Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев по повод 8ми Декември, празникот Свети Климент Охридски, упати честитка до граѓаните кои го слават името и делото на големиот просветител и духовник. Честитката ја пренесуваме во целост:

„Во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, на сите православни верници, на Синодот на МПЦ-ОА и на сите граѓани кои го слават делото Климентово, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски со желби за радосен и благословен празничен викенд.

Свети Климент Охридски основоположник на македонската црковна и народна духовност, и патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот.

Инспирираат страдањата што ги поднел во својот подвиг, зашто го водела вербата во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек, да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета.

Сите генерации после него, и идните што доаѓаат, имаат пред себе пример за духовник кој применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои тогаш ја наоѓале во Црквата.

Свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, честопати именувана како „првиот балкански и европски универзитет“, низ којашто минале околу 3.500 ученици. Бројот е импозантен и за денешните времиња.

Повикани сме да му ја оддадеме должната почест на Свети Климент Охридски за неговото големо духовно - просветителско дело со кое нѐ задолжи сите и ни покажа како “на дело“ се станува и духовник и просветител.

Како што успеал Свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да се обидеме и да успееме во надминувањето на предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги вредностите што не обединуваат како граѓани, како народ и како држава."

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Португалија, вечерва оствари средба со министерката за европски прашања на Шведска Ан Линде.

Министерката Линде на средбата ја повтори силната поддршка на нејзината земја за евро-атлантските аспирации на нашата земја и покажа интерес за актуелниот момент од процесот на имплементацијата на Договорот од Преспа.

Премиерот Заев ја запозна со најновиот тек на овој процес и информираше за почетните резултати од јавната расправа за нацрт амандманите за уставни измени кои ја поминаа првата фаза на утврдување како нацрт во Собранието на Република Македонија.

Премиерот Заев зборуваше и за следните постапки во овој процес кога се очекува Владата на РМ, како предлагач на уставните измени и на нацрт амандманите, два дена по јавната расправа, да ги сублимира резултатите и како извештај да ги достави до парламентот, по што постапката за промената на Уставот на Република Македонија, со цел имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, се очекува да заврши кон средината на јануари со пленарна седница во Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Владата на РМ Заев и министерката за европски прашања Ан Линде во разговорот се задржаа и на активностите на нашата земја на внатрешните реформи, за кои премиерот Заев изрази уверување дека ќе бидат остварени во предвидените рокови, за да се обезбеди очекуваниот старт на отворање на поглавјата како последна фаза од процесот за членство во ЕУ.

Владина делегација во состав од министер Зоран Шапуриќ, министер Аднан Ќахил и национален координатор за култура Роберт Алаѓозовски присуствуваше на свеченоста по повод патрониот празник Св Климент Охридски - 8ми Декември, ирганизирана од старана на НУБ Св. Климент Охридски - Скопје.

Свеченоста започна со положување свежо цвеќе на споменикот на св Климент Охридски и продложи со музичка точка и доделување на наградата на „Библиотека на годината“

Централниот дел од свеченоста беше ументички перформанс наречен „Емоции“ посветен на македонскиот книжевник и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески, по повод 25 годишнината од неговата смрт.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска, учествуваа на третата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, која се одржа денеска во амфитеатарот на МАНУ.

Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени на тричасовната дебата, на која експертски осврти дадоа академиците Владо Камбовски и Таки Фити и професорот Светомир Шкариќ, како и други претставници на академската заедница, граѓански организации и граѓани, ќе бидат сумирани и поднесени до Владата, која ќе ги изготви заклучоците од серијалот јавни дискусии и ќе ги достави во Собранието.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи истакна дека Преспанскиот договор е историски договор, кој е постигнат како што рече во една историска година за нас и дека тој ќе отстрани товар, односно еден голем камен, кој не ја оставаше Македонија да оди напред.

Вицепремиерот Османи се осврна на позитивните аспекти на Договорот, кој рече дека гарантира членство во НАТО и ЕУ и обезбедува сигурна иднина и од економски и од безбедносен аспект за сите граѓани, посебно младите кои не би сакале да останат во државата, ако таа им нуди неизвесна иднина.

