Министерството за труд и социјална политика, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, Агенцијата за вработување на РМ и другите вклучени чинители започнаа со подготовка на новиот Оперативен план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 години. Тимови составени од претставници на владините институции, центрите за вработување, стопанските комори, УНДП, донаторите и Фондот за иновации и технолошки развој, викендов во Велес ги поставија основите и насоките во кој правец ќе се дизајнираат, надоградуваат и модернизираат новите сет мерки за намалување на невработеноста и зголемување на вработливоста. 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека идниот Оперативен план е најобемен досега и истиот се очекува да биде донесен до крајот на годината.

„Идната година посебен акцент ќе се стави на доедукација, преквалификација и доквалификација на работоспособните за нивно поефикасно вклучување на пазарот на трудот. Самовработувањата и стартапите кои изминатите години дадоа одлични резултати и понатаму се дел од Оперативниот план. Невработени лица кои имаат иновативни бизнис идеи ќе добијат поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој во делот на креирање на успешен бизнис план и понатамошна финансика поддршка“, рече министерката Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска вели дека мерките од новиот Оперативен план ќе одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот.

„Агенцијата за вработување е главниот стожер при теренската имплементација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. При секојдневната комуникација со невработените лица и работодавачите кои ги користат програмите и мерки за вработување ги нотиравме главните потреби и препораки за новиот Оперативен план кои ќе претставуваат и приоритет при креирањето и редизајнирањето на конкретните мерки и програми“, изјави Јовановска.

Од УНДП велат дека фокусот во 2019 година ќе биде ставен на ранливите категории граѓани кои се невработени.

„Програмата за развој на Обединетите нации е долгогодишен партнер на националните институции во програмите за вработување и зголемување на вработливоста, со посебен акцент на ранливите категории и нивно активирање и поуспешно вклучување на пазарот на трудот“, истакна Нарине Сахакјан, в.д. постојана претставничка на УНДП во државата. 

Оперативниот план за 2019 година планирано е да се издвојат 1,1 милијарда денари што е двојно повеќе споредено со 2016 година.

Годинава пак за активните мерки беа одвоени 985,5 милиони денари, а реализацијата на истите е над 90%.

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, во присуство на поголемиот дел на министри од економските ресори во Владата одржа прес-конференција на која презентираше дел од буџетските ставки кои се однесуваат на економски развој на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека буџетот за 2019 година е креиран на реални основи, кои се базираат на проектиран раст на Бруто домашниот производ од 3,2% и намален буџетски дефицит од 2,5%. Во 2019 година се наменети 37% повеќе средства за економски развој во однос на претходната година и со ова јасно се покажува дека Владата во оваа година ќе биде силно посветена на економски раст и развој во Република Македонија.

 

„Очекуваме раст на бруто инвестиции на реални основи од околу 4,2% и рекордно ниво на капитални инвестиции од 26,2 милијарди денари. Очекуваме стапката на невработеност да падне на рекордно ниско ниво под 20%, а очекуваме и раст на платите од 4,5%“, нагласи вицепремиерот.

Анѓушев додаде дека во програмата за економски развој, планирани се рекордни средства од 4,1 милијарди денари, од кои највисоки досега 1,1 милијарда денари за поттикнување на вработувањето, како и рекордни 720 милиони денари за финансиска поддршка за инвестициите, преку мерките од Законот кој почна да се имплементира оваа година. 700 милиони денари се планирани за привлекување на странски инвестиции и развој на слободни економски зони, кои се наменети за оние компании кои склучија договори за државна помош изминатата година, но и нови инвестиции.

„Испроектирани се 520 милиони денари за Фондот за иновации и технолошки развој, кадешто се планирани 203% повеќе средства за поддршка на мали и средни претријатија, како и за стартап компании, односно за поддршка на претриемништвото кај младите луѓе. Во 2018 година за првпат се овозможи позначителна поддршка за овој тип на компании, а наша цел е да продолжиме со стимулирање на малите и средни компании да се развиваат, да добијат позначително место во економијата. За развој на технолошко-индустриските развојни зони се наменети 475 милиони денари, со кои ќе се работи на доизградба и докомплетирање на зоните“, се надоврза на претходно кажаното вицепремиерот.

Тој додаде дека за поддршка на инвестициони вложувања се планирани 430 милиони денари, 187 милиони се распоредени за унапредување на деловни активности и дополнителни 41 милион денари за поддршка на развојот на мали и средни претријатија преку посебна програма на Министерството за економија. Единствена ставка во буџетот која веќе две години забележува тенденција на пад, е онаа наменета за економска промоција и оваа година за таа намена се планирани само 8 милиони денари.

Во однос на структурата на капиталните инвестиции, Анѓушев појасни дека во вкупниот предвиден буџет за оваа намена, 5,2 милијарди денари се за патна и железничка инфраструктура, планирани се 44% повеќе средства во однос на 2018 година за железничка инфраструктура, 80% повеќе средства за проекти поврзани со гасификацијата, како и 3,3 милијардни денари за инвестиции во рурален развој.

Вицепремиерот потенцираше дека во 2018 година македонската економија се стабилизираше, наследените градежни проекти, кои беа со проблеми, беа доведени во нормална техничка и финансиска состојба. Тој дополни дека економските индикатори можеа да бидат подобри, но во тој случај ќе требаше да се продолжи со реализација на проекти кои беа несоодветно осмислени и планирани, што на крајот ќе се одразеше негативно на граѓаните. Владата не беше фокусирана на создавање на бројки кои ќе презентираат виртуелен раст на економијата, туку на домаќинско работење и со посветеност успеа да ги нормализира работите, особено во изградбата на двата капитални проекти за изградба на автопатите, кадешто успеа да испреговара за 33-35% пониски цени за изведба и да се заштедат 95 милиони евра за Република Македонија.

Анѓушев заклучи дека проектираниот раст е реален, при што подвлече дека се надминати проблемите со кои Владата се соочи на автопатските делници, се градат неколку експресни патишта, се надминуваат проблемите наследени на проектите за изградба на железничката пруга кон Бугарија, гасификацијата се одвива со интензивно темпо, а во периодот кој следи се планираат и повеќе енергетски проекти за повисоко ниво на учество на обновливи извори на енергија и стабилност на електро енергетскиот систем.

Министерството за здравство, вчера спроведе електронска аукција и обезбеди 12 возила за Итната медицинска помош (ИМП).

На денешната прес-конференција, министерот Доц. д-р Венко Филипче потенцираше дека за оваа набавка, министерството испланира 30 милиони и 500 илјади денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 18 милиони и 300 илјади денари.

„При набавката на амбулантните возила постигната е најниската цена на чинење, со што Министерството заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра“, истакна министерот Филипче и додаде со набавката на возилата се подобруваат условите и на пацинетите им се овозможува услугата која им е неопходна.

Примарната здравствена заштита е клучна алка во здравствениот систем и зајакнување на капацитетите на примарно ниво е од круцијално значење за подобра здравствена заштита на граѓаните во Република Македонија.

„Набавени се квалитетни возила од реномиран производител. Одлуката за избор на најповолен понудувач ќе биде објавена во понеделник, а договорот ќе биде потпишан за 12 дена, согласно законот за јавни набавки“, рече министерот Филипче.

Според препораките на Светска Здравствена Организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на Брза помош. Досега во град Скопје се функционираше со само 6 возила. Со оваа јавна набавка, се обезбедуваат дополнителни 6 возила со што се зајакнуваат капацитетите на Брза помош за 100%, а воедно ги задоволуваме и стандардите на СЗО. Останатите 6 возила ќе бидат распределени низ целата држава во оние здравствени домови каде е најмногу потребно.

