Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа присуствуваше и се обрати по повод свечениот настан „Спортисти на годината 2018“ кој го организираше Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации. Тој беше придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата, Оливер Спасовски.

На овој настан беа присутни спортисти, спортски работници, претставници на спортските федерации, како и поддржувачи на спортот.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање истакна:

„Навистина е величенствен чинот, преку ваквите спортски награди, да ја завршиме оваа 2018 година, со надеж за уште поголеми успеси во годината која што доаѓа. Мене ми е драго да бидам предводник на извршна власт, којашто има силна мотивација, да вложи сериозни пари и веќе вложува сериозни пари во поддршка на спортот, затоа што веруваме дека идоли за сите нас, сте токму вие спортистите од нашата земја. Затоа, она што до сега го правиме, со вложување сериозни и квалитетни средства во федерациите и спортските клубови и продолжуваме да растеме со буџетот.

Следната година имаме дополнителни 6 милиони евра, ваучерскиот систем стартува од јануари 2019 година, што дополнително значи нови 6 милиони евра за сите спортски клубови.

Во Буџетот кој што помина пред некој ден, 75 милиони денари се веќе предвидени за изградба на Домот на спортовите.

Уште во јануари и февруари, сите ве поканувам да ја направиме Националната стратегија за спорт, а при крај се фазите на одлуки, кои што треба да донесат, сите спортски објекти коишто беа под Јавното претпријатие за стопанисување со спортски терени и објекти, да бидат наменети да бидат доделени на федерациите и општините за да може да ги користат сите спортисти.

Ова го зборувам од срце, заради тоа што сакам навистина, да мотивирам сериозни цели и успеси. Ние се радуваме на секое наше учество, на секој наш спортист, на секој спортски клуб, национален тим.

Македонија ве бодри секаде и тоа е најмалку што можеме да направиме, затоа што дефинитивно вие сте нашите најголеми амбасадори.

Ви благодарам од името на граѓаните на Македонија, што ни ја претставувате нашата убава земја“.

За најдобар спортист за 2018 година е избран каратистот Емил Павлов, европски првак во карате-борби категоријата до 60 килограми и прв шампион од Македонија во еден олимписки спорт, додека за најдобра спортистка е прогласена ракометарката Сара Ристовска која со РК Вардар имаше настап на фајнлфор турнирот во Лигата на шампиони.


Директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски: Го зголемуваме бројот на млади кои спортуваат и поддршката за нив ќе расте во иднина

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски имаше свое обраќање на настанот „Спортисти на годината за 2018“, и истакна дека настанот е убава прилика да се потенцира дека со „спортскиот вирус“ во годината што изминува се „заразени“ нови 20 проценти или во бројки 35 илјади ученици од основното и средното образование да учествуваат во спортот и спортските активности.

Во продолжение Каевски се осврна на најважните мерки што АМС и Владата на РМ ги презедоа за дополнителни средства во Буџетот за поддршка на зчајани спортски проекти.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме говорот на Каевски од свеченоста по повод изборот на „Спортисти на годината за 2018“.

„Еден од проектите којшто беше наше ветување е и спортскиот ваучер којшто треба дополнително да им донесе средства на спортските клубови, спортистите и федерациите за следната 2019 година. Таа мерка не само што треба да им го олесни патот на спортистите туку треба и да помогне во развивање на нови „спортски зависници“, но и секако да ја разбиеме бариерата помеѓу компаниите и спортските клубови.

Компаниите мораат да ни веруваат и да не поддржат дека секоја помош во спортот е помош и во нивниот иден кадар, затоа што само преку спортот можеме да изградиме здрава нација којашто спортскиот дух и здравото тело ќе им помогне во натамошниот животен век.

Еден од проектите којшто го најавивме е жената во спортот. Со дополнително помагање и субвенционирање на клубовите и едукативните програми, направивме сериозен исчекор на интеграција на жената во спортот. Се надевам дека од година во година овој систем ќе го јакнеме и ќе се радуваме на успесите кои ги имаат жените во спортот.

