Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Ленче Николовска, одржаа работна средба со земјоделци од Свети Николе. 

Министерот Николовски посочи дека Владата интензивно работи на нови мерки и програми кои ќе значат подобрување на состојбата во вкупниот аграр и ја потенцираше важноста од развојот на договорното производство на земјоделските култури како можност за решавање на пласманот на земјоделските производи. Николовски посочи дека договорното производство на сончоглед е одлична можност за земјоделците да имаат сигурен откуп. 

 

 

„Целосно даваме поддршка на оваа иницијатива за договорно производство. Со оваа идеја и со овој концепт не збориме дека ќе се решат сите проблеми, но збориме за едно прашање, за кое нудиме соодветна поддршка и решение, за тие што ќе се решат да партиципираат, односно да произведуваат да знаат дека тука стои државата, дека има интерес од самите компании, затоа што факт е дека правиме анализа и на сето она што Македонија го увезува“, изјави министерот Николовски

Министерот им порача на земјоделците дека ќе се направат анализи во врска со нивните барања за зголемување на субвенциите за сончоглед. Советничката за земјоделство, шумарство и водостопанство на ПВРМ, Ленче Николовска, посочи дека идејата е заедничка со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес, а целта е да се зголеми домашното производство на сончоглед преку договорно производство.

„На тој начин вие, земјоделци ќе имате сигурен откуп, ќе ви се исплати производството, а откупувачот ќе има домашна суровина. За Владата тоа значи решавање на најголемиот проблем на земјоделците пласманот. Драго ми е дека овде гледам вистински, сериозни земјоделски производители за кои сум сигурна дека со поддршка од страна на министерството за земјоделство ќе имаат успешна реколта на сончоглед. Тука сме да ја потврдиме сигурноста на овој процес преку медијаторска улога од потпишувањето на договорите до предавање на сончогледот кај откупувачот и исплата на истиот“, изјави Николовска.

Во Свети Николе има голем интерес од страна на земјоделците за договорното производство на сончоглед. Во општинската сала пред повеќе од педесет сериозни земјоделски производители, беа присутни и претставници од институции кои заедно со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ ја презентираа идејата за сигурно производство и откуп на сончогледот. 

„Идејата да го зголемиме домашното производство на сончоглед ми е одамна, но за прв пат наидувам на разбирање и соработка од една Влада и Министерство за земјоделство. Знам дека некогаш сме произведувале и до 40 000 тони сончоглед за преработка но последниве години спаднавме на само 2000 тони поради неколку причини кои сега заеднички со земјоделците и владата сакаме да ги надминеме. Ви гарантирам дека секое зрно сончоглед ќе го откупиме и ќе го платиме - изјави Горанчо Лазов, директор на АД „Благој Ѓорев“.

Земјоделците беа едногласни дека досегашното мало производство на сончоглед се должи на скапото производство, ниските приноси и субвенции што ги прави неконкурентни на увозниот сончоглед.

- Ние земјоделците ја поздравуваме оваа идеја и сигурни сме дека можеме да ги зголемиме површините под оваа култура. Но потребно е да ги зголемиме приносите преку квалитетно семе и други репроматеријали. Исто така сметаме дека е добро да се покачат субвенциите како би можеле да мотивираат и други земјоделци напролет да насеат пченица. Меѓудругото се работи и за одлична култура за плодоред на површините на кои сееме пченица и јачмен - вели Никола Петковски - „Бониер“ кој додаде дека мотивирани од оваа кампања производителите на сончоглед формирале и Асоцијација за да може заеднички да настапуваат и да се едуцираат за добивање на повисоки и поквалитетни приноси.

Директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Елгафер Јусуфи, им порача на земјоделците дека кога станува збор за едукација, Агенцијата ќе има клучна улога, поради што веќе се екипираат советници од сите региони кои ќе бидат активно вклучени на терен и ќе им помагаат со совети во текот на целиот процес, во извршување на сите агротехнички мерки, од сеидба до собирање на родот. 

Заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Абдул Селам Селами ја истакна важноста на договорното производство и од аспект на развојната компонента која ќе ја имаат земјоделските субвенции бидејќи на овој начин тие ќе го стимулираат домашното производство.

Изминатите недели беа одржани вакви трибини и во други региони во државата, а кампањата за договорно производство на сончоглед ќе продолжи и во следните месеци, во други региони со цел земјоделците изворно да се запознаат со можностите кои ги нуди овој начин на соработка меѓу примарните производители и откупувачот. 

Делегација од Владата на Македонија, предводена од министерот за странски инвестиции, Бардул Даути, советничката за земјоделство на Претседателот на Владата, Ленче Николовска и советникот во кабинетот на министерот за земјоделство, Никица Бачовски, неодамна беа во Тирана, на средби со стопанственици од Албанија.

Целта на посетата беше развивање на соработка меѓу двете држави во областа на бизнисот и земјоделското производство, а во организација на Фатос Мустафа-Претседател и CEO на Меѓународната Канцеларија “ФМ Консалтинг”.

- Се сретнавме и разговаравме  со  сопственици на компании кои веќе инвестираат во Македонија но и со бизнисмени и консултански куќи кои покажаа голем интерес за проширување на бизнисите кај нас, како можност за регионален развој на компании од различни сектори. Овие средби се добра прилика да ги запознаеме потенцијалните инвеститори со предностите кои ги нуди нашата Влада во делот на привлекување на странски инвестиции. Охрабрува позитивното искуство на компаниите кои веќе инвестираат, како фармацевската компанија „Саген“, прв инвеститор од Албанија во ТИРЗ Скопје 1. Г-дин Исуф Бербери кој  не го криеше задоволството од правилната одлука да инвестира во Македонија. Се надевам дека неговиот пример ќе го следат и други бизнисмени - вели Даути.

Делегацијата од Македонија оствари средба и со Стопанската комора на Тирана на која што Претседателот на комората Николин Јака,  ја истакна потребата од заедничко делување на двете земји како можност за полесен пристап на светските пазари.

-Македонија и Албанија не треба да бидат конкуренти на пазарите, туку заеднички да се бориме со квалитет и квантитет да ги освоиме странските пазари.  Имаме можности за тоа, поволни климатски услови за поголем развој на земјоделското производство и искористеност на ИПАРД фондовите кои ќе придонесат за поголема модернизација на производството. Потребно е само да се организираме и да ги здружиме капацитетите- истакна тој.

-Идејата е одлична и треба да се реализира во интерес на развојот на стопанствата на двете држави, рече Николовска и додаде дека во најскоро време во Владата ќе се реализира средба на која ќе присуствуваат бизнисмени од Албанија, Македонија и претставници на институциите задолжени за одредени сектори со цел започнување на долгорочна соработка и стратегија за развој.

Во текот на дводневната посета на Тирана, делегацијата од Македонија ја посети и компанијата „Агна груп“, која е во завршна фаза околу подготовките за изградба на  фабрика за кондиторски производи во Македонија но имаат размислувања и желба за нови инвестиции во повеќе области, од градежништво до инвестиции во агросекторот.

-За инвестиции во агрокомплексот, како министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги создаваме сите потребни услови за потенцијалните инвеститори. Во тек е оглас за државно земјоделско земјиште кое е наменето за инвестиции, а исто така компаниите имаат можност да користат средства од ИПАРД фондови како и субвенциите кои се од буџетот на РМ - потенцираше Бачовски.

Организаторот и домаќин, Фатос Мустафа ја искористи оваа прилика да ги информира албанските бизнисмени за предностите кои ги нуди Република Македонија за инвеститорите.

