Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања соопшти за нова канадска инвестиција во Охрид, новина за комбинатот Еурокомпозит, за којшто има два заинтересирани странски инвеститори, за 100-тина инвеститори кои се пред одлуки за инвестирање во Македонија, со што очекува намалување на невработеноста во државата.

- Доаѓа позитивен амбиент за Република Македонија, илјадници граѓани ќе најдат работа во Македонија и се надевам дека ќе имаме драстично намалување на невработеноста, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев најави добра перспектива за работа на фабриката Еурокомпозит во скоро време.

- Новина за Еурокомпозит во однос на порано е што има понуди, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека „денови, или месец се во прашање до донесувањето одлуки“.

- Транспарентно сакам да соопштам, има понуда од турска компанија и од српска компанија, двете се кредибилни и работат оружје, познати меѓународни компании се, меѓународно интегрирани и веруваме дека со тоа ќе дадат иднина. Јас сум убеден дека ќе има успешна трансформација на Еурокомпозит Прилеп, за да можат работниците кои работат да имаат своја иднина до своето пензионирање, но секако и за самиот комбинат да работи успешно и да произведува квалитетни производи, коишто се бараат на пазарот, соопшти премиерот Заев.

Тој посочи дека Владата е насочена првенствено кон решенија за вработените.

- Понудите што ги бараме се да бидат покриени сите заостанати придонеси, сите заостанати плати и да бидат исплатени добавувачите. Наш примарен таргет ни се вработените и нивните побарувања. Ако добиеме понуди што ќе ги покријат доминантно заостанатите побарувања на работниците, плати, придонеси по основ на плати, ќе ги прифатиме понудите, рече премиерот Заев, кој изрази оценка дека е можен договор со заинтересираните инвеститори.

Тој соопшти дека Владата има и алтернативно решение.

- Државата има и друга алтернатива, да издвои 3 милиони евра и да ги плати сите тие обврски и да постави добар менаџмент којшто е меѓународно интегриран и упатен во оваа работа, за да продолжи работата на Еурокомпозит.

Претседателот на Владата Зоран Заев рече дека наследеното прашање со Еурокомпозит Владата сака да го реши трајно, дека повеќе од стомина поранешни вработени се згрижени со Законот за стечајците, но дека фокусот на Владата е Еурокомпозит да работи со модерна и современа опрема, за што изрази верување дека Комбинатот има капацитет за пласман и за МВР и МО но и за перспективи во регионални рамки.

 


 

Одговор на пратеничко прашање 1

 

 

Одговор на пратеничко прашање 2

 

Владата на Република Македонија ја почитува одлуката на весникот „Заман“ да се откаже од поддршката која беше доделена на овој медиум во рамките на Програмата за поддршка на печатените медиуми.

Владата на Република Македонија и понатаму останува на својата цврста определба за почитување и поддршка на слободата на медиумите и слободата на изразување на граѓаните.

Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија ги демантира вестите што ги објавија некои од новинските агенции и медиуми (Н1 Србија, Танјуг и др.) во кои се наведува дека премиерот Зоран Заев, во интервјуто за Н1ТВ БиХ (емитувано на 30 јануари), рекол дека поранешниот премиер Никола Груевски пред бегството во Унгарија се сретнал со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Тоа не е точно.

Во прецизниот одговор на прашањето на новинарот на Н1ТВ БиХ „Во која мерка бегството на претходниот премиер на Македонија Никола Груевски во Унгарија и информацијата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски се состанувал со Вучиќ пред бегството на Груевски, ги поремети односите меѓу вас и Вучиќ?“, премиерот Заев вели дека „Значајно е да се напомене дека пред бегството, шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ“ и дека таа информација е позната и објавена, но дека јавноста остана без објаснување за што се разговарало на тие средби.

Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија укажува дека сите вести пренесени врз основа на оваа неточна информација се всушност дезинформации односно лажни вести.

