Корупцијата ги засега сите и доведува до слаби институции, непочитување на човековите права, неправда, организиран криминал, нестабилност, небезбедност, незадоволство, нетрпеливост, гнев, изгубен просперитет, загрозена животна средина.

Министерката за правда, Рената Дескоска денеска се обрати на конференцијата посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“, која се одржа денеска во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, со поддршка на УСАИД. Во прилог го пренесуваме интегрално обраќањето на министерката Дескоска: 

„Темите поврзани со борбата против корупцијата се особено значајни во процесот на реформи кои се одвиваат во Република Македонија.

Пред неколку години, како опозиција, се осмеливме и обелоденивме бројни корупциски скандали кои силно одекнаа и ги охрабрија граѓаните да побараат смена на власта. Бескомпромисната борба против корупцијата беше едно од нашите клучни, ако не и најважно изборно ветување. Оваа борба не завршува со борба против корупцијата од минатото, туку треба да продолжи и со борба против евентуална корупција денес и во иднина – како што им ветивме на граѓаните. Борбата против корупцијата не познава поделби на наши или ваши, туку на чесни и нечесни, на оние кои ќе работат во интерес на граѓаните и владеењето на правото, и оние кои тоа не се. 

Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија и со капацитетни институции. 

Сите реформи коишто ги водиме во Министерството за правда се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата. 

Тоа го правиме преку реформирање на трите столба за борбата против корупцијата: Судството, обвинителството и антикорупциската рамка.

Како што е забележано со „извештајот на Прибе“, во антикорупцискиот систем постојат слабости кои се однесуваат на регулаторни и институционални капацитети на сите нивоа и постојат перцепции за политички именувања и назначувања со цел контрола на независните тела од страна на политичките партии. 

Експертите укажуваат на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува свои надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија. 

За таа цел, работна група формирана од Министерството за правда, изготви нова антикорупциска рамка: Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси, користејќи како основа нацрт текст изработен од страна на експерти во рамки на проект на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). 

По спроведувањето на консултативниот процес, Предлог законот од ноември месец оваа година, утврден од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура.

Во меѓувреме, овој Закон го пративме на експертска евалуација од страна на експерти од Европската унија, и добивме сериозни укажувања дека станува збор за подобрена законска рамка којашто покажува посветеност на Владата во создавање на правни норми коишто ќе дадат можност за создавање на капацитетни институции во борбата против корупцијата. Одредени сугестии коишто се дадени за подобрување на законската рамка во текот на собраниската процедура ќе бидат имплементирани преку амандмани од страна на пратениците.

Со одредби од Предлог законот, се адресираат добиените препораки кои се однесуваат на условите за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на анти-корупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.

Се предлагаат зајакнати услови за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и јасни услови за престанок на мандатот и разрешување на претседателот и членовите на ДКСК. Еден од условите за избор на претседател односно член на ДКСК е лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија. Со тоа ја покажуваме волјата и желбата за целосна департизација на овој орган.

Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат како учесници во интервјуто претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, здруженија на новинари, други здруженија и фондации. Целта е преку еден транспарентен процес да се изврши евалуација на кандидатите коишто се пријавиле да бидат членови и претседател на оваа антикорупциска комисија 

Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и пристап на ДКСК до разни бази на податоци коишто постојат во различни институции со цел самата да може преку вкрстување на тие податоци да ја следи имотната состојба на функционерите и политичките партии и ова е еден од аспектите коишто особено се потенцира како позитивен во извештајот којшто го добивме од страна на европските експерти.

ДКСК, како специјализирана независна институција за превенција на корупцијата, е само една од позначајните специјализирани институции од анти-корупциската институционална рамка во Република Македонија.

Покрај улогата на ДКСК, во рамките на реформите коишто ги водиме земаме предвид дека одредени позитивни исчекори коишто беа направени во изминатиот период од страна на одредени институции треба да бидат зачувани и поддржани и овде најмногу мислам на СЈО, но и добрите искуства од градењето на оваа институција во нејзиното функционирање да бидат пресликани и пренесени во другите јавни обвинителства со цел да создадеме повеќе капацитетни институции во борбата против корупцијата. 

