Едукативни работилници за препознавање и борба со педофилија

Во 126 средни и основни училишта, од кои 24 во Скопје, се спроведуваат работилници за препознавање сексуална злоупотреба и педофилија. Иницирани се Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на РМ, а вклучени се наставниците, училишните психолози и педагози и советите на родители.

За проектот, кој е  половина реализиран, формирани се мешовити тимови со претставници од 23 центри за социјална работа низ Македонија.

Работилницата во ОУ „Кочо Рацин“ во Скопје денеска ја посетија министрите за труд и социјална политика и за образование и наука Спиро Ристовски и Панче Кралев.

Ристовски изјави дека првичните реакции се многу позитивни и дека проектот ја постигнува целта -  со правилно информирање учениците да развијат самосвест за сексуална злоупотреба и педофилија, да знаат да ја препознаат навреме и каде да ја пријават.

- Од предавањата децата треба да научат да бидат слободни и да говорат за проблемот доколку постои во која било форма - кај нив дома или во нивното опкружување - во блиското и поширокото семејство, во соседството, и навремено да го пријават. Основната цел е тие да сфатат дека се работи за исклучително ненормална појава која не смее да се толерира во која било форма и од кого било. Со развојот на свеста очекуваме поголема ефикасност од службите и државата во борбата со оваа појава, рече министерот Ристовски.

Според него, децата стануваат се посвесни, така што во последните години пријавите биле почести и навремени, односно кога има обиди за злопутреба, а не откако таа ќе се случи.

Министерот Панче Кралев изјави дека Министерството за образование и наука ќе ја поддржи иницијативата на МТСП и Црвениот крст на РМ со екипирање на стручните служби во училиштата и нивно обучување како да се справат со сексуалната злоупотреба на деца.

- Настојуваме да бидат зајакнати стручните служби во сите училишта во РМ. Веруваме дека покрај 16-те вработувања на педагози и психолози што ги најавивме, во 2012 ќе бидат вработени и дополнителен број стручни работници кои се основен елемент за справување со ваков вид проблеми, истакна Кралев.

Во последните неколку години се евидентирани над 100 напади врз деца. Наскоро се очекува да биде донесен закон за посебен регистар на сторители на кривично дело сексуална злоупотреба и педофилија, кој помина прво читање во Собранието со едногласен заклучок дека е потребен. Врз основа на законот, регистарот ќе се полни со податоци за сите лица сторители на кривичното дело педофилија.