Денеска во Министерството за внатрешни работи амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли на министерот Оливер Спасовски му ја предаде донацијата на опрема и возила за Одделот за гранични работи и миграции и Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа при одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Опремата и возилата со вредност од околу 500.000 долари се обезбедени од Владата на САД преку програмата за контрола на извозот и граничната безбедност при амбасадата на САД во Република Македонија. 

 

 

- И денеска, како и многу пати претходно, имаме чест да ве информираме за уште една важна и вредна донација од нашите пријатели - Соединетите Американски Држави, а наменета за Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.  Овој пат, македонската полиција добива донација во технички средства, што веднаш ќе бидат ставени во функција во соодветните организациони единици на МВР, а дел од нив како двете комби возила односно мобилни системи за откривање радиоактивен материјал ќе можат да ги користат и други надлежни институции во државата, како што е Царинската управа на Република Македонија - рече Спасовски. 

Министерот Спасовски потенцираше дека од почетокот на воспоставувањето на граничната полиција во рамки на МВР од 2004 година наваму, односно на концептот на интегрирано  гранично управување, владата на САД преку оваа програма е најсилниот партнер и поддржувач на реалното организационо, професионално и техничко етаблирање на граничната полиција.

- Овде не се работи само за речиси стотината донации во разновидна техничка помош, туку и за стручната, професионална и техничка едукација и обука на полициските службеници во рамки на граничната полиција. Оттаму, сакам во оваа прилика уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да им се заблагодарам на нашите докажани пријатели- владата на САД и амбасадата на САД во Република Македонија за нивното конзистентно и цврсто партнерство во реформирањето и развојот на македонската полиција како еден од клучните сегменти во унапредувањето на националната, но и регионалната и глобална безбедност- рече Спасовски. 

 

 

Амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли рече дека програмата за контрола на извоз и гранична безбедност и Министерството за енергетика на САД ја даваат оваа донација за да ги подобрат капацитетите на Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Дирекцијата за радијациона безбедност за да спроведуваат професионални операции за гранична контрола и внатрешната безбедност.

- Програмата EXBS ѝ помага на Македонија веќе 17 години и има обезбедено повеќе од девет милиони долари помош преку донирање на опрема и обуки. Оваа донација денес е само уште еден пример за силата на партнерството на САД, преку Програмата и Министерството за енергетика, со Владата на Македонија. Би сакал да упатам пофалби на Граничната полиција, Царинската управа и Дирекцијата за радијациона безбедност за нивните заложби за заштита на македонската граница и внатрешната безбедност. Ви посакувам голем успех во идната работа во ова поле и се радувам на нашето постојано партнерство - рече амбасадорот Бејли. 

Донацијата е во вредност од околу 500.000 долари, а се состои од две специјални комбиња со мобилна опрема за откривање на радијација, патролен чамец кој ќе се користи за надзор на Охридското езеро, како и уред за вештачење мобилни електронски уреди.  

Денес во Министерството за надворешни работи беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и Инфо центарот за евроатлантски интеграции. Со овој документ ќе се воспостави меѓусебна соработка во интерес на промоција на евроатлантските интеграции која што ќе обезбеди простор за активен дијалог и дебата, како и организирање на промотивни настани и други активности.

Министерството за надворешни работи и Инфо центарот за евроатлантски интеграции ќе соработуваат на полето на информирање, промоција,едукација, обука, давање на помош при изработка на одредени проекти, анализи, предлози, како и други форми на размена на знаење и искуство во насока на истражување и развој од заеднички интерес.

Исто така, преку склучувањето на овој Меморандум ќе се иницира соработка со други институции и претставништва во земјата и од странство, како и релевантни невладини организации, во давање поддршка за организирање настани, иницирање проекти, обезбедување стручни консултации, размена на искуства, но и спроведување на обуки за стручни доусовршувања од делокругот на евроатлантските политики, интеграциските процеси и соработка со посебен акцент на зачленувањето на Република Македонија во НАТО.

