Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец со кого разговараше за актуелните политички процеси во земјата и за планирани активности на билатерална соработка меѓу двете земји во наредниот период.

На средбата, премиерот Заев го информираше амбасадорот Јазбец за постапката и фазите на уставните измени и спроведувањето на Преспанскиот договор изразувајќи очекување за успешно заокружување на процесот во Собранието на Република Македонија.

Амбасадорот Јазбец ја поздрави посветеноста на Владата за исполнување на реформите и нагласи дека Република Словенија останува силен поддржувач на напорите на Македонија за интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО. Тој подвлече дека е многу важно, историскиот момент пред кој се наоѓа земјата да го искористат сите партии и да бидат единствени во донесувањето на одлуките кои ќе и помогнат да земјата да ги оствари евроатлантските аспирации.

На состанокот се разговараше и за искористување на можноста за поголема динамика на економската соработка помеѓу Македонија и Словенија, како и за продлабочување на соработката на проекти од областа на земјоделството. 

Премиерот Заев изрази благодарност од свое име и од име на граѓаните на Република Македонија за помошта, заложбите и големата пријателска помош која Македонија ја има од Република Словенија, за заокружување на демократските процеси на патот кон евроатлантските интеграции. 

Министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Ќахил Ибраими на денешната прес-конференција информираа за актуелната состојба со морбили во Скопје и за наодите од извршениот инспекциски надзор во вакциналните пунктови во здравствените домови.

Во однос на наодите од вонредниот инспекциски надзор, министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномиран европски производител. Само кај мал дел, односно 1 процент од вкупниот број вакцини се најдени декларации од постара серија, која производителот претходно ја внесувал во државата.

„Како Министерство за здравство и јас лично ќе ги преземам сите мерки, кои се во рамки на сегашната правна регулатива, да се справиме со настанатата ситуација. Ќе преземеме се што треба и можеме за да покажеме дека сме сериозна власт, која на прво место го става здравјето на граѓаните и нема да дозволиме со ништо да биде загрозено“, потенцираше министерот Филипче.

Министерството за здравство официјално ги извести МАЛМЕД и сите здравствени домови, со цел да се утврдат причините за техничкиот пропуст, а компанијата-увозник Македонијалек веќе соопшти дека спроведува внатрешна истрага.

Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година, но секое шишенце вакцина има така наречен воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок.

Директорот на МАЛМЕД, Ќахил Ибраими истакна дека вакцината е оригинал и воопшто не станува збор за никаков фалсификат, туку за техничка грешка, за која по извршените проверки, МАЛМЕД ќе постапи согласно законската регулатива.

Министерството за здравство има должност и обврска да се грижи за здравјето на сите граѓани на Република Македонија. Особено за јавното здравје, да поттикнува вакцинација на населението како една од придобивките на современата медицина и грижа за колективниот имунитет.

Родителите и граѓаните можат да бидат спокојни и слободно да продолжат со имунизацијата на своите деца. Вакцините имаат проверен квалитет и два сертификати за безбедност, и се со исправен рок на траење. Сите вакцини со погрешната декларација се повлечени од здравствените домови.

„Од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) до денеска, вкупно се хоспитализирани 19 пациенти. Во моментов, на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби имаме 11 пациенти, кои се во стабилна состојба. Од нив, четири се деца и денеска ги пуштаме на домашно лекување, бидејќи нивната здравствена состојба овозможува да си одат дома. Инаку, денеска се примени уште две деца, едно 18 месечно од градинката „Фидани“, во Чаир и второто дете на 4-годишна возраст од градинката „Буба Мара“, во Ново Лисиче, и двете деца биле невакцинирани. Исто така, се хоспитализирани и двајца возрасни, на 28 и 30-годишна возраст, од кои едното лице е со примена една доза вакцина, а другото е со непознат вакцинален статус“, информираше министерот Филипче.

Инаку, досега се вакцинирани вкупно околу 1.300 деца со МРП вакцините.

На првата седница во 2019-та година, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација, во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор, К-15 и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска.

