Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска извршија увид на градежните работи на железничката пруга Битола - Кременица, проект кој е во завршна фаза на реализација.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека станува збор за проект којшто е финансиран од ИПА фондовите како помош од ЕУ за Република Македонија. Тој додаде дека приближувањето до Евроатланските интеграции, ќе овозможи и подобар пристап до европските фондови. Членството во НАТО и ЕУ значи и подобар живот за сите граѓани точно преку вакви проекти и преку изградба на инфраструктурата на што Владата е максимално посветена.

 

 

„Претходно за овој проект имаше многу проблеми, технички и во изведба, изведувачот не ги исполнуваше обврските. Заедно со Министерството за транспорт и врски и со МЖ Инфраструктура, вложивме големи напори, за да се надминат овие проблеми, како од технички, така и од финансиски аспект. Среќни сме и задоволни што можеме да кажеме дека ова е еден од повеќето проекти кои што ги одглавивме и се во завршна фаза на реализација. Ваквите проекти имаат двојна улога во економијата на државата, од една страна ја подобруваат инфраструктурата и даваат можност произведената роба да има побрз пристап до пристаништето во Солун, исто така овозможуваат и побрз транспорт на граѓаните и подобра и побрза комуникација со соседните земји. Втората улога е што овие проекти го заживуваат градежништвото во Република Македонија, односно имаат сериозно влијание врз зголемување на БДП. Со раздвижување на проектите кои се во портфолиото на Владата на Република Македонија во делот на инфраструктурата, ќе се заживее и градежништвото и ќе се вратат бројките на растот на бруто домашниот производ“, нагласи Анѓушев.

Министерот Сугарески потенцираше дека по цели 32 години повторно имаме железничко поврзување на Пелагонискиот регион со соседна Грција. Тој додаде дека пругата од Битола до Кременица е целосно завршена и изградена е целата траса.

 

 

„Во текот на овој месец ќе се врши инсталација на системот за сигнализација и други технички работи, така што до крајот на годината, согласно договорот, пругата ќе биде комплетно завршена. Сакам да нагласам дека со оглед на тоа дека проектот претходно беше блокиран, заедно со вицепремиерот Анѓушев и останатите министри вложивме огромен труд оваа пруга да биде изградена. Сите знаеме колку железничката линија Битола-Кременица е значајна за Пелагонискиот регион, а за многу кратко време придобивките од нејзината изградба ќе ги осетат компаниите кои работат во овој дел на Македонија. Со оваа пруга ќе обезбедиме ново поврзување со Солунското пристаниште и брз и поевтин транспорт на стоки и услуги, не само за домашните, туку и за странските компании што ги користат нашите железници. Верувам дека овој капитален проект ќе придонесе за економско јакнење на Пелагонискиот регион и севкупно за економскиот раст на Република Македонија. Покрај изградбата на оваа пруга максимално сме посветени и на железничкото поврзување со Бугарија, така да само во овие проекти вложуваме преку половина милијарда евра“, нагласи Сугарески.

Градоначалничката на Битола Петровска изјави дека овој капитален проект дава дополнителен инпут за стопанството во Битола и за севкупниот југозападен регион.

„За нас како Битолчани оваа пруга е од особено значење, бидејќи со еден крак влегува во индустриската зона Жабени и од корист за стопанствениците кои работат во тој дел на општината“, потенцираше Петровска.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Амбасадорот на Република Молдавија Штефан Горда.

Амбасадорот Горда, на премиерот Заев му пренесе честитки од Владата на Република Молдавија, за возобновените добри односи со соседите на Република Македонија, и за откочувањето на евроатлантските процеси на Македонија, што, како што беше речено, претставува храбар потег и манифестација на лидерство.

Тој исто така се заблагодари и за поддршката што Република Македонија ѝ ја дава на Република Молдавија во рамките на меѓународните организации.

Премиерот Заев, заблагодарувајќи се на честитките, истакна дека Владата на Република Македонија продолжува да презема одлучни чекори во насока на подобрување на иднината и животот на граѓаните на Република Македонија.

Тој исто така рече дека Владата е расположена за унапредување на пријателските односи на Република Македонија со Република Молдавија, преку зближување на бизнис заедниците и интензивирање на економската, трговската и соработката во повеќе општествени сфери.

Во таа насока, премиерот Заев, преку амбасадорот Горда упати покана до премиерот на Република Молдавија, за организација на меѓусебни официјални посети на владини делегации, придружени со претставници на бизнис заедниците на двете земји, како иницијација за подобро запознавање на можностите и капацитетите за интензивирање на заедничката соработка.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Андерс Самуелсен, министер за надворешни работи на Кралството Данска.

Министерот, Самуелсен, рече дека нашата држава е добредојдена во НАТО, дека Данска ги поддржува аспирациите на Македонија за членство во НАТО и Данска ги поддржува перспективите на Македонија во Европската Унија. 

