Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги промовираше мерките од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2019 година, за која од година во година расте интересот кај бизнис заедницата, со оглед на максималниот степен на реализација на средствата од оваа програма. Годинава е обезбедено и зголемување на средствата за таа намена во оваа програма, која е збогатена со нови мерки на барање на бизнис заедницата, согласно нивните потреби за зголемување на нивната конкурентност, а со тоа и конкурентноста на македонската економија.

„Сакам да напоменам дека оваа програма во континуитет бележи зголемување на буџетот, согласно популарноста на мерките во неа и интересот на малите и средните претпријатија за користење на средствата од овие мерки. Ќе потсетам дека во втората половина од 2017 година, со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180%, односно тогашните 10-тина милиони денари ги дополнивме со нови 16 милиони, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари, со која на над 150 бизнис субјекти им помогнавме барем малку да ги подобрат своите бизнис перформанси. Во 2018 година таа поддршка повторно ја зголемивме, односно бизнис субјектите имаа на располагање на 47 милиони денари, а годинава имаат дури нешто над 53 милиони денари. Оваа Програма содржи 3 дела, и тоа за мерки за МСП, за мерки од индустриска политика, за кластерско здружување, а од годинава имаме и нов дел, тоа се мерки за општествена одговорност“, рече Бектеши на пресот.

Притоа за мерките во делот на МСП обезбедени се 41.280.000 денари, што претставува зголемување од речиси 3 милиони денари од минатата година, и тоа за кофинансирање на проекти за поддршка на претприемништвото, МСП и занаетчиството, обезбедени се средства за проекти на граѓанскиот сектор и коморите, кои се во насока на остварување на целите зацртани во двата стратешки документи: Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023, како и Стратегијата за женско претприемништво. Притоа, за разлика од минатата година, оваа година максималната сума по проект е зголемена на 450.000 денари за поддршка на претприемништвото и 300.000 денари по проект за поддршка на занаетчиството со цел да се добијат што поквалитетни проекти кои ќе придонесат кон поттикнување на претприемништвото и унапредување на конкурентноста на малите и средни претпријатија и промоција на занаетчиството.

Со мерката субенционирање на МСП, занаетчии и претпријатија раководени од жени, се предвидува надомест од по 300.000 денари за МСП за набавка на опрема и алати, но од оваа година и за набавка на софтверски решенија, како и консултантски услуги за поврзување во синџирите на добавувачи и изработка на проекти со цел аплицирање во ЕУ фондовите, бидејќи ова произлезе како потреба на бизнис субјектите од бројните посети и средби минатата година. И оваа година се поддржуваат МСП во делот на подобрување на нивната конкурентност преку воведување на стандарди за ИСО и ХАЛАЛ (3 милиони), а од оваа година ќе ги поддржиме и во настапите на саемите, со кофинансирање на трошоците за закуп на штанд и тоа на домашни, регионални и меѓународни саеми. И ова се покажа како потреба на компаниите за да се зголеми нивната видливост на домашниот и меѓународните пазари. Во насока на обезбедување на стручен кадар за потребите на бизнис секторот, оваа година ќе се поддржи опремување на акредитирани претпријатија за обука и стекнување на вештини со 50% од трошоците, но не повеќе од 400.000 денари за набавка на опрема и алат кои ќе служат исклучиво за обука, а воедно ќе се финансираат и сертифицираат обуки за потребите на бизнис секторот во износ од 50% од трошоците или 60.000 по апликант.

Во делот индустриска политика обезбедени се средства во вкупен износ 3.700.000 денари преку неколку мерки, како поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија во вкупен износ од 2.500.000 денари, кофинансирање за организирање на специјализирани обуки - длабински и детални технолошки обуки за преработувачка индустрија во вкупен износ од 1.200.000 денари, при што воведени се нови обуки како струково специјализирани обуки во кожарската и чевларската индустрија, за воведување на концептот на „зазеленување - greening of manufacturing industries“ во повеќе избрани сектори од преработувачката индустрија, како и за воведување на концептот на циркуларна економија во преработувачката индустрија.

