Од поголемиот број точки на дневниот ред од Програмата за работа на Владата на РМ, и од интерес на граѓаните, на седницата денеска ќе се разгледа Информацијата за изградба на Дом на спортови, како и Информацијата за отворање на регионална канцеларија на EASA за Балканот во Скопје во просториите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На предлог на Државното правобранителство, на седницата на владата денеска ќе биде презентираната Информацијата на Државниот правобранител на Република Македонија за потреба од зголемување на бројот на државните правобранители во Државното правобранителство на Република Македонија, со Предлог за донесување одлука по ова прашање.

Министерство за транспорт и врски за денешниот дневен ред на седницата на Владата на РМ предлага на разгледување две точки: Информација од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово – Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој, и Информација за потреба од доставување на апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија

На денешната седница министрите во Владата на РМ ќе се произнесат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на предлог на Министерството за правда, а Министерството за внатрешни работи на дневен ред го достави Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

Владата на оваа своја 104 седница ќе биде информирана за извршената анализа на внатрешните процеси, функциите и човечките ресурси за стратешко планирање во министерствата и другите органи на државната управа што ја изготви Генералниот секретаријат на Владата на РМ. 

Министерството за труд и социјална политика за точка на дневен ред на оваа седница предлага да биде разгледан Предлог-закон за изменување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
На денешната седница, на предлог на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе биде разгледана Информацијата за основање на туристичка развојна зона Матка во општина Сарај. 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Кабул, Авганистан, е во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО - Алијансата за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“.

Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година.

Шекеринска утрово во Кабул се сретна со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) како и со најстариот национален претставник на Република Македонија, полковникот Кенан Рахиќ. На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа пред министерката своите активности во Авганистан, а таа им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка и помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.

Министерката во Кабул се сретна и со Командантот на КОСА, бригадниот генерал Јашар Дилбер, а преку видео-конференциска врска разговараше и со командантот на командата за обука, советување и асистенција - Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус. Министерката се заблагодари за поддршката на македонските мировници, а генералите изразија задоволство од професионалноста и способностите на припадниците на АРМ во извршувањето на задачите, чија главна цел се обука и асистенција на авганистанските сили. Шекеринска имаше средба и со бригадниот генерал Хусеин Канбур, командант на меѓународниот аеродром во Кабул, „Хамид Карзаи“.

Во текот на денов министерката ќе се сретне со македонските војници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со командантот на мисијата, генерал Остин Скот Милер, со највисокиот цивилен претставник на НАТО Корнелиус Цимерман и ќе има уште една неформална средба со македонските мировници во Кабул.

Во Авганистан заедно со министерката Шекеринска, во посета на македонскиот контингет се и заменикот началник на генералштабот на АРМ, Азим Нуредин, како и тројца пратеници – Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили.

Придонесот во меѓународни операции за поддршка на мирот е стратешка определба и висок приоритет на Владата на Република Македонија. Македонија е дел од мисијата на НАТО во Авганистан од 2002 година. Во рамките на тогашната мисија ИСАФ, а од 2015 во рамките на „Одлучна поддршка“, Армијата на Република Македонија учествувала со над 3.000 припадници. Во моментов во „Одлучна поддршка“ се распоредени 49 припадници на АРМ, и тоа во рамките на командата на главниот град Кабул во соработка со вооружените сили на Турција, во единицата за обезбедување на главната команда на мисијата во Кабул во соработка со вооружените сили на САД, во тимот за советување и асистенција во командата Север под германскиот контингент и во рамките на придонесот САД - Јадранска повелба.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска имаше средба со Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), предводена од претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов.
 
На средбата се разговараше за актуелни теми произлезени од Закон за дополнување на Законот за финансирање на општините.
 
Претставниците од ЗЕЛС, пред премиерот ги елаборираа своите видувања и предлози за подобро имплементирање на ова законско решение за понатамошно непречено искористување на развојниот капацитет на Општините.
 
„Владата на Република Македонија е многу свесна за важноста на Општините во земјава, и оттаму со ваквото решение сакаме да го намалиме нивниот долг, за да можеме да сметаме на нивниот капацитет, кој сега е десеткуван. Затоа одлучивме да одвоиме педесет милиони евра како поддршка за Општините, во форма на еднократна финансиска инјекција, за да можат градоначалниците да ги стабилизираат развојните капацитети на своите Општини“, рече премиерот Заев на средбата.
 
