Денес министерот без ресор Аксел Ахмедовски задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020 ги презентираше реализираните активности за 2018 година. 

Во своето излагање Ахмедовски даде фокус на реализацијата на комуналните и инфраструктурни проекти финансирани од потпрограмата 11 за поддршка на Декадата и Стратегијата за Роми во рамки на буџетот на Министерството за транспорт и врски. Со оваа активност беа опфатени 9 општини (Штип, Виница, Шуто Оризари, Делчево, Тетово, Пехчево, Берово, Кочани, Битола и Куманово) во кои има значително поголема процентуална застапеност на ромската заедница. 

 

 

Понатаму беа презентирани активности кои кабинетот на Министерот без ресор за прв пат ги воведе во процесот на следење и координација: 

  • Алатка за следење на имплементацијата на Националните акциски планови во форма на Извештај за спроведување на јавните политики за интеграција на Роми. Извештајот ги прикажува активностите преземени во однос на Националните акциски планови во четирите клучни приоритети - Вработување, Домување, Образование и Здравство
  • Координација на проектни активности и поставување на координативна мрежа на делување помеѓу државните институции, невладини организации и општинската администрација, со донесување на Акционен план за спроведување на Методологија за имплементација на активности кои се спроведуваат на локално ниво во рамки на Стратегијата за Роми 2014-2020. 
  • Кабинетот е вклучен од реализацијата на конкретен проект со поддршка од амбасадата на Република Франција, чија цел е подготовка на Стратегија за ромски младински политики во корелација со Националната стратегија за млади. 
  • Потпишани неколку меморандуми за соработка со неколку граѓански организации, во чии рамки се договорени заеднички активности во насока на подобра имплементација на активности за подобрување на состојбата на Ромите и подобар пристап до правда. 
  • Реализиран е практикантски стаж во Кабинетот во рамки на меморандумот за соработка со Здружението на граѓани РОМАВЕРЗИТАС. 
  • Формирана е работна група за подготовка на Одлука за распределба на 3 милиони денари кои се во рамки на буџетот на Министерството за локална самоуправа, со кои ќе се финансираат активности од усвоените Локалните акциски планови. Информацијата за распределба на овие 3 милиони денари е во владина процедура и очекуваме нејзино разгледување и усвојување на денешната седница на Влада. 
  • Кабинетот иницира и координира процес за подготовка на Национален акциски план за култура која е дел од годишната програма за работа на Влада. Работната група е формирана, одржува редовни состаноци и консултации и се очекува до крајот на оваа година истиот да биде доставен до Влада на РМ за усвојување. Станува збор за Национален акциски план кој иако требало да се донесе уште во 2011г, до ден денес не е усвоен.
  • Имплементација на активноста во рамки на Стратегијата за Роми 2014-2020 „Ромски образовни медијатори во основното образование“. Избрани се 16 образовни медијатори од 20 општини во Република Македонија во кои има поголема процентуална застапеност на ромската заедница. 

Министерот Ахмедовски потенцираше дека во рамките на оваа година иницирана е постапката за усвојување на Локални акциски планови во општините. Усвоени се локални акциски планови во Тетово, Битола, Шуто Оризари, Прилеп, Куманово, Пехчево додека до 26 декември предвидено е усвојување на овие документи во општините: Струмица, Велес, Дебар и Кичево. 

Покрај другото министерот Ахмедовски исто така потенцираше дека се реализирани голем број на средби со дипломатскиот кор, со градоначалниците и со самата ромска заедница на кои се дискутира за горливите проблеми на ромската заедница како на национално така и на локално ниво, за алатките кои им стојат на располагање на општините за унапредување на состојбата на Ромите како и можностите за меѓународна соработка за обезбедување на помош за реализација на активности поврзани со подобрувањето на животот на ромската заедница како оваа заедница во Република Македонија. 

На крајот Ахмедовски потенцираше дека останува посветен на исполнување на приоритетите од Стратегијата за Роми со цел да се обезбеди подобар општествен статус на секој припадник на оваа заедница во РМ.