Во делот поддршка и развој на кластерското здружување средствата се зголемени од 5 на 7 милиони денари, а одобрувањето на средствата ќе се одвива преку реализација на повеќе активности и проекти од кластерските здруженија, со иста динамика како и во 2018 година, во континуитет, додека во делот општествена одговорност , за првпат се воведува поддршка за развивање, одржување и применување на социјално прифатливи практики на деловните субјекти во вкупен износ од 1.200.000 денари. Во овој дел се креирани мерки за воведување и сертификација на систем за општествена одговорност на претпријатието, согласно стандардот SA 8000, кој обезбедува етичко управување при производство на стоки и услуги и бара да се гарантираат основните права на работниците, во вкупен износ од 831.000 денари, како и за воведување и сертификација на систем за одговорни односи на пазарот, согласно сертификациската марка Фер со потрошувачот, кој обезбедува систем за електронско управување со поплаки од потрошувачи и купувачи и спогодбено решавање на проблеми и спорови, во вкупен износ од 369.000 денари.

„Со сите овие новитети во програмите, од типот на мерки кои се реална потреба на бизнис секторот, како и со зголемениот буџет во поедините делови и во програмата во целост, верувам дека ќе го поддржиме зголемувањето на конкурентноста на нашите мали и средни претпријатија, а со тоа и зголемување на вработувањата во нив и подобрување на конкурентноста на домашната економија во целост. Така ќе ги оствариме нашите заеднички очекувања - 2019 година да биде економска година, со придобивки кои ќе ги почувствуваат граѓаните“, рече Бектеши.

Донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Договорот од Преспа), е во целосна надлежност на Собранието на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ја поддржува одлуката двата закони да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ со потпис на Претседателот на Собранието, имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на Претседателот Ѓорге Иванов.

Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија.

Според Член 51, став 2 од Уставот на РМ, секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Тоа е обврска и за Претседателот на државата.

Членот 75, став 3 од Уставот на РМ е јасен, Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието.

И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, се усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март оваа година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така оваа година.

Согласно уставните одредби, а поради неизвршување на обврските на Претседателот на државата, на Претседателот на Собранието на Република Македонија единствено што му преостана е да ја исполни должноста што произлегува од Членот 52 од Уставот, согласно кој законите што по втор пат се донесени со потребното мнозинство во законодавниот дом треба да бидат објавени во „Службен весник на РМ“, 7 дена по нивото донесување.

Владата на Република Македонија смета дека со оваа постапка Претседателот на Собранието на РМ ја запре тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52 од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон.

Владата на Република Македонија потсетува дека Претседателот на државата, не е законодавно тело, и беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски, и укажува дека иницијативата на Претседателот на Собранието на РМ ги враќа постапките предвидени за вакви случаи назад во рамката што ја определува Уставот и законите.

Постоењето на капацитети за борба против фалсификувањето на евра е еден од основните предуслови предвидени во поглавјето 24 и колку побрзо ќе ги изградиме овие капацитети толку подобро за процесот на преговори, но и подобро за зајакнување на нашите институции во зголемување на капацитетите и нивната стабилност, со што ќе се зголеми довербата на граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски на конференцијата „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на евра“ што се одржува во Скопје.

Потребата за реализација на овој проект произлегува и од забелешките од неколкуте последователни извештаи за напредокот на Република Македонија, во кои беше утврдена потреба од јакнење на капацитетите на институциите кои имаат свои ингеренции во делот на борбата против фалсификување на еврото. Фалсификувањето на парите, вклучително и еврото ќе биде една од клучните области во поглавјето 24 кои ќе бидат таргетирани со започнување на скрининг процесот.

Во изминатиот период од страна на Владата на Република Македонија, рече Спасовски, се преземени неопходните мерки за прифаќање и инкорпорирање на европското законодавство во оваа област. Веќе е воспоставена централната канцеларија за истраги во областа на фалсификувањето на пари.

Проектот ,,Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на еврото“ започна со имплементација на 01 ноември 2018 година и има за цел да воспостави ефикасно функционирање на системот за спречување на фалсификување на пари, спречување на вршење на криминални активности, јакнење на монетарниот систем на Република Македонија, како и прилагодување на македонските со европските стандарди за борба против фалсификувањето на пари. Досега веќе се реализирани неколку експертски мисии со цел мапирање и запознавање со моменталната состојба. Како имплементатор на проектот, кој е предвидено да трае осум месеци, е избрана германската Бундесбанк.