Тој уште и додаде дека заложба на Владата е да ја помогне работата на Општините, со цел проектирање и реализација на повеќе развојни и капитални проекти, со што граѓаните ќе добиваат подобри услуги за даноците кои ги плаќаат и ќе бидат комплетно информирани за трошењето на тие средства. 
 
Премиерот Заев, исто така рече дека сите предлози кои доаѓаат од ЗЕЛС се добредојдени и се во духот на конструктивноста во пристапот на решавањето на актуелните проблеми со задолженоста на локалните самоуправи во Македонија, како и за финансиско стабилизирање на општините.
 
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на средбата појасни дека планирањето на буџетите ќе се базира на реална основа, односно, буџетот на општините ќе може да се проектира со максимални 10% раст во однос на просекот од остварените приходи во последните три години. Тоа е мерка која претставува гаранција дека проблемот со задолжувањето на општините нема да се повтори, затоа што, како што рече тој, ќе се спречат таложења на неплатени обврски и ќе се подобри финансиското работење на општините.

Претставниците од ЗЕЛС ја поздравија заложбата на Владата да им се помогне на општините да го решат проблемот со презадолженоста, со што како што рекоа тие на средбата, ќе можат со поголем капацитет да се посветат на конструктивна работа и решавање на конкретни проблеми во интерес на граѓаните.

​​​​​

Веб-апликацијата за „Граѓански буџет“, (budget.finance.gov.mk) е достапна на македонски, албански и англиски јазик. На овој начин, Буџетот на РМ сакаме да го поедноставиме и доближиме до граѓаните.

Во веб-апликацијата прикажани се приходите и расходите на буџетот. Исто така апликацијата има и објаснувања што претставуваат одделните ставки, што ја прави лесна за користење. За да се добие појасна слика, апликацијата дава можност да се направи споредба помеѓу буџетите од различни години. Граѓаните преку графикони можат да следат како одделни приходи или трошоци се движеле низ годините.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференцијата на која беше претставена апликацијата, истакна дека на овој начин се подобрува информираноста на граѓаните за Буџетот на РМ, а со тоа и се зголемува нивната контрола врз управувањето со јавните финансии.

„Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Веб-апликацијата за „Граѓански буџет“ не се однесува само на еден буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети.


budget.finance.gov.mk

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши учествуваа на јубилејниот 15-ти Виенски економски форум „Дијалог за иднината 2018 - Економијата се среќава со политиката“ што денеска се одржува во Виена, Австрија. 

Во фокусот на дискусијата на Виенскиот економски форум е важноста на регионалната соработка во процесот на ЕУ интеграциите на земјите од Западен Балкан, преку процесите на дигитализација, поврзување и иницијативата за формирање на регионална економска област како предуслов за интегрирање во единствениот европски пазар.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев на премиерскиот панел на тема „Регионалната соработка како дел од европските интеграции: Дигитализацијата - премостување на разликите и шанса за големи скокови“, потенцираше дека „Виенскиот економски форум“, претставува добра шанса за дијалог на земјите од регионот, преку која треба да се интензивира и подобри меѓусебната економска соработка. 

„Доколку сакаме да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, потребно е да ја развиеме економијата. За таа цел потребно е најпрво да ги средиме работите во нашата држава, а паралелно да работиме на градење на подобра соработка со нашите соседи, за повисоко ниво на регионална соработка. Внатрешно, во државите, во насока на креирање на подобра бизнис клима треба да работиме на креирање на програми за поддршка на стопанството, за поттикнување на нови инвестиции. Но тоа не е доволно, доколку најпрвин не се обезбеди политичка стабилност на земјата и не се обезбеди соодветно ниво на владеењето на правото“, нагласи вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев дополни дека Владата на Република Македонија веќе година и половина спроведува активности преку кои се зајакнува стабилноста и сигурноста на земјата и се разрешуваат децениски проблеми со соседите, а кои се во насока на интеграции на земјата во Европската Унија и НАТО. Тој подвлече дека во изминатиот период се потпишаа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија и договорот со Република Грција, со кој се надминуваат разликите кои постоеја помеѓу Република Македонија и овие две соседни земји.