Презентација

Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша Меморандум за соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Метoдиј“ во Скопје. Меморандумот со кој ќе се унапредува практичната работа на студентите го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев.  

„Практичната работа е неопходен дел од секој квалитетен образовен процес. Образовниот систем, во соработка со сите државни институции, приватниот и граѓанскиот сектор, треба целосно да ги подготви студентите за тоа што ги чека во реалноста. Ова е периодот кога треба да им помогнеме да созреат, да работат на својот личен и професионален развој. Само на овој начин можеме да очекуваме вистински квалитетен кадар, подготвен за сите предизвици надвор од академската клупа“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Двете институции ќе соработуваат во повеќе области на социјалната политика, детската и семејна заштита, работните односи, образовна вклученост, специјална едукација и родова еднаквост, како и во однос на активности против дискриминација, овозможување еднакви можности и помагање на процесот на европска интеграција. Ќе се спроведат повеќе активности, меѓу кои заеднички научни истражувања, организирање и спроведување на обуки, тркалезни маси, дебати, конференции и слично.

Во рамки на оваа соработка Министерството за труд и социјална политика ќе обезбеди практична работа на студентите од Филозофскиот факултет, стручно менторство за време на практичната работа и пристап до податоците потребни за научно-истражувачката дејност на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Метoдиј“ Скопје.

„Проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесното оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесно оружје. Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности може да претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални  и глобални настани“.

Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на меѓународната министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, што во рамки на француско-германската иницијатива за ефикасно справување со овој проблем се одржува во Париз, Република Франција.

Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми.

Министерот Спасовски говореше за постигнатото во оваа сфера од страна на македонската влада, и пред се од страна на МВР како клучна институција во справување со овој вид криминал, а прецизно ги нотираше и сите натамошни чекори што се неопходни за реализација, особено од аспект на целосната имплементација на „Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје (МЛО) и муниција во Западен Балкан до 2024 година“, донесен на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Лондон во јули годинава, со цел поефикасна и поквалитетна борба против нелегалната трговија со мало и лесно оружје.

„Ние сме одлучни во намерата овие насоки во целост практично да бидат имплементирани во нашето делување, како во интерес на националната, така и во интерес на глобалната безбедност. Имено, соработката и координацијата се најзначајниот сегмент и предизвик со кој се соочуваат државите во борбата со криминалот, вклучително и со борбата против пролиферацијата на малото и лесно оружје“, нагласи министерот Спасовски. 

Спасовски рече дека приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи  е да отпочне со изградба на информатички информационен систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ (SIENA, IARMS и сл.). 

На 107-мата редовна седница на Владата на Република Македонија што ќе се одржи на 11 декември, ќе се најде информацијата „Среднорочна програма за измена и дополнување на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година“, на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој.

На оваа седница на владата ќе биде презентирана информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за заедничка реализација на проектот за чистење дворните површини ОХИС, во Скопје.

Министерството за правда на утрешната седница на владата ќе ги достави на расправа и одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци, како предлози на Министерството за правда. 

На предлог на истото министерство, членовите на Владата на РМ ќе ја разгледаат и информацијата со анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари - јуни 2018 година.

На оваа 107 седница на владата ќе се презентира и информацијата за Акциски план на Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022, како и информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.

На оваа своја седница владата ќе се произнесе и по предлог-одлуката за изменување на Одлуката за намалување на цената на становите во општествена сопственост.

Членовите на Владата на РМ ќе одлучуваат и по предлог - одлуката за основање на Јавно претпријатие колекторски систем.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, владата утре ќе расправа и за предлог-одлуката за изменување на Одлуката за формирање на Дигитален форум за информатичко комуникациски технологии, како и за предлог-решението за назначување на членови на дигиталниот форум за информатичко комуникациски технологии.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Грамоз Ручи, претседател на Собранието на Република Албанија.