„Крајни корисници на резултатите во рамките на проектот се Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност и Народната банка на Република Македонија. Во овој дел би сакал да изразам благодарност до претставниците на Народната банка за нивната континуирана соработка и поддршка и се надевам дека истата ќе продолжи и во иднина. Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите неопходни активности со цел успешна имплементација на овој исклучително значаен проект и ќе работи на понатамошно зајакнување на меѓуинституционалната соработка помеѓу сите засегнати чинители“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски изрази благодарност за континуираните напори и помош што Европската Унија ја дава на Република Македонија, а во тој контекст и на Министерството за внатрешни работи.

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 115 седница со повеќе точки на дневниот ред од својата Програма за работа и од интерес на граѓаните.

На предлог на Агенција за млади и спорт владата ќе ја разгледа Предлог-програмата за развој на спорт и млади за 2019 година, како и Предлог-програмата за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри за 2019 година за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот во Република Македонија.

На седницата владата ќе се произнесе за Годишната програма со Финансиски план за 2019 година, на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, со Предлог-одлука, како и Годишната програма за работење на Агенција за планирање на просторот во 2019 година.

На дневниот ред на денешната седница Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе ја презентира Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2019 година, а Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството Финансискиот и Годишниот план за работа на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за 2019 година.

На денешната седница на Владата на РМ, на дневен ред се и информациите за Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, Проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 години со Предлог-одлука за изменување на Одлуката за формирање на Управен одбор на проектот - Самовработување со кредитирање и проектот - Кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места, на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Министерството за животна средина и просторно планирање на оваа седница ќе ги презентира Предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019 година, Предлог-програмата за унапредување на животната средина за 2019 година, и Предлог-годишна програма за финансирање на изработка на Просторен план на Република Македонија за 2019 година.

На оваа седница владата ќе се произнесе и за Предлог-програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година, на Министерство за економија, како и Информацијата во врска со донесување на Програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година, со Предлог-програма, и Предлог-програма за развој на туризмот на Република Македонија за 2019 година.

На денешната седница на Владата на Република Македонија, Министерството за правда денеска ќе го презентира Предлог-закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со кадетите од Воената академија Сара Тасевска и Стефан Стојаноски, кои со натпросечен успех завршија настава од еден семестар на австриската (Theresan) Воена академија, при што Сара Тасевска е избрана и за најдобар меѓународен студент. Двајцата кадети, на австриската Воена академија  се стекнаа со знаења кои ќе им користат во подоцнежното служење во Армијата на Република Македонија.

На средбата министерката Шекеринска го изрази своето задоволство од постигнатиот успех на питомците и рече дека истиот е потврда на нивното залагање, посветеност и желба за нови знаења.

„Вие сте гордост не само за Воената академија туку и за целата АРМ, за нас како Министерство за одбрана и за нашата држава бидејќи со постигнатиот успех покажавте дека Македонија има кадровски потенцијали за да ја гради својата иднина како земја членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска. „Вашата амбициозност и посветеност се пример и за следните генерации на Воената академија“, истакна таа.

Шекеринска додаде дека Воената академија развива образовен систем кој овозможува знаењата од областа на безбедноста да се компарираат и дополнуваат со знаењата и вештините кои ги нудат воените академии во странство.

Питомците Тасевска и Стојаноски се заблагодарија за поддршката и рекоа дека истата за нив претставува поттик и дополнителна мотивација во натамошното образование и служењето во АРМ.

Министерството за здравство информира дека денеска (14 јануари 2019 година) до 13 часот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се хоспитализирани уште две деца и еден возрасен, со симптоми на морбили. Тоа значи дека во моментов има 26 хоспитализирани пациенти од морбили.

Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а највозрасната пациентка има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца.

Сите новопримени пациенти имаат клиничка слика на заболени од морбили (мали сипаници).

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје вакцинирани се вкупно 2008 лица, а само денеска до 13 часот МРП вакцината ја примиле 104 деца.