-Во тек се преговори со Компанијата „Дони Фруитс“, кои скоро инвестираа во Албанија, да го прошират својот бизнис и во Македонија. Се работи за сериозна компанија која се занимава со откуп и дистрибиција на земјоделски производи, преку сопствена дистрибутвна мрежа. Тоа е она што им е потребно на македонските земјоделци, поддршка на пласманот. Посетата беше вистински погодок бидејќи интересот на бизнисмените е голем, а веќе следната година очекувам да се интензивира соработката меѓу бизнис заедницата, со поддршка на владите на двете држави - изјави Мустафа.

Денеска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи извршија увид во финализирањето на градежните работи на гасоводната делница од Штип до Неготино. 

Министерот Сугарески информираше дека оваа делница од гасоводната мрежа е веќе во завршна фаза, изградбата ќе заврши во најскоро време и веднаш потоа ќе се пушти во употреба. Tоа ќе значи голем бенефит за сите граѓани и компании од овој регион. 

Исто така, министерот истакна дека изградбата на гасоводната мрежа низ Република Македонија започна да се одвива со забрзана динамика, надминати се речиси сите проблеми и со финализирање на процесот на експропријација на земјишта, од следната година градежните работи ќе се интензивираат. 

 

Гасификацијата е приоритетен проект на Владата, за кој за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 1 милијарда и 557 милиони денари, со цел да се заврши изградбата во најбрз можен рок и сите граѓани и компании да ги почувствуваат неколкукратните придобивки од гасот.

За граѓаните, гасификацијата ќе значи поевтин енергенс и заштеди во нивните буџети со намалување на трошоците за електрична енергија, додека за компаниите ќе се овозможат пониски трошоци и поконкурентни производи. 

Исто така, во време кога започнуваме силна борба против аерозагадувањето, изградбата на гасоводот и неговото користење ќе придонесе до значително намалување на загадувањето во градските средини, истакна министерот Сугарески. 

Дополнително, министерот Сугарески информираше дека на претпоследната седница на Влада, министерството за економија се задолжи да формира работна група која ќе одлучува за најефикасниот модел за развој на системи за дистрибуција на природниот гас во Македонија. Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да може паралелно да ги градат општинските дистрибутивни мрежи, за што побрзо гасот да го донесеме до домовите и компаниите. 

Директорот на МЕР, Реџепи информираше дека должината на оваа делница во завршна фаза е 36 километри, а инвестицијата е вредна 15, 8 милиони евра. 

Паралелно се работи и на поврзување на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци, Прилеп па се до Битола, во должина од 92 километри. На овој потег веќе има околу 40 % реализација на градежните работи. Со инвестиција од 29  милиони евра, интензивно се работи и на делницата од Тетово до Гостивар, со околу 35% реализација на градежните работи.  

Дополнително, директорот Реџепи информираше дека преговорите за апликацијата за финансирање на интерконекциското поврзување со Грција преку ВБИФ се исто така во завршна фаза. 

ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица, денеска доби донација - возило за домашна нега од Министерството за здравство и граѓанското здружение „Сано“. Станува збор за донација на возило кое ќе биде употребено за домашна нега на хронично болни пациенти и лица од социјален ризик, на населени места каде што нема матични лекари. 

Донацијата ја предаде министерот за здравство, Венко Филипче и истакна дека на овој начин се зајакнуваат капацитетите на мобилните тимови за домашна посета кои ќе го зголемат спектарот на здравствените услуги во руралните средини.

„Во овој период, хронично болните лица имаат најголема потреба за редовни посети и прегледи од здравствени работници. Токму поради тоа, во населените места каде што нема матичен лекар оваа здравствена услуга на хронично болните пациенти и лицата од социјален ризик ќе им се врши во домашни услови“, потенцираше министерот Филипче.

Директорката на ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица, Љубица Митева се заблагодари за донацијата, која во вистинско време е донирана во оваа болница. 