Министерството е во постапка и на донација на уште 3 амбулантни возила од Чешка кои ќе бидат дополнително распределени.

Клучна карактеристика на реформи во примарна здравствена заштита е формирање на тимови на даватели на услуги кои се одговорни за обезбедување на сеопфатни услуги за нивните пациенти. Работиме напорно на реформирање на примарната здравствена заштита, како и зајакнување на капацитетите со опрема, кадар, едукација на здравствените работници и зголемување на платите во здравствениот сектор.

„Верувам дека подобрување на условите за работа, набавката на возила и зголемувањето на платите ќе биде дополнителен мотив за Колегите – здравствените работници во давање на квалитетни здравствени услуги, а од сите овие реформи најголем бенефит ќе имаат македонските граѓани“, додаде министерот Филипче.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заедно со деканот на машински факултет, проф. д-р Дарко Данев, деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, проф. д-р Иван Чорбев и продеканот за наука и меѓународна соработка на Факултетот за електротехника и информатички технологии, проф д-р Владимир Димчев, остварија средба со студенти од трета и четврта година од наведените факултети на која ги презентираа можностите за започнување сопствен бизнис, поддршката за мали и средни претпријатија, технолошки развој и иновации.
 
Вицепремиерот Анѓушев преку реални примери ги охрабри студентите, по завршувањето на студиите, да преземат чекори за формирање на сопствен бизнис, да ги искористат идеите кои ги имаат, за повисок животен стандард, но и за да остават нешто зад себе, за идните генерации. Ги посоветува во првите неколку години по студиите, да го стекнат неопходното искуство во струката, да го запознаат пазарот и можностите кои се нудат и на тој начин поподготвени да влезат во остварување на своите цели. Тој нагласи дека сопствениот бизнис носи многу бенефит, но и многу предизвици.
 
Анѓушев потенцираше дека денес, за  разлика од периодот кога тој започнувал со сопствен бизнис, мерките за поддршка на младите луѓе и на стопанството во Република Македонија се многубројни и веројатно се нудат најголем број можности за младите од сите земји во регионот. Се нудат неповратни средства и заеми за самовработување преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и значителни средства за поддршка на стартап и спиноф компании преку инструментите на Фондот за иновации.
 
Деканот на машински факултет, Данев подвлече дека во насока на промоција на формирање на сопствен бизнис како концепт, за студентите на овој факултет, уште во 1997 година во наставните програми е воведен предметот претприемништво. Дополни дека за поттикнување на претриемништвото, изминатите години се посветувало многу внимание, па во рамките на факултетот функционира Центарот за истражувања, развој и континуирано образование ЦИРКО, Центарот за развој на сопствен бизнис кој досега поддржал 60-ина компании, а веќе од наредната година ќе започне со работа и бизнис аксцелератор, кој е заедничка иницијатива на повеќе факултети кои работат во Скопје.
 
Деканот на ФИНКИ, Чорбев нагласи дека на овој факултет освен на стекнување на теоретско знаење, се нуди и практично искуство и дека во наставните програми, освен предмети поврзани со инфоматичката технологија, се изучуваат и голем број на предмети поврзани со економијата и менаџментот, за да студентите стекнат базични знаења и за овие теми.
 
Настанот се организираше во просториите на ИНОФЕИТ, центар за трансфер на технологии и иновации на Факултетот за електротехника и информатички технологии, во чии рамки, како што рече продеканот Димчев, веќе се формирани и успешно функционираат две спиноф компании. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Рут Керис Стјуард, амбасадорка на Државната Заедница Австралија, за Република Македонија.

Австралиската амбасадорка, Стјуард, изрази поддршка за евро-интеграцискиот процес на Македонија и очекување дека тоа дополнително ќе ги зајакне односите помеѓу Австралија и Македонија, со оглед дека Европската унија е добар трговски партнер на Австралија.

Амбасадорката на Австралија, Стјуард ја поздрави позитивната енергија со којашто премиерот Заев ги решава прашањата важни за граѓаните и државата, како и начинот на којшто го води политичкиот процес, во насока на реализирање на уставните измени во Парламентот и интеграција на Македонија.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за поддршката што ја дава Австралија во евро-интеграцискиот процес на Македонија, како и за грижата на оваа држава за дијаспората од Република Македонија таму.

- Реформскиот процес на којшто сме посветени е насочен кон реформи во правосудството, во областа на борбата против корупција, во медиумската сфера, администрацијата, со цел ефикасни институции за граѓаните, освен што се тоа обврски што Македонија треба да ги исполни за членство во ЕУ, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека постојат услови за интензивирање на односите помеѓу Македонија и Австралија. Амбасадорката Стјуард изрази подготвеност од Австралија за споделување успешни практики во делот на привлекувањето инвестиции, ИТ областа, образованието, во насока на обезбедување стабилност, просперитет и благосостојба за граѓаните. Таа оцени дека има услови и за привлекување на интересот на австралиски компании присутни во регионот, за инвестирање во Македонија.

Разговарано е и за меморандумот што треба да се потпише помеѓу двете држави за борба против тероризмот, за културни активности што можат уште повеќе да ги доближат двете земји, како и за актуелни политички прашања во земјата и регионот.

Премиерот Зоран Заев и австралиската амбасадорка Рут Керис Стјуард се согласија дека се од голема важност добрососедските односи на државите од регионот и решавањето на сите прашања низ аспект на регионална стабилност, безбедност и економски развој.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес конференција за Буџетот за 2019 година одговараа на повеќе новинарски прашања.

Одговорите на премиерот Заев и на министерот Тевдовски ви ги пренесуваме во целост:

Кога го презентиравте Буџетот во Министерството за финансии го спомнавте јавниот долг. Планирате да се зголеми од сегашните 48,2 на 54,2 проценти од БДП. Сега според последните податоци на Министерство за финансии, поправете ме ако грешам, јавниот долг е околу 5,1 милијарда. Може ли да ми кажете, во апсолутна бројка, колку ќе се зголеми јавниот долг, во пари и за што ќе се потрошат овие пари?

Mинистерот Тевдовски: Клучно нешто што ние го работиме во последнава година и пол, тоа е стабилизирање на јавниот долг. Како го правиме тоа? Постепено го намалуваме буџетскиот дефицит и вие гледате дека во Буџетот, буџетскиот дефицит кој што е проектиран повторно е намален. Сега изнесува 2,5 проценти од БДП.

Првата бројка со која ние започнавме беше 3 проценти од БДП, и постепено ја намалуваме. Мислам дека, бројката за јавниот долг како бројка не е содржана во Буџетот. Туку, таа бројка која што ја спомнувате, се наоѓа во фискалната стратегија која што Министерството за финансии ја објави на крајот на мај. Според законски утврдениот рок.

Ако ја погледнете фискалната стратегија, таму стои дека на крајот на годинава, јавниот долг ќе изнесува, 50 проценти од БДП. Но, во суштина, ако сега видите колкав е јавниот долг, тој изнесува 48,2.

Значи, многу пониско од тоа ние што сме го објавиле во фискалната стратегија.

Затоа онаа бројка, за која што има бранување во јавноста како проекција за следната година од 54 проценти, како наша проценка во Министерството за финансии, е дека ќе биде значително пониска.

Ова е првиот одговор на прашањето и второ, знаете дека јавниот долг, го сочинува буџетскиот дефицит, плус онлендинг кредитирање на државен долг, плус влечење на кредити на некои претпријатија, главно Јавното претпријатие за државни патишта, кое што не дел од Буџетот на Република Македонија.