„До крајот на јануари 2019 година, Парламентот би требало да ги усвои предлозите за уставни измени, по што ќе се исполнат сите услови за да го продолжиме непречено нашиот пат кон евро-атлантските интеграции. Создадовме низа на мерки преку кои се овозможува поддршка за странски, но и за домашни инвестиции. Исто така, преку средства од буџетот обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија и за стартап компаниите. Овој сет на мерки веќе дава резултати, во изминатиот период потпишани се нови дваесетина договори со странски компании, а нивото на странски инвестиции во првата половина од годината е рекордно“, дополни Анѓушев.

Тој потенцираше дека повисокото ниво на регионална соработка, не само декларативна, туку реална, ќе придонесе за побрз економски развој, но и за одржливост не економиите на земјите во регионот.

„Можеме да креираме какви сакаме мерки за поддршка или да потрошиме десетици, стотици милиони за подобро поврзување меѓу нашите земји, за да го скусиме времето за патување, но сето тоа нема смисла доколку стоката на границите стои со часови. Треба заеднички сите недвосмислено да седнеме и да покажеме дека сакаме повисоко ниво на соработка и да се ослободиме од непотребните административни бариери, за подобра економија на секоја од земјите, но и подобар живот на нашите граѓани“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши се обрати на министерскиот панел на кој свои обраќање има министри од Владите на Албанија, Романија, Словенија и Бугарија. 

„Очекуваме во Парламентот да се усвојат уставните измени и да продолжат интеграциите на Република Македонија во ЕУ И НАТО. На економски план донесовме нов закон за поддршка на инвестициите, ги изедначивме условите за инвестирање на домашните и странските компании. Фокусирани сме на поддршка на малите и средни претпријатија. Одвоивме значајни средства да ја поттикнеме иновативноста и да ги отвориме шансите за работа и успех на младите луѓе во Македонија“, соопшти министерот Бектеши и ги презентираше проектите на кои Република Македонија работи на поврзување на земјата преку енергетска, патна и железничка инфраструктура со соседните земји.


Во тек на одржувањето на Виенскиот економски форум, вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши дадоа кратки изјави за медиумите.

Вицепремиерот Анѓушев даде краток осврт од средбата со Канцеларот Курц, Комесарите на Европската Комисија, Хан и Габриел и лидерите на Западен Балкан, оценувајќи ја како важна за градење на добрососедски политики, за надминување на билатералните проблеми и економско поврзување на земјите од регионот како важен предуслов за обезбедување на подобар животен стандард за граѓаните. 

„Агендата за формирање на регионална економска област ќе придонесе за заживување на економиите на сите држави од регионот. Добивме поддршка дека Република Македонија е на добар пат да ги оствари своите амбиции да биде дел од евроатлантското семејство на народи“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Бектеши во својата изјава ја потенцираше важноста на регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и во таа насока рече дека Владата на Република Македонија преку владините политики и мерки настојува да се соработува и да работи на поврзување со соседните земји на најдобар можен начин.

„Ја потенцирав важноста на повеќегодишниот акциски план којшто произлегува од Берлинскиот процес. Ние веќе преземавме неколку мерки коишто се во согласност со ЦЕФТА со протоколите 5, 6 и 7. Република Македонија во тој поглед е подготвена. Со Србија почнавме да воспоставуваме заеднички гранични премини и да ја зголемуваме трговијата помеѓу нашите две држави, а од почетокот на наредната година тоа ќе го направиме и со Албанија“, нагласи министерот Бектеши. 

Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека од 14.11.2018 година инструментот за симултано мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и до 2.5 микрометри (PM10/PM2.5) во Автоматската мониторинг станица Битола 2 е инсталиран и ставен во работен режим. По неопходниот период за стабилизација на инструментот и негово тестирање, од најмалку 24 часа, од 15.11.2018 година истиот е ставен во оперативен режим и со тоа податоците од извршените мерења се достапни и на веб порталот за квалитет на амбиентен воздух при МЖСПП, односно на http://air.moepp.gov.mk. 

Во изминатиот период мерењата на PM10/PM2.5 од мерното место Битола 2 беа оневозможени поради комплексен дефект на инструментот во гарантен рок и истиот мораше да се испрати до неговиот производител. По извршеното сервисирање и калибрација истиот е вратен назад на мерното место.

Денеска започна откупот на тутунот од реколтата 2018 година. Според базата на податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до денеска се отворени 195 откупни пунктови на кои што тутунарите можат да го предаваат тутунот. Државниот инспекторат за земјоделство ги направи сите проверки на пунктовите. 