Данскиот министер Самуелсен изрази надеж за успешни реформи во рамки на техничка подготовка за почеток на преговорите, во делот на владеењето на правото, како и резултати од законите што се носат во Парламентот. Исто така ги поздрави добрососедските односи на Македонија и Договорот со Грција, како дел од интеграциските процеси на нашата земја и како добар пример на решавање билатерални прашања.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти јасна определеност на Владата кон реформите во важните области за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за квалитетот на живот на граѓаните во земјава. Премиерот Заев посебно ги објасни реформите што се прават во делот на правосудството и владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, професионалните безбедносни служби, медиумите, ефикасната јавна администрација.

„Фокусирани сме на изградба независни институции во држава. Посебно сме насочени кон обезбедувањето владеење на правото. Реформите ги правиме низ инклузивен процес. Свесни сме дека политичката стабилизација на државата и евро-атлантските интеграции значат и економски развој на државата и во таа насока ги преземаме сите чекори. Градиме добрососедски односи, што го покажуваат договорите со Бугарија и со Грција. Заокружувањето на уставните измени ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и очекуваме тоа да се случи, бидејќи огромното мнозинство граѓани во Република Македонија очекува евро-атлантска иднина на нашата држава“, рече премиерот Заев. 

На средбата се разговараше за актуелни политички прашања во земјава и во регионот. Потенцирано е дека добрите односи меѓу државите се важен предуслов за развој на земјите на Балканот и на регионот во целина, како и дека е важно билатералните прашања да се затворат низ принципот на регионална стабилност и безбедност. 
На состанокот, данскиот министер, Самуелсен, ја поздрави улогата на Македонија во бегалската криза. Премиерот Заев се заблагодари за принципиелната и мотивирачка поддршка од Кралството Данска на демократските процеси во Република Македонија.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска посетата на македонскиот контингент во Авганистан ја заврши со неформална средба  со припадниците на АРМ на аеродромот во Кабул.

„На сите средби со раководството на мисијата „Одлучна поддршка“, ми беше пренесена една порака - дека тоа што вас ве карактеризира се вашата посветеност, вашите вештини и способности. Денеска сите треба да сме горди, и јас како министерка што ги слушнав овие пофални зборови за нашата Армија, и вие како наши претставници заслужни за тоа. Бидете сигурни дека вашиот успех во мисијата на НАТО е видлив и почитуван, тоа е успех за Македонија. Седнувањето на Македонија на масата каде Алијансата ги носи одлуките е ваша најголема заслуга и најголем придонес“, рече министерката на средбата.

Шекеринска и војниците разговараа за условите во кои тие работат и живеат, за контактите со граѓаните на Авганистан и за определбата АРМ и НАТО да продолжат да ги поддржуваат демократијата, слободата и еднаквоста во Авганистан, сега како партнери а наскоро и како сојузници.

Министерката им порача на мировниците да продолжат да бидат вистински професионалци во извршувањето на задачите, да се чуваат себеси и своите колеги и живи и здрави да им се вратат на своите семејства и својата Армија во Македонија.

„Ве очекуваме живи и здрави назад во Македонија, во вашиот дом, успешни и горди на покажаните резултати и стекнатото искуство. Ве чекаме заедно со вас да продолжиме да ја градиме нашата татковина во успешна европска земја, членка на НАТО“ рече министерката.

Претходно, во командата на мисијата „Одлучна поддршка“, Шекеринска се сретна и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Корнелиус Цимерман. По средбата, министерката Шекеринска рече дека земјите-членки на НАТО и земјите-партнери долги години ја поддржуваат оваа мисија и дека сега за прв пат постои шанса за политички дијалог и преговори кои можат да бидат пресврт во состојбите. Министерката додаде дека Македонија добива силна, јасна благодарност заради постојаниот ангажман, што е најдобар начин да се покаже што Македонија може да понуди на Алијансата.

Цимерман изрази задоволство од посветеноста на Македонија на мисијата „Одлучна поддршка“, за која посочи дека е важна не само во воена, туку и во  политичка смисла.

„Секој член повеќе ја зголемува политичката тежина на мисијата во оваа земја. Вашите војници придонесуваат на многу важен начин на целокупното вложување напори за обука, асистенција и советување, што во основа значи дека му помагате на НАТО и на партнерите, да им помогнат на авганистанските безбедносни сили да бидат подобри со секој поминат ден“, рече Цимерман. Тој додаде дека е важно да се развијат потребните воени гаранции што ќе и овозможат на авганистанската влада да направи храбри чекори во сферата на мирот.

Највисокиот цивилен претставник на Алијансата во Авганистан изрази желба Македонија наскоро да ги направи потребните чекори и да и се придружи на Алијансата како нејзина 30 земја-членка.