Значи на централно ниво, ние работиме сè, буџетскиот дефицит да го намалуваме со тоа што да обезбедиме стабилизирање, намалување на јавниот долг и тоа го правевме. Вториот дел, во однос на Јавното претпријатие за државни патишта, треба да се имаат предвид  преземените проекти како што е патот Кичево -Охрид, каде што интензивирањето на активностите ќе обезбеди влечење на тие кредити. И тоа што се гледа како зголемување, се работи главно за интензивирање на овие капитални инвестиции, кои што ќе го зголемуваат јавниот долг. Ние сме транспарентни и тоа го покажуваме.

Во моментов јавниот долг, според проекцијата на Министерството за финансии е понизок за 2,6 проценти затоа што, беше забавена динамиката на изградба на патиштата во Јавното претпријатие за државни патишта. Мислам дека, вие како новинари, и јавноста треба да бидете сигурни дека ние во моментов успеавме не само многу да ја забавиме динамиката на растот на јавниот долг, туку обезбедуваме и најниска можна цена за негово финансирање.  

Значи, обезбедуваме еврообврзница со најниска историска каматна стапка, обезбедуваме државните хартии од вредност со намалена каматна стапка.

На пример, инструментите кои што биле порано, за една година, Исто така, фреквенцијата на издавање на хартии од вредност е намалена. Ако порано, три или четири пати се одржувале аукции во Министерството за финансии, сега сте сведоци дека не повеќе од два пати месечно се одржуваат. Сите овие работи прават многу успешно да управуваме со јавниот долг и со финансиите.

Немам сè уште одговор за сумата, цело време прашуваме за таа сума, колку е зголемувањето?

Премиерот Заев: Еве да се обидам и јас, заради тоа што работиме и заедно. Веројатно прашањето како тоа има 2,5 проценти дефицит, а долгот ќе порасне на 54 проценти од 48 проценти, каде е тој резервоар на парите, каде ќе одат тие пари?

Во јавен долг спаѓа не само основниот Буџет на државата и задолжувањето по него, спаѓаат и вонбуџетски институции. Најголем дел е, новиот договор со Ексим банката, за завршување на патот Кичево-Охрид. Гледате дека изнесува неполни двесте милиони евра. И тука е таа калкулација. И тој, не може да се искористи сега. Ќе се користи догодина, 2020 и 2021, па 2022 ќе заврши. А ќе се враќа кога е пропишано по Договорот.

Но, кога потпишуваме било каков Договор за заем, за буџетска институција или за небуџетска институција, транспарентно тоа го номинираме, го пишуваме. И тука е таа разлика. Пресметката е некој пет процентни поени, односно шест процентни поени од пет милијарди и сто, се триста и шест милиони евра.

Министерот Тевдовски: Да биде уште појасно. Јавниот долг си е буџетски дефицит плус онлендинг кредити кои што влегуваат во државен долг, плус институции што се надвор од Буџетот, како ЈП за државни патишта. Ако ние проектираме 2,5 проценти буџетски дефицит, тоа е тоа. И плус велиме дека зависно колку овие други институции, ќе влечат кредити. Тоа значи колку ќе има активност кај патиштата.

Значи, нашата интенција е таму да се интензивираат активностите, заради тоа сме ја ставиле целата сума, но колку навистина ќе излезе ќе зависи од тоа каков ќе биде интензитетот на реализација.

Министре, во Буџетот пишува дека дефицитот ќе се финансира со заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска Банка. Во 2012 година, имаше 100 амандмани на заемот од 50 милиони долари, кој што исто така беше за буџетски потреби. Разликата да ни ја објасните?

Министерот Тевдовски: Апсолутно има огромна разлика. Бидејќи, тогаш Буџетот изобилуваше со непродуктивни трошоци, како проекти кои што се неефикасни, споменици, жални врби,  фасади и слично.

Сега ние, може да видите дека го бираме потешкиот пат, одбираме да правиме нешто, што е потребно за економијата, но е многу потешко за реализација, сведоци сте за тоа.

Второ, нашата интенција е да обезбедиме, тоа го кажав и претходно, најдобри услови за финансирање, односно најниска цена која што државата ќе ја плати, или пак на крајот граѓаните. Мислиме, дека нашата стратегија е целосно исправна, бидејќи интенцијата е да обезбедиме цена, која што ќе биде најниска можна на пазарот.

Премиерот Заев: И гарантирана со Светска Банка.

Колку е проектирано да изнесува тоа буџетско финансирање на тој начин?

Министерот Тевдовски: Во Буџетот може да ги видите проекциите. Имаме проекции за покривање преку домашни извори и преку странски. Во зависност од тоа какви ќе бидат условите за финансирање на домашниот пазар, ние ќе одиме на странски пазар. Во основа, гледаме дека во моментов постојат многу поволни услови, за финансирање на домашниот пазар, на 15 годишна државна хартија од вредност, 15 годишна на домашен пазар добиваме каматна стапка од 2,9 проценти. Ако знаеме дека еврообврзницата на седум години имала 2,75 каматна стапка, ова значи дека домашниот пазар дава прилично поволни услови. Ќе се обидеме, колку што се можностите, да го искористиме домашниот пазар, а за друго да го користиме странскиот. Секако во предвид имаме и тоа што не очекува во 2020 и во 2021 година, бидејќи посериозните обврски за државата ќе бидат во овие години.

Ме интересира дали сите Министерства, добија колку што побараа пари за следната година? И бидејќи Буџетот е поголем, претпоставувам дека и сите ќе добијат и поголеми буџети за 2019 година. И второ прашање, дадовте многу општи податоци за капиталните инвестиции, годинава, тие се, благо речено катастрофални во реализацијата. Ме интересираат поконкретни информации, ќе почне ли да се гради нов Клинички центар? Што ќе се случува со гасификацијата, која што е стопирана во моментов? Со пругата кон Бугарија?

Премиерот Заев: Не добија сите министри тоа што го бараа, заради тоа што Буџетот има лимитирана рамка. А, впрочем и не заслужуваат, во делот на реализацијата на капиталните инвестиции.

Јас се надевам дека прво, објективните причини се тргнати, а тоа се недоволниот број на проектите, незавршени тендерски постапки или слично. Ја дефиниравме со гантограми и одговорноста на луѓето. Зборувам за стравот, кој што постои во институциите да влезат во инвестиции и проекти. Сите овие и субјективни и објективни околности се отстранети и верувам дека ќе пораснат капиталните инвестиции. Впрочем очекувам со пресекот на 31 декември да утврдиме дека тие не се такви кави што што велите вие - катастрофални, туку да бидат подобрени, секако послаби од она што го очекувавме.

Но, тоа ќе ни биде доволен индикатор, дека сме на добар пат за реализацијата во 2019 година. Овде, се работи за реализација на железничките пруги, гасификацијата и патиштата. Тие се најголем дел од капиталните инвестиции. Потоа, исто така значајни се, водоводи, фекални и атмосферски канализации, болници, училишта, основни и средни, спортски сали, спортски терени, детски градинки, сето она што претставува капитална инфраструктура.