Во тој дел, веќе се објавени Законот за СЈО и Законот за Јавното обвинителство и ирелевантно е дали ќе биде еден или два закони, она што е битно е надлежностите коишто ќе бидат предвидени и трајноста на органот којшто треба да води ефикасна борба против корупцијата.

Од исклучителна важност се воведувањето на стандарди во управувањето, спроведувањето на работните процеси и давањето на услуги за граѓаните, јакнењето на свеста за превенција на корупцијата и судирот на интереси, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.

Во рамките на борбата на корупцијата, можеби не се перцепира како тесно поврзан, но за мене е исто така значаен Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи транспарентноста е еден од клучните предуслови за вистинска борба против корупцијата. 

Во овој Закон, се предлага намалување на исклучоците од слободен пристап до информации и скратување на рокот за одговор по барање за информации, бидејќи некогаш закаснетата информација значи губење драгоцено време за реакција во одредени ситуации. Исто така, ги вклучуваме на политичките партии како иматели на информации  во делот на нивните приходи и расходи и трансформација на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Агенција којашто покрај останатите надлежности ќе има надлежност да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за прекршоците утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Свесни сме дека успешната борба против корупцијата е  формален услов за пристапување во Европската Унија, и во таа насока имаме партнери во Европската унија. Но, она што сме уште повеќе свесни е дека од формалните услови од Европската унија зависат суштински услови за создавање пристоен живот во Република Македонија, за враќање на владеењето на правото и враќање на довербата на граѓаните во институциите, бидејќи граѓаните се оние коишто првенствено ја дале довербата на политичките партии да ги водат институциите и затоа треба да создадеме капацитетни институции во коишто граѓаните ќе веруваат без оглед која политичка партија е на власт“.

Министерството за труд и социјална политика информира дека врши исплата на долунаведените права за месец ноември 2018 година.

Права од социјална заштита:

  • Социјална парична помош
  • Паричен надоместок за помош и нега од друго лице (туѓа нега) 
  • Цивилна инвалиднина 
  • Мобилност и слепило 
  • Постојана парична помош 
  • Еднократна парична помош 
  • Парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа
  • Сместување во згрижувачко семејство
  • Парична помош за студирање 
  • Парична помош за згрижувач
  • Социјално домување
  • Азиланти домување
  • Социјална парична помош  за азиланти
  • Субвенции за електрична енергија

Права од детска заштита:

  • Детски додаток 
  • Еднократна парична помош за новороденче 
  • Родителски додаток за трето дете 
  • Родителски додаток за четврто дете
  • Единствен родителски додаток 
  • Посебен додаток-за месец 12/2018 година. 

Денеска, во Клубот на пратениците се одржа вториот состанок на Секторскиот мониторинг комитет за конкурентност, иновации и земјоделство со кој претседава Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога Национален ИПА координатор; и шефот на одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини.

„Зголемување на конкурентноста, сивата економија, правната стабилност и предвидливоста во приватниот сектор претставуваат клучни предизвици за бизнис секторот и Владата е сериозно посветена во напорите да обезбеди соодветни услови за водење бизнис, особено во рамките на реформскиот процес кој произлегуваа од европската агенда“- истакна Османи, посочувајќи на планираните мерки кои се содржани во новиот реформски План 18, а ќе имаат соодветен импакт во зацврстување на принципот на владеење на правото, борбата против корупцијата, но и борбата против сивата економија, унапредување на ефикасноста на судството итн. Османи додаде дека целиот процес на европски интеграции е во насока да се обезбедат подобри услови за земјоделците, за претприемачите, секако иноваторите и сите сегменти од бизнис секторот.

Во рамки на состанокот со свои презентации учествуваа донаторите, претставниците на ресорните министерства, при што заеднички беше констатирано дека напредокот во ИПАРД е очигледен и тоа преку реализацијата на проектите како и склучените 940 договори со лицата кои успешно аплицирале од првиот повик во вкупен износ од 18 милиони евра.

