација

Пред нецели три месеци се потпиша договорот со Русија за вклучување на Република Македонија во меѓународниот гасоводен проект Јужен Тек. Во почетокот кога проектот беше промовиран, Македонија воопшто не беше планирана да биде дел од овој проект. Но со вонредни напори на Владата и сите наши институции и одговорни лица, успеавме да издејствуваме поврзување на овој гасовод кој за Македонија ќе значи нови количини на гас, и долгорочна енергетска стабилност на земјата. Неодамнешната посета на претседателот на „Гаспром“ на Македонија, ја потврди намерата на најголемиот гигант за производство на гас во Европа, дека не само договорот, туку веднаш ќе се пристапи кон следните чекори и дека за 4-5 месеци треба да се изработи проектот.

Комплементарен на овој проект е проектот за изградба на гасна инфраструктура во Македонија, која ќе го зголеми користењето гас во Македонија, што пак од друга страна не само што и дава логика на новата инвестиција со проектот Јужен тек, туку и ќе влијае во намалување на цената на гасот, бидејќи, во формирањето на цената на гасот значајно влијание има набавената количина. Оваа инфраструктура ќе се гради со два извори на средства, прво од средствата со кои се пребива стариот клириншки долг на СССР во износ од околу 60 милиони евра, и остатокот околу 240 милиони евра од средства која Македонија планира и има позитивен сигнал да ги обезбеди од ЕБРД. Со оглед дека Русија ја определи фирмата Стројтрансгас за изведувач на работите во износ на клириншкиот долг, во завршна фаза се преговорите со оваа фирма, по што ќе следи почеток на изведба на првата траса која треба да го поврзи Клечовце (Кумановско) со Свети Николе и Штип. Потоа гасоводот ќе продолжи кон Неготино и Кавадарци, а како следна фаза да се спроведи и гасоводот од Скопје преку Тетово до Гостивар. Се разбира тука нема да се запре, но тоа се почетните планови. Во меѓувреме се подготвува студијата за секундарната гасификација во Македонија, за која се надеваме да биде готова некаде до следната пролет, по што за секој град или регион ќе се објави повик за пројавување   на интерес за изградба на секундарен гасоводен систем. Онаму каде ќе се донесе цевководот од примарната мрежа напојувањето со гас ќе биде преку гасоводот, а во другите градови се до донесувањето на гасен цевковод, дотурот на гас ќе може да се носи со камиони во специјални контејнери, за што постојат специјализирани компании во светот кои вршат таков вид транспорт.

Од останатите енергетски проекти, би истакнал дека есента 2012 заврши еден од најголемите енергетски проекти во Македонија – модернизацијата на агрегатите на РЕК Битола во вредност од 55,9 милиони евра.  Со негова реализација, моќноста на термоблоковите е зголемена за 25MW. Во текот на 2012 се стави во функција ХЕЦ „Света Петка“ со моќност од 36,4 MW. Започна и ревитализацијата на 6 хидроелектрани во вредност од 32,8 милиони евра, со што ќе се обезбеди дополнително годишно производство од околу 50GwH електрична енергија. Во завршна фаза е изградбата на првиот ветерен парк во Богданци со вредност од 55 милиони евра. Во октомври оваа година  се планира да почне градбата на 400 KV далекувод помеѓу Република Македонија и Република Србија, од Штип до границата со Србија, со вредност од 9,7 милиони евра. Завршени се и студиите за изградба на 400 киловолтен далеково од Битола до Албанската граница. Истиот ќе се заврши до 2017 година, а вредноста е 43,5 милиони евра.

До крајот на оваа година, ќе почнат подготвителните градежни работи на ХЕ Бошков Мост, проект вреден 107 милиони евра. Во текот на 2014, по завршувањето на студиите за влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, ќе започне изградбата на акумулацијата Луково Поле, со која ќе се обезбедат дополнителни 156 GwH. Средствата за овие два проекти се обезбедени од ЕБРД и Светска Банка.  ЕЛЕМ инвестира и во истражувањата на јагленовите наоѓалишта во Мариово и Живојно, каде што по изработката на студиите и проектите, се очекуваат инвестиции во нови рудници и евентуално термоелектрана. 

Кога сме веќе кај минералните богатства, освен што сакам да потсетам на работите околу рудникот Иловица кој ќе стартува со работа во 2017 и ќе ангажира најмалку 700 вработени, сакам да Ве информирам, дека владата размислува на отворен јавен меѓународен повик да привлече компанија која ќе инвестира во целосно и темелно истражување за руди и минерали на територијата на цела држава. Со оглед дека овој проект е мошне скап, би се обиделе, со претходна законска измена, да овозможи наместо со плаќање за услугата за која државата ќе ги добие сите детални резултати од тие истражувања и со тоа многу полесно ќе привлече инвеститори, на компанијата која ќе биде избрана на тендер, да и се овозможи предимство на експлоатација на едно или неколку наоѓалишта, за што секако ќе плаќа концесиски надомест, согласно утврдениот тарифник. Повеќе компании досега во неформални разговори пројавија ваков интерес, со индикација дека се заинтересирани за една од двете опции: плаќање од државата или предност при доделување на одреден број концесии. Ова е активност на која ќе работиме во текот на 2014та година, доколку претходно парламентот ги усвои овие прилагодувања на законите.

Околу железницата долж Коридорот 8, подготвителната постапка е при крај, и се очекува за околу два месеци од сега да се склучи договор за градба, која би требало да почне во почетокот на 2014-та. На овој проект имавме задоцнување, заради доцнење на компанијата која го врши проектирањето, а која е платена како донација од Вестерн Балкан Инвестмент Фонд. Градбата, согласно барањето на ЕБРД ќе оди постепено во фази, и треба да се заврши за околу 6 до 7 години, и е инвестиција вредна над 500 милиони евра.

Во тек е изведба на реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, во вредност од 18 милиони евра, и досега работата е завршена 50 отсто, а преостанатиот дел ќе се заврши следната година. Ова ќе помогне да се зголеми просечната брзина на оваа траса од 40 до 50 км на час, на 100 км на час. Ја започнавме и процедурата за набавка на патнички гарнитури и товарни вагони во вредност од 50 милиони евра, кој ќе се заврши до 2015та година, и со што во делот на патничкиот железнички сообраќај ќе се заменат 60 отсто од сегашните вагони. Во тек е и процедурата за изведувач за реконструкција на железничката станица во Скопје, проект кој ќе чини 2,6 милиони евра и ќе заврши  во 2015та.

Тендерската документација за железничката пруга Битола-грчка граница кој треба да се финансира преку ИПА фондовите, веќе е доставена до Европската Комисија. Очекуваме до крајот на оваа година да се распише проект за избор на градежна компанија, и градбата да почне следната година. Пругата е со должина од 16 километри, а вредноста е околу 21 милион евра. Исто така, до ЕК доставена е и чека на одобрување тендерската документација за тендер за проектирање на железничка линија Кичево – Струга- Албанска граница.

Паралелно се инвестира и во изградба на водоводни системи во вредност од 50 милиони евра со поддршка на ЕИБ. 32 поединечни проекти се во тек, во вредност од 10 милиони евра, во региони кои таргетираат речиси 200 илјади луѓе. Ангажирани се голем број македонски компании на овој проект, кој ќе продолжи и во 2014та. Преку проект на КФВ дополнителни 8 милиони евра се инвестираат за подобрување на техничката инфраструктура на водоводните мрежи во 8 општини. Во рамките на проектот на Светска Банка за поддршка на општините, во текот на 2014 година ќе бидат обезбедени и дополнителни 18 милиони евра за капитални инвестиции на општините, од кои меѓу другото можат да се финансираат канализации, водоводи, улици и други проекти од руралниот развој и развојот на општините.

 

Поважни работи

Годинава, откако претходно овозможивме легализација на дивите градби, дозволивме и легализација на земјиштето каде се дивите градби, а со последниот превземен чекор и легализација на земјиштето каде има диви градби а каде нема детален урбанистички план. Оваа голема операција која ја започнавме пред околу две и пол години, наиде на голем одѕив и кај граѓаните, и кај земјоделците и кај компаниите. Заокружувањето на сопственоста, на сите ќе им помогне во развој на нивните семејни или бизнис планови. Би истакнал дека досега се легализирани и запишани во имотен лист 511 индустриски објекти.

Подземниот катастар е нов проект на Катастарот и Владата кој веќе започна, и треба да се заврши во период од 5 години, но многу е важно, до март следната години, сите Вие кои имате различни инфраструктурни објекти, пред се подземни кабли, цевки, и други инсталации да ги пријавите во Катастарот, за да може истиот успешно да ја заврши оваа крупна реформа. Би било добро тоа да се направи доброволно и на време, за да не мора да се применуваат казнените одредби.