Претседателот на албанскиот Парламент, Ручи, пренесе импресионираност од постигнувањата на Македонија во делот на политичката стабилност и интеграциите во НАТО и во ЕУ. Тој оцени дека посебно, благодарение на мудроста и смиреноста на премиерот Заев, спречена е дестабилизација на Македонија со настаните од 27. април во Парламентот, постигнат е реформски развој, меѓуетничка кохезија, добрососедски односи и Република Македонија како никогаш досега е блиску до НАТО и до Европската унија. Претседателот на Парламентот на Албанија ги оцени како искрени и пријателски односите помеѓу Македонија и Албанија, ги поздрави договорите со Бугарија и со Грција и најави дека неговата земја и албанскиот Парламент ќе бидат меѓу првите што ќе го потпишат протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Премиерот Заев се заблагодари за поддршката од Албанија во НАТО интеграциите и оцени дека се отворени големи перспективи за соработка на двете држави на економски план.

- Благодариме на Република Албанија за поддршката за членство на Македонија во НАТО. Од големо значење е и поддршката што си ја даваме во ЕУ интеграциите. Очекувам околу средината на јануари да биде ратификуван Договорот од Преспа во Парламентот во Македонија, по што следува ратификацијата на Договорот од грчка страна, како и ратификацијата на Протоколот за НАТО. Владите на Македонија и на Албанија се во искрена, редовна и пријателска соработка. Јас ќе ја искористам приликата, во име на Владата на Македонија, да повикам да се унапреди уште повеќе соработката меѓу двата парламента. Посебно на економски план имаме одлични перспективи, да овозможиме квалитетен живот за граѓаните во нашите земји, рече премиерот Заев.

На средбата беше изразена заедничка поддршка за проектите што се однесуваат на инфраструктурното поврзување во патната и железничката инфраструктура, за олеснувањето на движењата на луѓе и стоки преку проектот на интегрирано гранично управување "One Stop Shop", што се очекува да се реализира на пролет, за енергетското поврзување на кое што се работи, како и во областа на царинското работење, образованието, културата. Во таа насока, премиерот Заев побара поддршка да се забрза отворањето Културен центар во Тирана, за што е веќе разговарано на владино ниво.

На средбата помеѓу премиерот Заев и претседателот на албанскиот Парламент, Ручи, беше поздравена изградбата Едно општество за сите во Македонија, како и заложбите во Албанија за унапредување на правата на Македонците кои живеат во Република Албанија. Договорено е пријателската соработка помеѓу двете земји да продолжи на сите нивоа, во интерес на граѓаните, развојот на државите и на регионот.

Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи учествуваа на последната петта јавна дискусија за нацрт амандманите за уставните измени којашто се одржа денеска во Тетово во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Јавната дискусија ја отвори ректорот на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, проф. д-р Абдулменаф Беџети, а своите размислувања, предлози и сугестии со присутните студенти, професори и граѓани ги споделија и професорката и проректор за истражување и меѓународни односи на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, Беса Арифи и професорот Блерим Река.

Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска ја испрати пораката дека се затвора едно од најважните прашања за нашата држава и затоа е важно овој процес да се води инклузивно со вклученост на граѓаните и сите општествени чинители.

„Јас верувам дека ова што го правиме е шанса на младите да им дадеме крилја за да можат својата земја да ја направат подобро место за живеење. За таа цел ни една жртва не е преголема. Ова е процесот кој ќе ни овозможи членство во НАТО и ЕУ“, порача министерката Шекеринска.

Министерката Шекеринска  во своето обраќање се осврна на политичкиот процес кој трае веќе 27 години, на пропуштените шанси и историски грешки кои не смееме да ги повториме и рече дека мора на време да го заокружиме процесот, бидејќи нашата држава после сите резултати и храбри чекори што ги презеде го заслужува членството во НАТО и започнувањето на процесот на преговори со ЕУ.