„Во овие празнични и зимски денови кога интензитетот на бараните услуги во конзумот кој го покрива ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица е зголемен со задоволство можам да констатирам и убедена сум дека медицинските тимови (тимовите од патронажната служба) ќе бидат навреме присутни секаде каде ќе се потребни“, изјави директорката Митева. 

Независно дали ќе се работи за мерење на крвен притисок, шеќер во крвта, консултација околу земање на терапија или слично, сето ова навреме ќе биде овозможено со посета од страна на медицинските тимови во болницата. 

ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица покрива голем конзум на корисници во повеќе од 75 населени места. Во Струмица има доволно медицински кадар за извршување на оваа домашна нега. 

Ад-хок координативна група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот денеска ја одржа првата конститутивна седница, со која претседаваше министерката за правда, Рената Дескоска.

Со одлука на Владата во ад-хок координативното тело за развој на коцептот за Едно општетсво и интеркултурализам, покрај министерката Дескоска, како претседателка, за членови се назначени и Асаф Адеми, министер за култура, кој ќе ја врши и должноста заменик претседател на ад-хок групата, Аксел Ахмедоски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука, Илхан Рахман, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Јованa Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, Фатон Ахмети, државен секретар во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот Рамковен договор, и Рубин Земон, посебен советник за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации.

Оваа ад-хок координативна група на барање на Владата или по потреба, ќе предлага мерки и активности поврзани со прашања во врска со развојот на концептот за Едно општество и интеркултурализам. Ад-хок координативната група ќе ги разгледува препораките и извештаите на меѓународните тела и комисии како што се извештаите на Европската комисија, препораките Советодавниот комитет на Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства, Европската комисија против расизмот и интолеранцијата (ЕКРИ), Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Високиот комесар за националните малцинства при ОБСЕ, извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, извештаите на телата и комесарите при ООН, како и извештаите, препораките, мислењата, претставките на цивилниот сектор од и надвор од Република Македонија.  

Со конституирањето на оваа ад-хок координативна група за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам, за прв пат во историјата на Република Македонија се преземаат конкретни мерки и политики за поголема интеграција и кохезија на општеството.

На денешна конститутивна седница на ад-хок групата се разгледа информацијата за активностите во врска со подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам, се избра работна група за подготовка на методологија за работата на ад-хок координативната група, и се избра работна група за изготвување на Предлог-програма и акционен план за работа на ад-хок кординативната група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.

Неформална делегација составена од националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, заменик министерот за образование, Петар Атанасов и пратеникот Мухамед Зекири, во владата на Република Македонија оствари средба со делегација на Република Турција составена од портпаролот на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, советникот за Западен Балкан на претседателот Ердоган, Сабри Демири, амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркан Кара, претседателот на организацијата ТИКА, Сердар Чам, по повод денот на наставата на турски јазик во Република Македонија.

Делегацијата на Република Македонија на гостите од Република Турција им го честиташе празникот велејќи дека ова е празник и за Република Македонија, имајќи ги предвид одличните билатерални но и традиционални односи со нивната земја.

Националниот Координатор Пендаровски истакна дека Република Македонија, од почетокот на своите аспирации за членство во НАТО во Република Турција има не само сојузник, но и верен пријател со кој ќе продолжи да ја одржува соработката и по влезот на Македонија во НАТО алијансата.

Заменик министерот Атанасов, осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на Република Македонија, пред гостите ја изложи непоколебливоста на Владата и премиерот Заев за афирмирање на мултикултурноста како вистинска вредност на едно општество за сите граѓани на Република Македонија, а во таа заложба турската заедница во Македонија е од исклучителна важност преку своите придонеси во целокупното општествено живеење.

Портпаролот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, на средбата истакна дека Македонија е многу важна држава за Република Турција и за турскиот народ, посебно затоа што многу големи личности во Турската историја потекнуваат од овие простори, меѓу кои и авторот на химната на Република Турција и голем број на пратеници во турскиот парламент.

