Заменик-претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменик-претседателот во Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска одржаа прес-конференција, веднаш откако на денешната седница на Владата помина точката Информација за извршување на Договорот од Преспа.

 

Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од преспанскиот договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.

Ова е новата реалност во нашата земја што дојде како вистински акт на патриотизам и во Скопје и во Атина, и со кој пратениците во двата парламента, како и огромното мнозинство од народите во двете земји промовираа политика на 21 век, рече на прес конференцијата Заменик претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

„До пред година и пол, секој пат кога ќе се спомнеше нашата држава, асоцијацијата во Брисел и во сите европски престолнини беше, хаос, криминал, замолчени медиуми, заробена држава, политички дури и физички пресметки помеѓу политички неистомисленици. Денеска асоцијацијата е сосема променета. Денеска асоцијацијата што се случи во изминатиов период е нова перспектива, постабилна и побезбедна држава, постабилен Балкан, слободни и критични медиуми, слободна критичка мисла, сигурни инвестиции и во правна и безбедносна смисла, нова 30-та членка на НАТО, земја која ќе ги почне преговорите со Европската унија”, истакна министерката Шекеринска.

Бујар Османи, заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, во оваа насока ги пренесе пораките од неговите средби со европските дипломати и лидери на земјите членки на ЕУ и нагласи дека на Договорот од Преспа гледа како на дипломатско чудо, кое не само што ги отвора нашите европски перспективи, не само што има влијание врз целиот регион, туку за нив Македонија во моментов претставува и една од најважните европски приказни, вистински репрезент на трансформативната моќ на европската идеја.

„Секаде добиваме конфирмација дека Македонија, по 15 години кандидатски статус, оваа година треба да ги започне преговорите. Ние продолжуваме и понатаму со истото темпо да ја претставуваме нашата приказна, европската приказна за Македонија. Ќе обезбедиме брза ратификација на протоколот за НАТО, но и цврста поддршка за клучната одлука во јуни - потврда на одлуката на Советот на ЕУ со што Македонија ќе ги почне преговорите оваа година“, потенцираше заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Од држава во која МВР беше претворено во партиски штаб и центар за прислушување, станавме држава која е во процес на сериозни реформи на безбедносните служби и во која веќе нема нелегално прислушување, рече во своето обраќање пред новинарите заменик-претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и истакна дека Владата останува максимално посветена на реформите во сите области што како приоритет ни претстојат до извештајот за напредокот на нашата земја во април оваа година.

„Ја комплетиравме и законската рамка за воведување на ефикасна надворешна контрола врз работата на полицијата. Во подготовки сме и за спроведување на процесот на т.н. ветинг во МВР со што од Министерството ќе си заминат оние на кои не им е местото таму. Приоритет е борбата против корупцијата и оневозможување на било какво кршење на човековите права. Сите граѓани се еднакви пред законот! Донесовме нов закон за антикорупција. Зајакнати се критериумите за избор и именување на претседател и членови. Зајакнати се надлежностите, но и капацитетите на Комисијата“, нагласи министерот Спасовски.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров пред медиумските претставници на прес конференцијата истакна дека лидерите на двете земји, на Република Грција и на Република Македонија, како и пратениците и народите што го поддржаа договорот поместија планина и заедно покажаа дека можеме да создадеме и иднина, учејќи од историјата.

„Отвораме едно ново, евроатлантско поглавје и ја поставуваме последната цигла во куќата што почнавме одамна да ја градиме. Најдовме заеднички јазик со нашите соседи од Грција, како два вистински европски соседи. Убедени сме дека со мудра политика и добра волја и најострите противници од двете страни за некоја година ќе се прашуваат зошто толку време ни требаше да го решиме проблемот“, рече министерот Димитров и накратко ги објасни основните контури на обврските што се утврдени во Информација за извршување на Договорот од Преспа, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име, Република Северна Македонија, согласно амандманите.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претставници на независна група на сметководители, кои му ги изложија своите сугестии кои сметаат дека треба да се внесат во новото законско решение кое ја регулира оваа сфера.