Во годинешната реколта се засеани 14.802 хектари со тутун, а склучени се 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој денеска од Прилеп и официјално го објави почетокот на откупот, порача дека се очекува непречен откуп со стабилни откупни цени. Споредено со реколтата 2017-та, за новото производство на тутун се издадени 57 евидентни листови повеќе од лани и се склучени над 4.700 повеќе договори од ланската реколта. Годинава има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.

 

 

„Овие податоци покажуваат пораст на тутунопроизводиството, ова особено се должи на историски највисоките откупни цени на тутунот од реколтата 2017-та, за кој што просечната откупна цена достигна 217,6 ден за килограм, но и на новиот модел за зголемени субвенции во три ниво. Тоа беше една од клучните политики преку која пративме јасен сигнал дека сме фокусирани на развој не само на тутунопроизводството туку и на целиот сектор земјоделство, кој што е база на македонската економијата. Целосно подготвениот нов Закон за тутун кој влегува во владина процедура и очекуваме до крајот на годинава да ја помине и собраниската процедура, ќе придонесе за добри показатели за овој значаен сектор кој носи девизен прилив 100 милиони евра и егзистенција за над 23.000 семејства“, изјави министерот Николовски.

При тоа министерот Николовски потенцираше дека оваа година се ислатија над 28 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017-та и тоа за првпат навремено, кога им беа најпотребни на тутунарите. Со новиот модел на зголемени субвенции, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Николовски посочи дека со новиот Закон за тутун, се очекува укинување на евидентни листови, но дека целата процедура ќе се прави внимателно и постепено, заради тоа што се потребни софтверски надградби и одредено време за прилагодување. Конкретно, следната 2019 година, МЗШВ заеднички со сите чинителеи, со откупувачите на тутунот и со тутунарите ќе направи пилот проект, чие што функционирање во 2019 година ќе се тестира, со цел да се прилагодат институциите и во 2020 и официјално да се воведе. Ова ќе значи намалување на административни процедури кои ги имаат тутунарите, бидејќи тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија а сите бирократски формалности ќе бидат преземени од тутунските компании. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди, и го регулира прометот со новите тутунски производи во согласност со Директивата 40/2014.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес имаше свое обраќање на финалната конференција за вмрежување „Женското претприемништво и предизвиците за интеграција во ЕУ“, која се одржува во хотелот Холидеј Ин, во Скопје, организирана од Националниот совет за женско претприемништво во рамки на прославата на Светскиот ден за женско претприемништво.

Министерката Апостолска осврнувајќи се на владините економски политики за поддршка и потикнување на претприемништвото, нагласи дека владината определба за позитивни економски резултати, за остварување на одржлив раст и развој дава еднакви можности за сите бизнис иницијативи, вклучувајќи ги и жените претприемачи.

„Како Влада сме определени да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани, да ја направиме земјава привлечна за инвеститорите, да изградиме поволна бизнис клима и да дадеме поддршка за развој на претприемачкиот потенцијал. Овие владини заложби во водењето на економските политики ќе дадат свои позитивни рефлексии и врз економското јакнење на жените претприемачи“, рече министерката Апостолска, притоа нагласувајќи дека со „Стратегијата за женско претпримеништво 2019-2023 година“, која е во владина процедура на финално усвојување, се конкретизираат определбите за поттикнување и поддршка на женското претприемништво.

Министерката Апостолска зборувајќи за владините економски политики за поддршка на инвестициите, дел преточени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а дел реализирани преку програмите на Фондот за иновации, истакна дека истите тие имаат значајни импликации за отстранување на една од пречките кои го отежнуваат јакнењето на женското претприемништво, а тоа е пристапот до финансии за компаниите.

„Пристапноста на финансиските средства преку овој сет на владини мерки, преку своите јасно поставени критериуми, со транспарентни постапки, може да биде доволно инспиративно и мотивирачки за жените претприемачи своите бизниси да ги прошируваат и надоградуваат со нови инвестиции“, рече Апостолска.

Осврнувајќи се на поддршката за економијата која Владата на Република Македонија ја проектира со Буџетот за 2019 година, министерката Апостолска потенцираше дека поддршката за нови инвестиции и за претприемништвото во земјава се зголемува за 37% во однос на ребалансот за 2018 година.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска присуствуваше на официјален работен појадок кој го организираше Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц за премиерите од Западен Балкан кои ќе учествуваат на 15-тиот Виенски економски форум.