Уште еднаш повикуваме на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. Има доволно количини од МРП вакцините.

Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беше домаќин на традиционалниот Новогодишен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија. На приемот, покрај Министерот се обрати и доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон.

Во своето обраќање, МНР Димитров се осврна на клучните настани и надворешно политички активности во изминатата 2018 година, со фокус на преговорите со Грција кои резултираа со потпишување на Конечната Спогодба во Преспа. Во тој правец, Министерот истакна: „Благодарни сме за позитивните реакции на меѓународната заедница за процесот на преговори како и за самиот исход. Голем број светски лидери и дипломати изразија пофалба до сите страни во процесот. Бевме посветени, од ова зависат нашите стратешки цели: полноправно членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ во 2019 година. Со нетрпение ја очекуваме оваа година во која ќе славиме конкретни резултати во насока на исполнување на нашите стратешки цели.”

Доајенот на Дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, во име на сите членови на Дипломатскиот кор се заблагодари за организираниот прием, истакнувајќи ја одличната соработка со Министерството за надворешни работи и со министерот Димитров. Воедно, Амбасадорот упати пофалби и честитки за исклучителниот дипломатски ангажман изминатата година, кој вроди со историски резултати на планот на решавање на најважните отворени прашања на надворешно-политички план. Притоа изрази надеж дека целокупниот процес наскоро ќе се финализира и ќе доведе до отклучување на вратите за исполнување на стратешките приоритети на земјата.

Заменик Претседателот на Владата, Бујар Османи, денес, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, имаше брифинг со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија пред кои го претстави статусот на имплементација на Планот 18.

„Успеавме да ги затвориме буквално сите отворени политички прашања, оставајќи простор за поширока и подлабока имплементација на реформскиот процес“ истакна Османи на почетокот од состанокот, реферирајќи прво за успехот имплементацијата на Договорот од Преспа преку носењето на уставните амандмани во Собранието.

Во продолжение, Османи се осврна на досега реализирани активности од Планот 18, како и на предизвиците за неговата натамошна имплементација. „Имаме сериозен напредок практично во сите области од Планот 18: во правосудството, каде голем број закони се во финална фаза; во реформата на безбедносните служби, каде системот за прислушување е веќе соодветно одвоен од системот на безбедност и разузнавање; а напредок има и во активностите предвидени со реформите на јавната администрација“ - истакна Османи, изразувајќи задоволство од реализацијата на Планот 18 во сите области.

„Првиот работен ден од годинава беше свикан Работниот Комитет за Европски Интеграции, каде највисоката раководна структура на целата државна администрација реферираше за реформите од Планот 18, и лично сум задоволен од нивната посветеност“ истакна Османи, давајќи цврсто уверување пред амбасадорите дека Планот 18 ќе биде навреме спроведен, со цел неговата имплементација да биде соодветно нотирана во претстојниот извештај на Европската Комисија за земјава.

На крајот Османи изрази благодарност до амбасадорите на земјите - членки на ЕУ, за нивната поддршка на реформскиот процес, и воопшто, на европските интеграции на земјава, изразувајќи надеж дека оваа поддршка ќе резултира и со конкретни резултати оваа година, преточено во старт на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес- конференција на којашто се обратија заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„За помалку од една година направивме пробив кој нуди можности за Македонија и нашите граѓани, направивме промени кои ги забележа целиот свет. Изминатата година не беше лесна, но направивме подвиг и го обезбедивме местото за Македонија на масата на НАТО“, рече заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и изрази задоволство од успехот на гласањето на уставните измени во Собранието.

 

 

„Членството во НАТО кое станува извесно е најсилна гаранција за стабилност, сигурност, за неменливост на границите, за зачувување на територијалниот интегритет на Македонија, но во исто време дава гаранции за сите сегашни и идни домашни и странски инвеститори и е вистинска политика како во Македонија да создаваме повеќе и подобро платени работни места“, рече Шекеринска и најави дека од денеска целиот фокус на Владата ќе биде насочен кон домашните реформи, кон принципот на владеење на правото, борба против корупција, економскиот раст, зголемена социјална сигурност.