Меморандумот за соработка го потпишаа министерот за надворешни работи Никола Димитров и Дарко Алексов, извршниот директор на Граѓанската Асоцијација МОСТ која што го имплементира проектот Инфо центар за евроатлантски интеграции.

Редовна прес-конференција на портпаролите на Владата на Република Македонија, Бошњаковски и Хоџа по завршувањето на 107-мата и 108-мата седница.

Неговата Светост Папата Франциск, прифаќајќи ја поканата на највисоките Власти на Државата и на Католичката Црква, ќе оствари Апостолско патување во Република Македонија, на 7 мај 2019 година, при што ќе го посети градот Скопје - родниот град на света Мајка Тереза.

Програмата на посетата ќе биде објавена благовремено.

Претходно Папата Франциск ќе оствари Апостолско патување во Бугарија од 5 до 7 мај, каде ќе ги посети градовите Софија и Раковски.

Владата на Република Македонија, на денешната 108-ма седница, го усвои финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија и истиот го достави до Собранието на Република Македонија. Амандманите се составен дел на Уставот и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г., и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија. 

Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на Амандманот 36 којшто сега гласи:

  • Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ; 
  • Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;
  • Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината; 
  • Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, како и образложението за истите се достапни на следниот линк: vlada.mk/mkgrdogovor.


На денешната седница Владата, исто така усвои и пакет закони предложени од Министерството за правда.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик опфаќаат ревидирање на одредбите во неколку области, односно криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете жртва. Законот предвидува и воведување на ново кривично дело „Попречување на правдата“. 

Усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, којшто е со Европско знаме, произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Измените на законот се во насока на зголемување на независноста, но и подобрување на квалитетот на судството. Истиот предвидува нови, заострени критериуми за избор на судија и редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите. 
 
Основната цел на Предлог-законот за Судски совет, којшто беше усвоен на денешната 108-ма владина седница, е внесување на мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот, на секои две години. Предлог-законот е во согласност со препораките на Венецијанска комисија и на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО), а со него се создава основа за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет. Новиот предлог-закон предвидува и потранспарентна постапка за избор на членовите на Судскиот совет и судиите, а покрај министерот, право на глас во Судскиот совет ќе нема ниту претседателот на Врховниот суд.
 
Министрите денеска го прифатија и Предлог-законот за извршување на санкции. Тој обезбедува остварување на две основни цели: прво, да ја спречи државата и нејзините органи во своето функционирање да применуваат непотребна, претерана, преостра и нецелесообразна присила спрема правните субјекти. И второ, тогаш кога се применува присилба, тоа да се чини од страна на надлежни органи во постапка пропишана со закон. 

Последниот од пакетот предлог-закони усвоени на денешната владина седница е Предлог-законот за прекршоци. Неговата главна цел е намалување на ригорозните казни за граѓаните и за фирмите. За физичките лица, глобите ќе бидат помали за 75%, додека за малите фирми казните ќе се намалат за два и пол пати. Казните ќе бидат сразмерни и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на фирмите и нема да го отежнуваат животот на граѓаните. Исто така, предлог-законот предвидува и опомена заради превенција. 

На 108-мата седница беше усвоена и Информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување на Законот за поштенските услуги, како и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за поштенските услуги

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска прими делегација на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од командантот на оваа формација на алијансата, адмирал Џејмс Фого, кои беа придружувани и од делегација на Канцеларијата на НАТО во нашата земја.

Премиерот Заев на средбата истакна дека посетата на делегацијата на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од Командантот, адмирал Фого, е уште едно значајно признание и охрабрување за нашата земја во еден исклучително значаен период, кога процесот за уставните измени влегува во завршница и кога успешниот епилог на процесот ќе ја активира постапката за потпишување на Протоколот за пристапување на Република Македонија во членство во алијансата.

За време на средбата Претседателот на Владата на РМ Заев го информираше адмирал Фого и членовите на делегацијата на НАТО за актуелните реформски процеси во земјата како неопходни за прилагодување кон стандардите на ЕУ и особено на НАТО, особено во изминатата година.