Во оваа година, го возобновивме системот на ветераните, и нивното искусто и знаење е многу важно за развојот на спортот. Ги поддржавме сите активности на лицата со инвалидитет и на лицата со посебни потреби, се со цел нивна дополнителна интеграција во спортот и секојдневието. 

Завршивме со целосната документација и во месец март стартуваме со изградбата на базените, во месец ноември го комплетиравме проектот изградба на фитнес зони на отворено, коишто се во насока да го подигнат рекреативниот спорт. Тука се и домот на спортовите и две сали за боречки вештини во 2019 година. 

Секако, нашиот најголем фокус ќе продолжи да ни бидат младинските категории, коишто преку поддршката што ја даваме, ќе успееме да да го подигнеме спортот и условите во спортот.

За крај, сакам да се заблагодарам на  претседателот на Владата на РМ, на министерот за финансии,  советниците за спорт на Премиерот, на раководителот и секторот спорт при АМС, на спортските федерациите, на спортистите и спортските работници, на професорите и новинари и на сите оние кои не поддржуваат да ги оствариме нашите заеднички идеи и визии на спортот во РМ“.

Денес во Собранието на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија ги образложи предлозите за разрешување од функција на министрите без ресор, Аксел Ахмедовски, и Аднан Ќахил.

За министер без ресор задолжен за имплементацијата на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите предложен е Музафер Бајрам, а како министер без ресор задолжен за странски инвестиции, премиерот Заев го предложи Елвин Хасан.

Собранието на Република Македонија ги изгласа новите министри.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска, во Музејот на современа уметност присуствуваа и говореа на презентирањето на проектите од таканаречениот „втор инвестициски бран“, кој се реализира во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.

 

 

По настанот, претставниците на Владата одговараа и на прашања од интерес на новинарите, кои ви ги пренесуваме во целост:

Прашање: Јас би сакала прво да ве прашам за Планот за економски раст. Вицепремиерот најави дека во наредните три дена ќе биде целосно исплатени средствата за компаниите и од првиот и од вториот столб. Колку што се сеќавам, околу 50 милиони евра беа предвидени оваа година, токму за Планот за економски раст. Колку од средствата се искористени од компаниите, колку фирми точно ќе добијат средства од сите столбови и статистика ако може да ни кажете како оваа година е искористеноста на парите од Планот за економски раст?

Одговор на премиерот Заев: Господинот Анѓушев ќе каже, јас знам дека со оваа бројка стигнуваме до некаде повеќе од 250 компании. Драго ми е што токму тие компании го дигаат просекот на платите во Македонија. Огромен е процентот на реализација на Буџетот за поддршката на компаниите, односно сето она што конечно со ребалансот беше предвидено. Верувам се исплаќа до самиот крај. Но, еве деталите ќе ги каже потпретседателот на Владата, Анѓушев, заради тоа што и тој располага со тој Буџет.

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Сите предвидени средства во Буџетот и ребалансот на Буџетот кои што беа за поддршка на економијата во Република Македонија се искористени. Заклучно со утре, ќе бидат сите тие исплатени. Над 250 компании во Република Македонија ќе бидат помогнати. Мерките ќе бидат распределени преку главно три столба на исплата, а тоа ќе бидат директно значи за финансиска поддршка на инвестициите. Понатаму, како активни мерки за вработување и преку Фондот за иновативност и технолошки развој за малите, микро и средни претпријатија.

Прашање: Колку е вкупната сума, може да ни кажете?

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Таа што беше предвидена во Буџетот, значи повеќе од 35 милиони евра.

Прашање: Може ли да ни кажете, Владата вчера донела мерки за челикот, дека ќе се продолжат преговорите бидејќи компаниите и натаму тврдат дека ќе имаат проблеми? Какви одлуки се донесени? Дали Владата може да им помогне на компаниите кои имаат такви проблеми како што најавуваат?