„Главната измена во Уставот се разбира, се должи на крупната отстапка. Главната измена се однесува на прашањето на името на нашата држава и тоа беше најкрупната дебата која што се водеше сиве овие години. Сметаме дека на ваков начин, покажуваме дека Македонија платила голема цена заради нерешениот спор, научила од тој период и прави отстапка не во име на политичка прагма, не во име на статус-кво, туку прави отстапка во име на својата иднина. Останатите измени во Уставот се однесуваат на прашање кои што никој во Македонија практично не и ни ги спори. Една од уставните измени кои што се предлага е многу јасна формулација дека државата нема да се меша во внатрешните работи на соседните држави, дека границите се непроменливи“, истакна министерката Шекеринска и додаде дека паралелно процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО ќе се продолжи да се работи и на внатрешна интеграција и зацврстување на врските и релациите помеѓу граѓаните.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи ја нагласи потребата од брзо и навремено заокружување на процесот на уставните измени, и како клучни во тој процес ги наведе јавните дискусии на кои се дебатира и се разменуваат мислења и идеи со стручната јавност и граѓаните за решавањето на ова важно политичко прашање кое ги отвора вратите за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО.

„Да бидеме внимателно посветени на последните денови од заокружување на овој процес бидејќи втора шанса нема да имаме. Целта која што не обединува е членството во НАТО и ЕУ. Економските придобивки од членството во НАТО и ЕУ ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе ја донесат Европа кај нас“, соопшти вицепремиерот Османи.

Вицепремиерот Османи зборуваше за нашата улога во регионалните и глобални случувања, за геостратешките интереси  и во тој правец ја нагласи итноста на завршување на процесот за наше конечно зачленување на НАТО.

„Уставните измени се изработени во духот на Преспанскиот договор во постојана координација со грчката страна. Станува збор за многу сложен процес чијашто завршница се наближува. Мораше да се прецизираат одлуките и сет на документи на АСНОМ. Целта беше да се отфрлат сите можни иредентистички и сепаратистички моменти“, рече вицепремиерот Османи.

Вицепремиерот Османи рече дека уставните амандмани го прецизираат и АСНОМ и го препознаваат и местото и улогата на Охридскиот договор како еден од темелите за социјална кохезија на македонската држава со што Уставот на Република Македонија добива инклузивност.

Професорката Беса Арифи во своето обраќање изнесе конкретни предлози со кои може да се подобри текстот на нацрт амандманите за кои рече дека се дел од еден долг и повеќедимензионален процес.

„Проблемот со името на државата не држи заложници и изолирани 27 години. Бевме први за евроинтеграција, останавме последни додека граѓаните на државата, уморни од ваквата реалност во која сме изолирани три децении се повеќе ја напуштаат земјата засекогаш и некаде во туѓина ја бараат перспективата што не можат да ја најдат во својата земја“, потенцираше професорката Арифи и рече дека Преспанскиот договор треба да се поздрави и силно да се поддржи бидејќи става крај на 27 годишното изолирање на земјата.

„Нема идеален Устав, а уставите не се свети книги, секогаш може да се коригираат, но историските можности не треба да се испуштат. Сите овие години е изгубено многу време и енергија, конечно е време овој проблем што не држел во застој толку години еднаш засекогаш да се реши и да не претставува товар за следните генерации“, подвлече професорката Арифи.

Пред студентите, граѓаните и професорите кои присуствуваа на петтата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставните измени се обрати и професорот Блерим Река кој зборуваше за политичкиот процес и политичкиот контекст во регионална и глобална смисла и во тој правец наведе 4 фактори од кои два надворешни и два внатрешни кои влијаат на целиот процес.

„Финалната фаза на уставните измени од политичарите бараат повеќе политичка отколку само техничка умешност – за да се адресираат суштинските предизвици карши овој историски процес. Пред Македонија е навистина битката со времето и битката за гласовите, но пред сè битката за нејзината иднина. Најголемиот добитник на евентуалниот пораз би биле силите кои не сакаат да ја видат Македонија ниту во НАТО, ниту во ЕУ“, рече професорот Река.