Владата на 114-та седница ја усвои Предлог-програмата за работата на Владата на Република Македонија за 2019-та година. Таа е во согласност со Програмата за работа на Владата 2017-2020, како и во согласност со Методологијата за стратешко планирање и подготвување на Годишната програма. Програмата е во функција на остварување на стратешките приоритети и приоритетните цели за 2019 година на Владата на Република Македонија:

  • Развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
  • Република Македонија - членка на НАТО и Европската Унија;
  • Одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
  • Јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
  • Реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
  • Реформи во правосудството;
  • Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување;
  • Намалување на аерозагадувањето.

Денеска Владата ја усвои информацијата за Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2019-та година. Според истата, Јавното претпријатие за државни патишта годинава ќе потроши средства за инвестиции во вкупна вредност од над 13 милијарди денари, од кои речиси 3 милијарди се сопствени средства на претпријатието.

На седницата, Владата ја прифати Предлог-програмата за инвестирање во животната средина за 2019-та година. Покрај програмата за инвестиции од 130,8 милијарди денари, за оваа програма обезбедени се 98 милиони денари. Дел ќе се наменат за поддршка на мерки и активности за намалување на загадување на воздухот со спроведување на постапка за јавна набавка. Останатиот дел од средствата ќе се доделуваат врз основа на Јавен конкурс којшто го објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за животната средина, со склучување на договори за доделување на средства.

Денеска министрите ја прифатија Предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019-та година. Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија. 

Една од одлуките на 114-та владина седница е и предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година. Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување. Понатаму, програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива. 

Од областа на здравството, денеска Владата ја прифати и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019-та година. Програмата ќе овозможи континуитет на активностите кои државата ги презема за  набавка на медицинска терапија за  лекување и третман  за пациентите со ретки болести во Република Македонија и за неа се обезбедени вкупно 380 милиони денари. 

На својата редовна седница, Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во Република Македонија. Притоа, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта во Република Македонија, најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој. Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средни специјални училишта кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава, да подготват Анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца кои ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година. 

Министрите денеска ја прифатија Предлог-програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија, за 2019-та година. За оваа намена се предвидени 7, 8 милиони денари, а целта на програмата е одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната, утврдување на присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната, мониторирање на можно присуство на ГМО храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнето се сретна со претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Средбата помина во конструктивна атмосфера. На состанокот беа реафирмирани заедничките заложби за успешно заокружување на политичкиот процес во Собранието на Република Македонија, со цел евро-атлантска иднина на државата.

Премиерот Заев, по средбата даде изјава за медиумите.

 

 

„Драго ми е што успеавме во постигнувањето договор“, рече премиерот Заев.

Претседателот Заев го оцени разговорот со претседателот на Алијансата на Албанците, Села како конструктивен и изрази задоволство што и оваа партија останува на определбите кон НАТО и ЕУ.

Премиерот Заев објасни дека во Преамбулата на Уставот зборот „граѓаните“ ќе биде употребен само еднаш, при што по Македонскиот народ, директно ќе бидат додадени „и дел од Албанскиот народ, Турскиот народ...“, со понатамошно наведување на сите етнички заедници, наместо како досега, со формулацијата „како и“, пред другите етнички заедници.  

Премиерот Заев посочи дека за дијаспората, наместо дијаспората на Македонскиот народ, се додава „и на другите заедници“ и дека со амандман на Уставниот закон се внесува и Косово како петти сосед на нашата држава.

Со тоа, низ прифатените амандмани, како што беше заеднички оценето и во изјавите и на средбата, Алијанса на Албанците е вградена во политичкиот процес на уставните измени со цел реализација на Договорот од Преспа.

Премиерот Заев посочи дека е „важно да се сочува македонскиот идентитет“, како и дека „двете партии, Алијанса на Албанците и Беса остануваат определени кон НАТО и ЕУ, а останува чувството дека тие водат грижа и за македонската етничка заедница и на самоопределувањето како Македонци“.

Претседателот на Владата, Заев, нагласи дека останува посветен на инклузивен процес и во иднина за сите прашања што ги засегаат сите етнички заедници во Македонија.

Тој во одговорите на новинарските прашања објасни и во врска со останувањето на формулациите за државјанството и за јазикот, при што додаде дека станува збор за усвојување амандмани коишто се поврзани со Договорот од Преспа.

„Правно-формално не можеме да го отвориме тоа прашање сега, но времето е пред нас и ќе даде можност за разговори“, одговори премиерот Заев на новинарското прашање во врска посочувањето на Албанскиот јазик во Уставот.