Одговор на премиерот Заев: И потпретседателот Анѓушев и потпретседателот Бујар Османи испратија две сериозни пораки, дека фокусот на Владата останува комплетно насочен кон поддршка на овие компании. Овие компании се Македонија, нашиот Бруто домашен производ, нашите работни места на нашите граѓани и слично. И втората порака е, дека не е навистина потребна некоја паничност. Се работи за просек од трите години, зголемен за пет проценти. Проблемот е, што сега е квота. И еден од друг се плашат, генерално, некој да не го зафати делот и на другите компании. Ние тука можеме да менаџираме, за да има правичност со сите. И секако им стоиме целосно на располагање на компаниите, да им бидеме сервис. Имаме дополнителна квота или таа глобалната, која што од било која земја ако не се искористи, можеме дополнително да ја искористиме. Проблемот е, што преку квотите, оние амбициозни планови, кои што се направени од страна на компаниите, а се многу поголеми од просекот од трите претходни години, не може до крај да се исполнат. Тука е самиот проблем. Но, верувам ако овие планови имаат тенденции, сакам да ги охрабрам компаниите да продолжат со своите планови, секој пат ќе се изнајдат решенија. Македонија блеска во очите на Европската Унија и секој пат разбирање мора да имаме. Во врска со оваа работа работеше потпретседателот Анѓушев, потпретседателот Бујар Османи, министерот за економија, лично разговарав со претседателот на Европската комисија, Јункер, сите заедно работевме на оваа тема. И нашата Амбасада е целосно посветена. Имаат дел од компаниите свои адвокатски тимови, помина и делот на инспекциските контроли од страна на ЕУ кон компаниите дома. И, верувам дека на крајот, сето тоа не смее да остане демотивирачки за самите компании. Така да, оние стотици милиони, двесте милиони евра апсолутно не е тоа вистина. Но, секако остануваме со целосно будно око и фокус кон поддршка на компаниите. И со намера да бидат охрабрени и да продолжат во имплементација на своите планови за 2019 година.

Прашање: Премиере, дали доколку нема цензус за избор на Претседател на државата, се размислува веќе да се подготват уставни измени со кои тој би можел да се бира во Собранието? И да ни кажете, како во Вашата партија во СДСМ ќе се бираат кандидатите за Претседател и како со коалициските партнери тоа ќе го усогласите?

Одговор на премиерот Заев: Ех колку тешки прашања. Крај на година е. Сакам оптимистички да размислувам. Не доколку нема цензус, дајте да успееме да има цензус. Тоа е редот, по Устав, по закон, да избереме Претседател. Мандатот на претседателот Иванов завршува на 12 мај, колку што знам. Како што тоа е определено, Македонија ќе има нов Претседател и согласно тоа да бидеме позитивно фокусирани на успешни, демократски избори кои што навистина ќе го изберат првиот човек на државата. Новиот Претседател на Македонија. Секако, можности постојат секакви, ако тоа не се случи. Но, не би сакал ниту да размислувам, ниту да дебатирам за такви можности. Заради тоа што, прво почеток на годината е. Второ, ниту разговарам во политичките кругови, ниту било каде, сè додека не заврши Парламентот со политичкиот процес поврзан околу важната цел, а тоа се уставните промени заради интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО. Верувам дека по празниците, по таа седница која што е закажана на 9-ти, токму ќе ги отвориме темите. Ќе дадеме одговори, на сите овие прашања. Но, мојот директен одговор е, дека верувам дека 40 проценти цензус ќе се постигне во еден компетитивен натпревар помеѓу повеќе кандидати, не само власт и опозиција, или левица и десница, или здружени и слично. Да имаат лепеза, граѓаните за избор, да може да изберат најдобро решение, заради тоа што се работи за Претседател на нашата земја.

Прашање: Околу пратеничките бенефиции?

Одговор на премиерот Заев: Апсолутно ги поддржувам реакциите кои што излегоа од пратеничката група на СДСМ. Нема потреба од такви закони. Пратениците се застапници на граѓаните и тие се граѓани кои што добиле чест, во еден мандат да ги застапуваат своите граѓани. Апсолутно ги подржувам нивните реакции, за целосно одбивање на вакви коментари, предлог-идеи или решенија околу ваквиот закон. Знам дека таков закон нема да се донесе.

Прашање: Околу уставните измени за името, рековте имате 76 пратеници...