Во 2014та ќе започнат и градбата на новиот објект на комплекс клиники Мајка Тереза, во износ од  70 милиони евра, клиничката болница во Штип, 44 милиони евра со вклучен ДДВ, чија градба ќе се одвива речиси паралелно со претходниот, како и болницата во Кичево, понатаму изградбата на ПЕТ центарот во кругот на Градската општа болница 8ми септември, 4,2 милиони евра, Ќе продолжи и проектот за реконструкција на ЈЗУ во рамките на овој проект кој финално е предвидено да чини околу 100 милиони евра, веќе се инвестирани околу 30 милиони евра, и реконструирани се ЈЗУ во повеќе градови, меѓу кои е и градбата на специјалната болница за детски заболувања во Козле. Сето ова е градежна активност која ќе се почувствува и од тој аспект.

Во овој дел, а во рамките на поддршка на демографскиот развој и поддршка на граѓаните, од јануари, државата почнува со покривање на трошоците за ин витро за второ дете, што само во првата година ќе чини околу 2 милиони евра.

Иако не директно, и реформите во администрацијата индиректно влијаат на бизнисот. Од тој аспект, дозволете да ве информирам дека во финална фаза на подготовка е нов закон за администрација со кој се предвидува значително да се издигнат стандардите со цел прием на оние со највисок капацитет и знаење во администрацијата. Се става акцент на постојано и континуирано учење и обука на сите вработени и се следи успешноста односно учинокот на секој вработен во администрација. Законот ќе креира многу повеќе сервисно ориентирана администрација. Годинава промовиравме и нови методологии на регрутирање на најспособниот кадар во земјата на најодговорните државни позиции преку јавен повик за изразување интерес и повеќе интервјуа и проверки за кандидатите. Иако самиот метод изискува посветување на многу време, сепак првите искуства се дека е одличен промотор на најуспешните на вистинските позиции, и решени сме овие чекори во кадровата политика да ги продолжиме и дополнително да ги усовршуваме. Веројатно сето ова во овој момент Ви личи како нешто убаво за кажување ама неостварливо во Македонија, но сакам да Ве убедам дека ако не работиме баш на конкретно таков закон, немаше да го говорам ова сега. Можев и да го прескокнам. Сепак, да го почекаме законот да излезе од владина процедура, па ќе го коментираме во детали.

Но, нешто исто така револуционерно ново, што веќе е во собраниска процедура е Законот за инспекциски надзор и Измените на законот за јавни набавки.

Со законот за инспекциски надзор се прави радикална трансформација на инспекциските органи во правец на нивна поголема ефикасност и правичност. Инспекцискиот совет станува надзорно тело на инспекциите со специјални овластувања во вршење на контрола на законското работење на инспекциите. Секој инспектор на секои пет години ќе треба да полага испит за контрола на неговото знаење и вештини, и негово следење на најновите законски прописи, и се воведува систем на лиценцирање на инспекторите. Губењето на лиценцата за секој инспектор кој работи незаконски ќе значи и губење на неговото работно место и други законски консеквенции. Инспекцискиот совет во случаи на претставки од граѓани и фирми, односно жалби и поплаки ќе може да извршува контроли на контролите. Се воведува сериозно следење на работата на инспекторот, но и многу други новини. Се на се, сите оние кои работат чесно можат да бидат среќни со овој закон, и обратно, за оние кои работеле недозволени работи со некои инспектори, немам добри вести.

Со новите измени на законот за јавни набавки, покрај другото се воведува обврска за секој набавувач при креирањето на тендерската документација претходно да изврши анализа и да обезбеди дека најмалку 5 производители ги исполнуваат условите за конкурирање на тој тендер. Доколку има објективни причини за тоа да е невозможно, ќе треба претходно ова да го образложи до второстепената комисија за јавни набавки, и да бара нејзина согласност, која пак ќе одлучи по претходна стручна експертиза на вештаци експерти. Со законот значително ќе се зајакне транспарентноста во овој дел, и ќе се зголеми конкуренцијата, ќе се дадат повеќе шанси на повеќе компании да конкурираат, а буџетот ќе направи многу заштеди кои ќе се употребат во понатамошен економски развој.

Реформите во судството и особено нивното спроведување  и понатаму остануваат во фокусот на нашето внимание. Од пред два и пол месеци, веќе не може некој да се назначи ниту за судија ниту за обвинител доколку нема завршено академија за судии и обвинители, а уписот на таа академија е креиран на таков начин да можат да се запишат само најспособните кои исполнуваат највисоки стандарди.

Практично, јас мојата мисија како Премиер меѓу другото ја гледам и како подигнување на стандардите во секоја сфера.

Борбата против криминалот и корупцијата остануваат во врвот на нашите приоритети, како сегмент исклучително важен за економијата и бизнисот. Бројните законски измени и нивното спроведување, но и неселективната борба против криминалот и корупцијата, изразена и конкретно преку конкретни акции на истражните органи, беа и ќе продолжат да бидат во врвот на нашите приоритети.

 

Туристички развојни зони

Од минатата есен на сила е новиот закон за туристички развојни зони, и во тој правец работиме на два паралелни колосека, и тоа, имотно правна подготовка на првите туристичко развојни зони кои ќе се понудат на потенцијални инвеститори, и второ анимирање на инвеститори.

Се чини дека првите зони кои ќе бидат подготвени за јавна понуда ќе бидат во Охрид и Дојран, а по нив во текот на следната година очекуваме да се подготват и неколку други во позначајните туристички места.

Инаку, кога сме кај туризмот сакам со задоволство да констатирам, дека промоцијата која ја правиме низ меѓународните медиуми, субвенциите кои ги даваме на тур операторите кои носат туристи, субвенциите за нови авио линии, почетната цена  од 1евро квадрат за локации за градби на хотели, и намалените комуналии за градба на хотели за 95 отсто, и стотиците други активности кои ги правиме, а кои се дел од Комитетот за развој на туризмот кој се оформи пред две години и кој лично го раководам со експертска помош на сите институции, министри и странски и домашни советници, сето тоа доведе до континуиран раст на туризмот во Македонија гледано по сите параметри. Дополнително, давањето можност за секој кој ќе купи стан или куќа во Македонија поскапа од 40 илјади евра веднаш да добие постојан престој во Македонија, едностраното укинување на визите за огромен број земји кое го направивме во последните 4-5 години, па ако сакате и домашната медиумска кампања за подобар однос кон туристите, полека но сигурно вродуваат со плод.

Во тој правец, проектот Скопје 2014та даде посебен импулс на туризмот во главниот град, кој веќе стана најпосетувана туристичка дестинација во земјата. Покрај другите ефекти, како што се ефектот врз градежниот сектор, ефектот врз елиминирањето на плаќање кирии на државните институции, одолжувањето кон некои историски личности за нивната жртва, овој проект го направи Скопје атрактивен за туристите и странски и домашни. Инаку овој проект, освен во делот на нови фасади е во неговиот завршеток, најголем дел од објектите се изградени, помал дел се во градба, но има неколку работи кои се составен дел од овој проект но нив нема обврска да ги гради и да инвестира во нив државата, туку приватни субјекти.

Во насока на подобрување на квалитетот на образованието, би го истакнал новиот пет годишен проект на Владата со Универзитетот Кембриџ за промена на учебниците и наставните програми и нивно подигање на ниво на британските. Овој проект можеби нема краткорочно да даде брзи резултати, но долгорочно сигурно ќе има позитивно влијание на квалитетот на образованието и конкурентноста на македонските фирми.

Воведеното екстерно тестирање од оваа година, е само почеток на подигнување на стандардите за учење и знаење, кое на долг рок ќе резултира со вистинско општество кое е базирано на знаење.

Но, нешто што и на краток и на долг рок можете вистински да го искористите во целите на вашиот бизнис е набавката на веќе набавени 80 лаборатории во сите сектори, проект вреден приближно 40 милиони евра, и кои освен во научни и образовни цели, најмногу може да се користат во бизнис цели, за сосема мала надомест кон универзитетите каде ги сместивме овие лаборатории, за кои досега праќавте примероци во странство плаќајќи многу повеќе, и губејќи многу време. Покрај на универзитетите сега подготвуваме набавка за лаборатории за средните стручни училишта кои ќе произведуваат многу кадри кои сега недостасуваат на пазарот.

Од овој сегмент сакам да најавам и дека следната година ќе ги започнеме процедурите, а од 2015та ќе започнеме во 4 годишни фази, замена на постоечките компјутери во училиштата, со нови, најверојатно таблети со тастатура, ако дотогаш не дојде нешто ново или подобра идеја.