„Покажавме дека кога ќе се фокусираме на едно прашање и кога сме спремни да направиме се во нашата моќ да го решиме и да обезбедиме шанса за државата, многу брзо успеваме да испорачаме резултати. Сега со истиот фокус, истата енергија и концентрација, ќе се посветиме на оваа домашна важна агенда која може да значи подобар живот и повеќе шанси особено за младите. По 12 години стагнација предизвикана од претходните гарнитури овие реформи бараат и време и напор бидејќи не зборуваме само за реформи, имаме потреба во некои области навистина од корен да ги менуваме работите. Да уништиш нешто не ти треба ни ум ни време ни знаење, но за да нешто одново создадеш ти треба и знаење и искуство и храброст и време и трпение. Со последниот чекор Македонија ги отвори вратите и за членство во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ. Денеска е вистински момент да оддадеме признание на сите оние кои ова го постигнаа и помогнаа Македонија да го направи овој подвиг - граѓаните на РМ меѓутоа особено пратениците во собранието кои навистина интересите на државата ги ставија на прво место“.

Во делот на одбраната, Шекеринска рече дека со Стратегискиот одбранбен преглед и реформите во Армијата и обраната, веќе докажавме дека она што ќе го најавиме се испорачува, а во следниот период фокусот ќе биде ставен на модернизација на Армијата на обезбедување на наши воени кадри кои ќе го заземат своето место во рамките на Алијансата.

„Добрите вести од Македонија влијаеја и на нашите сојузници. Очекуваме и од наша страна и од страна на сојузниците навистина брза амбициозна агенда за наше пристапување кон Алијансата. Кога сојузниците ќе ја видат вашата решеност и храброст, дека зборот си го почитувате и дека тоа што ќе го најавите и ќе го испорачате, и тие стануваат поамбициозни. Затоа како Влада и Министерство веќе се подготвуваме со кои капацитети седнуваме на таа маса со сојузничките сили. На таа маса секој глас се брои, на таа маса нашата земја ќе одлучува заедно со најмоќните воени сили во светот како сојузник како член и како еден од триесетмина“, рече министерката и потсети на симболиката на 2019 година - година во која НАТО го прославува 70-от роденден а Македонија седнува на сојузничката маса.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи во своето обраќање ги потенцираше важноста на решавањето на овој повеќедецениски спор за започнувањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.

 

 

„Направивме историски успех. Сите ние заедно, политичарите, пратениците, институциите, вие медиумите, граѓаните, Македонците и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците, сите граѓани кои ја чувствуваат оваа земја како своја, кои ѝ посакуваат напредок, просперитет, сите оние кои посакуваат стабилна и безбедна иднина за своите деца“, истакна Османи на почетокот од своето обраќање, посочувајќи на извесноста на евроатлантската иднина на земјава по изгласувањето на уставните измени и имплементацијата на Договорот од Преспа.

„Успехот на Македонија и Грција да ги затворат отворените прашања, успехот на Преспанскиот договор, претставува поттик, претставува пример и за останатите земји од Западниот Балкан за тоа како се градат добри односи со соседите, како преку компромиси, преку разговори и позитивен пристап се затвораат отворените прашања“, нагласи Османи, упатувајќи порака и до соседите - Косово и Србија, со повик да го следат примерот на Македонија и Грција, да ги отворат и прошират своите политички видици, и да создадат можност за политички компромис, за кој посочи дека ќе претставува успех и за целиот регион.

На крајот Османи упати повик и за изградба на единство за европската и евроатлантската иднина на земјава до сите политички и општествени елити.

„Надворешното помирување, надворешната интеграција, нема да биде целосна без да обезбедиме и внатрешна интеграција, без да дадеме шанса и за внатрешното помирување; без изградба на политичкото и општествено единство за иднината на нашата земја, кое ќе обезбеди европска и евроатлантска иднина за Република Северна Македонија!“,  заокружи Османи.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во своето обраќање се задржа на три главни поенти, суштината на решавањето на овој повеќедецениски надворешно-политички спор, неопходноста од неговото решавање за нашата држава и за важноста на нашите аспирации за членство во НАТО и Европската Унија и каква надворешна политика манифестираме преку овој процес.