Поради тоа, како што истакна тој, е и големиот интерес на турски бизнисмени да инвестираат во Република Македонија, што е придонес на Турската бизнис заедница кон економско зајакнување на Република Македонија.

Делегацијата од Република Турција искажа недвосмислена поддршка на патот на Република Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, и, како што беше речено на средбата, Република Турција, таквите заложби на Република Македонија ќе ги поддржува постојано, со целиот капацитет на своите институции.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска одржа прес-конференција на којашто информираше дека е успешен Јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании и дека единствена компанија која што е пријавена е „Визер“. Во исто време, министерот Сугарески ги образложи и критериумите кои треба да ги исполни оваа авиокомпанија за да добие финансиска поддршка.

Во продолжение следи интегрален текст од обраќањето на Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески: 

„Владата на Република Македонија е силно посветена на развојот на авиосообраќајот преку создавање на услови за влез на авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани.

Ова е наша Програмска определба и Ве уверувам дека во натамошниот период во рамките на нашите надлежности ќе овозможиме многу нови дестинации. 

Сакам да Ве информирам дека денеска заврши Јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании. 

На Јавниот повик, до Министерството за транспорт и врски пристигна само едно барање за финансиска поддршка и од тоа од страна на авиокомпанијата „Визер“. По утврдената евалуација на понудата од страна на Комисијата надлежна за спроведување на овој Јавен повик, утврдено е дека авиокомпанијата „Визер“ ги исполнува сите услови и критериуми наведени во повикот. 

Денеска со задоволство можам да објавам дека Јавниот повик е успешен. 

Согласно критериумите, авиокомпанијата „Визер“ има обврска да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ - Охрид и тоа: првите две до 26 март 2019 година, а останатите две во рок од една година од денот на склучување на Договорот и истите да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка.

Авиокомпанијата „Визер“ исто така има обврска да воспостави и две нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје до 26 март 2019 година и истите да ги опслужува најмалку две години.

Во однос на финансиските средства, предвидени се вкупно 312 милиони денари или околу 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година. 

  • за 2019 година  предвидени се 86  милиони денари;
  • за 2020 година предвидени се  104 милиони денари;
  • за 2021 година се предвидени 104 милиони денари;
  • а за 2022 година предвидени се  17 милиони денари.

Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродром „Св. Апостол Павле“ - Охрид.

За секоја нова дестинација воведена од „Меѓународен аеродром Скопје“ ќе се додели финансиска поддршка во износ од:

  • 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот;
  • 8 евра по патник во заминување во втората година од договорот; 
  • 7 евра по патник во заминување во третата година од договорот. 

За секоја нова дестинација воведена од аеродромот „Св. Апостол Павле“ - Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од: 

  • 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот;
  • 12 евра по патник во заминување во втората година од договорот; 
  • 11 евра по патник во заминување во третата година од договорот.

Во оваа прилика сакам да ѝ честитам на компанијата „Визер“. Тие и  понатаму остануваат сериозен партнер на Владата во развој на авиосообраќајот во Република Македонија.

Ние како одговорна Влада ветивме дека ќе продолжиме со стимулирање на авиосообраќајот и тоа го остваривме. 

Нашата цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај, а граѓаните да добијат што повеќе нови дестинации по поволни цени на авиобилетите“. 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, денеска учествуваа на тематски форум насловен како „Судирот на интереси во власта - тенката линија до корупцијата“ во организација на Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар. 

На панел дискусијата посветена на оваа тема воведни обраќања имаа Фрик Јанмарт од делегацијата на Европската Унија, Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, а потоа вицепремиерот Анѓушев и министерот Поповски заедно со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, Вања Михајлова експерт и поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција отворија дебата со граѓанските организации и присутните претставници на медиумите на оваа тема.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека како член на Владата го поддржува донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, со кој подетално ќе биде уреден и судирот на интереси. Интерес на Владата, на стопанството и на граѓаните е донесување на овој закон во кој јасно ќе бидат претставени сите дефиниции поврзани со овие појави. 