Со цел граѓаните вистинито и објективно да бидат информирани, и да се поправи направената штета, Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, упати демант до медиумот што го емитуваше споменатото интервју, како и до агенцијата која што пренесе делови од ова интервју како дезинформација, и очекува дека јавноста да биде известена за грешката, односно дека ќе и биде пренесена точната информација.

Во прилог на оваа соопштение пренесуваме и транскрипт на делот од интервјуто за Н1ТВ БиХ од кој се гледа што точно кажал премиерот Заев, како и линк до интервјуто објавено на веб страницата на овој медиум.

Владата на РМ, истовремено жали за настанатата ситуација и повикува на објективно информирање како особено значаен фактор за унапредување на односите меѓу соседите во регионот за кои Република Македонија ги вложува своите максимални усилби и добра волја.

 

Транскрипт на спорниот дела од интервјуто на премиерот Заев за Н1ТВ БиХ:

Н1: Го спомнавте неколку пати Претседателот на Србија Вучиќ, и сакам да ве прашам уште нешто. Во која мерка бегството на претходниот премиер на Македонија Никола Груевски во Унгарија и информацијата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски се состанувал со Вучиќ пред бегството на Груевски, ги поремети односите меѓу вас и Вучиќ?

Премиерот Заев: Значајно е да се напомене дека пред бегството, шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ.

Н1: Имате сигурни информации за тоа?

Премиерот Заев: Да, да. Тоа е и објавено во јавноста и при тоа не е објаснето за што се разговарало. До ден денеска тоа остана тајна. А Груевски побегна од Македонија...

Н1: Само да ја потсетиме публиката дека тој (Груевски, н.з.) тука е осуден на затворска казна за злоупотреба на функцијата!

Премиерот Заев: Со конечна пресуда. Значи не во постапка... 

....

Н1: Добро, но експертите велат дека не е невозможно да се стигне до Унгарија без поддршка на некои од вашите соседни земји?

Премиерот Заев: Јас сум внимателен политичар. Градам добри односи со сите (соседи, н.з.). Кога ќе заврши истрагата ќе ги соопштиме сите информации...

 

Линк до интервјуто: http://ba.n1info.com/Video/Pressing/a312797/N1-Pressing-Zoran-Zaev-30.1....

Јавен оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации

Институција која огласува: 
Влада на Република Македонија
Рок на пријавување: 
05.03.2019

Распределбата на средствата од Буџетот на Република Македонија за 2019 година Раздел 040.01 – Влада на Република Македонија, Потпрограма 10 – Администрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации ќе се врши во согласност со Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година („Службен весник на РМ“ бр.5/2019).

1. Вид на програми/проекти што ќе бидат поддржани

Средствата од Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 12.000.000,00 денари, ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, преку 20 грантови во износ од 600.000,00 денари, за програми/проекти за следниве приоритетни цели:

 

Развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните:

  • создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, транспарентност на институциите и целосно почитување на правната држава;
  • напредување на концептот и практиките за општествена одговорност;
  • зголемување на земјоделските површини и на приносот и квалитетот на земјоделските производи;
  • развивање на социјалното претприемништво;
  • натамошен развој на активниот туризам како потенцијал за силен локален економски развој;
  • унапредување на родовата еднаквост во сите области од општественото живеење и вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите;
  • воведување на концептот на еднаквост и недискриминација во сите области на општественото живеење, а особено во областа на образованието, здравството, социјалната заштита, работните односи и правосудството.

 

Република Македонија – членка на НАТО и Европската Унија:

  • промовирање на европските вредности во процесот на пристапување во Европската Унија преку транспарентност и зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор и академската заедница.

Одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата:

  • одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, реформи во насока на владеење на правото, изградба на независни институции и зголемување на јавната безбедност.

Јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа:

  • јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите;
  • унапредување на човековите права и создавање институционални капацитети за нивна ефикасна заштита.

Реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија:

  • приближување на знаењето на учениците/студентите до барањата на пазарот на трудот и унапредување на соработката меѓу високообразовните институции, истражувачките центри, приватниот сектор и јавните институции.

Реформи во правосудството:

  • создавање услови за независно, департизирано и ефикасно судство и правда достапна до сите.

Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување:

  • градење на унитарно, мултикултурно и толерантно општество преку суштинска политичка поддршка со која Република Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници во насока на поголема интеркултурна комуникација и градење на дух на меѓусебно почитување;
  • подобрување на состојбата на Ромите.

Намалување на аерозагадувањето:

  • зголемување на јавната свест и едукација на населението од областа на животната средина и реализација на кампањи од областа на заштитата на животната средина.

 

2. Временска рамка и вкупно предвидени/достапни средства

Ќе се доделат 20 грантови по 600.000,00 денари еднократно, за период на спроведување на програми/проекти до крајот на 2019 година.

3. Основни организациски критериуми

Основни организациски критериуми кои треба да ги исполнуваат здруженијата и фондациите што учествуваат на овој оглас се:

  1. Да се регистрирани според Законот за здруженија и фондации;
  2. Да спроведуваат активности од минимум една година;
  3. Да се занимаваат со активности и проекти од јавен интерес; и
  4. Да не добиле средства или поднеле пријава од/до друг орган на државната управа или други извори за иста намена и активности за кои поднесуваат пријава, а што би значело двојно финансирање на истите активности од различни извори.

4.Проценка на квалитетот на програмите/проектите

Проценката на квалитетот на програмите/проектите на здруженијата и фондациите кои ги исполнуваат основните организациски критериуми ќе се врши врз основа на следните посебни програмски критериуми:

 

Области

Максимум бодови

1. Организациска структура и ресурси

30

1.1. Дали здружението/фондацијата има потребна организациска структура и човечки ресурси за спроведување на проектот (вработени, активни волонтери, хонорарно ангажирани лица)

10

1.2. Дали здружението/фондацијата располага со канцелариски простор и техничка опрема за спроведување на проектот

10

1.3. Дали годишниот буџет на здружението/фондацијата за последната календарска година ја надминува висината на грантот

10

2. Мрежно работење и соработка

10

2.1. Дали здружението/фондацијата во последните 3 години реализирале проекти во соработка со други граѓански организации или органи на државната управа

10

3. Квалитет на проектот

60

3.1. Колку општата цел на проектот ќе придонесе кон реализацијата на дадената приоритетна цел

10

3.2. Дали целта на проектот е јасно определена

10

3.3. Дали целната група е соодветно определена

10

3.4. Дали спроведувањето на активностите доведуваат до остварување на предвидените резултати во проектот

10

3.5. Дали планот за спроведување е јасен и остварлив

10

3.6. Дали предложениот финансиски план е реален (описот на трошоци по категории и позиции соодветствува на пазарните цени)

10

Дополнителни бодови

Промоција на еднакви можности и инклузија на лица со попреченост

 

3

 

5. Потребна документација која здружението/фондацијата треба да ја достави

Здруженијата и фондациите кои учествуваат на огласот треба да достават:

  1. Пријава за финансиска поддршка;
  2. Предлог - проект;
  3. Статут и решение за регистрација на здружението или фондацијата;
  4. Извештај за добиените средства од Буџетот на Република Македонија во изминатата фискална година и за начинот на нивната реализација;
  5. Годишен извештај за работа на здружението/фондацијата за претходната година;
  6. Завршна сметка на здружението/фондацијата за претходната година;
  7. Уверение за платени даноци издадено од даночните органи.

Обрасците Пријава за финансиска поддршка и Предлог-проект се достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации:  www.nvosorabotka.gov.mk .

Напомена:

Здруженијата и фондациите не можат да поднесат повеќе од една пријава за финансиска поддршка по огласот.

Пријавите со непотполна документација или по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.

Доставените прилози не се враќаат.