Одговор на премиерот Заев: Толку потврдиле, со кои што разговараме. Тоа, не значи дека сите други одбиваат. Јас верувам дека ќе бидат навистина 85, 90, дај боже и повеќе. Тоа е, целта и затоа имаме вака инклузивен процес. Ви реков и кој се отприлика причините. Допрва следува доставување на амандмани од страна на пратениците на уставните амандмани. Веројатно, луѓето сакаат да се вградат, да дадат свој прилог внатре, свој коментар и согласно тоа кога ќе завршат сите тие постапки да ги кажат своите ставови, по основ на ова прашање. Јас, сум им благодарен на сите, кои што го истакнуваат својот позитивен став до сега. Заради тоа што, тоа го прави и за мене како Претседател на Владата или предводник на ваквиот процес за Парламентот, но најповеќе за граѓаните, поизвесен овој процес што доаѓа, но останувам оптимист дека најмалку двотретинско мнозинство или 80 пратеници ќе има на седницата на 9 јануари.

Прашање: Вие не се кандидирате за Претседател на државата, дефинитивно соопштивте вчера?

Одговор на премиерот Заев: Јас, дефинитивно не се кандидирам за Претседател. Зоран Заев не е кандидат за претседател и убаво е да се разгледуваат другите кандидати, да се коментира од страна на медиумите, од јавноста. Само така, ќе се изнедри на површина најдобрата личност, која што би била нашиот нов претседател.

Прашање: Во Собранието денеска, се разрешуваат двајца министри, може ли околу причините поради кои побаравте нивно разрешување? И, планирате ли поголема реконструкција на Владата?

Одговор премиерот Заев: Не планирам поголема реконструкција на Владата, барем не засега. Причините кои што се за разрешување на двајцата колеги се од страна на политичките партиципиенти во власта, или нашите политички партнери, се донесени одлуки од страна на раководствата на тие партии и бараа соодветна замена. Јас можам да го изразам задоволството од работата и соработката со двајцата министри. Да им се заблагодарам на нивниот ангажман, да ги поканам да останат во ангажман на јавниот сервис, преку извршната власт, служејќи им на граѓаните. Верувам дека ќе се најдат можности за понатамошен нивен ангажман. Веќе јас лично размислувам. Следуваат разговори со двајцата досегашни министри, верувам дека Парламентот ќе ја подржи ваквата промена, заради тоа што сме на крајот и политичка Влада, каде што своите партиципиенти, политичките партии имаат и свое учество, покрај другите кои учествуваат, од коморите, независни луѓе имаме во Владата и слично, да дадат свои нови претставници кои што достојно ќе им служат на граѓаните како министри во Владата на Република Македонија.

Прашање: Уште една одлука била донесена на Владата, за некое ново задолжување од околу 9 милијарди денари, ако не се лажам?

Одговор премиерот Заев: Тоа се одлуките, кои на крајот на годината се даваат како рамка на Министерство за финансии. Завршува годината, секоја година тоа се прави. Се донесува одлука, се дава една рамка и Министерството за финансии ги носи потоа своите одлуки. Најголем дел е тоа за рефинансирањето. Знаете дека обично се земаат краткорочни кредити, се враќаат исто така краткорочни обврски на државата. Тоа е таа рамка, која што вчера беше утврдена.

Прес-конференција на портпаролите на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа по завршување на 112-тата седница

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска на 65 домашни компании им доделија грантови за кофинансирање на проекти од вториот инвестициски бран, во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.

Посочувајќи дека досега повеќе од 130 компании од Македонија добија грантови за кофинансирање на нивните проекти, премиерот Заев истакна дека тоа е доказ дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел. Премиерот Заев додаде и дека вкупниот износ на нови инвестиции во економијата само со втората група компании за финансирање е 824.828.614.00 денари, и дека со инструментот за поддршка - инструмент за подобрување на иновативноста, вкупно се ангажирани 323 лица, од кои 85 се ново вработени.