Премиерот Заев, кој беше придружуван од претставник на Министерството за финансии ги ислуша барањата на групата сметководители, истакнувајќи дека Владата со сериозност пристапува кон изготвувањето на новиот Предлог-закон за вршење на сметководствени работи и додаде дека   ресорното Министерство ќе ги разгледа можностите за надминување на забелешките кои беа изнесени од неколку сметководители.

Денеска започна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пениски столб. Со првата уплата се опфатени 4.926 осигуреници и истата треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет. Согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.

Обештетувањето на осигурениците и сите други мерки предвидени со пензиската реформа беа тема на работниот состанок на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.

„Засега реформата тече според предвидената динамика, без никакви потешкотии при спроведувањето. Во измината година докажавме дека пензиите растат и тоа ќе биде случај и оваа година. Пензионерите може да бидат апсолутно спокојни. Реформата која ја правиме е избалансирана, до неа дојдовме преку темелни анализи грижејќи се да не оштетиме никого. Со неа го намалуваме дефицитот во ПИОМ за две милијарди годишно, но без радикални мерки како замрзување на пензии или покачување на старосната граница“, изјави министерката Царовска по состанокот.

Министерството за труд и социјална политика вчера до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за скандалот со неуплатените придонеси. Со кривичната пријава е поднесена и документација од темелната анализа на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите.

Претседателот на владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими во посета директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, кој, заедно со амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, и со други претставници на мисијата во Скопје, учествуваа на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија.

По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и господинот Даниелсон се одржа и заедничкиот состанок со Заменик претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со министерката за правда, Рената Дескоска, со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како членови на Владата на РМ најнепосредно задолжени за областите во кои се спроведуваат реформите кои Европската Комисија ги посочи како приоритети за нашата земја во актуелниот извештаен период за напредокот на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес.

Денешниот состанок го отвори Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој во своето обраќање, меѓу другото, истакна дека за нашата земја, поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на нашите соседи и многу други лидери, беше клучна за цврсто да зачекориме напред и да се врати Република Македонија на патот кон Европската Унија и НАТО, како и за стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата земја.

 

 

За Република Македонија, 2018 година беше година од историско значење, за конечно решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со Договорот од Преспа, и со ратификацијата во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ.

Паралелно со овој процес, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.

„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ, Заев потоа информираше дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.

„Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои беа долго замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до Регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати - ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува“, рече во своето воведно обраќање на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија и на кој присуствуваше директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон.

Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, потенцираше дека спроведувањето на реформските пакети се остварува со предвидената динамика и ги следи препораките на Европската Комисија, и го нагласи фактот дека надминувањето на политиките пречки за исполнување на реформите во голема мерка учествува и во кохезијата на македонското општество заради сознанието дека реформите ја приближуваат земјата кон неподелената стратешка определба на граѓаните за евро-атлантските интеграции.

Заменик претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето обраќање на состанокот говореше на реформскиот пакет кој се однесува на безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата, и нагласи тој ќе биде затворен до крајот на извештајниот период на Европската Комисија, односно до крајот на април, вклучувајќи го и формирањето на Советот за граѓански надзор за работата на безбедносните служби.

Рената Дескоска, како министерка за правда на состанокот со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, информираше детално за системот закони од правосудството, за Законот за борба против корупцијата и спречување на конфликтот на интереси, како и изборниот законик и останатите закони. Таа нагласи дека сите овие закони се донесени или се финализираат во целосна и сеопфатна соработка со стручните тела на Европската Комисија и меѓународните организации од оваа сфера. Министерката за правда, Дескоска потенцираше дека Владата на РМ е максимално посветена на тоа овие закони да бидат усвоени со политички консензус и во соработка со опозицијата како клучни закони за враќање на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски ги презентираше најновите информации за спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кој опфаќа повеќе законски решенија за професионална, департизирана и кон граѓаните ориентирана државна администрација. Во неговото обраќање посебно место имаа и реформските процеси за дигитализација на општеството како предуслов за едноставни и модерни услуги за граѓаните, како и прашањата за сајбер безбедност и за имплементација на најновите методологии за образование за информатички вештини на учениците.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров нагласи дека во надворешната политика нашата земја останува на веќе утврдените приоритети за евро-атлантските интеграции, за добрососедска политика и за зацврстување на стратешкото пријателство со земјите партнери од НАТО и ЕУ, како и со сите останати земји со нашата земја има воспоставено принципиелни пријателски односи. Тој подвлече дека очекува Република Македонија, со поддршка на ЕУ, са извојува уште една историска победа за себе и за ЕУ, и да ги отпочне преговорите со Европската Комисија во јуни оваа година.

Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, на состанокот со Претседателот на Владата на РМ, Заев и со надлежните министри на ресорите од приоритетно значење за реформи до извештајниот период на ЕК во април, истакна дека во име Европската Комисија уште еднаш ги пренесува честитките за историскиот договор со Грција, и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година, отворањето на поглавјата да започне во јуни оваа година.

Господинот Даниелсон истакна дека напредокот и посветеноста на Владата на РМ се видливи, и дека Европската Комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.

Претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Сума Чакрабарти упати писмо со честитки до двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас за ратификацијата на Договорот од Преспа во парламентите на двете земји оценувајќи го влегувањето во сила на овој важен договор со преостанатите процедури како важен влог во стабилноста и економските перспективи на двете земји, во регионот и југоисточна Европа.

„Се восхитувам на вашата храброст, политичка храброст, лидерство и одлучност и аплаудирам на вашите особини на вистински државници“, пишува во писмото од претседателот на ЕБРД, Чакрабарти.

Понатаму во писмото испратено до двајцата премиери се наведува дека Договорот од Преспа треба да ја зголеми довербата на инвеститорите и да ги отвори можностите за нови прекугранични проекти и регионална интеграција.

„Дозволете ми уште еднаш да ја реафирмирам силната посветеност на ЕБРД во поддршка на економиите на вашите земји и да ја изразам нашата подготвеност да ја интензивираме воспоставената соработка во интерес на соседните земјите и поширокиот регион“, стои во писмото испратено од претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти до премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На својата редовна 117-та седница Владата на Република Македонија, меѓу другото, ќе донесе одлука во врска со Програма за работа и Финансиски план на Агенција за енергетика на Република Македонија за 2019 година.

На предлог на Агенција за млади и спорт, на оваа седница ќе биде разгледана и Предлог-програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2019 година, како и Информацијата за можноста за обезбедување на техничка помош од Владата на СР Германија за проценка и утврдување на потребите за реконструкција на студентските домови во Република Македонија, која на оваа седница на Владата ќе ја презентира Министерството за финансии.

На денешната седница на владата ќе биде разгледана и Информација во врска со измена на Законот за трговските друштва заради доусогласување со најновото законодавство на Европската унија за прекугранично спојување со друштвата со ограничена одговорност согласно Препораката од Извештајот на Европската Комисија за Напредокот на Република Македонија од 2018 година.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на РМ ќе се произнесе и по Информацијата за проект за „Изработка на проектна документација за велосипедски патеки во одбрани градови во Македонија“.

Министерството за внатрешни работи на оваа седница предлага Владата на РМ да поведе постапка за водење преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Сојузна Република Германија и Македонската Влада за соработка во борбата против криминалот.

На денешната седница, владата ќе ги разгледа Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за трансплантација во Република Македонија за 2019 година, како и Информацијата за започнување постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба на катни-монтажни гаражи во комплекс Клиники Мајка Тереза Скопје.

На предлог на Министерството за образование и наука, на оваа седница ќе биде презентирана и Информација со Меморандум за разбирање помеѓу Британскиот совет и Министерството за образование и наука на Република Македонија (за Програмата „Училишта на 21 век во Западен Балкан“), како и Информацијата за прогресот и реализацијата на проектот - Подобрување на квалитетот на податоците во системите на државните институции на предлог на Министерство за информатичко општество и администрација.

Канцеларија на претседателот на Владата на Република Македонија за оваа седница ја предлага точката Информација со Годишен извештај за работата на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост за 2018 година.

Денешната, 117-та седница на Владата на РМ, на која ќе се најдат и повеќе други точки од Програмата за работа за 2019 година и од интерес на граѓаните, се очекува да започне во 12:00 часот.