Ослободена е и откочена, после три цели години, првата фаза на железничката пруга, Куманово-Бељаковце. Со откочувањето, веќе се работи на динамиката. За жал, државата плати клеимови во преговорите, заради тоа што причина за застојот беше непостоењето на проектна документација за која што државата презела обврска во Договорот за изведба. Но, тоа е откочено. Втората фаза, техничкиот дијалог е во тек. Имаме, 15 понуди за втората делница која што е вредна 140 милиони евра. Веднаш тргнавме, во подготовка сите надлежни институции, Министерството за финансии, Потпретседателот на Владата за економски прашања, Министерството за транспорт и врски, „МЖ инфраструктура“ за третата фаза која што е вредна 350 милиони евра, може и повеќе, за да може да има континуитет и да го завршиме целиот тој процес, односно да прејудицираме уште понавремено, вакви проблеми, кои што биле кочница на развојот на капиталните инвестиции.

Гасификацијата се гради веќе на двата правци, едниот кон Кавадарци, Прилеп и Битола. Таму е најголем дел од експропријацијата решен и се гради интензивно гасификацијата.

Се гради и на потегот Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа година испроектиравме динамика каде што 54 проценти се решени веќе имотно-правните односи од Гостивар кон Кичево. Што значи, понавремено веќе ги решаваме работите. Сето тоа, ми дава за право, да верувам дека и гасификацијата со засилено темпо ќе се реализира.

Патиштата се реализираат сите, освен Кичево-Охрид, кој што имавме добро познат проблем. Со усвојувањето на Анексот, веќе тргнаа оперативите. Таму се работи на четири подделници. Работат стотици подизведувачи, во целиот тој дел. И верувам дека и тоа е отстрането.

За Клиничкиот центар следува идната седмица дебата во Парламентот. Во Владата заврши Комисијата, за делот на локациите. Покрај постоечката локација во Скопје Север, имаме локација во Петровец, имаме локација во Ѓорче Петров. Заедно, кога ќе ја утврдиме локацијата, јас верувам дека предностите ќе бидат таму каде што нема да има потреба да се решаваат имотно-правни односи, односно локација со најмногу државно земјиште, најлесна урбанизација и лесно адаптабилна проектна документација на главен дизајн или главен проект. Ако сето тоа ние успееме да го завршиме до првото полугодие, ќе тендерираме заклучно до првото полугодие избор на изведувач. Се работи за џиновски проект, проектиран, грубо кажано околу 450 милиони евра, кој што е влезен во севкупниот план за контролиран јавен долг на државата. Така да, ако тргнеме и со таа активност, тоа е дополнително значење.

Во Буџетот ќе видите дека има 30 милиони денари за документација на депонии. Имаме намера, преку јавни приватни партнерства и концесии да ги решиме депониите во државата, кој што влијае исто така на капиталниот развој, на државата за севкупниот економски раст и развој.

Имаме 102 милиони евра, ако не се лажам, готови, проверени, исконтролирани проекти за водоводи и канализации во државата.

Имаме за некои 20,30 милиони евра, готови за училишта и 10 до 20 милиони за детски градинки. Има документации, што е супер.

Најголем проблем е кога немате документација. Еве, ги споделуваме максимално транспарентно, од каде произлегуваат нашите очекувања, а верувам дека сме и поискусни, после година и шест месеци за да можеме сите овие работи да ги ставиме во функција на развој.

Колку средства се предвидени за гасификацијата за следната година?

Премиерот Заев: 2 милијарди, деветсто дваесет и седум милиони денари и дополнително плус буџетски средства од педесет милиони плус, ставивме за експропријации, за да работиме на Гостивар Кичево кога ќе почне реализација, веројатно не порано од 2020 година, за да може да ги пресретнеме  самите овие постапки. Гасификацијата ја има во буџетот, како што ги има и железниците во буџетот. Патиштата се надвор од буџетот целосно.

Од презентацијата рековте дека за зголемување за платите во здравството кај медицинскиот кадар, стартува од јануари, претходно изјават беше од септември, во меѓувреме тие се побунија на нееднаквиот процент на зголемување. Дали отстапката до тука завршува место од септември во јануари?

Премиерот Заев: Направивме екстра напори, јас им благодарам на сите министри, посебно на тимот од финансии, но и сите министри, за доблеста да тоа што го знаеме сите и го сфаќаме да го преточиме во дело.

Обезбедивме дополнителни стотици милиони денари за да можеме да излеземе во пресрет на барањето на медицинските сестри. Замислата беше да почнеме со 5% како и за останатата администрација, тука се и општите лекари, но тука се и детските градинки, училиштата, МВР, одбраната и сите други институции, но не можеме да останеме глуви на аргументациите кои што ги вадат, нивниот личен страв од мотивацијата за лесно заминување, а и можноста и верификација дека е дефицитарен кадар дефинитивно во Македонија и дека треба да направиме сè што треба. Нивните барања беа да се помести покачувањето од септември во јануари и да порасне за 10%. Сакавме и двете заедно, но нема пари. Толку се парите за да може да ги алиментираме сите.

Сепак излеговме во пресрет наместо од први септември, од први јануари ќе важи покачувањето за медицинските сестри, тука спаѓаат и болничарите секако. 

Министре Тевдовски, може конкретно да ни кажете колку ќе изнесува задолжувањето на домашниот пазар до година и на надворешниот пазар, и колкави се обврските под основ на стари долгови?  Дали ова ќе значи дека редовните аукции на државни хартии од вредност ќе бидат почести и на поголеми износи?

Министерот Тевдовски: Задолжувањето на домашниот пазар може да се види во Буџетот. Во основа ние во овој период водиме политика на домашен пазар главно да ги „роламе“, практично кои што се обврски од претходни периоди да ги обезбедуваме само нив, а дополнително нешто да зголемуваме доколку има можности и доколку е потребно.

Тоа ќе го продолжиме и во иднина, бидејќи клучно е колкаво е нето задолжувањето и да продолжиме практично да ја водиме политиката на две аукции месечно, апсолутно успешно го правиме. Во периодот нема причина зошто да одиме на повеќе аукции, ние нема да влеземе во тоа како што правеше претходната власт, да има аукции 3 или 4 пати месечно. Значи апсолутно сме сигурни дека целото реализирање на издавање на хартии од вредност ќе остане 2 пати месечно.

Рековте дека долгот ќе порасне за 300 милиони евра. Тоа е пресметано врз основа на сегашниот јавен долг, но доколку го пресметаме врз основа на бруто домашниот производ, тој е многу поголем, околу 600 милиони евра.

Министерот Тевдовски: Долгот се пресметува како буџетскиот дефицит, плус средствата од јавните претпријатија кои не се финансираат од буџетот, како ЈП за Државни патишта, и од он лендинг кредитирања кои што влегуваат во државниот долг. На формирањето на јавниот долг влијае дефицитот за идната година изнесува 2,5% од БДП, односно околу 17 милијарди денари, пресметано во евра е нешто повеќе од 300 милиони евра, ако и степенот на остварувањето на капиталните инвестиции кои што влечат средства од кредитите за да ги исплатат реализациите на тие капитални проекти. 

Ние одиме со максималниот износ што може да се оствари во фискалната стратегија, и тој не може да се надмине кај буџетскит дефицит, исто како што не може да се надмине и кај јавните претпријатија, а колку ќе изнесува зависи од интензитетот на активности на капиталните инвестиции. Бидејќи тој интензитет беше понизок од она што ние го очекувавме, во фискалната стратегија стои дека долгот ќе биде 50,6 проценти од БДП, но на крајот тој ќе биде понизок барем за 2 процентни поени, или 200 милиони  евра помалку, ако сакате во апсолутни бројки.