„Евроатлантската ориентација и стратешка цел, никогаш, ниту во најтешките моменти од живеењето на нашата земја, не беше доведена под знак прашање. Над 75 проценти од населението, независно од етничката или верската припадност, континуирано беа и останаа за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е голема обврска за сите сериозни политичари, а ние се сметаме за сериозни политичари и ви ветувам дека со сите наши одлуки, сега и натаму, ќе го следиме масовниот глас на граѓаните“, рече Османи оценувајќи дека Македонија е единствена земја која покажа како на европски начин се решаваат балканските идентитетски проблеми.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Македонија не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, во денешнината како што истакна, може да влијае за иднината, со преземање на одговорноста и со донесување на одлуки како Договорот од Преспа и неговата имплементација.

„Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Не е ниту САД, ниту Русија, ниту Европа, ниту Германија, ниту, пак, Грција. Не е точна тезата дека другите имаат интерес да се реши овој проблем“, рече министерот Димитров посочувајќи дека штетата најмногу ја трпиме самите ние, кои сме надвор од НАТО и Европската Унија.

Димитров истакна дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор.

Академик Таки Фити во своето излагање, потсети на заклучоците од научната расправа на Академијата, која се одржа во септември, истакнувајќи дека имплементирањето на Договорот од Преспа ја обезбедува единствената алтернатива за Македонија, односно напредувањето во евроатлантските процеси. Академикот Таки Фити додаде дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања, осврнувајќи се на потребата експертите да се изјаснат за да се изнајде решение за имињата на некои од институциите, откако ќе бидат усвоени уставните измени. Тој рече дека и во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но оцени дека и тоа е легитимно, доколку за забелешките се понуди алтернативно решение.

Академик Владо Камбовски во обраќањето рече дека Договорот од Преспа е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права, додавајќи дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на елементите кои се содржани.

Камбовски се задржа и на, како што рече неколку императивни елементи, набројувајќи ја промената на официјалното име, решение кое го оцени како компромис кој ги балансира интересите на двете држави, а притоа не го оспорува националниот идентитет. Тука Камбовски подвлече дека во историјата, Македонија била и Демократска, Народна, Социјалистичка. Потоа, Академикот во врска со формулацијата за државјанство, ја оцени одредницата „граѓани на Република Северна Македонија“ како исправна формулација за уредување на статусот на граѓаните и особено дефинирањето на македонскиот јазик како официјален јазик.

Професорот Камбовски на дебатата ја начна и темата во врска со наоѓање решение, во случај да се јави ситуација како сегашната, кога Претседателот на државата не го потпишува Указот за Законот за ратификација на Договорот, кој веќе два пати е изгласан од пратениците и помина во Собранието на Република Македонија.

Професорот Светомир Шкариќ во своето излагање се задржа на предлогот, Договорот од Преспа да се смести во посебен амандман и да биде дел од уставниот поредок на Република Македонија, со што би се обезбедиле импликации врз уставните норми и правниот систем. Дел од сугестиите на Професорот се однесуваа на амандманот 34, предлагајќи одлуките на АСНОМ да останат такви какви што се и да се додадат зборовите „забележани или запишани во Прогласот“.

Според Шкариќ, уставните измени се многу полесни од тоа што изгледа и додаде дека тежината е поврзана со политичкиот процес, договорот на двете Влади.
На јавната дискусија, беа отворени и прашањата како да се регулираат интересите на македонските државјани во дијаспората, се слушаа различни мислења за тоа дали треба или не треба да се набројуваат другите етнички заедници по однос на дијаспората, како и прашања кои би се отвориле во периодот по стапувањето во сила на Законот за Договорот од Преспа, а кои се однесуваат на истражувања во научната дејност.

Дебатите за уставните измени, организирани од Владата како овластен предлагач на истите, продолжуваат во понеделник во Штип и Тетово.

Ве известуваме дека 8 Декември (Сабота), ќе бидат отворени даночните шалтери на Управата за јавни приходи за достава на е-ГДП-ПДД за 2018 година. Даночните шалтери ќе бидат отворени со работно време од 8,00 часот до 14,00.