 

 

„Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за првпат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите. Истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот. Планот за економски раст создава економија со здрави и цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството, како и целата земја. И затоа продолжуваме со засилено темпо“, потенцираше премиерот Заев.
Во своето обраќање пред присутните премиерот Заев истакна дека проектираната фискална политика за следната година, ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија.

„И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018-та година. Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор - преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување“, заклучи премиерот Заев.

Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев нагласи дека продолжува да се остварува визијата на Владата, иновативноста и технолошкиот развој да бидат основа за раст на индустриското производство, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.

 

 

„Единствениот начин една економија да биде поконкурентна е компаниите да имаат пристап до современи технологии, да добијат знаења и вештини, тие технологии да ги користат и да поседуваат добри организациски способности. Во првите два сегменти Владата посветено помага на македонските компании и преку мерките од трите столба на Планот за економски раст оваа година обезбедивме финансиски средства за рекордна поддршка на околу 250 компании. Технолошкиот развој е иднината на нашата држава, за индустриски раст и повисоки стапки на БДП. Поттикнуваме зголемена продуктивност и конкурентност на македонските компании, со кои ќе се поттикне раст на извозот, на стапки од над 60% во учество на БДП, а со тоа ќе поттикнеме и побрз и одржлив економски раст“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека во наредните денови, во целост ќе бидат исплатени средствата за поддршка на компаниите преку првиот и вториот столб од Планот за економски раст, коишто реализирале инвестиции во 2017 година и коишто поднеле барање за исплата на финансиска поддршка.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски од своја страна посочи дека досегашните резултати покажуваат придвижување на домашната економија, но и дека компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Како што рече Деспотовски, само во вториот бран, компаниите во просек вложиле речиси иста сума сопствени средства како и државата.

 

 

„Со третиот столб од планот за економски раст во 2018-та година поттикнавме инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 2 милијарди денари. Она што особено радува е фактот што во овие проекти ќе бидат ангажирани над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари. Поддршката за сите домашни компании ќе ја продолжиме и во 2019-та година“, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.


Премиерот Заев: Поддршката на центри за технолошки развој и иновации даде резултати - поттикна развој, ја разбуди креативноста на компаниите и ги направи поконкурентни на странските пазари

 

„Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел. Денешните, овие 65 компании, но и 70-тина од првиот бран добитници на грантови за кофинансирање, секако се само еден доказ за тоа.

Како што пред малку рече и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Деспотовски, вкупниот износ на нови инвестиции во економијата само со втората група компании за финансирање е 824.828.614,00 денари. Ќе повторам и дека само за инструментот за поддршка: Инструмент за подобрување на иновативноста вкупно се ангажирани 323 лица, од кои 85 се нови вработувања.

Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за првпат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите. Истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот.

Почитувани,

Планот за економски раст создава економија со здрави и цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството, како и целата наша земја.

И затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколкупати досега реков дека 2019-та ќе биде година на пресвртница во економските политики.

Фискалната политика на Владата на Република Македонија следната година ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија.

Создаваме буџет кој во 2019-та година ќе ја одржи макро - економската стабилност и фискалната консолидација.

Парите на граѓаните, коишто преку даноците влегуваат во буџетот на земјата, уште повеќе и повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории.

И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на буџетот којшто го завршуваме во оваа, 2018-та година.

Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор - преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции во иновативната дејност, технолошки развој и истражување.

Почитувани,

Цврстата и одлучна посветеност за евроатланските интеграции на земјата ги зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална праведност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобра живејачка за сите граѓани.

Ве уверувам дека и во 2019-та година владините мерки ќе придонесат за натамошен раст на платите, како и дека ќе го продолжат трендот на вработувањето во приватниот сектор. 

На крајот дозволете ми искрено и од срце да им честитам на сите добитници на грантови за кофинансирање и да им посакам уште многу успешни проекти.

Секако би сакал Вам, но и на сите присутни тука денеска да Ви ги честитам претстојните празници и да посакам да се гледаме само во вакви убави  прилики и во следната, 2019-та година“.


Резултати, 2 бран - План за економски раст

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваше на отворањето на Дневниот центар за стари и возрасни лица во село Извор, Чашка.