Нови нископодни еко-автобуси на гас ќе сообраќаат по главниот град. Со 10 милиони евра обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и 1,8 милиони евра од сопствени средства на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) ќе се набават до 35 автобуси. Автобусите ќе бидат вклучени во јавниот превоз најдоцна до почетокот на идната година.

Денес во Министерството за финансии беше потпишан договорот за заем меѓу ЕБОР и ЈСП, како и општинска и државна гаранција за договорот. Договорите ги потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски, заменик директорот на ЕБОР за општинска и еколошка инфраструктура Лин О’Грејди, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈСП Кристијан Чушков.

Заемот е доделен под исклучително поволни услови - каматна стапка од ЕУРИБОР плус 1%, рок на отплата од 10 години со 3 години грејс период.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека оваа инвестиција јасно ги отсликува определбите на Владата да вложува во проекти кои овозможуваат реални бенефити за граѓаните, но и доброобмислени проекти.

„Кога велам реални, мислам на проекти кои имаат реално влијание на економијата и подобрувањето на условите за живот на граѓаните. Нископодните автобуси на гас имаат значително помали емисии на јаглерод диоксид во однос на дизел-автобусите. Ова ќе придонесе во решавањето на проблемот со загадувањето. Под доброобмислени проекти подразбирам проекти кои ќе задоволуваат повеќе критериуми на подолг рок. На пример, новите автобуси ќе сообраќаат на поевтин енергенс во однос на двокатните. Исто така, ќе има заштеди и во однос на одржувањето“, рече Тевдовски.

Заменик директорот на ЕБОР О’Грејди рече дека покрај заемот, ќе биде доделен и грант средства за имплементација на проектот.

„Проектот ќе биде поддржан со 1,1 милион евра за техничка поддршка со кој ќе се финансира изработка на мерки за подобрување на оперативното и финансиското работење на ЈСП“, рече О’Грејди и дополни дека со овие мерки ќе се поддржи изработка на план за еколошки град, како и стратегија за реорганизација на автобусите.

Градоначалникот на Град Скопје Шилегов рече дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја донеле по спроведените тест возења на 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Како што посочи, резултатите од овие тест возења покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.

„Обезбедувањето на одржлива урбана мобилност во градот, која целосно ќе излезе во пресрет на потребите на нашите сограѓани останува приоритет на кој планираме да останеме посветени и во иднина. Во таа насока работиме на подобрување на условите кои ги нуди ЈСП како сервис на граѓаните, а како резултат на тоа очекуваме зголемување на бројот на патници кои ќе го користат јавниот автобуски превоз. Тоа секако ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и што е најважно, ќе даде сериозен импакт во намалувањето на повеќе деценискиот проблем со аерозагадувањето“, рече Шилегов.

Директорот на ЈСП Чушков рече дека новите автобуси ќе им овозможат побрз и пофункционален јавен превоз на граѓаните.

„На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фрекфенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси“, рече Чушков.

Користењето на возилата на гас, во голема мера ќе го намали и загадувањето на воздухот, бидејќи тие емитуваат значително помалку CO2, а речиси и да не емитуваат PM10 и PM25 честички, рече директорот на ЈСП.

 

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска на прес-конференција во Владата на Република Македонија, ги соопшти резултатите од реализацијата на средствата од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.

 

Презентација

 

Од вкупно 13 пристигнати барања, одобрени се 11, информираше министерот Поповски. На овие 11 новинско-издавачки компании, им се распределени, согласно критериумите 42 милиони, 568 илјади и 620 денари, од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во Буџетот за 2018 година.

Овие средства од Буџетот на РМ, наменети за поддршка на печатените медиуми на компаниите издавачи им се доделени за веќе остварени трошоци и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50% за направените трошоци за печатење и 50% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70% за направените трошоци за печатење и 70% за трошоците за дистрибуција.

„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект го препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата на РМ, ги подготви критериумите според кои, Комисијата на Генералниот Секретаријат на Владата на РМ, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти министерот Поповски.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на прес-конференцијата истакна дека  Владата на РМ останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите. Во таа насока Владата останува отворена и за сите идни сугестии кои го овозможуваат тоа и кои треба да дојдат исклучиво како предлог на медиумските професионалци и нивните здруженија за изнаоѓање на транспарентни и системски решенија во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите. 