 

 

Тој потсети дека во 1993 кога влеговме во Обединетите Нации добивме обврска од Советот за безбедност да ја надминеме разликата околу името со Република Грција и во таа смисла министерот Димитров потенцираше дека го решивме најголемиот надворешно-политички проблем кој ни ја затвораше вратата за напредок и не влечеше назад.

„Го решивме најголемиот надворешно-политички проблем кој како камен на плеќите ни тежеше од почетокот на нашата независност. Ги отвораме вратите кон иднината, си ја преземавме одговорноста, ја заокруживме нашата државност, го заштитивме идентитетот и обезбедивме сигурна иднина за нашите идни генерации“, рече министерот Никола Димитров и рече дека сега е време да го фатиме возот за ЕУ и да се прилагодиме на контекстот во регионот, Европа и светот.

„Успеавме да докажеме дека во нашиот дел од Југоисточна Европа можеме да спроведуваме европски вредности на дело. Да работиме на доверба, да работиме на разбирање, да се фатиме во костец со тешки повеќедецениски проблеми, да ги решиме и тоа практично значи дека така и настана Европската Унија и затоа во сите честитки се вели дека ова што го постигнавме е инспирација за сите во ЕУ. Од комшиите направивме пријатели и сојузници“, потенцираше министерот Димитров.

Бездомниците коишто преноќуваат во прифатниот пункт Момин Поток во Скопје денеска добија оброк преку најдобро рангираното иновативно решение за искористување на вишоците храна избрано на јавниот повик „Предизвик за иновативно решение за обезбедување #ОброкЗаСите” на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Со иновативниот модел „Сите сити“ по неколку пати во неделата оброк ќе добиваат 3 различни категории на граѓани: лица кои имаат, или немаат можност за самостојна подготовка на храна и лица во социјален ризик, стари и изнемоштени лица, а храната ќе ја подготвуваат лица со попреченост.  

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, најави дека со предложениот модел ќе се обезбедува храна за 3-4 пати повеќе граѓани отколку до сега, а „Сите сити“ и „Ајде Македонија“ е еден од начините преку кој ќе се развива социјалното претприемаштво коешто ќе нуди различни услуги за најранливите категории граѓани.

„На овој начин преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Министерството за труд и социјална политика подготвува Стратегија за создавање на социјално претприемништво како еко систем за развој на социјалните претпријатија во Македонија. Овие претпријатија ќе бидат од голема помош за државата, бидејќи ќе нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството“, рече Царовска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски рече дека социјалните иновации се тренд што го воведуваме во Македонија. 

„Со проектот Оброк за сите ќе овозможиме креирање на нов систем за помош за оние наши сограѓани кои имаат реална потреба. Новиот систем ќе се заснова на поефикасно искористување на сите вишоци храна што во моментот, за жал завршуваат на отпад. Во Македонија 30% од храната се фрла што ја става на високото осмо место во светот на земји кои фрлаат храна според бројот на жители. Во периодот што следи, Фондот ќе реализира повеќе други иницијативи во делот на социјалните иновации “, изјави Деспотовски.

Иновативниот модел освен достава на храна предвидува и кампања за подигнување на свеста на компаниите и граѓаните, креирање на прирачник за безбедна употреба на вишоците на храна, но и воведување на иновативна веб платформа која ќе ги поврзува бизнисите и граѓанските организации. Меѓу другото, вишоците на храна ќе се објавуваат на веб платформата и истите ќе може навремено да се преземе од граѓанските организации, со планирање на количини, лица и време на подигнување на храната.

Решението го изготвија неколку непрофитни организации предводени од „Ајде Македонија!“ и нивните партнери, националниот Црвен Крст на Р.М., Здружението за испитување материјали и развој на нови технологии АД (ЗИМ) и Дама-Л“ кое работи со лица со попреченост со што се поттикнува и развојот на социјалното претприемништво во Македонија преку инклузија на лицата со посебни потребни.

Иновативниот модел чија вкупна вредност изнесува околу 2 милиони денари и оваа година ќе се пилотира на подрачјето на Куманово, Прилеп и Скопје, а планот е понатаму да стане системско решение низ цела Македонија.