Во дебатата што продолжи потоа зедоа учество студенти и професори кои се осврнаа на повеќе различни аспекти на целиот процес, како и на одделните нацрт амандмани со конструктивни забелешки и предлози.

Предлозите и сугестиите коишто беа споделени во двочасовната дебата ќе бидат сумирани до Владата којашто ќе изработи заклучоци од серијалот јавни дискусии и истите ќе ги достави до Собранието на Република Македонија.

Премиерот Зоран Заев денеска во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров” во Штип, учествуваше на четвртата јавна дискусија за нацрт-амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа.

Покрај премиерот Заев, на јавната дискусија учествуваа и судијката Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов, кои дадоа експертско мислење за уставните измени.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски ја отвори дискусијата потенцирајќи дека искажувањето на сугестии и мислења за нацрт-амандманите за измени на Уставот,  е добредојдено заради побрзо остварување на придобивките од Договорот во Преспа, односно остварувањето и на последниот чекор за приближување на Македонија кон НАТО и Европската Унија.

Премиерот Зоран Заев пред многубројните присутни ги презентираше нацрт – амандманите, укажувајќи на потребата за носење на уставните измени за конечно исполнување на повеќе децениското очекување за отворање на реалната перспектива на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ.

Подвлекувајќи ја инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози,  премиерот Заев повтори дека Договорот со Грција е пријателски, фер и правичен и на Македонија ќе  обезбеди стабилност, безбедност и  подобар економски стандард.

„Дека договорот е правичен докажува и критичкиот осврт на опозицијата и во Македонија и во Грција, кои до сега не смогнаа сили да го решат овој долгогодишен проблем, иако тврдат дека ги подржуваат евроатлантските интеграции на нашата земја. Но, денеска имаме поддршка од народот, кој покажа дека почитува лидерство и лидерски одлуки и затоа за мене тоа е важно“, рече премиерот Заев, додавајќи дека со нацрт-амандманите се предвидува додавката Северна, која реално е географска одредница, но истовремено ја задржува нашата идентификација како македонски народ, кој говори македонски јазик.

Во своето излагање премиерот Заев  подвлече дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на пратениците и посочи на одлуката, уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.

„Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување на сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, да го заокружиме процесот и да се посветиме на економскиот, образовниот, правниот развој на нашиот систем“, истакна премиерот Заев.

Судијката Цаца Николовска, оцени дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации, особено на Европската Унија. Таа во своето обраќање изнесе неколку предлози кои се однесуваа на нацрт-амандманите, осврнувајќи се на важноста Договорот од Преспа да биде дел од Преамбулата.

Професорот Ѓорѓи Спасов подвлече дека јавната дискусија е прилика не само за подобрување на нацрт-амандманите, туку и за убедување на голем дел од јавноста за оправданоста од овој чин и докажување дека не се точни тврдењата дека Договорот е штетен и со него ќе исчезне македонската држава и македонскиот народ. Спасов додаде дека Македонија со промената на надворешната политика ги напушти националистичките позиции и ја врати самодовербата на нацијата со цел да се остварат посакуваните цели за перспективна Македонија.

На јавната дискусија во Штип, премиерот Заев одговараше на прашања на граѓани подвлекувајќи дека сите дилеми околу тоа дали имплементацијата на Договорот од Преспа ќе го почитува грчката,  зависат само од нашите одлуки:

„Ние одлучуваме за сè. Од нас зависи и Договорот со Грција и она што треба понатаму да го градиме за да ги оствариме посакуваните придобивки“, рече премиерот и додаде дека за него, како премиер, е најважно да го одржува пријателството со соседите да ги негува европските стандарди и изрази убедување дека тоа ќе биде остварено заедно со сите земји-членки на ЕУ.

Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени и на денешната четврта јавна дискусија, заедно со сите експертски осврти и мислења на граѓани ќе бидат сумирани од Владата и ќе бидат доставени во Собранието.

За првпат, Министерството за здравство од оваа година обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти.