Како главна тема на којашто разговараа Канцеларот Курц и лидерите од Западен Балкан, се издвои регионалната соработка која има важна улога во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, начините за нејзино унапредување преку процеси на дигитализација, поврзување и економската соработка.

По завршувањето на официјалниот дел од работниот појадок се одржа заедничка прес-конференција на којашто се обратија Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, Комесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, Комесарката за дигитална економија и општество, Марија и Габриел, премиерите од Западен Балкан и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.

Канцеларот Курц изрази голема поддршка за земјите од Западен Балкан за процесот на ЕУ интеграција посочувајќи ја регионалната соработка како клучен сегмент кој ќе го забрза зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ и еден од приоритетите на австриското претседавање со Европската Унија.

Во таа насока беше посочена важноста од продолжување на иницијативата за формирање на регионална економска област како прв чекор во понатамошното интегрирање во единствениот европски пазар.

На прес-конференцијата се обратија и премиерите на земјите од Западен Балкан кои зборуваа за приоритетите и следните чекори кои ги преземаат во насока на интензивирање на регионалната соработка.

„Да се биде мала земја во регионот значи да се води сметка за економијата и за подобар живот на граѓаните. Подобар животен стандард за граѓаните може да обезбедиме само преку подобрување на економијата, што подразбира обезбедување државна финансиска помош, владеење на правото и законите, како и стабилност во земјата. Стабилна држава, особено за мала земја како Македонија, значи интеграција во подобар безбедносен и европски систем. Токму поради оваа причина, нашата земја ќе биде посветена на овој процес, ќе ги вложиме нашите најдобри напори за да ја завршиме нашата домашна задача, но и за да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани. Да покажеме повеќе капацитет за регионална соработка, меѓу нашите држави, особено ако сакаме да имаме подобра соработка во Европската унија во иднина“, порача вицепремиерот Анѓушев на заедничката прес-конференција на којашто се обратија Канцеларот на Австрија Курц, Комесарите на ЕУ, Хан и Габриел и премиерите на земјите од Западен Балкан по повод одржувањето на 15-иот јубилеен Виенски економски форум.

Сточарството изминативе години беше запоставено и затоа овој период сме насочени кон креирање на нови мерки и политики за развој на оваа земјоделска гранка, порача на денешната средба со сточарите во Берово, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

На средбата министерот Николовски ги образложи  актуелните состојби во сточарството, како и мерките на МЗШВ за поддршка на овој сектор. При тоа најави дека од следната година односно со Програмата за рурален развој 2019 година, се планира зголемување на сумата за мерката 121 „Набавка на приплоден добиток“ , од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари или околу еден милион евра. Дополнително ќе се работи на промени во Правилникот за оваа мерка со цел  да биде подостапна за сточарите .

„ Оваа мерка ќе придонесе обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Падот на бројките во  сточарството мора да го сопреме и потоа заеднички да со вас сточарите да работиме на соодветни мерки за развој на оваа гранка. Сметам дека е еден од најважните сектори во земјоделството и затоа во следниот период силно ќе се фокусираме на нови мерки и политики. За прв пат објавивме наменски оглас за државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хекатри за сточари за производство на добиточна храна, за следната година се планирани 600 илајди евра за колектори за струја на бачилата со овци, а паралелно работиме и на други мерки , како што е новиот, Законот за пасишта, измени на Законот за државно земјиште и други“, истакна министерот Николовски .

Тој додаде дека развој на сточарството е во фокус на активностите на министерството, што се гледа и по критериумите одредени за мерката „Млад земјоделец“, според кои предност имаат токму младите сточари. Паралелно, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата согласно со нивната намена.

Во годинешната Програма за директни плаќања за 10 отсто е зголемена субвенција по грло за сточарите со развоен потенцијал. Исто така се воведоа  нови мерки во сточарството, како што се дополлнителни директни плаќања за уматичен грло-маторица, со цел подобрување на генитскиот потeнцијал и зголемување на производството на свињите, и дополнителни директни плаќања од 30% за зголемен пријавен број на грла во основно стадо, несилки и пчелни семејства.

На денешната средба на која што освен сточари, присуствуваа и други земјоделци, министерот Николовски ги информираше за мерки на кои во моментов работи МЗШВ, за новиот Буџет за 2019 година, како и за законите кои се во процедура.

Освен министерот, на средбата во Берово присуствуваа и директорот за стопанисување со пасишта, Љуљзим Фејзулаи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.