Премиерот Заев истакна дека граѓаните на нашата земја, како знак на поддршка ги прифатија двете посети на Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и посетата на Командантот на Врховната команда на НАТО и Командант на американските сили во Европа, генералот Куртис Скапароти, како посети на највисоките политички и воени претставници на НАТО.

„Тоа за нас е мотивација да продолжиме со целосна посветеност на нашите реформи, како и на нашето учество во мисиите на НАТО, кои, истовремено се драгоцено искуство за нашата земја и за нашата армија уште во оваа фаза до полноправното членство во сојузот“, рече Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

Премиерот Заев потоа зборуваше и за силниот поттик што овој процес го прави на економијата и на вкупниот општествен развој на земјата од фактот што најавената успешна завршница на аспирациите за членство во НАТО, создаде доверба дека земјата обезбедува мир и безбедност, како основна претпоставка за сигурност и за просперитет за граѓаните на Република Македонија.

Адмиралот Фого, од своја страна и во име на НАТО, изрази силна поддршка за постигнатото и оддаде искрено признание за капацитетите и за мотивацијата на припадниците на АРМ во мисиите на НАТО, и изрази уверување дека припадниците на македонската армија, учесници во овие мисии, ќе се вратат побогати со искуство кое потоа ќе можат да им го пренесат и на своите колеги во армијата.

Адмирал Фого ја поздрави и одлуката на Владата на РМ и на Министерството за одбрана полигонот Криволак да биде ставен на користење за потребите на НАТО и ги нагласи цивилните и економски  придобивки што земјите членки и сојузници на алијансата ги стекнуваат од меѓусебната соработка.

Командантот на Јужното крило за здружените сили на НАТО, адмирал Џејмс Фого, ја истакна и улогата што Република Македонија ја има во регионот во еден чувствителен период, особено со позитивниот пример за решавање на меѓусоседски прашања како што беше прашањето за името со Република Грција, и додаде дека со членството на нашата земја во НАТО, алијансата добива уште еден партнер во мисијата за одржување на рамнотежата и мирот во светот.     

Комисијата за спроведување на постапката за избор на Универзален снабдувач, со која претседава академикот, проф. д-р Глигор Каневче, денес по истекот на рокот за поднесување на апликации на јавниот повик, веднаш по 15:00 часот, изврши јавно отворање на доставените понуди во согласност со тендерската документација.

Комисијата констатираше дека има доставено две понуди, првата од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување и втора понуда од ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, при што е утврдено дека двете понуди се доставени во согласност со тендерската документација и го исполнија првичниот услов да бидат отворени. 

 

 

Во согласност со тендерската документација беа прочитани следните елементи на понудите, понудена бруто маржа и доставена банкарска гаранција. По отворањето на двете понуди Претседателот на Комисијата констатираше дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција, додека понудената бруто маржа наведена во понуда доставена од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,4%, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9%.  

Претседателот на Комисијата објасни дека сега следува фаза  на евалуација на понудите, односно проценка на нивната економска-финансиска способност, како и на техничката способност во согласност со критериумите наведени во тендерската документација. По завршување на евалуацијата, процес кој максимално може да трае до 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.

Комисијата изјави дека посветено ќе се работи пред крајниот рок да биде завршена евалуацијата и да се заокружи процесот на избор на универзален снабдувач.

Овластените претставници на компаниите кои аплицирале на јавниот повик немаа забелешки на постапката.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на промоција на Бела Книга 2018 во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Публикацијата Бела книга 2018 претставува концепт на приоритети на економските политики од перспектива на странските инвеститори кој нуди и предлози за олеснување на работењето во специфични области со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странски капитал во земјата.

На заедничката панел дискусија, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на Советот на странски инвеститори и претседател на УО на ЕВН Македонија, Штефан Петер и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески дискутираа за актуелни економски теми и за предизвиците со кои се соочува македонската економија.