„Со отворање на вакви дневни центри работиме на јакнење на социјалните услуги и за постарите лица. Ова се луѓе кои се грижеле за нас и го граделе нашето општество. Сега е наш ред да се грижиме за нив и да им овозможиме достоинствен и исполнет живот. Токму тоа го правиме со отворање на дневните центри, коишто нудат еден заеднички простор за дружба и рекреација за повозрасните лица“, изјави Царовска.

МТСП го отвори Дневниот центар за стари и возрасни лица во соработка со Општина Чашка. За таа цел општината отстапи на користење сопствени простории, а Министерството целосно го реконструираше просторот и набави комплетна опрема со вкупна инвестиција од 900 илјади денари. Во Дневниот центар ќе биде обезбеден и топол оброк за социјално загрозените лица од Народна кујна Велес.

Дневниот центар е наменет за унапредување на квалитетот на живот и развивање на меѓусебната социјализација на повозрасните граѓани. МТСП продолжува да работи во насока на обезбедување подобри услови за повозрасните, како и помош на ранливите категории.

Денеска започна кампањата за информирање и едукација за ИПАРД фондовите, со првата работилница на тема „Користење на средства од Инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој - ИПАРД 2014 - 2020“.

Во рамки на работилницата министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Платежната Агенција, Николче Бабовски го најавија новиот Јавен повик за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објавен денеска. Се работи за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата која овозможува неповратна финансиска поддршка во износ од 60 до 70 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

 

 

„Овој повик овозможува земјоделските стопанства широк спектар на инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати. ИПАРД програмите се од исклучителна важност за развојот на македонското земјоделство и вклучуваат мерки кои директно им помагаат на нашите земјоделци. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави Николовски.

Од средствата кои ќе бидат кофинансирани, 75 отсто ќе бидат обезбедени од ИПАРД Програмата, а 25 отсто од средствата од Буџетот на Република Македонија. Вкупната финансиска поддршка за овој јавен повик е близу 12 милиони евра. Крајниот рок за поднесување на барањата е 09 февруари 2019 година.

„Со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии капацитети за ладење - калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но, не и трактори, затоа што Буџетот за оваа намена е искористен со претходниот Повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој Јавен Повик изнесува 11 милиони 883 илјади евра“, изјави Бабовски.

 

 

На настанот се дискутираше за деталите за објавениот јавен повик за мерката Инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи, кој што е во тек и е наменет за сите мали и средни претпријатија кои работат во секторот за производство на храна и прехранбени производи.

Ефикасната искористеност на ИПАРД Програмата е важна за модернизација на земјоделските стопанства, подобрување на промоција и маркетинг на сопственото производство, овозможувајќи поголема додадена вредност на сопственото примарно производство. Со поддршката на инвестициите во преработувачката индустрија што е овозможено токму преку европските фондови, ќе се отворат можности за воведување на нови производи и технологии, како и зајакнување на синџирите за снабдување со храна помеѓу преработувачите и примарните производители, односно решавање на проблемите со вишоците на земјоделски производи. 

Од друга страна преку поддршката на диверзификација на бизнисите во руралните средини се поттикнува развој на услужните дејности, на руралниот туризам, се овозможува поддршка на микро и мали претпријатија во прехранбените и непрехрамбени дејности, и на занаетчиски дејности во насока на развој на руралните средини. 

Користењето на средствата од ИПАРД, за Македонија ќе обезбеди достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за одржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост.

Денешната работилница беше првата предвидена во едукативната кампања, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази очекување дека Македонија ќе стане земја членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ, како и дека следната 2019 година ќе биде и економска година за Македонија. Овие проценки премиерот Заев ги соопшти во телевизиско интервју за „24 вести“. 

- Кулминацијата настана во Парламентот и оттука треба да почне помирувањето, да и заради процесот на носење на уставните амандмани, одговори премиерот Заев на прашањето во врска со Законот за амнестија, поврзан со настаните на 27 април 2017 година. 