Во рамките на својата прва посета на Авганистан како министерка за одбрана, Шекеринска во командата на Кабул се сретна со командантот, турскиот бригаден генерал Јашар Дилбер, имаше видео конференциски состанок со командантот на командата Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус, а во командата на мисијата „Одлучна поддршка“ се сретна и со командантот на мисијата, американскиот генерал Остин Скот Милер.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на покана на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија (СБНОАВРМ), како и на Градскиот одбор на град Скопје на СБНОАВРМ, учествуваше на дебатата што оваа организација редовно ја приредува на актуелни општествено-политички теми.

На дебатата, на која присуствуваа и делегации на повеќе општински одбори на организацијата, д-р Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија и проф. д-р Трајко Стаматовски, претседател на градскиот одбор на Сојузот, го поздравија присуството на премиерот Заев и изразија благодарност за поддршката што тој и Владата на Република Македонија им ја посветуваат на борците и поддржувачите на борците од НОВ.

Премиерот Заев на почетокот истакна дека со огромно задоволство го прифаќа предлогот да биде покровител на државното одбележување на 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 2019 година, како и на 70 годишнината од основањето на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, која со пригодни настани ќе се одбележи идната година.

Посебно внимание на дебатата претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев посвети на актуелниот процес за уставни измени во Собранието на Република Македонија и на лажните вести и искривени толкувања кои манипулираа дека АСНОМ ќе се избрише од Уставот.

„Вистината е дека АСНОМ не само што не се брише во Преамбулата, туку напротив, АСНОМ сега ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман со делот за АСНОМ се појаснува дека во Преамбулата на Уставот отсега, наместо на манифестот, ќе се повикуваме на правните решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ како каталог на правните решенија кои се темел на нашата државност. Со тоа, да подвлечам, местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција со новиот предложен амандман е потврдено и засилено“, информираше премиерот Заев на дебатата со борците од НОВ.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во продолжение на дебатата нагласи дека со Договорот од Преспа, Република Македонија се стекна со историска шанса за Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.

Договорот со Република Грција е Договор за македонската иднина и најдобра и фер шанса за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ, за да станеме членка на семејствата кои уживаат силен економски развој, рече премиерот Заев.

„Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме - ќе стоиме гордо, зашто со Договорот химната, грбот и знамето остануваат засекогаш, и зашто Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија, јазикот, народот со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш, а кодовите МК - МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови за нашата земја“, потенцираше премиерот Заев.

Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу Република Македонија и Република Грција, за иницијативи кои ќе предизвикаат подобар животот за граѓаните на двете земји.

„Нашата поука од минатото, од вашето дело, од вашата борба е дека иднината е вистинскиот избор, и во таа чест мене ми е особено драго што јавната дебата за суштинските прашања за нашата земја се случува и со вас, претставниците на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија на Република Македонија“, рече Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој остана во подолг разговор со учесниците на дебатата кои покажаа интерес и изнесоа свои погледи на повеќе теми од актуелниот политички момент на нашата земја.

Заменик  претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, д-р Зоран Шапуриќ и генералниот секретар на Владата, д-р Драги Рашковски, остварија средба со претставници на поранешните вработени од Охис, кои штрајкуваа пред Владата незадоволни од спроведената стечајна постапка.

Владините претставници и претставниците на вработените констатираа дека стечајната постапка на Охис е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во којшто Владата немала ингеренции и не била инволвирана. Согласно добиените информации од стечајниот управник, средствата кои се префрлени за купо-продажба на Охис, во периодот кој следи ќе се распределат на доверителите, каде што спаѓаат и поранешните вработени врз основа на донесени решенија на Судот за утврдени побарувања. 

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Владата го донесе Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, преку кој се обезбедуваат околу 7.800 денари или 34% од просечната плата на месечно ниво за  лица кои имаат остварено преку 15 години стаж во некоја компанија која била во државна сопственост, право кое го користат околу 8.000 лица, меѓу нив и поранешни вработени во Охис. 

Вицепремиерот и министрите им порачаа на вработените дека Владата не се меша, ниту ќе се меша во судски одлуки, а по коментарите дека кај вработените постојат сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на Охис, а со тоа и имотот на државата, ги охрабрија сите евентуални злоупотреби и сомнежи да ги пријават и споделат со државните органи кои спроведуваат истражни постапки.

На денешната, 104 седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлог-моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, со план за негово воспоставување. На седницата Владата на РМ го задолжи Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции да ги координира сите активности кои произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија.

На оваа седница, Владата го усвои Предлог-законот за данокот на личен доход како дел од даночната реформа за воведување на праведен данок и пензиската реформа за обезбедување на стабилен пензиски систем, со одлука Предлог-законот да биде испратен на усвојување во Собранието на РМ.