„Помеѓу фактите и фикцијата - што ќе донесе пристапувањето на Македонија во НАТО“ е насловот на денешната дебата и презентација на два независни истражувачки труда за ефектите од пристапувањето на нашата држава во Алијансата, која ја организираше Институтот за европска политика, а ја отвори министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката Шекеринска на почетокот од своето воведно обраќање го изрази своето задоволство од соработката на државните институции со граѓанскиот сектор. Таа истакна дека Владата на Република Македонија цврсто верува дека оваа држава може да стане подобро општество, поинтегрирано, попросперитетно, преку членството во НАТО и ЕУ

„Неподелен е ставот помеѓу сите 29 членки на НАТО алијансата, дека Македонија е подготвена да стане 30 земја членка. И тоа е нешто на што треба да бидеме горди затоа што оваа држава во брзо време успеа да го надомести загубеното. Меѓутоа се разбра процесот ќе зависи од завршување на процесот на уставни измени и од пораките кои што ќе ги испраќа РМ за целиот период на ратификација. Ние практично од првата половина на 2019 година, ќе можеме да функционираме на масата на НАТО, како де-факто земја членка. Но правото на глас ќе го добиеме откако процесот целосно ќе биде завршен со ратификација во сите земји членки на алијансата. И ова што сега го правиме ни помага овој процес да биде успешен“, рече министерката на отворањето на дебатата.

Во изјава за медиумите таа рече:

„И експертската и политичката јавност во Македонија се обединети во пораката дека членството во НАТО за Македонија, значи зголемена безбедност, зголемена предвидливост, меѓутоа дека во исто време тоа носи шанси за поголем економски раст.Примерите кои ги погледнавме од соседството но и пошироко покажуваат дека членството во НАТО, иницира процес на зајакнат економски раст, поголема мобилност и храброст и кај домашните инвеститори, меѓутоа особено зголемен интерес од страна на странските инвестиции што веднаш има ефект за повеќе и подобро платени работни места.Се разбира се сложивме дека не треба да чекаме НАТО членството да ги реши сите наши проблеми, туку дека тоа е процес на растење, трансформација и подобрување на државата. На крајот се ќе зависи од нашите сили, се ќе зависи од нашиот капацитет и моќ на граѓаните да им опбезбедиме подобри шанси за живот“.

Симонида Кацарска - директор на Институтот за европска политика рече дека членството во НАТО ќе донесе зголемен развој и прилив на инвестиции.

„Базирајќи се на искуствата на останатите земји кои пристапиле во НАТО во изминатите 10тина години, она што може да очекуваме е секако зголемен развој, зголемен прилив на странски директни инвестиции, меѓутоа со една нота на внимателност дека голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и дали ќе можеме да го оспособиме домашното стопанство и економија, како и нашите институции да се носат со предизвиците на обврските од тоа членство“.

Двата независни истражувачки труда, едниот посветен на „Повеќедимензионалните придобивки и ефекти од пристапувањето кон НАТО“, а другиот на „економските придобивки и предизвици од членството во НАТО“, преку факти и паралели со земјите од регионот кои веќе се дел од НАТО - Алијансата, укажуваат на реалните придобивки за граѓаните на Македонија од членството во Алијансата.

Економските податоци за земјите од регионот покажуваат драстично зголемување на показателите за раст на бруто-домашниот производ и за раст на странските директни инвестиции, споредено помеѓу петгодишните периоди пред и по членството во НАТО. Истражувањата покажуваат дека ефектите можат да се забележат веднаш, што се гледа и по податоците за Црна Гора која минатата, 2017 година стана членка на Алијансата. Во оваа земја порастот на странските директни инвестиции, само една година по зачленувањето во НАТО, изнесува 147%.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, во придружба на министерот задолжен за странски инвестиции Бардул Даути и градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, реализираше работна посета на компанијата Комфи Ангел во Прилеп, при што се сретна со менаџментот на фирмата и изврши обиколка на производствениот погон со цел да се запознае со инвестициските процеси во компанијата.

Комфи Ангел е една од компаниите кои ги задоволуваат условите за користење на средствата од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и компанија со која Владата има склучено договор за финансиска поддршка. По средбата со менаџментот на компанијата и увидот во производствениот процес, вицепремиерот го изрази задоволството од напредокот на направените инвестиции.