- Демократиите дозволуваат носење вакви одлуки од страна на Парламентот. Не одлучуваме кој е виновен, а кој не, не делиме правда. Се прави јасно разграничување на организаторите и осмислувачите - да не бидат ослободени од одговорност, а на Македонија насушно и треба помирување. Во Парламентот се случува покајание и простување, а треба да се случи и меѓу навивачките групи, локалните заедници и политичките подмладоци.

Со овој закон нема да има последици по поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот процес. ЕУ го поздрави Законот за амнестија, се разграничува одговорноста. Владеењето на правото не е доведено во прашање, тоа го потврди со Соопштение и Европската Комисија, рече премиерот Заев. 

- Имаме нешто што нè врзува сите, ЕУ и НАТО. Повикувам сите да ја разберат одговорноста на процесот што претстои, таа одговорност мора да ја понесеме, заради иднината на Македонија. Да испратиме порака за нормализација до сите, порача премиерот Заев. 

Тој соопшти очекување дека уставните амандмани ќе бидат изгласани и рече дека би било добро тоа да се случи со повеќе од 80 пратеници, како и дека очекува одлуки од некои опозициски пратеници кои го поддржуваат процесот, но не се решија до сега јавно да го поддржат. 

- Правам сè да успее процесот со уставните амандмани, додаде премиерот Заев, потенцирајќи дека со инклузивноста на процесот во нив се вградени и мислења на пратеници.

- Го јакнеме достоинството. Досега бевме ФИРОМ, нѐ ословуваа со “вашиот народ , вашиот јазик”. Сега, го јакнеме достоинството со тоа што како земја веќе никој не нè спори, ни по идентитет ни по јазик, кои се македонски. Перспективи отвораме, очекувам Македонија да стане членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ, додаде премиерот Заев.  

Во врска со заминувањето на Никола Груевски во Унгарија и лоцирањето можна одговорност, премиерот Заев посочи дека тоа треба да го утврдат внатрешната истрага и обвинителството, а дека по завршувањето на истрагата и тој и институциите ќе ги споделат сите информации што ги имаат со граѓаните. 

- Во демократиите нема тајно прислушување, следење... и демократијата има своја цена. Ќе се обидеме со сите демократски средства да го вратиме. МВР постапило според правата и обврските. Никола Груевски беше слободен граѓанин, се додека со судска наредба не му се одземе слободата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека не прифаќа политичка вина, бидејќи има информации за постапувањата на МВР, што биле согласно овластувањата. Дополни дека многу работи во врска со случајот не може да коментира поради текот на истрагата, но изрази сомневање дека е „помогнато однадвор“. Тој посочи и на средбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, со српскиот претседател Вучиќ и со унгарскиот премиер Орбан, при што изрази сомнеж за можна вмешаност на Мицковски. Премиерот Заев рече дека одговор за барањето за екстрадиција се уште нема, но дека „сите закони и меѓународни регулативи се на наша страна“, како и дека очекува, дека Груевски ќе биде вратен во Македонија. 

Во врска со прашањето за дуел со Христијан Мицковски, премиерот Заев рече:

- Мицковски мора да заземе став по државните и државотворните прашања, или да понуди алтернатива. Да изнудам став сакам, тој мора да има став. 

На прашањето дали ќе се кандидира за претседател на државата, премиерот Заев одговори: 

- Не, нема да се кандидирам за претседател на Република Македонија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија во интервјуто одговараше на прашања од неколкумина новинари, како и од студенти присутни на дебатата, кои имаа можност да поставуваат прашања. 

Во врска со проблемот со иселувањето на младите рече дека очекува тоа да се намали со интеграциите во НАТО и во ЕУ, дури и во втора фаза младите да почнат да се враќаат во својата родна земја. 