Министерството за здравство информира дека обезбеден е Буџет за исплата на стоматолозите специјализанти и средствата се префрлени на Универзитетската клиника за стоматологија.

Процедурата за согласноста за вработување со договор на дело, преку кој ќе се исплаќаат приватните специјализанти е завршена во Министерството за здравство и во законски определениот рок, Министерството за финансии ги одобри согласностите.

Приватните специјализанти по стоматологија ќе бидат целосно исплатени ретроградно за нивниот вложен труд.

Напоменуваме, за приватните специјализанти предвиден е буџет и за наредната 2019 година, односно ќе бидат исплаќани и следната година.

Денеска, одбележуваме 70 години од најважниот настан, не само за Обединетите нации, туку за човештвото – 70 години од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.

По тој повод, министерката Дескоска се обрати на конференција организирана по повод чествувањето на овој ден „70 години Универзална декларација за човековите права: улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права“, организирана од страна на Адвокатската комора на Република Македонија во партнерство со амбасадата на Соединетите Американски држави во Република Македонија.

“Многу денови се одбележуваат во светот, има многу денови кога се сеќаваме на славни битки, историски заседанија, историски постигнувања. Меѓу сите тие денови, за мене, Меѓународниот ден на човековите права е еден од најважните меѓународни денови“ – истакна министерката Дескоска.

Главната заслуга во создавањето на Универзалната декларација за човековите права, несомнено припаѓа на Елеонор Рузвелт, која како жена претседавач на Комисијата за Човекови Права на ООН, била главниот мотор во создавањето на оваа повелба.

Токму затоа, во нејзина чест, министерката Дескоска испрати порака до сите граѓани на Република Македонија,  цитирајќи ја “првата дама на светот“: „Човековите права треба да ги бараме насекаде околу нас, во домот, во соседството, во училиштето, на работното место. Тие се местата каде треба да бараме еднаква правда, еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација. Ако човековите права не се почитуваат тука, во секојдневна средина во која живееме и работиме, тие го губат значењето. Ако не си ги обезбедиме правата во секојдневниот живот, залудно ќе бараме напредок во пошироката заедница, или ќе се бориме за прогрес во светот.“

-Примарна цел на секој од нас, на секој поединец, на секоја институција, група, организација, е и мора да биде практичната акција за обезбедување и заштита на човековите права во заедниците во кои живееме. Битката за човековите права е најсветата битка на секој од нас“, потенцираше министерката Дескоска.

Сите реформи кои во моментот се одвиваат во Министерството за правда, имаат клучна заедничка цел: подобра заштита на човековите права.

„Независноста на судството, претставува столб, гаранција на човековите права. Во таа насока се реформите на судството, измените на Законот за судовите и Законот за судскиот совет. Ги следиме препораките на Венецијанската и Европската комисија за зајакнување на квалитативните критериуми во оценувањето на судиите, како и основите за разрешување и утврдување на одговорност кај судиите или членовите на Судскиот совет. Независноста и непристрасноста на судството од сите, од политичките партии, од лоби групите, од бизнис интереси, од судскиот менаџмент, од другите институции е клучна за обезбедување на правдата и заштита на човековите права“ - потенцираше Дескоска.

Министерството за правда е партнер на судството во креирање европска правна рамка за независно судство. Но, според министерката Дескоска, во напорот за обезбедување на независноста на судството, клучна улога има Судскиот совет кој мора да биде свесен за својата улога во реформските процеси и треба да игра улога на заштитник на независноста, но и професионалноста на судството.

“Судскиот совет не смее да се однесува како орган кој ги штити лошите практики во судството кои беа критикувани во извештаите на Европската комисија и во извештајот на Прибе, а уште помалку да биде гнездо на незаконско однесување. За да спречиме такво однесување, во Законот за Судски совет се воведува механизам за одговорноста на членовите на Судскиот совет“- истакна Дескоска.

Во насока на заштитата на човековите права, е и менувањето на законската рамка за Јавното обвинителство, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство, кое покажа ефикасност во гонењето за прекршување на човековите права.