„Со средствата што ќе бидат доделени од државата кои се 10% од она што овде ќе се случува, ќе биде имплементирана модернизација на машинскиот парк, осовременување на производството, а се со цел да се постигне поголема продуктивност на производството и оваа компанија да стане поконкурентна на меѓуанродните пазари. Остатокот ќе биде инвестиран од самите сопственици на компанијата. Комфи Ангел е одлична компанија, со извозно ориентирано производство и работи за реномирани светски брендови и очекуваме дека со ваквата поддршка тие ќе го зголемуваат своето производство и извозот. Она што сакам да го потенцирам дека државата нема да дава пари однапред, туку за веќе инвестирани средства. И сега на крајот на 2018 година ќе направиме поврат на тоа што било инвестирано во 2017 година. Но, посебно е добро што тие и во 2018 година продолжиле со своите инвестиции, а тие средства од страна на државата ќе бидат вратени на крајот на 2019 година. Оваа година ќе бидат поддржани над 100 компании а за следната година имаме проектирано 36% повеќе средства за поддршка на македонското стопанство“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

За Комфи Ангел ова е првпат да добие финансиска помош од владата по 14 години постоење и работење.

„Планираме да продолжиме со процесот на инвестирање во контекст на зголемување на степенот на извозот и стабилизација на работната сила и зголемување на животниот стандард на истата. Но, она што би го поздравила во овој момент се мерките што оваа влада почна да ги презема, како мерката за Законот за прекршоци и глоби. Тоа ќе биде голема помош за нас компаниите, да се едуцираме и информираме што значи да не ги кршиме регулативите. Глобата не носи ефект ни за државата ни за компанијата, таа има едностран импакт. Многу е поквалитетно и подобро кога некој ќе ви укаже на кој начин треба да ја имплементирате регулативата и тоа со цел да ги градиме своите бизниси на посакуваното ниво.Се надевам дека нашата соработка со владата ќе продолжи во делот на надградување и на другите регулативи и се во интерес на бизнис секторот“, изјави Ирена Јакимовска, ко-сопственик на Комфи Ангел.

Во насока на градење на стабилна и здрава економска клима со балансирана поддршка на домашните компании но и континуиран фокус на странските, Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оваа година ја оцени како успешна од аспект на странски директни инвестиции.

„Оваа година беше и на економијата затоа што оваа година дојдоа околу 20 странски директни инвестиции во нашата држава. Како што се приближуваме кон решение на проблемот за приклучување кон Евроатланските интеграции, така расте интересот на странските компании. Веќе во почетокот на јануари ќе биде објавена голема германска инвестиција, вредна над 100 милиони евра во делот на високо-технолошката индустрија. Ние сега во моментов сме посветени да привлечеме компании кои ќе бидат високо технолошки развиени, затоа што сакаме да најдеме компании кои ќе ги вработуваат нашите високо образовани кадри, нашите млади луѓе и на тој начин ќе ги стимулираме да останат тука, во својата земја. Само со соодветни работни места и соодветен стандард на живеење. Иако и досега дојдените компании многу и помогнаа на нашата економија, сепак тоа се трудово интензивни работни места. Но ние имаме работна сила што е квалификувана и високо образована“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Даути присуствуваа и на седница на управниот одбор на Регионалната комора во Прилеп, каде што беа присутни над 50 претставници на компании од регионот. Потенцирано е дека Владата ќе работи на креирање на услови за силна поддршка на македонските компании, за нивна повисока конкурентност, а воедно се работи на регулатива со која ќе се олесни работата на компаниите.

„Законот за прекршоци превидува намалување на ригорозните казни за компаниите, но и граѓаните. Се воведува опомена за превенција на казната, а глобите се намалуваат до два и пол пати за компаниите. Македонија мора да биде праведна држава, која функционира по европски правила“, рече вицепремиерот пред присутните бизнисмени.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Никловски, денеска присуствуваше на фестивалот „Форест фест“, кој што се одржува во Берово и во Пехчево. Целта на оваа манифестација е да се афирмира приватното шумарство и неговата улога во развојот на економијата, да се даде фокус на руралниот развој, и да се акцентира вредноста на шумите како природно богатсво поради општо-корисните функции на шумите. Министерот Николовски посочи дека МЗШВ заедно со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, континуирано работи на унапредување на мерките за сопствениците на приватни шуми во Програмата за рурален развој и во Програмата за проширена репродукција на шумите, и тоа со една единствена цел - зголемување на економските, еколошките и културните вредности на шумите.