Општествена одговорност

 

Дами и господа,

Дозволете ми во ова пригода да отворам уште едно значајно прашање за нашето општество и држава. Светската и европската криза донесоа многу проблеми како на вас компаниите така и на државата. Од тој аспект беше нормално секоја фирма и институција меѓу другото да се обидува да ги намалува своите трошоци, и сите Вие тоа го правевте. Сепак, се чини предолг период и во преголем обем македонските компании го заборавија поимот општествена одговорност. Да потсетам дека сите компании во светот работејќи за својот профит, не забораваат дел од својата заработувачка да ја насочат кон општествени цели, и тоа е доброволен чин, и гест на таа компанија кон општеството во кое живее и работи. На овој начин како и секаде низ светот така и во Македонија, фирмите доброволно помагаа во хуманитарни цели, образовни цели, социјални цели, во цели на поддршка на спортот, уметноста и слично. Во минатото тоа беше силна одлика и на повеќето македонски успешни компании. Кризата ја смени таа реалност, но се чини дека отидовме во една крајност, која никогаш не била присутна во Македонија. Во контактите со спортските федерации, спортските клубови, македонските уметници, пејачи, композитори, автори на различни видови уметнички дела, и слични категории на лица и институции, укажуваат дека како никогаш во минатото успешните фирми покажуваат голема незаинтересираност за активности кои влегуваат во т.н. општествена одговорност, или толку драстично ги имаат скратено средствата за тоа што е на граница на етичките норми на успешниот бизнис. 

Да се приграби се за себе, да не се помогне никому и на ништо околу себе, никаде низ светот не е карактеристика на успешните луѓе и фирми. Во Америка оваа активност е доведена до таква совршеност што поимотните луѓе кои немаат доволно ваква активност се предмет на презир од околината. Едноставно до толку дел од културата е да не се заборави општествената одговорност што еден успешен бизнисмен не може да се почитува ако тој не одвојува дел од своите заработки помагање или некому за здравствени потреби, или некому за стипендии и образовни потреби или на успешни спортисти, уметници, еколошки проекти итн. Некој веројатно ќе каже тоа е обврска на државата.  Видете, секаде е обврска на државата, и во Америка, и во Германија, и во Словенија, Турција или Унгарија, но секаде во цивилизираниот свет успешните се натпреваруваат по тоа колку вложиле во општествената одговорност. Конечно, трката по профит е нешто што секоја држава го помага и се гордее со најуспешните, но немојте да заборавате на светот околу себе, на хуманоста и на поддршката на талентираните. И во светот и кај нас имаме илјадници кои со таква поддршка успеале и постигнале врвни резултати во животот, и за себе, и за фирмата која им помогнала и за државата и воопшто општеството. Ние сакаме капитализам, но не суров капитализам, туку капитализам со човечки лик. И на оние кои пак ќе речат дека се е тоа обврска на државата, јас ќе им одговорам:

1.Нема држава во Европа, а можеби и во светот, освен Македонија, која донела и спроведува закон, да секој болен кому му е потребно лечење во странство, и тоа го утврдува стручна државна комисија, речиси комплетните трошоци му ги покрива државата, односно, колку и да чини интервенцијата или лечењето, болниот нема да плати повеќе од 200 евра за тоа.

2.Нема држава во Европа и светот, освен можеби Јапонија, во која како во Македонија е донесен и се спроведува закон со кој секој граѓанин кој ќе се запише односно ќе биде прифатен на некој од првите сто рангирани универзитети на светот, односно првите 200 рангирани во делот на техничките науки, согласно најпознатата рејтинг листа во светот која ја утврдува Шангајскиот универзитет, добива од државата средства за покривање на сите трошоци за студирање, школарина, осигурување, сместување и транспорт за додипломски и постдипломски студии, докторски студии и специјализации на лекарите.

3.Нема држава во светот освен Македонија која неодамна заради заживување на домашната музичка продукција донесе закон со  кој годишно ќе финансира создавање музички дела од забавна и народна музика, при што се плаќаат трошоците за комплетно правење на песната и за телевизиски спот, при што во тек е и носење закон тие песни и спотови да се емитуваат на секој национален медиум најмалку 4 часа неделно. Притоа да напоменам дека другите жанрови музика се поддржуваат по други програми на Министерството за култура.

Македонија е една од ретките земји која гледано по глава на жител во последните 6 години толку многу инвестирала во нови фудбалски игралишта, спортски сали, тениски терени, мултифункционални игралишта, и други инвестиции во спортот, а не ги заборавивме и националните признанија за врвните спортисти и национални уметници кои им обезбедуваат доживотни приходи. Притоа воведовме и стипендии за 500 млади спортисти годишно од сите спортови.

Како ретко каде, донесовме и закон со кој на сите деца излезени од дом за деца без родители државата им овозможува да се вработат во јавниот сектор, откако претходно за голем дел од нив обезбедивме станови и за десет пати им ја зголемивме паричната отпремнина кога го напуштаат домот, а им овозможивме и парична помош ако сакаат да студираат пред да се вработат.

Токму деновиве за прв пат како држава ќе објавиме 1600 имиња на лица кои се вработуваат во јавниот сектор по критериуми кои се социјални, меѓу кои лица од семејства кои немаат ниту еден вработен, лица од семејства кои немаат приходи, долгорочно невработени лица над 10 години, и невработени од многудетни семејства и еднородителски семејства и самохрани родители. Сите тие ќе добијат дополнителни обуки и вештини со цел да целосно бидат во функција на работата која ќе ја работат. Никогаш порано немало ваква програма за вработување во Македонија.

Имаме уште многу вакви примери, кои докажуваат дека оваа влада СЕ ГРИЖИ за оние категории ранливи лица и навистина долга е листата на НОВИ мерки од последните 5-6 години како давањето средства за мал бизнис со цел самовработување на илјадници луѓе, зголемувањата на социјалната помош, поддршката со многу нови програми, проекти и чекори на лицата со посебни потреби и нивните семејства и многу други активности.

Епа почитувани бизнисмени, сметам дека е време и Вие да размислите околу две нешта:

1.прво, колку и кому вие помогнавте со дел од вашиот профит, и

2. Животот е минлив, само добрите дела потоа остануваат по кои некој ќе ве помни и слави.

И да размислите малку за една стара мудрост која мојот покоен вујко Јордан Мијалков  честопати ја користеше велејќи: богат си толку колку што можеш да дадеш, мислејќи да помогнеш некому финансиски кога му е многу потребно и кога му е тешко.

И конечно, Вие знаете добро, дека таа помош и општествена одговорност, покрај вистинската цел да помогнете некому, може да биде и одличен пи ар и реклама за Вашата компанија.

Размислете подлабоко околу ова.

 

Екологија

 А сега уште една тема која е различна од претходната, но има и допирни точки. Деновиве ги поканив во Владата претставниците на големите компании чие производство е од таков вид, кое ако не е со доволна опрема за еколошка заштита, ја загадува околината и го загрозува здравјето на луѓето.  Постои една група на компании, крупни компании, големи производители и извозници, големи вработувачи и главно високо профитабилни компании, кои со години па и децении од разни причини бараа  пролонгирање на нивните инвестиции во правец на достигнување на еколошките стандарди. Не велам дека нивните досегашни оправдувања со кои бараа одлагање беа нереални. Да, се соочуваа и тие со многу проблеми низ ова турбулентно време на кризи низ светот и Европа, каде што главно тие и ги пласираат своите производи. И долго време имавме разбирање за тоа. Сепак, приказната има и друга страна. А тоа е здравјето на луѓето. Сите тие емитувања на одпадни гасови и материи имаат влијание на влошување на здравјето на луѓето, и појава на одредени заболувања. Со целото разбирање за проблемите низ кои минуваа овие фирми, ги информирав дека владата донесе конечна одлука да не го поместува повторно рокот за еколошките инвестиции. Тоа подразбира и спроведување на законски санкции, вклучувајќи и привремено запирање со производство на оние загадувачи кои ќе ја игнорираат оваа законска обврска која треба да се исполни до април следната година. Ги замолив оваа наша одлука да ја сфатат многу сериозно, а еве сега тоа и јавно го кажувам.

Јас знам дека многумина од нив се уште веруваат дека оваа Влада на која многу и значи економијата, вработувањата, извозот, БДП, итн. сепак нема да прибегне кон тие мерки. И факт е дека тоа многу ни значи. Но, има една работа која ни значи повеќе од тоа. А тоа е нашата совест. Совест кога станува збор за прашањето дали ние сме превземале се што е во наша моќ за да го заштитиме здравјето на луѓето од заболувања кои произлегуваат од неодговорното работење на загадувачите. Конечно тие самите при добивање на еколошка дозвола за работа декларирале во што и колку треба да инвестираат за да биде заштитена околината, и во кој рок тоа ќе го направат. Тие елаборати и оперативни програми со рокови самите ги имаат испратено до Министерството за екологија кога ја барале дозволата за работа, сега треба и да ги реализираат. Знам, скапо е, но да бидеме отворени: газдите на овие фирми воопшто не се сиромашни луѓе. Ние се гордееме со нашите најуспешни луѓе во бизнисот, но не можеме да се гордееме ако тоа го прават по штета на животната средина и здравјето на луѓето. И второ, да не заборават дека живеат и работат во земја со најниски трошоци за правење бизнис, вклучувајќи ги и најниските даноци.