Премиерот Заев: Ако може да додадам: 6% од ГДП е 600 милиони евра. Тие се  формираат од  она што го предвидува дефицитот од 17,7 милијарди денари, односно околу 300 милиони евра, и со новиот кредит од Ексим банката од блиску 200 милиони за да се заврши автопатот Кичево – Охрид, плус кредитите за регионалните патишта, како и делницата Скопје – Блаце, и така се стига до 50,6 проценти од БДП како што соопшти министерот, односно не повеќе од 600 милиони евра. Прво тоа го ограничува дефицитот, и второ го ограничува соопштениот процент од БДП за јавниот долг на државата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Џесмин Рахман којашто предводеше делегација на ММФ како дел од редовните годишни консултации што ММФ ги реализира.

Премиерот Заев ја оцени соработката со Меѓународниот монетарен фонд како значително важна, повика и понaтаму да го држат фокусот врз Македонија, да спроведуваат мониторинг на економските перформанси на нашата земја, како важен сегмент во креирањето на политики за обезбедување на економски прогрес и подобар животен стандард за граѓаните.

Оценките на ММФ во однос на економските перформанси на земјата се дека фискалната политика се движи во добар правец, обезбедена е макроекономска стабилност со добри перспективи во иднина и ја оценија пензиската реформа како добра за стабилизација на пензискиот систем. Она што и е потребно на земјата според препораките на ММФ како најголем приоритет е зголемување на продуктивноста, преку обезбедување на ефикасни институции и развој на нови вештини и знаења.

„ММФ е долгогодишен партнер на Република Македонија и многу добро ги познава сите аспекти во економијата. Особено ме радува фактот што ММФ констатира стабилизација на економски план. Започнавме процес на постепена фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит кој оваа година е проектиран на ниво од 2.5%. Во предлог Буџетот за 2019 предвиден е раст на БДП од 3.2%. Очекуваме во третиот и четвртиот квартал од 2018, па и во првиот квартал од 2019 растот да се интензивира. Приходите од наплата на даноците растат и тоа покажува дека економијата е раздвижена и приватниот сектор бележи добри резултати во работењето. Сите овие позитивни аспекти охрабруваат и очекуваме следната година да биде година на економијата“ порача премиерот Заев и додаде дека преку значајни вложувања во тренинзи, обуки и програми за дуално образование за чие спроведување ќе помогнат и двајца советници од Сојузна Република Германија ќе се работи на зголемување на продуктивноста.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на денешната прес-конференцијата, на барање на новинарите, одговори на повеќе прашања поврзани со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија.

Прашањата на новинарите и одговорите на премиерот Заев, ви ги пренесуваме во целост:

Премиере ве молам, дали имате сознанија преку кои гранични премини избегал господинот Груевски? Дали шпекулациите што веќе ги објавуваат медиумите во регионот, Црна Гора и Албанија се точни? Дали контактирате како Влада со тамошните власти и какви информации добивате од нив во поглед на тоа? Потоа сакам уште да прашам дали некој во земјава е можно да му помогнал на г-динот Груевски и дали се отвораат такви истраги? Дали очекувате екстрадиција од унгарските власти и дали ќе врачите протестна нота до Унгарија?

Премиерот Заев: Информациите кои што се објавени од Албанија и Црна Гора се доставени вчера, уште дента, кај нас службено. Имаме добри соработки со нив, нормално тоа се две земји пријатели на Македонија. Ги доставија прво сите информации, а после тоа нивно право е да си објават во јавноста поради можни шпекулации од нивна одговорност или не. Ние тоа го почитуваме. Разликата е што таму не се води истрага, овде се води истрага.

Отворена е двојна истрага, едната е од внатрешна контрола за можна одговорност на полицијата или било кој вработен во МВР; и второто е под раководството на Јавното обвинителство за организиран криминал и МВР за организиран криминал, заедно, за сите елементи за бегството на г-динот Груевски. Веќе е јасно како тоа се случувало надвор од Македонија. Верувам дека штом ќе ја завршат истрагата, час поскоро Министерството за внатрешни работи ќе ги обелодени сите детали, прецизно и внимателно како тоа се случило, но едно е јасно дека е со дипломатска кола на Унгарија.

Унгарија е наш пријател, мене ми е драго што продолжува да не подржуваат во нашите ЕУ и НАТО интеграции, така ќе продолжи. Тоа ќе го направиме секако на внимателен начин. Сите документи што ќе ги имаме, докази, аргументи ќе ги споделиме со јавноста, ќе ги предадеме на Унгарија, но и на Европската Унија, на комесарот Хан и на еврокомесарката или потпретседателката на Европската комисија за надворешна политика и безбедност. Ние сме со аспирација кон ЕУ и НАТО и ќе внимаваме многу да не нарушиме пријателство со било која од земјите кои што не подржуваат во НАТО и ЕУ. Унгарските власти тоа го знаат и најмалку што очекуваме е да го почитуваат меѓународното право и дополнително, пријателството со нашата земја да го докажат со тоа што ќе го екстрадираат Груевски.

Веќе се поднесени првите документи од наша страна. МВР, заедно со Министерство за правда ги комплетираат. Штом ќе бидат комплетирани ќе се поднесат. Ги доставуваме аргументите како што се, за какви други случаеви се водат судски постапки против г-динот Груевски, деталите зошто е осуден, за правосилната пресуда и слично. Го имаме целото право од една земја членка на НАТО и ЕУ да демонстрира кон нас земјите кандидатки, вклучително Македонија, владеење на правото, почитување на одговорноста, борба против корупцијата и криминалот.

Секако тоа ќе го направиме онака како што тоа го објаснив. Истрагата која што ја води МВР треба да утврди како избегал надвор од државата. Гледаме што се случувало надвор од државата и тоа е потврдено официјално од земјите. Еве го потврдувам и јас, затоа што документацијата која што е доставена до нас и од Албанија и од Црна Гора, соодветствува на тоа што е објавено во медиумите.

МВР штом ќе ја докомплетира истрагата, како што си личи, ќе објави: дали има одговорност, кај кого е одговорноста и кој за што ќе одговара, кои се причините, како тоа се случило, дали некој помогнал, дали некој не помогнал, дали системот некаде потфрлил... Тоа ќе биде максимално објавено.

Но, уште еднаш потврдувам дека борбата за владеење на правото, понесувањето на одговорност и борбата против криминалот и корупцијата се императив во Република Македонија и во името на тоа светло треба да знаат граѓаните дека ќе направиме сè г-динот Никола Груевски да служи казна овде во Македонија. Сè што постои во рамки на нашите можности, тоа ќе го направиме. Јавно го поставувам прашањето, знаејќи вака како се случувале работите, дали тоа доброволно г-динот Груевски ја напуштил Македонија, пред да биде издадена наредбата за неговото приведување пред Суд, или па можеби бил киднапиран?

Очекувам и Груевски и Унгарија да дадат одговори, затоа што тука се отвораат и други прашања, и во поглед на азил, правото на азил, и сето друго, и други околности. Редот е како држава да го поставиме јавно тоа прашање, затоа што после одговорот на ова прашање следуваат сериозни други прашања што имаат дебела суштина. Од тој аспект ова го зборувам јавно, за уште еднаш да ги уверам сите граѓани на Република Македонија дека ќе направиме сѐ што е во наша надлежност и сѐ што имаме на располагање како инструменти, Никола Груевски да биде екстрадиран дома и да ја отслужи својата казна, како и да си биде присутен за сите дела и процеси кои што се водат против него. Нема да застанеме додека тоа не се случи. Уште еден друг бивши премиер, Санадер, беше побегнал, па вака или онака се врати назад во државата. Нема да се откажеме до крај, поради тоа што им должиме на граѓаните. 