На состанокот присуствуваа претставници од Делегацијата на ЕУ, донаторите во земјава како Светска Банка, Европската банка за обнова и развој, претставници на четирите стопански комори во РМ како и претставници од ресорните министерства. Целта на овие состаноци е по дискусијата за напредокот на спроведување на програмите, низ дијалог на членовите да се договорат препораки за подобрување на спроведувањето на акциските програми во наредниот период и истите се одржуваат два пати во годината.

На дневен ред на денешната 108-ма владина седница се пакет закони предложени од Министерството за правда. Министрите ќе одлучуваат за Предлог-законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на Законот за судовите, Законот за Судскиот совет, Законот за извршување на санкциите и за Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за прекршоци.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување и дополнување на законот за поштенски услуги.

За седницата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја предлага информацијата за распишување на јавен повик за прибирање на понуди за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари, со предлог-решение.

На редовната 107-ма седница, Владата ја усвои информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование. Најдоцна до 20 февруари 2019-та година, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во Република Македонија, Комисијата за именување на Владата треба да именува по 6 членови во одборот за акредитација и во одборот за евалуација на високото образование. По исто толку членови во двата одбори, до 20-ти овој месец, треба да именува и интеруниверзитетската конференција. Понатаму, Владата ѝ укажува на Интеруниверзитетската конференција да избере по еден член од редот на студентите во Одборот за акредитација и во Одборот за евалуација на високото образование. По еден член во одборите имаат право да именуваат МАНУ и Организацијата на работодавачи на Македонија.

Министрите денеска донесоа одлука за основање на „Јавно претпријатие колекторски систем“. Примарната дејност на јавното претпријатие ќе биде собирање, одведување и прочистување на отпадни води преку канализациони системи со пречистителни станици, односно колекторски системи и нивно испуштање во реципиент, со крајна цел - заштита на Охридското Езеро. Јавното претпријатие исто така, ќе врши и планирање, изградба, реконструкција и рехабилитација на колекторскиот систем. Средствата за основање на „ЈП колекторски систем“ во висина од 5 милиони се обезбедени од сметката на Владата на Република Македонија.

На денешната седница беше прифатена информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за заедничка реализација на проектот за чистење на дворните површини на ОХИС, во Скопје. Успешната имплементација на Проектот има за цел создавањето на Фонд, како систематски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со Европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на Град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град.

Владата, на 107-мата седница го усвои и до Собранието на Република Македонија ќе го достави Предлог-законот за практиканство. Законот ќе овозможи целосно да се искористи потенцијалот на практичната работа, како и голем број на млади невработени лица без практично искуство,  одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови, со што истите ќе станат поконкурентни и полесно потоа ќе се вклучат на пазарот на трудот. Предлог-законот предвидува практикантот за време на практичната работа кај работодавачот да добива месечен надоместок и тоа: од 42% до 74% од минималната нето плата, за практикантска работа до три месеци и во висина на минималната нето плата, за практикантска работа над три месеци.

На денешната владина седница беше усвоена информацијата за Акциски план на Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022-та година. Целта на овој акциски план е да ги дефинира чекорите за успешна имплементација на првата Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија 2018-2022. Оттука, Владата го задолжи министерството за информатичко општество и администрација до крајот на годинава да достави измена и дополна на Одлуката за формирање на Националниот совет за информатичко - компјутерска технологија за проширување на надлежноста, а со цел да ги опфати и надлежностите на Национален совет за сајбер безбедност, како и да донесе Решение за  формирање на работна група во која ќе членуваат претставниците од Работната група која ги подготвуваше стратешките документи од областа на сајбер безбедноста. 

На предлог, исто така, на Министерството за информатичко општество и администрација, министрите ја прифатија информацијата за единствен веб портал за отворени податоци. На него ќе бидат објавувани каталози на отворени податоци на сите министерства и истите ќе бидат достапни секому. Со ова, Владата на Република Македонија дополнително ја зголемува транспарентноста и отчетноста кон граѓаните. 