„Националното здружение преку соработка и комуникација со стручната фела и со претставниците на Здружението, ќе учествува во изработката на закони и подзаконски акти од областа на шумарството. За таа цел, во октомври годинава потпишавме Меморандум за соработка со ЈП Македонски шуми и Националното здружение. Но, она што е најважно е да потсетиме на вредноста на шумите како наше природно богатство, особено во борбата против аерозагадувањето. Без разлика дали шумите се во државна или приватна сопственост, наша задача како министерство е да креираме мерки кои ќе дадат позитивни резултати во заштита, зголемување и одржливо управување со шумскиот фонд“, истакна Николовски.

Шумите и шумското земјиште покриваат околу 40 отсто од целокупната територија на Македонија и се важен природен ресурс за околу 60.000 сопственици на приватна шума, особено во ридско-планинските подрачја.

При тоа Николовски потенцираше дека во наредниот период започнуваат сериозни реформи во шумарскиот сектор, со цел унапредување на шумите и шумарството во целина, преку ново финансирање за проширена репродукција на шуми, како и хармонизација на шумарската политика во рамки на процесот на приближување кон ЕУ. За ефикасна реализација на овие цели, МЗШВ има финансиска и техничка помош од ФАО, конкретно за развивање на методологијата за спроведување на Национален инвентар за шумите и истата ќе трае до крај на година. Шумарството е влезено и во тригодишната Проrрамска рамка на ФАО за Македонија. Дополнително, со европската ИПА 2019, за македонското земјоделство и руралниот развој се планирани 15 милиони евра, со кои за првпат ќе се финансира и секторот шумарството. Парите ќе се искористат за воспоставување шумарски информативен систем, што е важно за одржливо стопанисување со шумите, креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци клучни за развојот на овој сектор.

Оваа манифестација е во организација на Националното здружение на сопственици на приватни шуми, а е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водопанство, Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Програмата за зачувување на природата во Македонија, како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, и од општините Берово и Пехчево.

„Климатските промени-реалност или илузија“ е темата на која денес претставниците на граѓанските здруженија разговараа со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) кои работат на темата климатски промени. Настанот е организиран по повод одржувањето на глобалната Конференција за климатски промени во Полска (СОР24, Катовице, 2-14 декември 2018г.).

Нагласувајќи дека постои цврст линк помеѓу климатските промени и другите области на животната средина меѓу кои и аерозагадувањето, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули рече дека ова е област каде што Македонија има исклучително добар напредок и според светските критериуми е препозната како една од 16-те климатски најамбициозни држави. Според него, Македонија е  една од ретките земји каде веќе започна да се работи Четвртиот национален извештај и Третиот двогодишен извештај за климатски промени по што сме многу понапред и од некои држави членки на ЕУ. Успехот во оваа област Макрадули го гледа во исклучитело добрата соработка со академската заедница, пред се со МАНУ, со УНДП, проектната единица која што се грижи за климатските промени и секако и невладиниот сектор.

Заклучоците од последниот Меѓувладин панел за климатски промени на кој се разгледуваше како разликата од половина степен целзиусов влијае врз климата и врз планетата Земја воошто, ги презентираше д-р Наташа Марковска од МАНУ. Според нејзе потребна е итна акција за да се ограничи температурата и да се зголемат амбициите.

Павлина Здравева, проектен менаџер од УНДП ги презентираше активностите и истражувањата од Вториот двогодишен извештај за климатски промени, ги објасни алатките за визуелизација на резултатите и ги најави следните активности.

Меѓутоа основната цел на работилницата беше да се обезбеди учество на јавноста и полесен пристап до информации во врска со донесувањето одлуки поврзани со климатските промени, како клучен фактор за ефективна #KлиматскаAкција. Фокусот беше ставен на соработката на државните институции и граѓанското општество и неговата улога во планирањето и спроведувањето на мерките за ублажување и адаптација со што се придонесува за повисоки национални амбиции и поефикасна имплементација на политиките.