„Задача на Владата е да се овозможат услови економијата да функционира нормално. Треба да се работи да се сопре формирање на компании, кои работат под „политички чадор“, затоа што на тој начин се прави двојна штета на економијата. Во минатото кога се креираа такви компании, со цел да добијат државни тендери, се правеа долгорочни штети. Од една страна, компаниите кои се политички заштитувани, по прекинот на таа политичка заштита не можат да се снајдат на слободниот пазар, затоа што не се навикнати да работат на тој начин, а од друга страна со самото тоа што се поттикнувале тие компании, се маргинализирале другите и не можеле да се развиваат, па се создава економски пустош на долг рок. Тоа е она основното кое треба да се сопре, таа нелојална конкуренција. Треба да се овозможи сите компании да работат под исти услови и да се развиваат согласно пазарот“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Зборувајќи за судирот на интереси и борбата против корупција министерот Поповски нагласи дека Македонија по промената на власта ги користи и унапредува институционалните и вон институционалните можности во справувањето со сите облици на корупцијата и нејзината распространетост која заедно со организираниот криминал и конфликтот на интереси претставува една од најподмолните закани за секое општество. 

„Бескомпромисна борба против корупцијата има резултати единствено кога судството и обвинителството се целосно ослободени од било каков притисок и влијание на центрите на моќ. Суштинскиот столб на реформите е оној во правосудството, како и формирање на непартизирана и професионална Антикорупциска комисија, почитувана и со доверба на граѓаните. За таа цел е изработен нов Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси. Предлог законот, усвоен од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура. Со него се обезбедува ДКСК да биде зајакната, позиционирана и екипирана да ги остварува своите надлежности во борбата против корупцијата без политички влијанија, она на што особено укажуваше експертската јавност во инклузивниот процес на подготовка на законот“, рече министерот Поповски и соопшти дека е изготвен Нов предлог Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер кој ќе го олесни пристапот до информации од јавен карактер што ќе претставува поттик за истражувачкото новинарство посветено на откривање на корупција и судир на интереси.

Со овој предлог закон се предлага намалување на исклучоците од слободен пристап до информации, зголемување на опфатот на информации, скратување на рокот за одговор по барање за информации - од 30 на 20 дена, вклучување на политичките партии како иматели на информации во делот на нивните приходи и расходи. Се предлага трансформација на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Агенција, која покрај останатите надлежности, ќе има надлежност да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за прекршоците утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Видливи се и резултатите од имплементацијата на концептот на Отворена и транспарентна влада. Според индексот на отвореност, Владата на Република Македонија е на прво место во регионот, со 76% исполнување на индикаторите“, утврди истражувањето на „Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и во Македонија. Воведовме алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Jавноста доби увид за трошењето на функционерите, премиерот, министрите, нивните заменици и државни секретари, директорите на државни и јавни претпријатија и нивните заменици. Заштедите се три до четирикратни во однос на трошењата на претходните влади. Во владата постои јасна и недвосмислена политичка волја и подготвеност за справување со корупцијата во земјава на сите нивоа. Ги отворивме институциите, го повикавме граѓанското општество и сите заинтересирани да бидат целосно вклучени во спроведување на тендерските процедури, од почеток до крај на постапката“, потенцираше министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, на форумот „Судирот на интереси во власта - тенката линија до корупцијата“ во организација на Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар. 
 

Министерот Оливер Спасовски и дел од раководството на МВР денеска ја посетија реновираната полициска станица во Кичево, објект што е реновиран со средства од Министерството со цел обезбедување подобри услови за работа за полициските службеници. Во овој објект инвестирани се 3.300.000 денари, а беше направена замена на врати и дрвени прозори со нови ПВЦ, интервенирано е на фасадата, а извршени се и други молерофарбарски работи.

Министерот Спасовски во изјавата за медиумите потенцира дека она што го затекнал во МВР беа голем број запуштени и руинирани објекти, полициски службеници за кои цела деценија не беше набавена униформа, многу лоши услови за работа.

 

 

- Веднаш се зафативме за работа и еве, ги гледате резултатите. Од втората половина на 2017 година заклучно со денес, реконструиравме или саниравме вкупно 18 објекти, а само годинава таа бројка изнесува 11 објекти, за што беа издвоени околу 25 милиони денари. Притоа сите тие активности ги финансиравме од сопствени средства, односно од средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи. Полициските службеници постојано во текот на оваа година добиваат нови униформи, ги реновираме објектите за да обезбедиме соодветни услови за работа, а од овој месец ја зголемивме и платата на полициските службеници. Се разбира, ние на ова нема да застанеме туку со овие активности продолжуваме и во текот на наредната година за кога планираме да вложиме нови 70 милиони денари за реновирање и реконструкција на објекти. Во 2019 година, меѓу другото, планираме активности за обновување на објектите на Полициските станици во Дебар, Кочани, Крива Паланка, Виница и многу други... Покрај ова, планираме интензивирање на активностите во делот на програмите за полициска обука, едукација и специјализација, ново зголемување на платите на вработените во МВР - рече министерот Спасовски.

На средбата со раководството на ПС Кичево се разговараше за безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кичево, која е стабилна и имаме подобрување во многу сфери од работењето на полицијата. Особено е видливо зголемувањето на откривачката дејност.

Министерот Спасовски имаше работна средба и со градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари.

- Со градоначалникот на Кичево разговаравме за меѓусебната соработка, за обновувањето на врската меѓу локалната заедница и полицијата. Многу важно за безбедноста е да има соработка, партнерски однос меѓу граѓаните и македонската полиција. За жал, таа нишка беше прекината во минатото, но денеска имаме многу заеднички иницијативи кои придонесуваат да ја обновиме таа соработка и притоа ја враќаме довербата на граѓаните во полицијата. Упатувам апел до граѓаните на Кичево да бидат партнери на полицијата. Разговаравме за прашања кои можеме заеднички да ги решиме, посебно во делот на сообраќајот и веќе детализираме и конкретни активности. Успешната соработка ќе ја продлабочуваме и во иднина - рече Спасовски.

Нивелацијата во институциите од областа на културата се спроведува од причини што веќе подолг период е присутен проблемот на неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платата,  односно за исто работно место во две институции има различен бруто коефициент за пресметка на плата.

Ваквата состојба со платите во институциите во културата произлегува од непринципиелно доделување на бруто коефициенти за пресметка на плата при што не се применувал постоечкиот Колективен договор. Исто така во одредени дејности од областа на културата имало покачување на платата за 40% додека во заштитата и библиотекарството воопшто не е спроведно. Нивелацијата е во согласност и со иницијативата на СКРМ, средствата за нивелацијата на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година.

Главен приоритет на Министерството за култура и понатаму останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на Република Македонија, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на новиот Колективен договор во културата.

Во тој контекст, сакаме да потсетиме дека од причини што Колективниот договор за културата е истечен веќе 10 години, во изминатиот период во Министерството за култура беше формирана работната група составена од претставници на стручните служби на Министерството и претставници на двата синдиката: Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ), која активно работи  на анализата за правичната валоризација на трудот на вработените во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, по спроведените анализи, дополнително ќе бидат обезбедени. 

Со склучувањето на новиот Колективен договор за културата во иднина ќе се решат негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

Претходно, од страна на Владата на Република Македонија беше препорачано средствата што се на располагање на сметката на Министерството за култура, по добиената согласност од Министерството за финансии, да бидат наменети за зголемување на платите на стручните работници во областа на заштитата на културното наследство, а во иднина секое стекнато стручно звање да добие соодветен надоместок на платата.