 

 

Премиерот Заев одговараше на прашања кои се однесуваа на остварените економски резултати во 2018 и очекувањата во 2019, на проблемот со недостаток на квалификувана работна сила, за структурните реформи во образовниот систем и пазарот на труд како и на прашања поврзани со важната улога на регионалната соработка во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

„Сите индикатори покажуваат дека има огромна перспектива и надеж за економскиот раст и развој. Секако тоа е возможно со развој на бизнис секторот, на приватните иницијативи и тука ги темелиме сите наши надежи. Третиот квартал завршува со пораст на извозот од 16.4%, индустриското производство расте за 5.2%, а финалната потрошувачка за 5% како резултат на порастот на платите. Сите овие параметри се одличен индикатор дека сме на добар пат“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека при креирањето на политиките и носењето на легислативата и законите треба да се земаат во обзир барањата на бизнис на заедницата и во тој правец го посочи носењето на новиот закон за прекршоци.

„Правиме едно правично поставување на казните и ја воведуваме опомената пред казната. Стопанството нѐ учеше дека треба инспекторите да работат со компаниите. Многу често грешките не се намерни и мора да укажуваме на нив со одреден рок на коригирање за санкциите да не бидат за полнење на буџетот. Тоа не го сакаме. Нашата алатка е да поттикнуваме да расте профитабилноста на компаниите, а со тоа ќе растат и приходите во буџетот“, истакна премиерот Заев и додаде дека важен елемент е борбата со сивата економија за што бележиме добри резултати со пораст на приходите од даноци и социјални придонеси од 15 до 24% пораст во октомври 2018 во споредба со октомври 2017.

На дискусијата по повод промоција на публикацијата Бела Книга 2018 посебно внимание се посвети на структурните реформи во образованието и пазарот на трудот кои треба да го решат проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила на кој посочува бизнис заедницата и странските инвеститори во Република Македонија.

„Фокусот мора да биде и во средното и во високото образование. Вчера го донесовме Законот за практиканство во Владата на Република Македонија и го пуштивме. Алатка повеќе со која ќе овозможиме директно студентите да имаат своја практична едукација додека студираат да можат да работат и заработуваат и да бидат подготвени за пазарот на трудот. Кромберг и Шуберт, Дрекселмаер и ЕВН веќе прават метчинг програми. Тоа е малку и треба уште повеќе да работиме во тој правец за да може да ги подготвиме младите со практично искуство“, нагласи премиерот Заев.

Осврнувајќи се на отворените перспективи за развој на економијата премиерот Заев рече дека нашите тридецениски аспирации за членство во ЕУ и НАТО полека се заокружуваат и изрази очекување дека Парламентот ќе ја заврши својата задача со што ќе се испрати сериозна охрабрувачка порака за странските и домашните инвеститори за членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО што ќе обезбеди траен мир, стабилност, сигурност и безбедност како важен предуслов за нови инвестиции и развој на економијата.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал - мајор Васко Ѓурчиновски денеска имаа средби со командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, кој е во посета на Република Македонија.

Шекеринска ја потенцираше долгогодишната соработка помеѓу МО и АРМ и Здружената команда на сојузничките сили во Неапол која придонесе Македонија да биде подготвена да стане 30-та земја членка на НАТО.

„Убедени сме дека на почетокот на 2019 година, Македонија ќе биде на масата заедно со сите сојузници, земји-членки во сојузот, а веднаш потоа со успешно ратификуван процес ќе бидеме и 30. членка на НАТО алијансата“, рече Шекеринска и изрази благодарност за посветеноста на Здружената команда во Неапол и НАТО - Канцеларијата за врски во Скопје во поддршка на реформите и развојот на Армијата.

„Како на одговорна команда за силите на НАТО за Косово, КФОР, можам да порачам дека Македонија со истата посветеност како и досега ќе продолжи да ја дава сета поддршка. Како и на нашиот состанок, и тука ќе ја потврдам нашата подготвеност да започнеме и со оперативна поддршка на силите на КФОР со штабни офицери од АРМ. Тоа го гледаме како шанса за придонес кон НАТО и како шанса да ја збогатиме нашата регионална соработка“, рече министерката Шекеринска по средбата. Додаде дека Македонија го продолжува и го засилува, своето присуство и учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, бидејќи цврсто веруваме во вредностите на Алијансата, а тоа е дека мирот, стабилноста и безбедноста во светот, влијаат позитивно на секоја земја, на Македонија, на Европа.