“Капацитетите кои се изградени во оваа институција треба да бидат искористени и за евентуална идна борба со корупцијата на „белите јаки“. Се надевам дека од пратениците ќе биде препознаено значењето на претварање на СЈО во траен орган чии капацитети ќе бидат искористени за борба со најголемото зло на човештвото – корупцијата“, потенцираше Дескоска.

Заштита на егстистенцијалните права и зачувување на човечкото достоинство е целта на измените на Законот за извршување и Законот за прекршоци. Во таа насока се и измените на Законот за бесплатна правна помош, со цел давање пристап до правдата и квалитетно правично и фер судење на што е можно поголем број на граѓани. Во владина постапка е и Законот за извршување на санкциите кој треба да обезбеди ефикасен систем на менаџирање на казнено-поправните установи и подобрување на статусот на вработените во нив.

“Цел на правдата секогаш се човековите права. Тие им даваат моќ на индивидуите и наметнуваат основни стандарди за вршење на државните активности. Власта е легитимна додека ги штити човековите права! И таа битка за заштита на човековите права не е битка само на власта, ниту на активистите, политичарите, партиите. Во таа битка мора да сме сите заедно, рамо до рамо. И таа битка мора да ја водиме сите првенствено во средините во кои живееме, а потоа и на глобално. За тоа не треба да сме ниту политичари, ниту активисти за права на жените, за права на ЛГБТ заедницата, за права на маргинализираните групи. Доволно е да бидеме луѓе кои се свесни дека човековите права се наше суштинско обележје и дека гарантирањето еднакви права на другиот не значи намалување на нашите права“- потенцираше Дескоска.

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа работен состанок на Подсекторските групи за новата предлог Програма за директни плаќања во земјоделството 2019 година.

На состанокот присуствуваа 50-тина преставници од земјоделски здруженија, стопански комори, компании од агро-секторот и надлежните институции. Овој состанок се одржува со цел да слушнат предлозите на сите чинители од секторот за земјоделство и ефикасно да се направи план за распределба на субвенции за мерките од земјоделските сектори.

На состанокот од страна на претставниците на МЗШВ беше презентирана новата предлог Програма за следната година, со предлозите и планираните новитети од страната на МЗШВ.

Дел од новините кои се предложени од МЗШВ се однесуваат на издвојување на оризот од досегашаната категорија на растително производство како посебна култура. На овој начин се зголемува субвенцијата за ориз од сегашните 6.000 денари по хектар за безсеменски ориз на 18.000 денари, а за семенски ориз од 12.000 денари на 30.000 денари по хектар за следната 2019 година.

Во секторот градинарство, се воведува критериум за пријавување на збирни култури, односно при аплицирањето земјоделеците ќе ја прикажуваат збирната површина на различните засадени земјоделски култури.

МЗШВ предлага промена на критериумот за приноси кај сончогледот, од сегашните 1.800 на 1.500 килограми, се со цел поголемо производство и искористеност на субвенцијата за површини засеани со сончоглед.

И следната година МЗШВ ќе ја продолжи зголемената финансиска поддршка од 20 отсто кај растителното и 10 отсто кај сточарското производство за развојните категории на земјоделци.

Овие предлози беа позитивно прфатени од Подсекторската група, чии што претстваници дадоа и свои предлози и сугестии кои ќе бидат разгледани од страна на МЗШВ.  

Субвенциите за мерките во предлог  Програмата за директни плаќања во земјоделство за 2019 година, се креирани така да овозможат развој на земјоделството, зголемување на површините и на производството и создавање на производи со поголема додадена вредност. Во следните денови Подсекторската група ќе одржат и посебни работни состаноци на кои ќе ги финализираат своите предлози и ќе ги достават до МЗШВ. Воедно Подсекторската група ќе одржи и работен состанок за предлог Програмата за рурален развој за 2019 година. Откако ќе бидат финализирани предлог Програмите за следната година, истите ќе бидат доставени на усвојување до Владата на Република Македонија.