Премиере, кога институциите ви ги кажаа тие информации? Од Албанија и Црна Гора вчера излегоа со информации.

Премиерот Заев: Вчера, преку ден ни ги кажаа информациите и ги доставија документите. Ние имаме соработка со Албанија и Црна Гора низ институциите. Впрочем и ние соработуваме со нив за било какви случаеви и тоа е така. Тоа уште еднаш потврдува дека соработуваме. Документите се доставени и реално тие одлучиле тоа да го објават јавно. Разликата е тоа што таму не се води истрага  за оваа работа. Знаат како било, кога влегол, кога излегол, на кој граничен премин, како продолжил.

Важно е исто така да се знае дека Македонија мора и по закон и етички и одговорно да направи темелна истрага, и таа истрага да ја сподели со јавноста. Како што, исто така, за да ги разбиеме шпекулациите, треба да потврдиме дека ние знаеме дека Никола Груевски е во Будимпешта, да нема шпекулации: па бил во Албанија, па низ мориња ќе бегал во Црна Гора. Министерот за внатрешни работи на Унгарија уште во вторникот му се јави на министерот Спасовски и потврди дека Груевски е таму и потврди дека поднел барање за азил.

Нашиот амбасадор во Унгарија беше во МНР на Унгарија, таму се разговараше детално и направени се службени белешки. И таму е потврдено дека допрва ќе одлучуваат институциите за азил и потврдено е дека Унгарија останува пријател во поддршката на Македонија за ЕУ и за НАТО. Истовремено министерот за надворешни работи зборуваше со министерот за надворешни работи на Унгарија, Сиерто и тоа исто така е потврдено. Така да, нема дилеми каде е Груевски, тој е таму, бара азил. Јас се надевам како што меѓународното право тоа го дефинира, неговото барање ќе биде одбиено и ќе биде екстрадиран да се врати назад во Македонија. 

Рековте дека има истрага, меѓутоа од тоа што беше објавено во медиумите, како течело бегството, станува збор високо организирана акција, а безбедносните служби овде не можеа да ги пресретнат. Дали одговорност ќе барате од министерот Спасовски и од останатите во МВР што можеби потфрлиле со оглед на тоа дека не беше и потерницата на време распишана?

Премиерот Заев: Истрагата ќе ги даде сите одговори на сѐ. Јас го разбирам гневот, постои кај мене, постои кај вас, постои кај јавноста, и со право е. Кога некој кој што цело време велеше дека е подготвен сѐ за Македонија, па и да оди во затвор, на кукавички начин бега од државата, гневот е голем и со право. Но, секако тој гнев заслужува одговори, одговорите ќе ги добиете и реков ако има некаде одговорност, таа одговорност ќе биде понесена. 

Јас знам дека кога МВР доби наредба, во 16 часот во понеделникот,  веднаш почнаа со наредбата за приведување и постапување. Ги видовте и во Скопје и на други локации секаде. Истовремено знам дека тоа што е законски дозволиво е преземено од страна на МВР четири недели пред да се случи бегството на Груевски, зборувам согласно нивните јавни овластувања кои што ги имам, е преземено сѐ. Јас сум информиран за сите детали кога, што, како се случувало и впрочем знаете дека г-динот Груевски беше транспарентен, присутен на седници во Парламент и на комисии, во судските процеси, често се објавуваа слики како џогира, односна трча покрај кејот со неговото обезбедување. Тоа прво потврдува дека нема никакви закани по живот, што значи лаже; втората работа дека апсолутно немало никакви индиции дека човекот нешто ќе направи. Од тој аспект сепак потврдувам дека четири недели претходно а можеби и повеќе, ќе кажат деталите, МВР постапувале со своите овластувања, кои што се однесуваат токму на следење и внимателност во делот на однесување и слично. МВР ќе ги кажат сите детали кога ќе направат реконструкција на случајот. Треба да ги почекаме институциите стручни за таа работа да ги обелоденат сите аргументи за тоа како се случило бегството. 

Новинарите уште во август месец пишуваа за едно вакво сценарио. Дека Груевски најверојатно ќе избега од државата ако дел од пратениците гласаат за промена на името во земјава. Дали државните служби ве информираа за едно вакво сценарио како можност? Дали вие бевте, лично, свесен дека може нешто вакво да се случи?

Премиерот Заев: Секако дека бев свесен. Како што бевте свесни и вие. Само ќе ве информирам, не во август, уште 2015 година кога почнаа бомбите, дел од медиумите пишуваа дека може Груевски да избега, заедно со некои други од државата. И тоа е постојано присутна тема, нема дилема во таа работа.

Токму поради тоа, по свое овластување, по закон, МВР ги има, четири недели следено внимателно и јас сум информиран за сите тие детали. Зошто, затоа што сум претседател на Владата. Очекувам самите служби да ја завршат својата работа, и цело време ги следиме процесите. Ова апсолутно нема врска со гласањето во парламентот и најважниот политички процес кој што се одвива во моментов. Зошто нема врска? Прво нема врска затоа што господинот Груевски лично, ако имало врска барем ќе гласаше. Барем ако не друго, немаше да ги стави на осуденичка клупа колегите од партијата и другите колеги пратеници. Тоа што го направи е јасно како бел ден.

Втората работа, да, има влијание. Сега пост фестум, поради тоа што не знам дали тоа парламентарно мнозинство ќе се одржи, затоа што најверојатно, тој, ги предаде и своите поранешни другари соработници, сопартијци.  И тоа е јасно како бел ден, и тоа  го направи на нај нечовечки начин. И верувам дека одредени луѓе ги чувствуваат последиците, од нив.

Јас само ги мотивирам да бидат соработници на правдата, да зборуваат јавно и транспарентно, за да може да и помогнат на Македонија во целиот овој процес. Но тоа се процеси, кои што се водат во институции кои што апсолутно, ниту извршната власт ниту парламентот не смее да се меша.

Јас само ќе напоменам, јас сум политичар, и за мене прв приоритет е политичкиот процес во Парламентот. Зошто? Затоа што со тоа обезбедуваме НАТО и ЕУ иднина. Затоа што само со тоа ја осигуруваме иднината на Македонија. Не дека сето друго не е важно. Но сето друго на некој начин е условено од успешноста на ова. Јас верувам во парламентарниот капацитет на пратениците. Знаете дека се надевам дека бројките ќе растат. Истовремено споделувам дека сум исплашен за самите бројки. Затоа што ние не можеме да ја спречиме правдата во државата, постапките на правосудните системи. Дали е тоа обвинителство,  СЈО, дали е судот, тие треба да работат и работат по закон. Како постапуваат тие, тоа има и рефлексија врз случаевите.

Јас сум политичар и делувам во Владата во парламентот, јавно, транспарентно, и верувам дека сите овие процеси паралелно ќе бидат обезбедени, затоа и секогаш повикувам на одговорноста на секој пратеник.

Пратениците имаат историска одлука пред себе, и верувам дека таа историска одлука ќе се потврдува во процесот сè до усвојувањето на уставните амандмани, затоа што со НАТО и со ЕУ  има иднина и реформите во безбедноста на државата, ни борбата против корупцијата и организираниот криминал, и независноста на медиумите и реформите во јавната администрација, и сето друго што го правиме паралелно со политичкиот процес во Парламентот.

Рековте дека министерот Спасовски е во контакт со својот унгарски колега, дали постои опасност, како што се шпекулира, Господинот Груевски да избега во Русија или во Турција, значи Будимпешта да му биде попатна станица, бидејќи има многу стравувања кај јавноста од такво нешто?