Со усвојување на Предлог-законите за изменување на законите за банки и за Управата за јавни приходи, се овозможува пристап на УЈП до приливите на граѓаните од страна на банките. Тоа на Управата ќе и овозможи да ги добива потребните податоци за изработка на претпополнетите пријави за данок на личен доход. Со Предлог-законите за изменување на законите за банки и за УЈП, исто така, се гарантира и повисока безбедност на податоците со користење на најнова технологија, односно енкрипција на податоците.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска напиша порака со изрази на длабоко сочувство за смртта на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Џорџ Х.В. Буш, во книгата на жалоста што денеска беше отворена во амбасадата на САД во нашата земја.

Премиерот Заев во книгата на жалоста напиша: 

„Со смртта на поранешниот претседател на САД, Н.Е. г. Џорџ Херберт Вокер Буш, Соединетите Американски Држави загубија човек кој ќе остане запаметен како еден од најголемите претседатели, вистински лидер и пример за тоа како еден политичар треба да им служи на интересите на нацијата. 

Неговото богато државничко, политичко и хумано наследство, коешто тој го остави зад себе, и понатаму ќе продолжи да живее длабоко во срцата на американскиот народ, како и во сеќавањата на идните генерации.

Упатувам изрази на најискрено сочувство до сите членови на неговото семејство, како и до американскиот народ“.

 

Измените на Законот за судови и Законот за Судски совет оваа недела влегуваат во собраниска процедура. Препораките од Венецијанската комисија - имплементирани во законите.

Oва го најави министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска на денешната тркалезна маса на која беше презентирана работната верзија на анализата за проценката на влијанието на регулативата на Законот за судови, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

- Речиси сите препораки на Венецијанската комисија коишто досега се дадени се имплементирани. Дополнителните препораки кои ги добивме од Венецијанската комисија овој месец се имплементирани. Со целосно затворен пакет одиме во Собранието на Република Македонија. Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венецијанската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди - потенцираше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите.

- Венецијанската комисија, уште во 2015 година, има дадено препораки за прецизирање на основите за дисциплинска одговорност со цел да се овозможи независност на судиите, но секако и одговорност за нивно непрофесионално работење, истакна министерката Дескоска.

Клучните измени на Законот за Судскиот совет, е основата за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет за нивното работење. Се поедноставуваат постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, но и разрешување на судиите. Министерката Дескоска очекува и овој закон да биде усогласен со европските стандарди.

Целта на измените на законодавството е да направиме усогласување со европските стандарди, целосно имплементирање на овие стандарди и да ја покажеме политичката волја - истакна Дескоска.

- Овој месец, донесов решение за надзор над работењето на АКМИС системот во 16 судови, кој ќе се спроведува во текот на целата наредна година. Континуираниот надзор е стратешка определба на Владата на Република Македонија, и тоа ќе почнеме да го реализираме наредната година, најави министерката Дескоска.

 

          

Денес во Париз, министерот за надворешни работи Никола Димитров, учествуваше на состанокот на високо ниво на француско-германската иницијатива за борба против недозволена трговија со лесно оружје во земјите од Западен Балкан, на покана од францускиот Министер за надворешни работи до Министрите за надворешни и внатрешни работи на 6-те земји од Западен Балкан. Состанокот беше воден од страна на МНР на Франција, Жан-Ив Ле Дриан и МНР на Германија, Хајко Мас, а на истиот покрај Министри од Регионот учествуваа и Министри од земји членки на ЕУ и други високи претставници на земји донатори и на меѓународни организации.

Во своето обраќање, МНР Димитров најнапред ја потенцираше важноста од соработка и интеграција на Регионот во ЕУ, експлицитно демонстрирано во екот на мигрантската криза во 2015 година. Заблагодарувајќи се за поддршката од партнерите на патот на европската интеграција, тој нагласи: „Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ, туку и сет на вредности и практики на добро управување, владеење на право, борба против корупција, незаивисни и силни институции.”

Притоа во контекст на исполнување на стандардите за членство во ЕУ, Министерот изрази подготвеност за уште потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.

МНР Димитров истакна и дека „Патоказот за изнаоѓање одржливо решение за незаконско поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје”.