Претседателот на Владата, Заев, рече дека дел од прифатените амандмани се со цел пратениците кои изразија поддршка на Договорот од Преспа, да останат во процесот на усвојувањето на уставните амандмани.

Премиерот Заев на новинарското прашање дали има поддршка од 80 пратеници за гласањето во Парламентот, рече дека тоа ќе се знае на гласањето и дека „редот е пратениците да го кажат својот став“, но дека верува дека ќе има двотретинско мнозинство да се заврши процесот. 

Министерот за економија, Крешник Бектеши заедно со заменик генералниот директор на ЕЛЕМ Фатмир Лимани го посетија ТЕЦ Осломеј, како и локацијата предвидена за изградба на фотонапонската централа Осломеј, за чија што изградба на 4 јануари беше потпишан договор помеѓу ЕБРД и ЕЛЕМ. Локацијата за 10 мегаватната фотоволтаична мрежа се простира на 15 хектари земјиште од поранешните наоѓалишта на јаглен, кое за една година треба да биде рекултивирано со новата централа.

Согласно договорот, инвестицијата изнесува 7 милиони евра, а вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства.

Министерот за економија, Крешник Бектеши оствари средби со раководните структури, го посети погонот за производство, како и местото каде што е предвидено да почне да се гради новата фотоволтаична централа.

„Задоволство ми е што поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за околу една година треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична мрежа. Но, ние не застануваме таму, туку како Влада настојуваме да имаме што повеќе домашно производство на енергија“, изјави Бектеши по обиколката.

Бектеши потенцираше дека и во минатата година е зголемено домашното производството на електрична енергија.

„Како Влада имаме долгорочен план за зголемување на производството на енергија. Веќе почнавме со студија за градба на дополнителна 20 мегаватна фотоволтаична мрежа, исто така, во рамки на РЕК Осломеј. Користењето на ваков вид на производство на енергија е светски тренд, со кој ќе продолжиме во нашите проекти“, рече Бектеши и додаде дека во наредниот период ќе има нови вработувања во комбинатот, особено на стручни лица од соодветната сфера од Кичево и регионот, апелирајќи до младите да продолжат со стручна едукација за да бидат подготвени да одговорат на барањата на постојните и новите инвеститори.

Покрај за рамномерниот регионален развој, овој проект е значен од аспект на енергетските вредности, од социјален, но и од еколошки аспекет, бидејќи е во согласност со најсовремените начела за заштита на животната средина.

Денес во Владата на Република Македонија, се одржа 40 состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој го водеше Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и на кој беа отворени темите поврзани со европските интеграции: објаснувачкиот скрининг, статусот на имплементација на Планот 18, статусот на апсорпцијата на ИПА и распределбата на странска помош итн. На состанокот беше направен пресек на клучните индикатори по кои се следи напредокот во процесот на европската интеграција на нашата земја.

На почетокот на состанокот Османи направи осврт на резултатите од 2018 година оценувајќи ја како  историска од аспект на европските интеграции, при што потенцираше дека и оваа година, европските интеграции остануваат во фокусот на Владата, за што во наредните месеци потребни се конкретни резултати во спроведувањето на реформите особено во приоритетните области: правосудство, реформа на безбедносни служби, реформа на јавна администрација и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Еден од најважните индикатори за нашата европската интеграција е секако - имплементацијата на План 18. Во таа насока денес ќе ги разгледаме досегашните реализирани активности, ќе ги разгледаме евентуалните предизвици во неговата имплементација и најважно, ќе оформиме реална проценка за негова финализација во периодот до излегувањето на новиот извештај на Европската Комисија, како еден од најважните критериуми за верификацијата на нашиот напредок во европските интеграции“ - истакна Османи, при што од своја страна изрази задоволство од досегашниот успех на овој план, во сите области.

Во продолжение на состанокот беше разгледан и статусот на реализација на обврските од состаноците на телата во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како основна функција на ова тело, како и статусите на реализацијата на обврските од оценските мисии.

Во рамки на денешниот состанок на РКЕИ членовите на истиот беа запознаени  со досегашниот тек на т.н. набљудувачки скрининг, како и распоредот на Поглавја за оваа година, со оглед на тоа што ова е процес кој овозможува администрација, која е дел од преговарачката структура односно преговарачкиот тим, и сите останати чинители во истиот да се подготвуваат за евентуалниот старт на преговорите.

Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, раководителите на работните групи, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.

Денеска започна првата обука на избраните 30 воспитувачи/чки за јакнење на компетенциите на кадарот во градинките. Министерството за труд и социјална политика обуките ги спроведува како дел од заедничката соработка со УНИЦЕФ, со што и во 2019 година продолжува да работи на унапредување на квалитетот на сервисите и зајакнување на професионалните компетенции на вработените во установите за деца. Во рамките на овие активности оваа година ќе се организираат низа работилници за унапредување на социо-емоционалните компетенции на воспитувачите/чките за поттикнување на социо-емоционалниот развој кај малите деца. Сè поголем број научни истражувања истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за развојот на целокупната мозочна архитектура и има огромно влијание во текот на целиот живот.

Обуката ја спроведува проф. д-р Ребека Гренџер-Елис, постдокторска истражувачка и соработничка на универзитетите „Џон Хопкинс” и „Њу Ореланс” во САД. Гренџер-Елис е експертка за социо-емоционален развој и има над 12 години искуство во развој на програми базирани на истражување, специјализирани за деца во предучилишно и основно образование, вклучувајќи и надарени и деца со потешкотии.

Учесниците коишто ќе ја поминат обуката имаат обврска стекнатите вештини и знаења да ги пренесат на своите колеги и да дадат континуирана поддршка на вработените во установите за деца во рамките на Програмата за колегијална поддршка што ќе се спроведува во 2019 и 2020 година.
 

На првата владина седница во 2019-та година, на дневен ред се Предлог-програми за реализација на крупни проекти на речиси сите министерства. 

На 114-та седница пред министрите ќе се најде Предлог-програмата за работа на Владата на Република Македонија во 2019-та година.

Денеска Владата ќе ја разгледа информацијата за годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2019 година, со Предлог-одлука.

Министерството за здравство за денешната седница предлага дваесетина предлог-програми за претстојната година. Дел од нив се Предлог-програма за задолжително здравствено осигурување на државјаните на Република Македонија, за систематски прегледи на учениците и студентите, понатаму Предлог-програма за Здравје за сите, за лекување на ретки болести, за задолжителна имунизација, за трансплантација, за рана детекција на малигни болести, итн.

На предлог на Министерството за образование и наука, на дневен ред се Предлог-програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и Предлог-програмите за остварување и развој на дејноста во ученичкиот и студентскиот стандард за 2019-та година.

Владата на 114-та седница ќе одлучува за Предлог-годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2019-та година.

На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, дел од владината седница е Предлог-програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија за 2019-та година.

Дел од денешната седница се и Предлог-програмата за инвестирање во животната средина за претстојната година, како и Предлог-програмата за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019-та година.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со сопругата Зорица Заева, денеска по повод празникот Божик ги посетија штитениците и вработените во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско.

Премиерот Заев, традиционално веќе втора деценија, за новогодишните и божикните празници се дружи со штитениците пренесувајќи им пораки за радост, за поддршка и за подобро утре за секој од нив во рамки на заедничкото општество. 

Низ разговорот, премиерот Заев потенцираше дека грижата и поддршката од институциите за ранливите индивидуи и заедници е еден од најважните приоритети на Владата на Република Македонија, a унапредувањето на правата за лицата со попреченост особено доаѓа до израз во 2019 година со новиот Закон за социјална заштита.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на божествената литургија којашто се одржа во црквата Св. Леонтиј, во манастирот во Водоча, Струмица, во чест на празникот Рождество Христово - Божик.

Владина делегација предводена од заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерката за правда, Рената Дескоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски, присуствуваше на  централната свечена божествена литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, по повод празникот Христово раѓање - Божик.

Утрово, заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со директорот на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Дарио Сотировски, присуствуваше на Божикна литургија во соборниот храм „Св. Богородица“ во Гостивар, додека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на литургија во црквата „Свети Димитрија” во Крива Паланка, по повод празникот Христово раѓање - Божик.

Со присуството на своја делегација и претставници на овој свечен празничен чин, Владата на Република Македонија се придружува на прославувањето на Христовото раѓање заедно со сите православни христијани и упатува честитки по повод празникот Божик.