Претседателот на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми Лирим Дулови, на прес-конференцијата ја изрази благодарноста за оваа поддршка за егзистирањето и работата на печатените медиуми и истакна дека Република Македонија е единствената земја од регионот која оваа иницијатива ја спроведува според модел кој веќе се применува во повеќе земји членки на ЕУ.

Во прилог на ова соопштение, ја приложуваме и презентацијата за реализацијата на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година, критериумите врз основа на кои се доделува поддршката, како и висината на средствата што ги доби секоја од новинско-издавачките компании.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска беше во работна посета на Валандово каде што се сретна со градоначалникот Перо Костадинов, како и со градоначалниците на околните општини Гевгелија, Дојран и Богданци. На средбата беше разговарано за економската состојба во општина Валандово и во регионот, и можностите што ќе се отворат со членството во НАТО за нејзиното подобрување.

Шекеринска рече дека за неколку денови Македонија ќе се придружи на масата на сојузниците од Алијансата како рамноправен партнер и дека тоа ќе ја зголеми видливоста на земјава на светската инвеститорска мапа. Очекуваме членството во Алијансата економски да ги заживее општините и да го ублажи проблемот со иселувањето на младите, рече министерката. Таа истакна дека Валандово и целиот регион како земјоделско подрачје ќе добијат поголеми можности за извоз на природна храна, што ќе ги отвори перспективите за иновации во производството на храна и задржување на населението од натамошна економска миграција.

Министерката Шекеринска одржа состанок и со бизнис секторот на кој ги пренесе искуствата на земјите кои последни му се придружија на НАТО, акцентирајќи го забрзаниот развој поради зголемената сигурност во домашните и во странските инвестиции. Бизнис заедницата од валандовскиот крај ги изнесе состојбите и предизвиците со кои се соочува и поздравувајќи го разрешениот спор со Грција порача дека сега откако е отстранета пречката за НАТО и ЕУ очекуваат од Владата да се сврти кон домашните теми и целосно да се посвети на економската политика со цел заживување на приватниот сектор.

Во рамки на престојот во Валандово, Шекеринска ја посети и локалната противпожарна единица каде со нејзините припадници разговараше за техничката и кадровска опременост во гасењето пожари.

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи кој е во работна посета на Република Романија оствари средба со Министерот делегиран за европски прашања на Романија, Џеорџе Чиамба, на која беа отворени темите за предизвиците и перспективите од Романското претседателство со Европската Унија.

„Искрени честитки за Колегата Чиамба, за преземањето на кормилото на ЕУ, што секако претставува огромен успех за Романија, но и голем потенцијал за нас, земјите од Западниот Балкан, имајќи ја предвид близината и интересот на Романија за регионот, како и традиционално пријателските односи со Македонија“ – истакна Османи за време на средбата. Османи го потенцираше успехот на имплементацијата на Преспанскиот договор, изразувајќи задоволство од затворањето на едно од најважните и најкомплексните отворени прашања, со кои се отстрануваат сите политички пречки за напредокот на земјата во евроатлантските структури.

„Покрај Договорот од Преспа, имавме огромен успех и во постигнувањето на историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, како и суштински консензус за Законот за употребата на Јазиците, со што ги отстранивме сите поголеми внатрешни и надворешни политички прашања“ - истакна Османи, потенцирајќи дека европската перспектива претставува основно гориво за овој успех, со што јасно се исцртува моќта на европската идеја за позитивна трансформација на општествата.

„Успехот на Преспа, очекувам да има позитивно влијание и кај другите земји од регионот, како позитивен пример за затворање на отворените прашања низ дијалог, политичка отвореност и позитивен пристап“ - истакна Османи, посочувајќи на дијалогот меѓу Приштина и Белград, како еден од најважните политички предизвици во регионот.

За време на работната посета на Романија, Османи оствари средби и со Премиерката на Република Романија, Виорика Данчила, Министерот за надворешни работи Теодор Малешкану, како и со Министерката за Европски фондови, Рована Плумб. Во рамките на посетата на Романскиот Парламент, Османи оствари средби и со Претседателката на Комисијата за Европски прашања, Габриела Крету, како и со Потпретседателот на Домот на Претставниците (Долниот дом), Флорин Лордаке.