Покрај учеството на денешниот состанок, кој претставуваше одлична можност и за размена на мислења и разговори на МНР Димитров со повеќе колеги, во рамки на работната посета на Париз, ќе се обрати и во Фондацијата Роберт Шуман на тема „Европската перспектива на Македонија по Договорот со Грција”.

Исто така, утре, во Собранието на Француската Република, министерот Димитров ќе се сретне со претседателката на Комисијата за надворешни работи и со група пратеници.

 

Јавните дискусии по нацрт амандманите за уставни измени со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена и опфатија широк спектар на засегнати страни.

Во рок од два дена после јавната расправа, Владата на РМ, како овластен предлагач за уставни измени, до Собранието на Република Македонија ќе достави сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандманите, или како амандмани на амандманите.

Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.

„Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“, рече премиерот Заев на една од јавните расправи, и потенцираше дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.

Јавната дискусија започна со дебата во Владата на Република Македонија, и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип, и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа, со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани кои покажаа голем интерес на отворената покана на Владата на РМ.

Освен премиерот Заев, како претставници на Владата на РМ, учество на овие дебати зедоа и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и повеќемина професори, академици и експерти за политички систем и уставни прашања кои беа поканети да го дадат своето стручно мислење за прашањата поврзани со уставните измени.

Во своите настапи за време на јавните дебати, премиерот Заев потенцираше дека и овој процес, од посебен интерес за иднината за нашата земја, се спроведува и организира со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување во духот на Договорот од Преспа.

Низ дискусиите беа презентирани текстовите на усвоените четири нацрт амандмани низ собранискиот процес, а посебно внимание се посвети на конструктивните предлози што дојдоа од пратениците во Собранието на Република Македонија, како и на предлозите од експертите и граѓаните кои дојдоа низ отворената дебата.

За време на расправата беа разгледани предлози и сугестии како што се прашањето дали како уставно решение да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели нашата државност, или пак да бидат собрани во еден уставно-правен израз како конститутивни документи на нашата државност.

Како сугестија која се зеде предвид, беше расправана и опцијата во Уставот да се наведе дека Република Македонија освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.

За време на дебатите беше разговарано дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот, и дека сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.

Во однос на преамбулата на Уставот како исходиште за државноста и нејзините специфики, и како историско политичка традиција врз основа на кои се гради духот на овој највисок државен конститутивен правен и политички акт, се нагласи дека преамбулата на Уставот треба да ги прецизира новите измени и да го одразува духот на новата реалност произлезена со Договорот од Преспа.

За време на расправата преовлада мислењето дека нашата земја не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, дека може да влијае на иднината, со преземање на одговорноста и со донесување одлуки за имплементацијата на Договорот од Преспа.

Учесниците на сите пет дебати, се обединија околу ставот дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор, со оглед на фактот што тој е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права и дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на придобивките.

Некои од експертите во јавната расправа оценија дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации, и осврнувајќи се на важноста Договорот од Преспа дадоа предлог и тој да биде дел од Преамбулата.

„Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување на сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, да го заокружиме процесот и да се посветиме на економскиот, образовниот, правниот развој на нашиот систем“, истакна премиерот Заев на една од дебатите, и истакна дека се наоѓаме пред историска шанса да го заокружиме политичкиот процес кој трае веќе 27 години, бидејќи нашата држава после сите резултати и храбри чекори што ги презеде го заслужува членството во НАТО и започнувањето на процесот на преговори со ЕУ.


Соопштенија:

  1. Прва јавна дискусија
  2. Втора јавна дискусија
  3. Трета јавна дискусија
  4. Четврта јавна дискусија
  5. Петта јавна дискусија

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, учествуваа на 14. Меѓународната конференција „е-Општество“, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

На Конференцијата, со тема „Медиумски писмени граѓани за одговорни институции“, во пет одделни сесии се опфатени приоритетите во областите на слободата на изразување, медиумска писменост, транспарентноста и отчетноста. Беше констатирано дека е потребна координација и соработка со граѓанскиот сектор, бизнисите и академската заедница, со цел подобрување во работата на институциите и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

 

 

Министерот Манчевски во своето обраќање се осврна на посветеноста на Владата преку транспарентноста и отчетноста на институциите да се  доближи нивната работа до граѓаните, истакнувајќи ја посебно улогата на дигитализацијата на услугите, која како што најави, ќе резултира со конкретни проекти во 2019 година.