6. Рокот и начин на доставување на пријавите

Рокот за поднесување на пријавите е најдоцна до  5.3.2019 година.

Пријавата со целокупната документација, во затворен плик со ознака „Оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации“ треба да се достави преку пошта, на адреса:

Влада на Република Македонија
Генерален секретаријат
Одделение за соработка со невладини организации
Бул. „Илинден“ бр.2
1000 Скопје

или лично во Одделението за соработка со невладини организации, во работни денови од 8:00 до 16:00 часот.

Прашања за појаснување може да се поставуваат на nvosorabotka@gs.gov.mk до 21.2.2019 година. Одговорите ќе бидат достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации www.nvosorabotka.gov.mk.

Здруженијата и фондациите учесници на огласот ќе бидат известени за резултатите во рок од 10 дена од денот на донесување на Одлуката за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2019 година наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.

Пропратни документи: 
Дали е огласот завршен?: 
Огласот е завршен

Ве информираме дека согласно податоците од ДАМСКВ на 30.01.2019 година, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 μg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Тетово.

Со тоа престануваат да важат препораките и мерките согласно заклучоците од 40-та седница на Владата на Република Македонија.

Министерот за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, Бардуљ Даути, на ден 31.01.2019 година, беше на службено патување во Република Грција, каде што имаше работна средба со разни потенцијални компании заинтересирани за инвестирање во Република Македонија. Министерот Даути  се сретна со претседателот на Економската стопанска комора и индустрија на Хеленската  држава, кој е исто така заменик-претседател на стопанските комори на ниво на Европската унија, Константин Михалос.
 
Соговорниците го споделија ставот дека очекуваната економска соработка меѓу двете соседни земји, Република на  Грција и Република на Македонија во иднина ќе се зајакне, уште повеќе со оглед на фактот дека и двете земји успешно успеаја преку Преспанскиот договор да го надминат прашањето за името.

На средбата беше разговарано и за можноста за обезбедување на трговски марки на грчките компании што работат во Република Македонија, каде што министерот Даути нагласи дека по конечното усвојување на Преспанскиот договор, секоја економска соработка меѓу двете земји ќе биде полесна.

Од оваа дискусија соговорниците се согласија дека во блиска иднина треба да се организира уште еден состанок во Скопје меѓу стопанските комори на двете земји, каде што потенцијални учесници на тој состанок можат да бидат претставници на Владата, стопански комори и претставници приватниот сектор на соодветните земји, Република Грција и Република Македонија, кои се заинтересирани за инвестирање.

Владата на Република Македонија нема да бара одговорност од министерот за здравство, Венко Филипче. Во одговорот на новинарско прашање во однос на истрагата којашто ја води Основното јавно обвинителство за набавката и употребата на МРП вакцината, портпаролот на Владата не го споменува името на министерот Филипче.

Владина делегација предводена од премиерот Заев, а во чиј состав беа и Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за финансии, Драган Тевдовски, како и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска во Виена оствари средба со Канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц.

Премиерот Заев и канцеларот Курц се согласија дека Република Македонија, односно наскоро Република Северна Македонија и Република Австрија негуваат одлични билатерални односи и на политички и на економски план.

На средбата премиерот Заев му се заблагодари на својот австриски колега за континуираната поддршка којашто ја добива Република Македонија од Република Австрија години наназад. Истакнувајќи ја посветеноста на земјата за имплементација на договорот од Преспа, премиерот Заев посочи дека истовремено Република Македонија е силно насочена кон спроведување на реформи во повеќе области.

Од своја страна, канцеларот на Република Австрија Себастијан Курц ја поздрави храброста на премиерот Заев но и на целата земја за потпишување на Преспанскиот договор. Тоа, како што рече канцеларот Курц е најдобрата вест за регионот, но и за цела Европа.

Истовремено, канцеларот Курц посочи дека за Република Австрија од стратешки интерес е регионот на Западен Балкан што поскоро да се интегрира во Европската Унија.