Ние сме десно ориентирана влада, и веруваме во принципот дека даноците треба да се еднакви за сите како процент од нивниот профит или заработка, дека даноците треба да се колку што е можно пониски, со цел и со филозофија дека колку помалку пари им одземе државата на приватните фирми, толку повеќе тие ќе задржат како профит и тие подобро ќе знаат да ги употребат тие пари отколку државата, пред се во нови инвестиции кои отвораат нови работни места, но и се друго каде е потребно да се вложува и инвестира. И така дојдовме до тоа да сме земја со најниски трошоци за бизнис во Европа. Кога е веќе така, не е добро, и во една таква ситуација да се прават обиди за дезавуирање на основните законски обврски, независно дали станува збор за плаќање на даноците или за основна еколошка опрема.

Во овој правец, најавувам дека владата формираше Комитет за здравје и животна средина, кој јас лично ќе го предводам барем во првите една до две години, преку чија работа внимателно ќе ја следиме општата состојба во овие сектори и причинителите на негативните појави и нивно санкционирање.  

Затоа, и ја користам денешната можност јавно да соопштам некои работи. Конечно, и сите ние, и сите вие, живееме во оваа средина, која ако во трката за поголем профит се загади, таа ќе удри и на вашето и на здравјето на сите нас. Ве прашувам, колку ќе вредат Вашите пари, ако утре Вам или на вашите најблиски ви дијагностицираат смртоносна неизлечива болест, а вие во себе знаете дека Вашата фабрика е сериозен загадувач и предизвикувач на тоа заболување.

Почитувани бизнисмени, здравјето нема цена.

 

Порака до компаниите: излегување на трети пазари

Минатата година го отворив ова прашање, а сега уште еднаш би Ви порачал. Пазарите во ЕУ поминуваат низ кризен период. Нив треба да направиме максимални напори да ги задржиме. Но потребна е мобилизација за освојување на т.н. трети пазари, и тука пред се мислам на пазарите во Азија вклучувајќи ја и Русија со бившите руски републики, и Африка. Не треба да има никакво колебање околу ова, бидејќи за овие пазари се борат фирмите од сите земји на ЕУ, САД и пошироко. Зошто да можат тие, а да не можете Вие. Потребно е похрабро и поагресивно настапување.

За оваа цел веќе следната година отвораме нови амбасади, и тоа во Казахстан, Јапонија, ОАЕ и Бразил, а веќе се испратени инвестициски и извозни промотори во Азербејџан, во Катар, наскоро и во Дубаи, имаме во моментов во Малезија и Индија, Кина, Русија, Јапонија, дури четворица во САД, во Бразил, наскоро и во Мексико, а оние во Европа не ги споменувам, бидејќи ги има многу во многу држави, а некаде и по повеќе од еден, како во Германија каде има тројца, и во Британија каде наскоро ќе има втор. Информациите од нив се дека многу слабо се искористени од македонските компании за промоција на извозот. Нив ги плаќаме за да привлечат инвеститори, но и за да го промовираат Вашиот извоз. Но, без Ваша желба и иницијатива тоа не е можно. Велат, на човек можеш да му земеш со сила, но не можеш да му дадеш со сила.

Практично може да се каже дека над 70 отсто од капацитетите на дипломатите ги усмеруваме во економската дипломатија, но недостасува иницијативата од базата, од домашниот бизнис.

Освен разгранетата мрежа на промотори кои наскоро ќе достигнат 30, и пренасочената дипломатија кон економски цели, неодамна, по одличните искуства со двата министри без ресор задолжени за привлекување инвестиции, Веле Самак и Бил Павлески, ангажирав уште еден министер со иста цел, господинот Џери Наумоф, кој дојде од Чикаго да и помогне на Македонија. Покрај ова, ја користам оваа можност да Ве информирам дека Владата планира склучување аранжман, договор со угледниот „Фајненшл тајмс“, и уште еден со магазинот Форбс, во правец на организирање на околу 14 инвестициски форуми од нивна страна, на кои тие се обврзуваат да привлечат одреден број на компании потенцијални инвеститори, на кои високи владини претставници но  и претставници на странски компании кои веќе имаат инвестирано во Македонија, ќе им презентираат можности за инвестирање во Македонија. Во меѓувреме додека да почне тој аражман ние до крајот на годината ќе ги реализираме претходно зацртаните инвестициски форуми во наш аранжман, потребен со ангажманот на нашите амбасадори и промотори. Продолжуваме и со медиумската презентација на Македонија во правец на најпознатите меѓународни медиуми, како за привлекување на инвеститори, така и за привлекување туристи. Последно во овој дел е што постигнавме согласност со CNN интернешнел, со нашата потврда дека и во наредните три години Македонија ќе се рекламира на овој респектабилен медиум со ист износ на средства ко и досега, за возврат, самата продукција на CNN бесплатно да снима повеќе спотови за Македонија и како туристичка дестинација, и како инвестициска дестинација, кои спотови освен на CNN можеме да ги емитуваме каде сакаме во рекламни цели за Македонија. Следната година, освен на стандардните медиуми на кои се промовира Македонија, ќе се појавиме, иако со поскромен буџет и во најтиражните кинески печатени медиуми.

Од денес, на веб страната на Агенцијата за странски инвестиции објавен е регистарот на слободни хали, со сите податоци за нив, кој ќе биде мошне корисен за сите тнр. Браунфилд инвеститори, како странски, така и домашни. Ви препорачувам да го разгледате.

 

Почитувани присутни, ќе беше веројатно неопходно денес да говорам околу нови странски инвеститори кои најавија влез во Македонија, доколку тоа не го направев во едно специјално интервју посветено на економијата неодамна во еден од дневните весници. Податоците кои веќе јавно ги соопштив се охрабрувачки во правец на нови странски инвестиции и отворање на нови работни места. Но апелирам до вас, домашните компании да го искористите влезот на глобалните странски компании за подобра интеграција во нивниот производен процес, преземање на знаење, искуства и соработка во делот на можно снабдување со домашни репроматеријали, полупроизводи и слично. Влезот на Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Дрекселмаер и останатите големи светски фирми е шанса и за поголем бизнис за домашното стопанство. Искористете ја! Исто како што влезот на Филип Морис во Македонија ќе има освен конкретна и сериозна промотивна компонента за земјата.

Се сеќавам пред година и половина кога имавме заедничка вечера со Карлос Слим најбогатиот човек на светот, кој дотогаш немаше ниту една инвестиција во Европа, пред завршетокот на вечерата ми рече дека размислува дали да влезе со инвестиции во Европа, и дали е сега моментот за тоа, и додаде дека меѓу другото сондира мислења на повеќе луѓе па во тој контекст сакаше да го чуе и моето мислење. Мојот одговор беше позитивен, поткрепен со повеќе аргументи, а тој, бидејќи се уште немаше донесено одлука се заблагодари и рече, следете сега па да видите како ќе постапам. Неколку месеци подоцна тој влезе на европскиот пазар, и преку инвестицијата во Австрискиот Мобилком индиректно стана сопственик и на македонскиот ВИП мобилен оператор. Пред околу две недели го сретнав на еден приватен настан, и во разговорот меѓу другото го прашав, што во овој момент мисли за таа своја одлука што ја направи, и тој ми одговори дека е задоволен и дека одлуката ја донел во поволен период. Во тој дух, сакам да го кажам моето мислење за оние кои имаат некоја добро срочена бизнис идеја и добар бизнис план, дека овде кај нас во Македонија сега е вистински момент за почнување со инвестиција, не само странски, туку и домашни, се разбира ако е добро обмислена од секој аспект. Зад ова стојам со аргументи кои произлегуваат со се што кажав претходно, но и со многу други аргументи кои ја потврдуваат Македонија како одлична локација за бизнис и период на придвижување на економијата во нагорна линија. Ако некој од Вас донесе таква одлука, може да смета дека нас во Владата ќе не има за безусловен сојузник во реализацијата на идеја, се разбира во оној сегмент во кој ние имаме законски и етички можности да помогнеме.

ЕУ, НАТО, Грција

Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, и заради ова четири години по ред добиваме позитивни извештаи, а јас не верувам  дека и следниот извештај правилно ќе ги валоризира сите наши наори за напредок на земјата. Сепак, проблемот кој го создаде Грција, и кој се повеќе го продлабочува не лишува од предностите кои ги даваат членствата во ЕУ и НАТО. Последниот нивни став околу предлогот на медијаторот, мислам дека јасно отсликува со каков предизвик се соочуваме. Како и да е, ние ќе продолжиме со сите сили да бараме излезно решение, но додека тоа го правиме нема да запреме со модернизација на земјата ,нови реформи, нови идеи и создавање дела. Градењето добри односи со сите соседи ќе остане во фокусот на нашите напори, и се надеваме дека тоа ќе биде двостран процес.