За аерозагадувањето премиерот Заев соопшти дека се преземаат сите можни мерки, дека 80% од загадувањето потекнува од греењето, дека јавноста знае кој ја поскапе струјата за 100% изминатите години и кој со тоа ги натера граѓаните да преминуваат на нееколошки начин на греење. Тој рече дека се интервенира со употреба на еко пелети, гасификација, подобрување на јавниот транспорт, трамвај во Скопје со поддршка од Град Загреб, дека за две години нема да има домаќинство што ќе се грее на јаглен и кокс, дека за прв пат се отворени еколошки програми со наменети средства што се зголемуваат. Премиерот Заев соопшти и за повеќе отпочнати капитални инвестиции како изведба и на водоводи и канализации низ земјата, како канализациската мрежа во индустриската зона во Визбегово, почеток на изградба на 70 регионални патишта, отпочнувањето на втората фаза на Железницата и додаде дека очекува нивно зголемување. 

Во рамки на интервјуто, претседателот на Владата, Зоран Заев рече дека очекува 2019 да биде и економска година за Македонија, дека БДП-то расте во последните два квартала и дека очекува да продолжи да расте до најавените 5% до крајот на мандатот, што тој се надева дека ќе бидат и надминати со отворените интеграции и регионалната соработка. Премиерот Заев посочи на веќе зголемена трговска размена со Грција после Договорот, за 17%. Рече дека 2.5 пати е пораснат интензитетот на повратот на ДДВ, дека се спроведува правична казнена политика, без рекет и закани и притисоци како порано. Тој најави поврат на ДДВ-то до 15% за граѓаните, од 1 јули 2019 година, како и услови за намалување на каматните стапки кај банките. Претседателот на Владата, Заев најави и дуално образование со германски експерти, при што сопствениците од профитите ќе вложуваат во вработените. Сето тоа, како што рече премиерот Зоран Заев ќе го зголеми животниот стандард на граѓаните во Македонија. 

Министерството за одбрана склучи договор за набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа за потребите на припадниците на Армијата на Република Македонија, што е прва набавка на по два комплета униформи за секој припадник на АРМ досега.

Сумата на договорот потпишан со штипската компанија „Дона-М“, преку јавна и транспарентна постапка за јавна набавка на која и претходеше и технички дијалог со заинтересираните компании, е во висина од 54,5 милиони денари со пресметан ДДВ, а вкупната количина комплети на воено – теренската униформа треба да биде испорачана до крајот на март следната година.

Последен пат 5.000 униформи за припадниците на Армијата биле набавени во 2013 година и уште 1.100 униформи во 2017 година. Договорот склучен овој месец за 14.000 комплети воено теренска униформа, за прв пат ќе ги обезбеди припадниците на АРМ со по два комплети униформи.

Министерката Шекеринска во повеќе наврати ја информираше македонската јавност дека за Министерството приоритет се набавките кои директно влијаат на условите на припадниците на АРМ за работа и живот. На почетокот на октомври, министерката информираше дека е потпишан и договор за набавка на околу 7.200 пара чизми за припадниците на АРМ од кои 4.350 се веќе испорачани, а остатокот се очекува да биде испорачан идната недела. Откако ќе биде извршена контрола на квалитетот и евентуални лабораториски испитувања во акредитирана лабораторија, чизмите ќе бидат дистрибуирани до војниците.

Последен пат војнички чизми за припадниците на Армијата биле набавени во 2012 и 2013 година, но и тогаш во недоволен број за сите припадници на АРМ. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаа средба со претставници на Синдикатот на Клиничкиот центар, на која разговараа за можностите за покачување на платите на здравствените работници.

На средбата, разговарано беше дека после првиот квартал, со ребаланс на буџетот може да се планира и дополнително зголемување на платите на здравствените работници, зависно од можностите, за што разговорите ќе продолжат.

Премиерот Заев и министерот Филипче објаснија дека Буџетот е изгласан во Собранието, но дека постои разбирање за здравствениот персонал, согласно ветувањата во програмата за кои се вложуваат сите напори да бидат реализирани до 2020 година. 

До сега здравствените работници добија зголемување на платите за 5 отсто во септември 2018 година, зголемување на надоместот за дежурствата, а специјализантите за првпат земаат надоместок и се платени за својата работа. Во јануари 2019 следи зголемување за дополнителни 10% за докторите специјалисти, 5% за општите лекари, 5% за медицинските сестри, а во септември месец 2019 година за останатите административни работници во здравството.