По билатералната средба премиерот Заев и канцеларот Курц одржаа заедничка прес-конференција. На неа Претседателот на Република Македонија, Зоран Заев посочи дека Австрија е еден од најголемите пријатели на Република Македонија и на економски план, бидејќи е еден од најголемите инвеститори. Како што истакна премиерот Заев во земјава, во моментов работат 45 австриски компании.

 

 

„Во исто време, континуирано расте и обемот на трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Австрија, од 60% во 2018-та година, во споредба со 2017. Австриските компании се чуствуваат добредојдени во Република Македонија, имаат одлични услови за бизнис, ја чувствуваат позитивната атмосфера и охрабрени се да ја продолжат соработката со нас и уште повеќе да инвестираат“, истакна премиерот Заев.

На прес-конференцијата, премиерот Заев ги повтори и процесите коишто завршија во изминатиов период, односно усвојување на Уставните амандмани во Република Македонија, како и ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот Парламент.

Во таа насока, премиерот истакна дека договорот од Преспа придонесува за регионална стабилност и соработка. Но и дека истиот е пример како може да се надминуваат некои идни билатерални отворени прашања или проблеми.

„После цели 27 години од независноста на Република Македонија, таа повеќе нема да биде нарекувана Поранешна Југословенска Република, туку Република Северна Македонија. Ова е историска шанса да создадеме уште посветла иднина за нас и за нашите граѓани и да ги отстраниме сите пречки за членство во двата големи сојузи, НАТО и ЕУ.

Уште во текот на следниот месец очекуваме да седнеме на 30-тото столче во НАТО, најсилниот политички и воен сојуз во светот. А најдоцна до средината на следната година да станеме и полноправна членка“, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Курц.

На заедничката прес-конференција австрискиот канцелар Курц истакна на средбата со премиерот Заев разговарале за можностите за зголемување на соработката во областа на економијата, енергетиката, здравството, но во и во други области од индустријата.

„Ова беше одлична можност да разговараме за конкретни проекти. Во брза иднина се надевам дека ќе можеме и да ги реализираме. Австрија ќе остане на страната на Република Македонија, но и на страната на целиот регион на Западен Балкан, бидејќи географски Европската Унија ќе биде целосна само со членството на Западен Балкан во неа“, истакна канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц.

Канцеларот Курц ја искористи денешната заедничка прес-конференција на премиерот Заев да му честита за решавање на речиси три деценискиот спор за името со Република Грција.

Тоа како што истакна канцеларот Курц, беше големо прашање со големи предзивици. Но тоа прашање, како што додаде канцеларот Курц мораше да се реши за европската перспектива на Република Македонија, но за перспективата на регионот на Западен Балкан.

Како знак на уважување на овој, како што рече канцеларот Курц, историски успех на премиерот Заев и на Република Македонија, тој денеска на премиерот Заев му врачи медал „Алојз Мок“ за посебни достигнувања за мир и единство во Европа.

Алојз Мок, како што потенцираше канцеларот Курц, имал одлучувачка улога за пристапот на Австрија во Европската Унија, но и одиграл голема улога и за другите земји од источна Европа.

Ве информираме дека согласно податоците од ДАМСКВ на 29.01.2019., средно-дневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 μg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Струмица. Со тоа престануваат да важат препораките и мерките согласно заклучоците од 40-та седница на Владата на Република Македонија.

Од страна на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар Свети Пантелејмон - Скопје сме информирани дека нема опасност од зараза со МРСА, откако кај еден од вработените е најдена оваа бактерија. 

Во установата се преземени сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Вработениот кај кој е потврдено присуство на  бактеријата, е изолиран и не доаѓа на работа. 

Превентивно, извршена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории.

Веќе се вршат превентивни прегледи и на останатите вработени во установата. 

Уште еднаш нагласуваме дека нема опасност од зараза и Стоматолошкиот клинички центар непречено и континуирано обезбедува здравствени услуги за пациентите.