 Иако имаме договор за слободна трговија со сите земји од Европа, нашите напори ќе одат кон тоа да потпишеме вакви договори и да отвориме нови можности и со земји или економски групации на земји надвор од Европа. Тоа не е лесен процес, ниту процес кој гарантира успех, но ќе се обидеме, затоа што убедени сме дека тоа ќе ви помогне и вам, но и ќе помогне во напорите за привлекување на странски инвестиции.        

Почитувани стопанственици, ова што го кажав е само еден дел од она што го работиме и решаваме, и од она што го планиравме. Се надевам дека овие информации ќе ви помогнат во Вашите бизнис планови, идеи, комбинации и решенија.

 За сите овие и многу други работи сакам да се заблагодарам на соработката на сите министри во Владата и државните функционери, посебно на економскиот тим и особено на подпретседателот Зоран Ставрески и подпретседателот Владимир Пешевски, но и на стопанските комори и многу од Вас тука присутни кои соработувавте со нас, праќавте идеи и дававте сугестии, на медиумите и опозицијата чии критики беа добредојдени и артикулирани во решенија на проблемите, благодарност и до мојот кабинет и моите советници, благодарност и до јавната администрација која ги спроведува овие проекти,  и се разбира благодарност на поддршката и вербата во нас на мнозинството граѓани на Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.

Почитувани,
Браќа часот е велик ... Примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг.

Со овие зборови, и со висок морал, пред точно 110 години војводата Ѓорѓи Стојанов, од врвовите на Слива ги бодреше своите 300 соборци да се спротивстават на илјадниците противнички војници, знаејќи дека одат во сигурно смрт, но верувајќи дека токму тој пркос и борбата базирана на вредностите ќе помогне генерации и генерации Македонци да го следат примерот на непокорот, самопрегорот, и саможртвата користејќи ги како врвна инспирација во следните битки и победите за Македонија, и знаеше војводата дека само со пример кој ги надминува границите на просторот и времето, ние денеска, наследниците на македонскиот род после 110 години ќе го споменуваме како пример за почит и ќе му благодариме.

Цела Македонија го гледа подвигот кој го направија овие смели луѓе пред 110 години. Мажите и жените, децата и старците, земјоделците, занаетчиите, сточарите, трговците жестоко и до последен здив ја бранеа Македонија, завршувајќи ја својата епопеја токму овде на Мечкин Камен со македонската стрелба. 110 години потоа ние сме тука, за да им одадеме почит, за да ги славиме, да ги споменеме, и да се заблагодариме на нивното дело, на нивната чест. Делчев велеше, “во жртвата нема степен, таа завршува со чест и име”. Имињата се забележани, а честа е огромна, вие не паднавте залудно, вие паднавте и од споменот на вас и вашата идеја Македонија смогнува сили и се издига на мапата на државите.

Тој ден Крушево падна, но не беше поразено. Не, тој ден се роди идејата, големата идеја која продолжи да живее во секој од нас, идејата со чие што сеќавање македонскиот народ оствари големи победи. Таа идеја живееше и не можеше да биде угаснета ни во Балканските војни и Првата Светска Војна, кога и покрај неправдите, поделбите, убиствата, преселбите продолжи да се засилува на кријлата на ВМРО и под закрила на Македонската Православна Црква.

Токму таа идеја придонесе на 11 октомври 1941 година Македонија да се крене против окупаторскиот јарем на Хитлер, и жестоко над 100 илјадна македонска војска да продолжи да се бори со своите сојузници против фашизмот, за на крај да победи. Светлиот Илинденски непокор продолжи да живее, за на 2 август 1944 година македонскиот народ да го одржи АСНОМ и да ја печатира заслужената победа гарантирана со Атлантската повелба која гарантира самоопределување, самоименување и самоорганизирање во држава.

Кузман Јосифовски- Питу, идеологот на НОБ и АФВ кој во своето име го додаде името на славниот крушевски револуционер, кое покрај храброста на Кузман која беше како онаа на Гули, го симболизираше и покажуваше и историскиот континуитет на двете борби, на 2 август 1943 година и на само една година пред АСНОМ, во рефератот поднесен на Преспанското советување по повод 40 годишнината од Илинденското востанието испраќа порака до сите слоеви од македонскиот народ и народностите кои живеат во Македонија за приклучување во Народноослободителната борба за остварување на нивниот вековен идеал - слободна Македонија.

Меѓу другото, Кузман вели:

„На 2 август 1943 година се навршуват 40 години како избувна славното ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ, откако заврши херојската Илинденска епопеја на македонскиот народ... Денеска, кога македонскио народ се најдува пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појке от секојпат да светли пред очите на целио македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кој ја сакаат својата земја. .. Користејќи го илинденското искуство и знаејќи ги поуките, који оно ни ги дава, да створат све от себе  за остваруење на еден нов победоносен Илинден“.

Една година по ова, во манастирот Прохор Пчињски, на заседанието на АСНОМ, Панко Брашнаров и самиот учесник и во Илинденското востание и во НОБ го отвори заседанието, и тоа со насолзени очи сеќавајќи се на Илинден во својата беседа, но тие солзи беа од радост затоа што остваривме државност-Победи илинденската идеја!

Споменот на првиот и на вториот Илинден помогнаа и на 8 септември 1991 година македонскиот народ и националностите да се определат за независнот, сувереност и самостојност на Република Македонија. Една идеја, многу победи!!!Илинден живее и ќе продолжи да живее секогаш, и помеѓу Македонците и деловите од други народи кои живеат во Република Македонија, и во срцата и душите на Македонците секаде низ светот во дијаспората која е нерасклинлив дел од македонското национално ткиво.

Драги пријатели,

Во карактерот на секој човек е да опстои и да преживее колку што може повеќе на овој свет.  Сепак, оваа констатација е правило, а од многу правила постојат и исклучоци.

Денешниот ден и големиот празник Илинден, за кој со години наназад се собира и прославува македонскиот народ, се поврзани токму со еден таков исклучок од правилото дека секој човек настојува да преживее колку што може повеќе на овој свет.

Исклучокот за кој денес празнуваме, го наоѓаме токму во Илинденската и Асномската генерација на наши предци, кој своеволно и трезвено, со чист разум и при здрава свест, го замениле својот живот, за прерана смрт во името на идеалот за кој се бореле. Тоа јасно ни става на знаење, дека за човечкиот род, некогаш има и нешто поважно од самиот живот на човекот, а тоа е идеалот, тоа е татковината.

Гемиџијата Јордан Поп Јорданов-Орцето во едно претсмртно писмо ќе напише:
„Сакам со  мојата смрт да бидам од полза на делото за кое живеев, работев и за кое ќе умрам – делото за ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија... Јас не припаѓам на себе си, туку на делото, а целата смисла на моето живеење беше да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата ценета и сакана Македонија“.
Овие два историски периоди, илинденскиот и асномскиот и генерациите што живееја и умираа во нив, придонесоа ние денес да живееме во слободна, независна и суверена Република Македонија.

Огромен број наши предци се жртвувале за ние денес да бидеме слободни и неограничени,.... да можеме да имаме свои права, своја култура, свој јазик, свое име, право на верска определба, право на припадност, право на идентитет, право слободно да живееме и слободно да умираме.

Вреди ли да се даде животот за вакви идеали ?
И пред воопшто да размислиме за одговор на ова прашање, мораме да констатираме дека.... ТИЕ ТОА ГО НАПРАВИЈА  !
Го ставија на располагање својот живот и се вградија во темелите на слободна и независна Македонија.
Можеби вистинското прашање е ШТО МОЖЕМЕ НИЕ ЗА НИВ ДА НАПРАВИМЕ ЗА НИВНОТО ДЕЛО ДА БИДЕ ВРЕДНУВАНО?......Или поточно, ШТО МОЖЕМЕ НИЕ ДА НАПРАВИМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА, ЗА НАШАТА ЗЕМЈА, ЗА НАШАТА ТАТКОВИНА, ЗА КОЈА ТИЕ ХРАБРО ЗАГИНАА ?

Почитувани,

Република Македонија денес е самостојна, независна и суверена држава. Секому треба да му биде јасно дека ние денеска имаме основно право, но и основни обврска и должност да работиме на нејзин развој во секоја сфера. Од нас зависи. Дали ќе бидеме успешни, дали ќе направиме исчекори, дали ќе достигнеме повеќе стандарди, дали ќе го направиме животот подобар. Не од Белград, Софија, Тирана или Атина. Од нас, од Македонците, и од Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците кои живееме овде во Македонија, тука работиме, создаваме, живееме. За некои прашања потребна е и не е лошо да имаме координација со нашите соседи и ние тоа го правиме, со оние кои се порасположени поинтензивно, со некои заради некои околности со помал интензитет, но и таму се трудиме да ја подобриме работата и не не обесхрабрува немањето активизам туку напротив дополнително не мотивира, како што впрочем велеше и Делчев дека вербата за успех мора да ја бараме во нас и во другите, ако ја немаме да ја создадеме, ако ја имаме да ја развиваме.

За домашните работи, како што вели и слоганот на самата прослава Една идеја, многу победи!

Идејата за која се залагаа, бореа илинденците и борците од НОБ, е жива и живее во нас, и таа секогаш ќе живее. Таа идеја ние треба секогаш да ја мултиплицираме во нови победи, континуирано и без престан.

Таа идеја треба да ја отелотворуваме во сите сфери, во економијата, во културата, во образованието, во здравството, во земјоделието, во информатичкото општество, во бизнисот и претприемништвото, во иновациите, во секоја сфера без исклучок.

Македонија нема некои природни ресурси кои би и гарантирале без вложување труд  големи приходи по основ на нив, нема нафта или природен гас или пак илјадници километри песочни плажи со огромни приходи од туризам, огромен пазар, или неисцрпни рудни богатства, и слично. Знаејќи го ова ние треба да се фокусираме кон многу работа, и кон обезбедување на услови за стекнување на знаења, вештини и компетенции за поединецот во секоја сфера. На тој начин ние ќе продуцираме кадар, кој знае да работи, кој е духовно и стручно богат, кој создава вредности, ги избира и работи на приоритетите. Кој знае дека само работата и залагањето ќе донесе успех и ќе го направи него конкурентен, а ако тој е конкурентен ќе биде и успешен, а неговиот успех ќе значи и успех за државата. Колку повеќе секој индивидуалец има знаење и развиена креативна мисла, толку сите ние како држава ќе сме посилни. Нам ни треба кадар кој освен стручност ќе има изразена етика, совест, и самосвест, слободоумност и слободна мисла. Ние треба да реализираме повеќе помали победи кои ќе ја направат големата слика за победата која ќе е реалност.

Затоа сметам дека е рамно на победа да инвестираш во образованието на младите и тоа процент од БДП на кој завидуваат и многу поуспешни држави од нас, да обезбедиш најсовремени лабаратории за универзитетите и бизнисот, да се намалат партиципациите за факултет и со тоа да се олесни пристапот за секого, да има бесплатни учебници за сите ученици, многу нови или пак модернизирани спортски сали и училишта, дисперзирани студии блиску до сите, како што е и победа проектот кој го работиме со Кембриџ со кој од следните години македонските ученици ќе учат од најдобрите учебници и по наставни програми од Англија, или пак како ниедна друга земја во светот, освен Јапонија, што овозможуваме целосна стипендија за секој наш човек кој ќе успее да се запише на 100-те односно 200-те во техничките науки највисоко рангирани универзитети во Светот, нешто што до пред две години беше само сон, а сега е реална и изводлива опција. Секој нов млад човек кој ќе стекне образование е победа!

Победа е да ја намалиш цената на лековите, да инвестираш во најмодерна опрема за клиниките и болниците, и истите да ги градиш и реновираш, да обезбедуваш бесплатна обука и студиски престој за нашите лекари во странство за да стекнат нови знаења и да помогнат на нашите пациенти, да спасуваат и продолжуваат животи, да носиш реномирани странски лекари за да изведуваат интервенции дома додека нашите лекари не го надополнат тој простор каде што како и секоја земја имаме дефицит, да овозможиш бесплатно ин витро за прво и за второ дете, да се осврнуваш на правење систем за подобра комуникација на лекарите и пациентите, за подобар однос, во сечиј интерес. Секој нов човечки живот, секоја излечена болест, секој добар збор и однос е победа!

Победа е и приклучувањето на Македонија во Јужен тек, и тоа во ситуација кога на почетокот Македонија не беше ни споменувана во овој проект, но со големи залагања обезбедивме влез во него. Сега се создадени и обезбедени условите кои овозможуваат да се започне со оперативни активности и на внатрешната гасоводна мрежа, помеѓу градовите, во секој град посебно и до секое домаќинство, погон, институција, фарма или фабрика во населените места. И новиот аеродром во Скопје, модернизираниот во Охрид, новите автобуси за градски превоз, становите за социјално ранливи семејства, посебните програми за нивно вработување како што е оној за вработување на 1 600 лица во државните институции, процес кој е во самиот финиш и од есенва ќе се почне и со првите вработувања по однос на оваа програма. И новиот проект за организирано помагање на поимотните кон посиромашните кои деновиве го промовираше владата е една за некого мала, но за некого многу голема победа.

Победа се и нови изградените, реконструирани, или модернизирани локални, регионални патишта, автопатите кои се изградени или кои ги градиме како оној од 28 километри кај Демир Капија, и заложбите што ги правиме за нови автопатски решенија за кои сме во интензивен процес на заокружување на финансиската и правната конструкција.

Исто како што е и легализацијата на дивоградбите, и откупот на дворовите за семејствата, покачувањето на гаранцијата за штедни влогови до 30 000 евра, овозможувањето на услови за легализација на фармите, земјоделската механизација, купувањето на солидни автомобили и автобуси по намалени цени и слично...

За земјоделецот е победа тоа што секоја година добива високи земјоделски субвенции, што се распределува земја по објективни и правични услови, што државата финансира 50% од трошоците за развој на неговата дејност, што ќе може земјата која со години ја работи и од неа живее да си ја купи под поволни услови и на многу рати и да си биде негова, да не се плаши дека може да ја загуби.

Почитувани,

Ова е ден кога заради тежината и карактерот на празникот, како и заради придобивките и идеите кои ги овозможија и првиот и вториот Илинден, ние денес не може, а да не се осврнеме, и не смееме да не се осврнеме на едно прашање кое е на линија на слободата, правдата, правдината кои беа светли водилки на востанијата и борбите за државност, а тоа е прашањето на лустрацијата.

Лустрацијата е процес кој е значаен за општеството и тој ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат.

Слушам, во последно време некои критичари кои се засегнати од овој закон и од процесот, затоа што на тој начин се нарушува нивниот абнорален комодитет и стекнати позиции, но најмногу поради знаењето на фактот дека со овој процес на лустрација кој ние како Влада го поддржуваме се рушат политичките позиции на партиите кои овие дежурни критичари ги подржуваат, истакнуваат една комплетно неточна и невистинита теза дека наводно со лустрацијата се нарушувале принципите на АСНОМска Македонија.

Како може да се нарушат принципите на асномска Македонија кога луѓето кои ја создадоа асномска Македонија и кои денес ги славиме, како Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежина, Бане Андреев, Петре Пирузе Мајски и илјадници други беа малтретирани, затварани и шиканирани и испратени на Голи Оток и по затворите токму од тој исти режим кого преку лустрацијата сакаме да го демаскираме?

Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога сака да ги расветли темните вилаети од нашата историја во кои без суд, а само со кодошлак беа уништувани судбини, не беа објавувани книги, беа следени луѓе, беа бркани луѓе од работа?

Како може лустрацијата да биде против асномска Македонија кога гледаме сите од досиејата дека кодошите и службите го претставувале како грев залагањето за македонски национални права, за македонска култура, за македонскиот јазик, за македонското национално прашање, а тоа се токму придобивките и постулатите кои ние денес на овој ден ги славиме и им се поклонуваме?

Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога кодошите ги кодошеле сите македонски национални дејци, автори, писатели, актери, режисери, општественици кои се залагале токму за принципите на асномска Македонија, наместо принципите за кои се залагале кодошите на кои подраго им било југословенството пред македонизмот, и кои сметале дека Трст е најбитен?

Би сакал да им порачам, лустрацијата не е против асномска Македонија, лустрацијата е најголем сојузник на асномска Македонија, и јас сум сигурен дека да би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа на АСНОМ во 1944, како врвен израз на силата на општеството и базирана на правда и на вредностите.

Евоцирајќи спомени од тоа жестоко време поминато на Голи Оток, Петре Пирузе Мајски носејќи ја во градите таа незалечена рана, болно ќе се исповеда: Никогаш не сум можел да верувам дека оној за кој си готов да го дадеш својот живот, така сурово и без вина ќе те измачува и ќе стане твој џелат...А ете и повеќе од три децении да бидеш суштество без своја личност и тоа во земјата што со крвта си ја градел, ќе каже Мајски. Оваа реченица ја искажува сета болка и јад што тогашниот режим му ја направил на еден од творците на асномска Македонија, затоа ние имаме обврска да ги осветлиме тие моменти и простор во кои тогашниот систем за кој се бореле творците на асномска Македонија се повампирил и од систем станал жесток режим кој ги јадел и своите деца. Токму тој режим ги дезавуирал вистинските вредности на асномска Македонија и ние демаскирајќи го тој режим не ја напаѓаме туку ја заштитуваме асномска Македонија и тие вредности.