Премиерот Заев: Лично не верувам, затоа што се чувствува сериозноста која што си ја носи Унгарија и тие веројатно тие ќе си ги дадат своите одговори онака како што доликува, а таа одговорност би била најверојатно огромна, неиздржлива, ако такво нешто се случи. Тоа веќе зависи од Унгарија. Тоа е надвор од контрола од нашиот систем на Република Македонија.

Јас верувам во тоа што го зборувам пред вас и во јавноста, дека ќе постапат по меѓународните регулативи, и ќе го одбијат барањето за азил. Затоа што овде не се работи за некој незгоден политички момент, или незгодност на некој политичар дома во државата, па поради тоа другата држава дава политички азил или слично. Овде се работи, за правосилна пресуда. За кој што нема дилема ниту Македонија ниту целиот свет. Впрочем, со своето бегство тој ја призна севкупната своја вина. И тука не треба да има никакви дилеми. Како ќе одлучува Унгарија е нејзино право, но тоа што ние го очекуваме, никако поинаку, да се екстрадира господинот Груевски назад, во Македонија, да си ја отслужи својата казна.

Премиере зошто споменавте киднапирање?

Одговор: Па не знам кој друг е соодветен збор. Знаете како, секоја амбасада е екстериторијалност. Односно е територија на друга држава во Република Македонија. Секоја дипломатска кола, секој авион, зависи кое знаме го носи, е екстериторијалност. Таму, нашата полиција,  или нашиот систем, не може да делува. Од тој аспект, јавно прашувам, дали тој тоа доброволно го направил бегството, или бил киднапиран. Одговорот на ова прашање ќе даде многу одговори за кои што нашите граѓани заслужуваат да ги добијат.

Од тој аспект, очекувам одговори. Има таму, гледам Фејсбук на кој што се објавуваат информации, таму можат да дадат одговори. Унгарија може да даде одговор. Можат да дадат сите кои што мислат е дека се повикани да дадат таков одговор.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска одржаа прес-конференција на која ги презентираа главните аспекти на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, кој вчера, како Предлог-Буџет беше доставен до Собранието на РМ.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Како претседател на Владата на Република Македонија, и министерот за финансии, денеска сме пред вас да го презентираме Буџетот на Република Македонија за 2019 година. Ова се парите што секој од вас ги одделува за да се вратат назад во заедницата, до секој граѓанин на нашата земја, низ програми и политики што обезбедуваат економски развој, општествена благосостојба и сигурност, социјална праведност и подобра живејачка за секој граѓанин на Република Македонија, без ниту еден исклучок.

Сега е  време за тоа.

Поминуваат 18 месеци од денот кога беше формирана Владата и кога најавивме нова ера во политиката. Ветивме промени и реализираме промени - активиравме процеси и реформи за модерен политички систем со силна демократија која им служи на сите граѓани, за разлика од претходниот систем кој и служеше само на владејачката политичка елита.

Во надворешната политика на земјата направивме сериозен исчекор. Ги вративме евроатланските интеграции на врвот на агендата. Ја испреговаравме и склучивме „Преспанската спогодба“ и ја отстранивме блокадата за нашето интегрирање во ЕУ и НАТО Алијансата. 

Од зоната на целосна неизвесност Македонија ја доведовме во помирно море, како држава со сигурна и обезбедена иднина.

Од изолирана, во држава со економски перспективи.

Сега е време да се испорачуваат економски резултати и социјална праведност, како основи за подобар живот за сите граѓани.

Како бескомпромисен борец и креатор на идејата за едно општество во кое секој е важен, моја должност е да работам посветено за да се подобри живејачката на секој граѓанин.

Пред нас е економска година во која парите на граѓаните уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Особено најранливите.

Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосостојба.

Со буџетските проекции за 2019 година најавуваме пресвртница во економските политики.

Силниот фокус на евроатланските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална праведност, за поквалитетни здравствени услуги, и за подобра живејачка за сите без исклучок.

Почитувани граѓани,

Фискалната политика на Владата на Република Македонија за 2019 година е во функција на обезбедување раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување на пристапувањето во НАТО и интеграцијата кон ЕУ. Буџетот за 2019 е дизајниран да ја одржи макро-економската стабилност и фискалната консолидација.

Во 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањето во приватниот сектор, поддржан со владините мерки, со што ќе се зголеми расположливиот доход на домаќинствата.

Порастот на доходот, како и предвидениот раст на кредитирањето на населението, ќе иницира пораст на приватната потрошувачка за 2,4%. Просечната нето-плата во овој период ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа.

Проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на околу 20%, а јас се надевам дека ќе се спушти и под таа бројка.

Во 2019 година се очекува забрзување на реалниот раст на БДП на 3.2%, при што позитивен придонес врз растот е предвидено да имаат домашната побарувачка, нето-извозот, и капиталните инвестиции кои ќе добијат нова динамика.

Продолжува трендот на висок раст на извозот на Македонија. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,5%. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2019 година се очекува да изнесува 6,8% на реална основа.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари се во функција на функционална одржливост на четирите столба на Буџетот за 2019 година:

  • За политиките за вработување и за социјална сигурност;
  • За поддршката на домашната економија,
  • За забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти, и
  • За интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Тој тренд ќе го задржиме за да го одржиме и понатаму намалувањето на јавниот долг.

Дозволете ми да издвојам неколку важни точки од посебен интерес за граѓаните на нашата земја:

Во годината што полека ја оставаме зад нас, регистриравме рекорден прилив на Странски директни инвестиции, а поддршката на домашниот бизнис ги дава резултатите.

Посебно сме задоволни заради овие резултати бидејќи се постигнати пред да станеме земја членка на ЕУ и НАТО.

Остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018 година.

Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за:

  • Зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициони вложувања,
  • Мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари,
  • За поддршка за создавање на нови вработувања,
  • За поддршката на малите и средните претпријатија,
  • За субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување, и
  • За странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони

Невработеноста ја смалуваме на рекордно ниски 20% со помош на пакетот активни мерки за вработување – вреден 1.1 милијарда денари, како историски највисок износ.

Ова е пораст од околу 100 милиони односно 10% во однос на 2018, а разликата во однос на претходните години е подраматична: износот во 2019 е двојно повисок од остварениот во 2016 година или речиси тројно  повисок од остварениот во 2014 година.

Oвие средства се за креирање програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица со младинската гаранција, која како пилот програма во 2018 година даде одлични резултати.

За здравствена заштита планирани се средства во износ од 30 милијарди денари, што е поголем износ во однос на 2018 година за околу две милијарди денари.

Предвидено е зголемување на средствата за финансирање на здравствените програми, со обезбедување на средства за бесплатни болнички здравствени услуги за одделни ранливи категории, како и набавка на нови лекови за лица со ретки болести.

За да се зголеми мотивацијата и да се заштити професионалното достоинство на здравствениот персонал, предвидено е зголемување на платите на  докторите специјалисти за 10% почнувајќи и на останатиот медицински персонал за 5% уште од јануари идната година. Со септемвриската плата во 2019 година овие плати ќе пораснат за дополнителни 5 отсто.

Во септември оваа година ги зголемивме платите на сите вработени во јавните здравствени установи за 5%.

Со овие мерки постигнуваме плата повисока од 90 илјади денари за специјалистите, со тенденција до кракот на годината таа да биде 100 илјади.

Благосостојбата на граѓаните е во нашиот фокус.

Затоа во Буџетот за 2019 година планирана е сериозна поддршка за земјоделството поддршка за производство, за квалитет и за сигурен пласман.