Командантот на Здружената команда во Неапол истакна дека НАТО го цени исклучителниот напредок кој државата го направи во изминатиот период и рече дека е дојдено времето Македонија да стане земја - членка на Алијансата. Адмиралот Фого додаде дека членките на НАТО се посветени на колективната одбрана и безбедност која ќе ја унапреди стабилноста на Македонија. Истакна дека НАТО - Канцеларијата за врски, исто како и Командата во Неапол ќе продолжат да ја поддржуваат земјата и армијата во реформските зафати во одбранбениот сектор.

Репутацијата на вашите сили навистина е на завидно ниво и секогаш е добро да бидете од нашите операции и мисии, рече адмиралот за припадниците на Армијата на Република Македонија. Се заблагодари за професионалниот придонес на силите на АРМ во Авганистан и изрази задоволство што Македонија размислува да го зголеми придонесот во оваа земја.

Министерката Шекеринска, осврнувајќи се на резултатите во демократските и одбранбените реформи истакна дека Македонија и граѓаните иако беа ставени пред сериозни предизвици, покажаа дека сакаат да живеат во демократска, слободна, стабилна и просперитетна земја.

„Македонија беше наречена единствениот зрак надеж во Европа во текот на оваа година, бидејќи со храброст и со одлучност решивме да се справуваме со проблемите...Со мудри и храбри одлуки продолжуваме на патот кон НАТО, кој сега повеќе од било кога е близу до својата завршница“, рече Шекеринска. Додаде дека оваа година поканата на НАТО самитот, започнатите и успешно завршените пристапни разговори покажаа дека Македонија знае, може и дека е решена да ги исполни своите стратешки цели.

Шекеринска рече дека Македонија покажа мудрост и во одбранбените реформи - го зголемивме одбранбениот буџет во 2018 година, а тоа го правиме и во 2019 година, успешно го завршивме Стратешкиот одбранбен преглед и веќе почнавме со негова имплементација.

За време на средбата на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски со адмиралот Џејмс Фого беше потврденa досегашната соработка со Командата на здружени сили на НАТО во Неапол, при што се разговараше за учеството и професионалноста на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан, како за користење на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.

Министерството за труд и социјална политика повторно започна активности за заштита и сместување на бездомните лица кои се наоѓаат во импровизирани живеалишта под Кале, а од кои голем број се деца. Во зимскиот период надворешната температура е ниска и има опасност по животот и здравјето на овие лица. За обезбедување засолниште покрај капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје, се користат и постоечките капацитети на установите за социјална заштита кои во моментов се неискористени.

Во рамки на овие активности, во текот на месец ноември направено е мапирање на локацијата наречена под Кале каде се групирани најголем дел вакви семејства и истите се сместени во објекти на установа за социјална заштита. Во моментов таму се згрижени 85 лица, од кои 49 се деца.

Вакви активности беа преземени и во текот на зимата 2017/2018, кога околу 120 лица без сместени во објекти на установа за социјална заштита, со тоа што истите беа вклучени во пилот Програма за поддржано живеење. Целта на оваа програма, која нуди голем дел активности, е да го олесни процесот на социјална инклузија. Вкупно 15 семејства кои учествуваа во пилот програмата се преселија во времен престој во населбата во Визбегово.

Дополнително центрите за социјална работа и Црвениот крст имаат дежурни тимови во текот на зимскиот период, кои ги згрижуваат бездомниците во пунктот во Момин поток - Скопје или во некој од регионалните пунктови за сместување на бездомни лица, кои што беа отворени во Струга, Битола и Струмица. Во рамки на досегашните активности згрижени се 9 лица, од кои 8 деца во Струмица, а во Скопје има една дојава, но лицето одбива сместување.

Доколку забележат лице бездомник граѓаните можат да пријават на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733.