Владата денеска одобри Министерството за правда да го достави Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за судовите до Венецијанската комисија од која се очекува да даде мислење за предложените измени и дополнувања.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на Дом на спортови, и го задолжи Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката, во заедничка корелација со Агенцијата за млади и спорт, да обезбеди координација и административна поддршка за целосна реализација на предметниот проект и да ја информира Влада на Република Македонија за реализација на проектот во рок од шест месеци.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независка ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој, како и Информацијата за потреба од доставување на Апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија.

На денешната седница министрите во Владата на РМ ја разгледаа и усвоија Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка за оформување на хибридна мултифункционална операциона сала со изведување на потребните градежни работи и набавка на потребната медицинска опрема за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврохирургија, Скопје.

На оваа своја седница, Владата донесе негативно мислење за Предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собрание на Република Македонија.

На предлог на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Владата ја разгледа Информацијата за основање на туристичка развојна зона-Матка, општина Сарај, и го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да организира состанок со Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Сарај и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со цел да се интензивира постапката за основање на туристичка развојна зона во општина Сарај.

На денешната седница Владата на РМ ги зголеми средствата за поддршка на трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата од 14.000.000, на 21.000.000 денари, и го задолжи Министеството за економија да објави втор Јавен оглас каде право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купувале печки на пелети во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за статусот и активностите за проектот „Western Balkans Trade and Transport facilitation” предложен од Светска Банка, кој се состои од серија посебни, главно инфраструктурни царински проекти за економска интеграција на земјите од регионот.

Владата на Република Македонија на денешната седница ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените.

Денеска, во Владата на Република Македонија се одржа четвртата седница на Советот за реформа во јавната администрација со која претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, а присуствуваа вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, директорот на Агенција за администрација, Спасе Глигоров, како и претставници на Националниот демократски институт (НДИ) во Република Македонија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев ја потенцираше важноста на процесот за реформа на јавната администрација, истакнувајќи дека и предвиденото покачување на платите на вработените во јавната администрација, е дел од тие реформи. 

„Потребен е јасен фокус за тоа на каде се движи реформата, што е целта, односно што ќе се случува во јавната администрација во наредниот период, а од особена важност е граѓаните да бидат запознаени со сите детали од овој процес. Реформите во администрацијата мора да се спроведуваат на храбар и достоинствен начин, сѐ со цел да имаме продуктивна и поефикасна јавна администрација за сите граѓани“, истакна премиерот Заев. 

Во рамки на Советот, директорот на Националниот демократски институт Крис Хеншоу и претставници на институтот ја презентираа публикацијата „Предизвици и препораки за подобрување на законодавниот процес“. Во презентацијата беа опфатени препораките во делот на јакнење на капацитетите за пишување на закони во институциите, подобрување на координацијата помеѓу Владата и Собранието, потребата од усогласување на законите со европската легислатива, како и намалување на бројот на законски измени.

Публикацијата ќе биде претставена и на владина седница, каде после усвојување, ќе следува и имплементација на насоките адресирани во документот.

На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација. 

„Процесот на реформа е отворен процес, а со тоа за потребите на следењето, оценувањето и известувањето за Стратегијата се овозможува учество и на надворешни засегнати страни. На денешниот совет претходеше јавна дискусија со претставници од граѓанскиот сектор и сите засегнати страни. Извештајот покажува дека 27 активности се целосно спроведени, на 36 активности спроведувањето е во тек, а за останатите 9 активности се доцни со имплементација“, информираше министерот Манчевски. 

Како што најави министерот Манчевски, во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на активностите, а годишниот извештај ќе содржи конкретни резултати. 

На седницата на Советот беше усвоен полугодишниот извештај, а беше донесен заклучок истиот да се презентира и на седница на Влада. 

Премиерот Заев, заклучи дека институциите треба да го следат акцискиот план на Стратегијата за реформи во јавната администрација и навремено да ги спроведуваат активностите. Институциите треба редовно да ги ажурираат своите стратешки документи со цел да ги одразуваат преземените обврски за реформи во јавната администрација од Акцискиот план. Дополнително, членовите на Советот за реформа на јавната администрација треба да бидат во комуникација и координација со претставниците од нивната институција во Секретаријатот за реформи во јавна администрација, каде на техничко/експертско ниво се разговара за статусот на имплементација на активностите од Акцискиот план.

Во насока на зголемување на транспарентноста во работата на Владата, по доставени барања до институциите од страна на граѓанскиот сектор, за пристап до информации од јавен карактер, институциите треба да одговараат проактивно и да доставуваат целосни одговори.

Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. 

Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот.

Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата.  

Владата на Република Македонија официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата, испрати и барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.

Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет. 

Република Македонија е правна држава во којашто владеат законите. Секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки.