Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 7 јануари 2019 година (понеделник), Божик, првиот ден на Божик според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија. 

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, им го честита Божик на граѓаните од православната вероисповед.

 

Чест и задоволство ми е што првиот ден од Новата 2019 година заедно со моите соработници сме овде на Граничниот премин Богородица, меѓу нашите колеги од Полициската станица за граничен надзор Богородица и што имам можност директно да им ја честитам новата година на полициските службеници, рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на полициската станица на граничниот премин Богородица. 
Граничниот премин Богородица како исклучително фреквентен, ако не и водечки во тој смисол, според обемот на работни обврски заслужува должно внимание и секаква поддршка во насока на што поефикасно и поквалитетно функционирање од аспект на полициското работење. 
„Искрено верувам дека резултатите што беа постигнати во 2018 година од страна на нашите колеги на ГП “Богородица“ годинава ќе бидат уште подобрени“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски оцени дека главно состојбата во текот на новогодишната прослава може да се окарактеризира како мирна и стабилна од аспект на безбедноста, така што генерално министерството за внатрешни работи може да биде задоволно од она што е сработено во текот на ноќта, но и претходно во деновите пред празниците, особено во делот на превенцијата
Министерот Спасовски во свое име и во име на раководството на министерството им ја честита новата 2019-година на сите вработени во МВР, но и на сите граѓани со желба и надеж дека годинава пред нас ќе ни биде далеку поуспешна на сите полиња, приватно и професионално. 

Владина делегација што ја предводеше министерот за здравство Венко Филипче, во придружба на министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните компании Зоран Шапуриќ, и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, положи свежо цвеќе на гробот на покојниот поранешен претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Како прв претседател на самостојна и независна Република Македонија, Глигоров имаше клучна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање.

Остануваат запаметени, меѓу другото, и неговите ставови за добрососедските односи дека „ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга... И да ја оставиме историјата на страна“.

Премиерот Зоран Заев беше гостин во предновогодишната емисија „Лица“ со Анета Кочишки, каде што ја резимираше 2018 и зборуваше за своите очекувања во 2019 година. Помалку за политиката, а повеќе за тоа кој е Зоран Заев приватно, дознајте повеќе за премиерот во детството и младоста и за Нова Година.

- Имам вкупно 18 другари, до ден денес се дружиме, ги користиме празниците да поминеме дел заедно, обично на 1 мај, на Нова Година или во текот на летото, ќе се подружиме, ќе излеземе на вечера, вели премиерот.

Студентските денови си ги споменува како напорни, но веројатно најубави денови од младоста. Кога се вратил во семејните фирми и очекувал да биде директор, но првата година го ставиле да работи во магацинот, па го унапредиле уште шест месеци во сметководство и дури потоа го ставиле да биде комерцијален директор – искуство кое му се нашло во животот. По куса пратеничка кариера, се враќа во Струмица како градоначалник, а и денес живее таму со семејството.

- Не работам 24/7, неделата е за мене, кога можам и во сабота сум со семејството, секогаш се враќам во Струмица. Тука ми се другарите, се трудам да бидам едноставен и приземен, да ги слушнам разговорите, знам да се прошетам и во Скопје, затоа што некогаш власта и политиката можат да ги тргнат политичарите понастрана од реалноста на граѓаните, објаснува премиерот.

Политиката го повлекла од економијата кога општествената дебата барала да се направи нешто политички, за да има иднина за бизнисите и за граѓаните. Одлуката паднала на семејните средби, бидејќи семејството видело дека има таква наклоност.

- Сфатив дека со моите економски и практични искуства може да се покажат убави општествени резултати. Верувам дека низ економскиот перформанс на општина Струмица станав видлив за Македонија, вели Заев и додава дека токму успехот како градоначалник го рангирал повисоко во политиката.

Тој очекува дека по крупните политички прашања, доаѓа време на убава економска борба и верува дека Владата ќе донесе економски напредок во Македонија кој ќе го почувствуваат и граѓаните.

- Македонија ќе каска во место се додека не ги реши отворените билатерални прашања, затоа што беа кочницата за нашата интеграција и во НАТО и во ЕУ. НАТО и ЕУ носат стабилност, мир, сигурност, но и економија, домашни и странски инвестиции. Дебатата во политичките кругови е дали со претседателските да се оди и на парламентарни или не. Но сега, кога треба да ги собереме ловориките од крупните одлуки кои ќе го донесат економскиот бран на охрабрување, исклучиво од нас дома ќе зависат економските успеси. Верувам дека ќе ги покажеме, вториот и третиот квартал покажуваат раст од 3,1%, а четвртиот кој ќе биде објавен во февруари очекувам 4%, изјави Заев и додава дека само над 4% раст граѓаните ќе го почувствуваат вистински.

За семејните бизниси вели дека ги чува семејството, а тоа си има дадено збор да се одржи без оглед на се. Како што објаснува, си помагаат меѓусебно, затоа што парите имаат вредност единствено кога се вртат, а се договориле да водат скромен живот, за да не дојде до девијантни појави.

- Знам да се консултирам, да прашувам, се сметам можеби повеќе за храбар отколку за најпаметен. Јас сум просечен, едноставен човек. Веројатно поучен од минатото, сум исправен пред мандат во којшто беа созреани процесите за храбри одлуки, ќе рече и додава дека истиот принцип го користи и во политиката – консултации со експертите и храбри одлуки за кои верува дека носат перспективи за граѓаните.

За критиките што ги трпи деновиве, околу Преспанскиот договор, вели дека е сигурен дека тој ќе има иднина само ако е целосен и затоа ги носи чекорите ставајќи ја дури и сопствената политичка кариера во ризик, како што се случи со објавувањето на бомбите и упадот во Собранието на 27 април. Сепак, се надева дека процесите водат кон целосно помирување, затоа што во моментов сме само на неговиот почеток, затоа што мора да допре до сите граѓани зафатени со политичкиот раздор.

Годинава вели дека ќе ја памети, и за Македонија и за него како претседател на Владата, по храбрите одлуки и решавањето на споровите.

- Спорот со Бугарија беше решен во 2017, но првите фази на разговорите и имплементацијата беа годинава и покажавме раст на трговијата од 10 до 12%. Преспанскиот договор е одличен модел за решавање на слични проблеми секаде во светот, затоа што најдовме концепт за решавање на идентитетски прашања, вели Заев.

Целото интервју со премиерот Заев погледнете го во видеото.


Извор

Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека на 29 декември 2018 година, е објавен Јавниот оглас број 379/2018 за вработување на 26 (дваесет и шест) административни службеници во Министерството за надворешни работи  (дипломати - приправници и помошно -стручни службеници).

Јавниот оглас, покрај на интернет страната на Агенцијата за администрација е објавен и во дневните весници Нова Македонија, Независен весник и Лајме и истиот ќе трае 20 дена од денот на објавувањето.

Како што Министерството за надворешни работи веќе објави, водејќи се од начелата на меритократија, инклузивност и транспарентност, охрабруваме пријавување на што поголем број на кандидати кои ги исполнуваат условите за вработување, со цел извршување на објективна селекција на високо перспективни кадри, кои постепено ќе ги развиваат неопходните дипломатски вештини, придонесувајќи на тој начин кон успешна афирмација на Република Македонија

Заинтересираните кандидати можат електронски да аплицираат на огласот на следната интернет страница:

http://prijava.aa.mk/#/announcementDetails/509

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 6 јануари 2019 година (недела), Бадник, ден пред Божик, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија. 

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика им го честита Бадник на граѓаните од православната вероисповед во Република Македонија.

Од денеска почнуваат со работа реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ е направена комплетна реконструкција на операционите сали по сите светски стандарди.

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека се заменети и надградени сите постојни инсталации, според нови стандарди. Тоа значи безбедни медицински гасови, сигурна електрична инсталација којашто е испитана и за која добивме сертификати и нова водоводна инсталација.

- Имаме и комплетно нова климатизација и вентилација на салите со  комплетна регулација на воздухот. Целосно се регулира и се следи состојбата на сите филтри низ кои поминува и се прочистува воздухот, влажноста на истиот и протокот за да не се појави непријатно струење, потенцираше министерот Филипче.

Во сето ова се вградени нови оперативни столови и нови светла над нив. Набавена е и нова надстандардна и софистицирана медицинска опрема.

- Сето тоа споено дава одлични услови за работа за колегите, но и најсовремени стандарди за операција на пациентите, рече министерот Филипче.

Илир Хасани, директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, изјави дека обновата на салите е голема инвестиција и најавува дека реконструкциите ќе продолжат додека не се постигнат светски здравствени стандарди.

- Со сите овие чекори покажуваме интенција и залагање за развој на современо и модерно здравство, фокусирано на сите наши пациенти, кои имаат потреба од медицинска помош на ортопедија, посочи д-р Илир.

Целото реновирање чини над 30 милиони денари, најголем дел од средствата се преку Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Министерството за здравство и околу 1.5 милиони денари од донации.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Доаѓаме до крајот на една од најважните и најчувствителните години за нашата земја. Година на интеграциите.

Преку изградба на пријателство со соседот Грција, одговорно затворивме спор што Македонија ја влечеше надолу цели 27 години. Избравме иднина, наместо неизвесна изолација.  

Денес, нашата држава е на чекор да стане 30тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО.

Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската Унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската Унија. Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација.

Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии. Земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме. 

Почитувани граѓани,

Додека ја испраќаме 2018 година, во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план. Направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас. 

Да бидеме горди на тоа.

Затоа, иако предизвиците се големи, да се украсиме сите ние со храброст, одлучност и да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого.

Во тој дух да го поддржиме и да му дадеме шанса на сонот на нашите генерации.

Ви посакувам успешна, економска и интеграциска година, добро здравје и ведар дух.

Среќна Нова 2019 година!

Владата на Република Македонија на својата редовна 113-та седница што ја одржа вечерва, ја усвои Програмата за остварување на социјалната заштита за 2019, како и одредбата Програмата да отпочне да се применува од 1 јануари 2019 година.

На оваа седница Владата ја донесе и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2019 година.

Во пакетот социјални програми на Министерството за труд и социјална политика, Владата вечерва ги усвои и Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2019 година; Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2019 година, како и Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2019 година.

Овие програми се усвоени на оваа седница бидејќи на нив им претходеше неопходното усвојување на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, за да можат да се реализираат веднаш со првиот ден од новата година.

На оваа седница Владата на РМ донесе одлука да го повлече од Собранието на РМ Предлог-закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и низ повторена владина процедура овој предлог-закон, од реформскиот пакет од легислативата, да добие европско знаменце за да се забрза постапката за негово донесување во законодавниот дом и да се избере нова Државна комисијата за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени во новото законско решение.

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои ,,Информацијата за вклучувањето на децата Роми во предучилишно образование“, и им препорача на градоначалниците на општините опфатени во оваа информација да го свикаат Советот на општината и да ја разгледаат можноста за ослободување од партиципација на 450 Ромски деца на возраст од 3-6 год за престој во детските градинки 01.12.2018 до 31.12.2019.

На денешната седница на Владата на РМ е усвоена и Одлуката за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање на субвенциониран станбен кредит во 2019 година, со што на граѓаните ќе им се овозможат по поволни услови да дојдат до сопствен дом.

На својата 113-та седница Владата да ја разгледа и усвои Програмата за интеграција на лицата на кои им е признаено правото на азил во Република Македонија за 2019 година.

Владата на РМ односно, Министерството за образование и наука, со пренамена на средства преку Програмата за приватно-јавни непрофитни високообразовни установи донесе одлука да пренамени 8 милиони денари. Православниот Богословски факултет "Св. Климент Охридски" добива 3 милиони денари, Универзитетот на Југоисточна Европа добива 3,1 милиони денари, а Факултетот за Исламски Науки добива 1,9 милиони денари.

Со измените во Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија се врши само терминолошко усогласување на тој закон со Законот за Влада.
 
Нема зголемување на платите на замениците на претседателот на Владата на Република Македонија.

Имено, со Законот за Влада е предвидено Претседателот на Владата, од редот на министри, да именува заменици, кои го заменуваат во негово отсуство. Нивната плата треба да се утврдува со коефициенти утврдени со Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија.

Во изминатиот период, Законот за плата во однос на називот на функциите не беше усогласен со Законот за Влада, поради што Уставниот суд ја укина одредбата на Законот за плата во делот на Потпретседател, затоа што не е усогласен со Законот за Влада. Во вакви услови, се создаде пречка за пресметка и исплата на платата на Замениците на Претседателот.

Со измените на Законот за плата се изврши терминолошко усогласување поради Одлуката на Уставен суд, со што платите на замениците на претседателот не се зголемуваат, туку ќе се исплаќаат со истиот коефициент, пред Уставниот суд да ја укине одредбата.​​​