„Со пуштање на употреба на националниот портал за е-услуги на почетокот на следната година и со можноста секој граѓанин да го активира својот електронски идентитет, долгите, сложени и нетранспарентни процеси за добивање на документи и услуги ќе бидат минато. Секој ќе може од својот електронски уред да ја добие потребната услуга. Дигитализацијата на овие процеси, ќе го намали влијанието на човечкиот фактор, а со тоа ќе се намалат и можностите за корупција“, рече министерот Манчевски и додаде дека дигитализирањето на услугите ќе се врши со водење грижа за приоритетите, согласно потребите на граѓаните и бизнис секторот.

Министерот Манчевски најави и дека Владата, покрај практиката на објавување на најчесто бараните документи, идната година ќе се посвети и на надградба на системот ЕНЕР, со цел да се овозможат онлајн дискусии, а не само коментари како што беше досега, во однос на предложените законски решенија од страна на институциите.

„Пред крајот на овој месец во употреба ќе биде пуштен новиот портал за отворени податоци, кој денеска го презентираме пред колегите министри на седница на Владата“, најави министерот Манчевски, потенцирајќи дека покрај транспарентноста во работењето, се покажува дека и отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој, во насока на подобрување на управувањето и јавното учество во централната и локалната власт.

Говорејќи за медиумската писменост на граѓаните, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски истакна дека таа е силно и двонасочно поврзана со отчетноста на институциите констатирајќи дека со зголемувањето на бројот на медиумски писмени граѓани  се зголемува и бројот на одговорни, отчетни институции.

„Како силни застапници на концептот „Отворена влада“, кој во себе, меѓу другото, ги обединува комуникациите, транспарентноста и отчетноста, постојано имаме предвид да создаваме услови за да бидат исполнети функционално трите идеални улоги на медиумите кои можат да имаат огромно влијание врз доброто владеење, транспарентноста и одговорноста“, подвлече министерот Поповски.

Во оваа насока, министерот Поповски ја оцени улогата на медиумите како набљудувачи и укажувачи, кои го штитат јавниот интерес преку следење на моќните сектори на општеството за откривање на случаи на злоупотреба на власта, криминалот и корупцијата, како и ширењето на лагите и дезинформациите.

Министерот Поповски се задржа и на последните извештаи на меѓународните институции и организации кои констатираат дека Република  Македонија има демократско подобрување и станува држава со најветувачка шанса за демократски прогрес во Европа, како и дека е направен добар прогрес во слободата на изразување и подобрување на климата за работа со медиумите и намалување на притисокот врз нив. Министерот Поповски укажа и на истражувањето на „ACTION SEE“ дека Владата на Македонија е најотворена меѓу владите од регионот.

„Овие признанија за нас се само мотив да продолжиме во таа насока и уште повеќе да ги правиме достапни и транспарентни политиките и практиките на Владата. И тука ја докажуваме поврзаноста помеѓу отчетноста и медиумската писменост - колку властите ги прават информациите повеќе достапни и повеќе разбирливи за граѓаните, толку сме поблиску до објективно информирање и до точно разбирање на вестите кои гравитираат во медиумите, а кои граѓаните ќе ги препознаат како точни и објективни“, подвлече министерот Поповски.

Во првата сесија се обратија и извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари и извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество - Македонија“ Фани Каранфилова Пановска и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Тие се осврнаа на важноста на медиумската писменост, укажувајќи дека постојат многу предизвици во насока на подобрување на знаењата и вештините на граѓаните, за полесно оценување на информациите кои доаѓаат до нив од различни страни. Говорниците се согласија дека е потребно поддржување на проекти и заедничка платформа во насока на полесно справување со манипулациите и лажните вести од страна на граѓаните и следствено зголемување на нивната доверба во институциите кои ги почитуваат принципите на транспарентност и отчетност.