За да не се дозволи климатските промени секој да ги толкува на свој начин и низ своја перспектива, туку да се разгледуваат врз факти засновани на научни истражувања, потребно е развивање на правилна комуникација и споделување на податоци со сите засегнати страни и на потребното ниво. За ова цел изработена е Комуникациска стратегија и Акциски комуникациски план за чија имплементација е задолжена Канцеларијата за комуникација со јавност на МЖСПП. Со нив се предвидува како анализите од националните извештаи за климатски промени да се преточат во лесно разбирливи акции, а добрите практики и искуствата да се споделуваат со цел климатските промени да ги гледаме како реалност, а не како илузија.

На претставниците на невладиниот сектор им беа презентирани и интернет алатките, со кои можат многу едноставно да ги споделуваат, но и да ги добиваат информациите од националната веб страница: www.klimatskipromeni.mk која треба да прерасне во национална платформа за #КлиматскаАкција. 

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче и д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје денеска одржаа прес-конференција на којашто ги посочија препораките и советите на здравствените власти за заштита на граѓаните од загадувањето на воздухот.

Истакнувајќи дека борбата против аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија, министерот за здравство, д-р Филипче истакна дека сите институции се насочени кон спроведување на мерки коишто ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот. Посочувајќи дека аерозагадувањето најмногу ги погодува хронично болните, луѓето со срцеви и белодробни заболувања, повозрасните, бремените жени и децата, министерот Филипче советува:

„Да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, повозрасни и хронично болни лица), како и за лицата коишто работат на отворено. Храната треба да биде богата со витамини и антиоксиданси, а хронично болните треба редовно да ја земаат препишаната терапија од својот лекар“, потенцираше министерот за здравство д-р Филипче.

Граѓаните, како што рече д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, треба пред се, да се заштитат, но исто така тие имаат и улога во намалувањето на загадувањето на воздухот. Како што истакна д-р Ѓорѓев клучно е сите граѓани да го подобрат својот имунитет.

„Ефектите на здравјето, прво се на респираторниот систем, значи заштита на белодробниот систем, астматичарите било на која возраст треба да се и се под опсервација за зачестените астматични напади во овие услови. И секако избегнување на масовни собири, каде што во услови на аерозагадување концентрациите се високи во надворешен и внатрешен простор - исто така е една од препораките во овој период“, истакна д-р Ѓорѓев.

Преку Системот „Мој термин“, како што беше посочено на денешната прес - конференција, здравствените власти веќе имаат доволно податоци во однос на бројот на ранливи категории на граѓани. Во таа насока, како што истакна министерот за здравство се прави план на кој начин и кому ќе бидат поделени 50 илјади заштитни маски.

„Свесни сме дека ова е проблем којшто се провлекува многу години наназад. И исто така сме свесни дека за да има вистински ефект и резултати, треба да се започне со работа и оваа Влада токму тоа го прави“, потенцираше министерот за здравство д-р Филипче.

Поставувајќи ја борбата со аерозагадувањето како стратешки приоритет државните институции, општините и надлежните инспекторати секојдневно се на терен и преземаат соодветни мерки. Лоцирани се и запленети повеќе од два тони гуми, коишто би се користеле како средство за загревање, во неколку училишта е сменет системот за греење и тие наместо на нафта, се загреваат на пелети, додека во централното градско подрачје забранет е дотурот на роба.

На денешната прес-конференција беа истакнати и дел од препораките на министерството за животна средина и просторно планирање, односно почесто да се користи јавниот превоз, во едно возило да се превезуваат повеќе лица, за затоплување на домовите да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, гума или каков било синтетички материјал.

Во случај на енормно загадување на воздухот, односно доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките во текот на два дена е над прагот од 200 микрограми нa метар кубен, и доколку праговите се измерени на најмалку две мерни станици во градот Скопје, односно на 50% од бројот на поставени станици во било кое населено место, од работни обврски треба да бидат ослободени бремените жени, лицата постари од 60 години, луѓето со хронична астма или со прележан мозочен и срцев удар.

Во случај на активирање на интервентните мерки, ќе се реорганизира и работното време, односно на отворено работниците ќе работат само во периодот од 11 до 17 часот. Во вакви услови, ќе се зајакнат и капацитетите на службата за итна медицинска помош, домашната посета, како и на патронажната служба.