Првиот претседател на АСНОМ Ченто пак во една пригода ќе каже: Јас не жалам оти ќе умрам. Само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знае кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода. Ако тој крвнички режим, го понижил, разболел и не му дозволил да остави свој пишан траг за нашата борба на првиот претседател на Републиката и творецот на асномска Македонија, денес ние не смееме да дозволиме некои структури да не дозволат демонтирање на тој режим и неговите последици и повторно некој да ги спречи идните поколенија да ја знаат вистината, како што не советувал и самиот Ченто пред 50 години.

Со лустрацијата се докажува дека ние имаме сила и развиено општество, и не се срамиме да ги истражиме тие темни авлии на режимот во минатото, тој процес е болен но мора и ќе биде направен, така ќе покажеме и докажеме дека ние имаме сила и имаме изградено институции во секоја сфера на општеството кои не зависат од никого, туку истрајуваат, а уште побитно ќе докажеме дека имаме силен темел кој не може да биде разрушен.
И ако може сите источно европски држави да ја направат, зошто не би можела и Македонија да ја направи, ние не сме ништо понеконкурентни од овие држави кои ја направија, и затоа и Македонија ќе ја направи лустрацијата и од тој процес ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина.

Драги пријатели,

Исто така во овој контекст на празнување и одбележување, и на зависење на одлуките исклучиво од граѓаните на Република Македонија сакам да истакнам дека наша обврска е да продолжиме да создаваме дела и вредности кои ќе значат достојно оддолжување на великаните кои и денес ги славиме.

Одбележувањето на значајните личности и настани со споменици и споменични одбележја е една од многуте работи кои треба да, и кои ги правиме за да остане запаметен ликот и делото на хероите кои не се штеделе за да достигнат до идеалите во кои верувале и кои се залагале, а во кои секогаш на прво место била Македонија.

Тој проект за кој трпевме доста напади од структури во општеството кои заради гола политичка промоција си дозволија да сквернават таму каде што не треба, покажа дека бил исправен. Јас често пати кажувам дека еден ден кога со поминувањето на одредено време ќе дојде до спуштање на политичката прашина која се јави околу овој проект тој ќе биде вистински оценет и вреднуван, и тоа се случува. Со секој одминат ден расте довербата и поддршката на проектот, и уште повеќе ќе расте, бидејќи јас не гледам причина некој да осудува или да го зема за неправо градењето на споменици на Гоце Делчев кој е идеолог на македонската револуционерна борба, на Питу Гули кој токму овде го даде животот за Македонија, на Карев кој беше голем визионер и прв претседател, на Ченто кој ја водеше национал ослободителната војна против хитлеровите орди, на АСНОМ, на ВМРО, на Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Васил Чакаларов, на Кузман Јосифивски Питу и на останатите наши херои кои секој во својот историски момент се вложил во каузата и останал запаметен во нашиот ген. Па ако ние како нивни наследници не ги одбележиме кој ќе ги одбележи? Или ако ние како нивни наследници не им изградиме споменици што ќе си мислат останатите за нас како земја без споменик, без корен?

Јас сум убеден дека еден ден од една историска дистанца непристрасно тогашните генерации ќе дадат позитивен вредносен суд за овој проект. Би се навратил на една мисла на Павел Шатев кој истакнал во една прилика „Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото и од резултатот на нашата акција ќе зависи се. Ако останатите Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат други подобни акции. Ако пак најдат дека нашата работа е безвредна и никој не не наследи, нека идниот непристасен историчар со црни букви ги одбележи нашите имиња или нашата акција, а нивните нека им ги напишат со златни букви. Се согласувам, ако во иднина некој од нашите наследници направи подобра работа, нека направи и јас ќе бидам среќен. Ако идните генерации Македонци кажат дека не сме биле во право што сме го величеле и направиле споменик на Делчев, Ченто, Карев, Питу, Груев, Кузман тогаш прифаќаме да бидеме запишани со црни букви, но не  верувам дека ние ќе сме на црните страници.

Но, не само тоа, преку овој процес ние дадовме можност за промоција на многу македонски автори, скулптори, архитекти, инжињери, вајари, уметници, кои ќе продолжат и понатаму да бидат окосница на нашата култура и културно наследство, да го продолжат духот на културно битисување, да го засилат македонскиот супстрат на светското културно уметничко поле, но и да бидат тула во нашата државност. Нема зијан за една земја да продуцира нов кадар кој со своите компетенции и искуство ќе претставува значаен елемент за Македонија.

И нема ништо лошо, напротив победнички е преку овој процес на градење да дадеш стимул на македонските градежни компании, за да имаат работа во услови на светски негативни економски текови и кризи, и да не ги отпуштаат работниците.

И победа е да имаш национална Арена и Национален  спортски Центар каде што со гордост спортистите ќе може да ги браната боите со државниот грб.

И ние ќе продолжиме со тие чекори. Оваа година во овој период го донесуваме законот со кој ќе даваме и специјални субвенции за создавање на околу 200  музички продукти годишно меѓу кои и оние со кој ќе се афирмира историјата на Македонија и Република Македонија, или пак ќе промовира ги семејните вредности и многудетните, тема чија сериозност и закана се посериозно ќе не атакува. И како што веќе даваме финансии за творечки субвенции и субвенции за објавување на македонски научно образовани трудови во странски списанија.

Силно сме фокусирани и на развој на претриемништвото и на иновативниот дух, што специјално ќе го операционализираме преку новиот Фонд за иновации и технолошки развој кој покрај стручна ќе дава и финансиска поддршка на оние луѓе кои ќе креираат иновации и ќе им обезбеди т.н. акцелератори, или консултанти кои ќе им помогнат иновацијата да ја претворат во успешен профитабилен бизнис кој ќе отвори нови работни места.

Тоа е битката, да се создаваат научници, претприемачи, иноватори, музичари, врвни лекари, спортисти, уметници, писатели, млад образован кадар, режисери, ..
Тие ќе донесат нови победи за Македонија и ќе ја продолжат идејата и на првиот и на вториот Илинден.

Почитувани,

Победи се и визната либерализација, двете јасни потврди од НАТО дека сме ги исполниле сите критериуми за влез во Алијансата и четирите позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија и четирите препораки за датумот за почеток на преговори за влез на Македонија во ЕУ.

Сепак, пред нас е една голема пречка,  а тоа е спорот кој пред 23 години го отвори нашиот јужен сосед Грција, која не блокира на патот кон ЕУ и НАТО, засега ниту ние во овие безмалку 7 години, ниту другите во претходните 16 години не успееја да најдат решение кое ќе го прифати Грција. Сме говореле досега многу за тоа колку е се тоа неправедно, и колку е се нелогично и апсурдно. Но мора да се спомене денес дека разговорите со Грција се во една доста сложена фаза, односно во еден ќор сокак, во кој единствена детерминанта и цел е купувањето време. Одбивањето разговори и средби, неможноста на медијаторот да закаже елементарен состанок кај една од страните е само показател за состојбата во која се наоѓаме. Како да решиме спор ако не разговараме. Како да решиме спор ако постојано како одговор добиваме клише реакции, и веќе видени тези. Како да решиме спор ако никој, буквално никој освен нас не е директно мотивиран или храбар да придонесе овој спор да се реши. Како да го решиме спорот кога на конкретни иницијативи се одговара тотално незаинтересирано. Ајде да седнеме и да разговараме. Еве уште еднаш ја користам приликата  на овој наш голем празник, историски ден, за да повикам на промена на форматот на разговорите за изнаоѓање решение, односно носители на одговорните тимови на двете земји да бидат премиерите, и да се обидеме заедно да дојдеме до некое за двете страни прифатливо решение, крајниот збор секако и секогаш ќе го имаат граѓаните на организиран референдум и тоа е обврска од која ниеден политичар партија или поединец не смее да бега.

Инаку, провокации имало и ќе има, и од внатре и од надвор, но ние ги гледаме и од нив не се плашиме, зашто исклучиво интересот на државата е пред нас.