Износот на субвенции и рурален развој планиран за 2019 година изнесува вкупно 8,4 милијарди денари.

Ветувањето „Зелена нафта“ пристигнува во 2019 година за поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација.

И повторно го имавме интересот на граѓаните во фокусот кога донесовме одлука за зголемување на буџетот на Програмата за рамномерен регионален развој планирана на ниво од околу 512 милиони денари. Тоа се 107 милиони денари повеќе во однос на ребалансот за 2018.

Овде е фиксирано само директното финансирање на проектите за рамномерен регионален развој. Ако ги ставиме сите регионални патишта, водоводи и канализации, училишта и детски градинки, достигнуваме бројка повисока од 1% од БДП што ја остварува бројката од Законот за регионален и рамномерен развој, и во периодот што е пред нас тоа ќе го направиме јасно видливо за граѓаните за да видат дека законот се спроведува.

Целта е финансирање на проекти за развој на планските региони, развој на подрачја со специфични развојни програми, проекти за развој на селата, како и Проектот за подобрување на општински услуги за изградба на водоводни и канализациони системи во општините, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги.

За прв пат во стратешките приоритети во програмата на една влада е определена Програма за намалување на аерозагадувањето.

Ситуацијата наложи интегриран и координиран пристап што ќе се спроведува од страна на Владата заедно сите надлежни државни институции, локалната самоуправа, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.

За остварување на мерките и акцискиот план за намалување на загадувањето на воздухот, Владата и Министерството за финансии определија посебна ставка за поддршка на мерките во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.

Првично утврдениот буџет за оваа програма изнесува 98 милиони денари, но тој буџет треба да се гледа како дополнителен дел НАД веќе постоечките буџети за еколошките мерки во Министерството за животна средина, во Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, во проектот за гасификација и мерките за животна средина на општините.

Буџетот за 2019 ќе направи сериозно придвижување во делот на капиталните инвестиции, и особено во проектите за социјална сигурност, праведност и солидарност, за јавната администрација, како и за поддршката на нашите евро-атлантски интеграции кои идната година влегуваат во клучна фаза.

За деталите за поддршката на овие проекти од Буџетот за идната година, како и за некои други важни буџетски ставки, ќе ви говори министерот за финансии Тевдовски.


Министерот за финансии Тевдовски: Економскиот раст од 3,2% предвиден во Буџетот за 2019 ќе го движат личната потрошувачка, извозот и инвестициите

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на министерот Тевдовски во целост:

Буџетот е документ кој ги одредува Владините политики за 2019 година. Во него се вклучени промени кои значат социјалната сигурност, праведност и економскиот развој. Се грижиме за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Предвидени се инвестиции во човечкиот капитал, преку образованието, здравството, детската заштита и социјалата.

Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари. Вкупните расходи се 228,5 милијарди денари.

Дел од програмите кои се од најголемо значење ги истакна премиерот. Јас би сакал да се надоврзам: Буџет за социјална сигурност, праведност и солидарност.

Со Буџетот за 2019 година предвидена е Реформа во системот на социјалната заштита преку воведување на Минимален гарантиран приход и Семеен пакет на права. Со ова се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојаните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, но се создава можност и за дополнителни 11.000 домаќинства.

Се воведува образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца. Воведувањето на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019-тата година значи обезбедување на дополнителни 2,2 милијарди денари по овој основ. Со овие средства ќе се бориме против сиромаштијата. Мерката има за цел да ги извлече најранливите категории на граѓани од сиромаштија.

Зголемување на платите на целиот јавен сектор

Во Буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во здравството, образованието, како и вработените во градинките за 5% со септемвриската плата. Ова е второ покачување за две години, односно и годинава платите во овие сектори се покачени за 5%.

По спроведувањето на реформите за јавната администрација, од страна на МИОА, од септември 2019, платите ќе се зголемат за 5%. Нам ни треба квалитетна и мотивирана администрација која ќе ја движи Македонија кон ЕУ и НАТО. 

Модерна армија. Рамо до рамо со сојузниците.

Со Буџетот за 2019 година клучен приоритет се интеграциските процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Во оваа насока е обезбеден значителен износ на средства од околу 8,3 милијарди денари за Министерство за одбрана. Министерството за одбрана е предводник на реформските активности за зачленување во НАТО. Ова е зголемување за околу 2,1 милијарда денари во однос на ребалансот за 2018.

Капитални расходи за 2019 година.

За капитални проекти во Буџетот за 2019 година предвидени се над 26 милијарди денари. Во оваа сума не се вклучени поголем дел од патиштата, кои се предвидени во буџетот на Јавното претпријатие за патишта.

Се очекува капиталните расходи да се реализираат во значителен износ. Оваа проекција ја базираме на тоа што во најголем дел се завршени процедуралните, законските и другите бариери кои предизвикаа слаба реализација во 2018.

Најважните проекти за следната година се во патната и железничката, комуналната и енергетската инфраструктура.

Раст на поддршката за земјоделците.

Предвидуваме силна поддршка за земјоделието. Предвидена е поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација т.н. зелена нафта. Ваква мерка за прв пат се воведува во Република Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците.

Износот за земјоделски субвенции и рурален развој планиран за 2019 година изнесува вкупно 8,4 милијарди денари.

Макроекономски проекции

Буџетот за 2019 се базира на интензивирање на растот на 3,2% на БДП во 2019 година. Според нашите проекции економскиот раст ќе го придвижат солидната лична потрошувачка, извозот и забрзувањето на инвестициите.

Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг.

Ве информирам дека сите податоци ќе бидат објавени и во форма на граѓански Буџет на посебен настан во Министерството за финансии. Годинава истиот е изработен од страна на тимот кој победи на ФинХакатонот во форма на веб апликација. Граѓанскиот Буџет го лансираме во недела.

Јавен оглас за избор на директор на Државниот испитен центар

Институција која огласува: 
Влада на Република Македонија
Рок на пријавување: 
22.11.2018

Врз основа на член 9 од Законот за Државниот испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008, 148/2009, 41/2014, 55/2016, 142/2016 и 64/2018),

Владата на Република Македонија објавува
Јавен оглас за избор на директор на Државниот испитен центар

1) Владата на Република Македонија на предлог од министерот за образование и наука ќе именува директор на Државниот испитен центар, за време од пет години.

2) За директор на Државниот испитен центар може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
- Да е државјанин на Република Македонија.
- Во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
- Има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование.
- Има минимум шест години работно искуство во воспитно–образовната дејност или во орган на државната управа надлежен за работите на образованието.
- Поседува еден од следниве меѓународно призна ти сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT) најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен, БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2)

3) Со пријавата кандидатите задолжително треба да ја достават следната документација:
- Уверение за државјанство.
- Доказ дека во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
- Диплома/уверение дека има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование.
- Доказ дека има минимум шест години работно искуство во воспитно–образовната дејност или во орган на државната управа надлежен за работите на образованието.
- Меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од 5 години и тоа ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT) најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен, БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

4) Документите од точка 3) треба да бидат поднесени во оригинал или копија заверена на нотар и истите се доставуваат до Архивата на Владата на Република Македонија или по пошта на адреса: Влада на Република Македонија бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје со назнака: „За јавен оглас за избор на директор на Државниот испитен центар“.

5) Рок за пријавување на заинтересираните кандидати е 5 (пет) работни дена од денот на објавувањето на огласот во дневните весници, односно заклучно со 22 ноември 2018 година

6) Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање
нема да биде разгледувана.

Пропратни документи: 
Дали е огласот завршен?: 
Огласот е завршен