Со цел убрзување на процесот на разговори и апел за поголем фокус кон ова прашање на сите засегнати страни размислувам да се обратам до организацијата на Обединетите Нации со став за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот и на Србија и Косово, во кои разговори, покрај медијаторот, би учествувале сите ние директно, со свои тимови, и експерти од нашата земја. И сега сум убеден дека, ако пред 5 или 6 години некој на светов имаше резерва или скепса за нашите убедувања дека нашиот сосед нема елементарен интерес ниту волја да разговара а камо ли да го реши спорот, овојпат на сите им е јасно тоа. Ако на некого не му е, јас го повикувам да го натера нашиот сосед да седне и да разговара со нас на реални разговори со добра воља во присуство на медијаторот и на кој сака од меѓународната заедница, и да се увери во ова кога ќе добие негативен одговор од другата страна. Односно наместо некои да трошат енергија со тоа што мислат дека ќе помогнат некому измислувајќи нови и нови услови за нашата земја, или критики за наводни недостатоци во системот, судството, администрацијата, медиумите и слично, нека потрошат малку енергија да ги убедат нашите соседи да седнат и да разговараат со нас со позитивна и конструктивна мисла. Со добра воља за решение. Не велам дека немаме недостатоци и слабости, но убеден сум дека имаме дури во некои сфери и многу помалку од некои членки на НАТО или ЕУ, и подготвен сум да дебатирам за ова со кого сака. И конечно по четири години јавни признанија за напредокот во сите сфери, неуверливо кај било кога е кога одеднаш во немоќ да се реши главниот проблем, ќе се смени реториката и ќе се поплука се што претходно се кажало. Нашиот народ не е воопшто наивен и со леснотија веќе може да ги прочита сите оние наводни извештаи и во наводници добронамерни критики за аномалии во нашиот систем, за наводно немање доволно демократија, или не знам какво судство и така натаму. Сме поминале толку многу во нашата историја и посебно во овие 23 години плурална и самостојна Македонија, да сите овие процеси се веќе лесно читливи за секого. Затоа велам, да се фокусираме на главниот проблем, а не да измислуваме нови. Немоќта од фокус на главниот проблем не смее да ја затскрива некој со отворање и измислување на нови.

Драги пријатели,

Ние имаме и доста предизвици на домашен план. Би сакал да истакнам дека за мене лично, кој од вас сум ја добил довербата за раководење со процесите во земјата, најголема победа претставува секое новоотворено работно место. Нема ништо подобро и нешто што повеќе прави среќен од насмевките и озареноста на лицата на луѓето кои ќе се вработат, од татковците и мајките кои со влезот на работа надминуваат еден сериозен предизвик и може послободно да се насочат кон развој на семејствата. Во мојот политички ангажман, од самиот негов почеток и прв момент јас секогаш отворањето на нови работни места сум го сметал за врвен приоритет и додека функционирам во политиката тоа така ќе продолжи да биде и да остане како најбитна работа за мене. За таа цел, кај мене нема резерви, нема калкулации со ангажманот, напротив макотрпно, со целата моја енергија, и дење и ноќе, и дома и кога сум надвор сум фокусиран на тоа. Затоа и иако е напорно, за мене не претставува проблем да поминувам стотици и илјадници километри за да лобирам за странски инвестиции, да презентирам дека Македонија заради реформите кои ги направивме е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, дека Светската банка за 6 години од 94-тото ја искачи на 23-тото место во Светот во однос на добрите услови за правење бизнис, само и само за да дојдат компаниите во Македонија и да инвестираат и да отворат работни места. И затоа како победа за народот ги чувствувам отворените работни места и оние работни места кои доправа ќе се отворат во двете фабрики на Џонсон Контрол и Џонсон Мети, во Дрексел Мајер, во Кромберт и Шуберт, во Текнохозе, Кемет Електроникс, Алајанс Уан, Стил кон, Агрокор, Суташ, Протек груп, Гришко, Ван Хул, Кемет Електроникс, Аустриан телеком,  и повеќе други.

Во таа насока секогаш ќе продолжам, беспоштедно и без резерви, колку и критики да трпам преку манипулациите кои ги прави опозицијата на ова поле јас нема да се откажам. Колку и да ме исмеваат некогаш, затворени во сопствената суета и тесно партиски гнев. Затоа што знам, дека  ако се бориш можеш да победиш или изгубиш, ако се откажеш можеш само да загубиш. Тоа е девизата. Јас би ја повикал опозицијата наместо да критикува и да смислува трикови за да не напаѓа на ова поле, и наместо да подржува одвраќање на инвеститорите за да инвестираат во Македонија, да проба и таа да придонесе во нови инвестиции, да лобира, да ја промовира Македонија, да ги промовира нашите поволности кои им ги нудиме на компаниите, никој нема да им земе за зло и нема да изгубат поени, на странските компании не им е битно дека ние, а не опозицијата ги донел тие реформи, битно им е дека условите се добри, и опозицијата не губи ништо и ако помогне некој инвеститор да дојде во Македонија. Заедно да работиме на привлекување на инвеститори.

Ние ќе продолжиме со борбата и со нашите залагања, и токму заради реформите кои ги правиме во земјата и заради нашиот ангажман, во следниот период во оваа и следната година имаме најави на 15-тина големи компании за влез и инвестиции во Македонија од различни области, меѓу кои индустријата на автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали и други.

Ќе работиме со сили сили овие најави што веќе се прилично сигурни, да успеат да се реализираат и да се вработат што повеќе луѓе. 

Ние продолжуваме жестоко да се бориме за секое ново отворено работно место. Новите инвестиции ги решаваат проблемите на луѓето, носат подобра и посигурна иднина.

Почитувани,

Следуваат моменти во кои сите ние ќе бидеме соочени со бројни предизвици. Тие предизвици ќе имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво по неколку линии, внесувајќи немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците. Моменти на провокација од разни структури домашни и од надвор, на разбивање на кохезијата на македонскиот народ, на повторно етикетирање и стимулирање на вештачки подвојувања, и тоа ќе се обиди во насока да се компромитираат македонските државни и национални интереси кои се длабоко исправни и реални.

Ние сме свесни за тоа, го знаеме и сакам да кажам, ние ќе одговориме, и тоа ќе одговориме заедно со нашиот најсилен сојузник народот. Како што Карев и Питу заедно со народот дејствуваа, а Ченто, Панко и Апостолски заедно со народот ги донесуваат своите одлуки, така и ние како и досега со народот ќе продолжиме заеднички да дејствуваме.

Секој обид за доведување под прашање на легитимитетот на ова што го говорам, за оспорување на легитимитетот на нашите политики, ставови, позиции и гледишта, момент кој би стимулирал поделби, или било каков момент кој засега негативно во суштинските прашања од државен интерес, ќе биде пресретнат во заедничка поткрепа со народот.

И затоа е потребно збивање на редовите и чување на грбот, на сите нас, етнички, верски и политички, вмровци, сдсмовци, либерали, демократи, сите до еден, за да бидеме на линија на илинденска и асномска Македонија. Да ги чуваме нашите заеднички интереси и Македонија. Тоа е рационално и искрено, пред се како должност, но и како право и обврска. И ова не сакам да звучи како клише, туку искрено и од срце го посакувам.

Но, сакам и да кажам дека ние како политичка структура имаме одговор и секое оспорување на нашиот легитимитет за суштинските прашања ќе добие одговор, за кој сум сигурен дека ќе не доведе до нов успех и победа, затоа што со народот заедно дејствуваме.

Драги пријатели,

Патот до успехот не е лесен ниту едноставен, но мора да биде изоден. Со мудрост и со правилен избор на одлуки, со посветеност и одговорен пристап кон предизвиците, со градење на дела и вредности, со грижа за сите слоеви од општеството, и со заштита на националните и државните интереси. Ние сме во период на многубројни реформи кои се нашата основна суштина. Иако ефектите од нив почнуваат да се чувствуваат и ќе се чувствуваат во позитива се повеќе, јас сум свесен дека во Македонија не е се идеално, знам и свесен сум дека во Македонија не се живее лесно, и како што кажав дека се радувам од срце за секоја насмевка и секоја радост предизвикана заради наша добра реформа или политика или вработување, така пред мене се и секогаш очите на луѓето кои очекуваат од нас уште повеќе, кои ме туркаат да продолжиме со силно темпо напред зашто има уште многу работи кои треба и мора да се подобрат, исправат, унапредат, решат. Сите тие работи го имаат моето полно внимание и мојата концентрација кон нив, и најбитно јас секојдневно се трудам да придонесам некој од тие проблеми да се решат или намалат, така и ќе продолжам. И сум сигурен дека со многу труд и работа ќе овозможиме животот за граѓаните да продолжи да се подобрува. Предизвици и проблеми секогаш ќе има, но најбитно е да работиме да ги намалуваме. Цврстината ќе не направи посилни. Работата поуспешни и попродуктивни. Знаењето ќе помогне да влечеме мудри одлуки и добри потези. Системот на вредности ќе не остави фокусирани на напредокот. Тоа важи и за политичарите и за целиот народ, само заеднички ќе донесеме нови победи базирани на големата идеја за успешна Македонија.

Да живее Илинден 1903!

Да живее Илинден 1944!

Една идеја, многу победи! Да веруваме во нас и во нашите можности за победи! Да веруваме во нашата Македонија, во нашата историја и иднина! И да се гордееме!

Да живее Република Македонија!