Попоски: ОБСЕ останува политички инструмент за справување со идните предизвици

За Република Македонија ОБСЕ останува значаен политички инструмент за справување со комплексните постоечки и идни предизвици. За да одговoриме на нив соодветно потребно е да го зајакнеме нашиот дијалог кој се заснова на заемно споделените вредности, да обезбедиме долгорочна кохерентност во однос на нашите приоритети и активности и да осигураме флексибилност на нашиот одговор на предизвиците.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски во обраќањето на денешната пленарна седница на 18. Министерски состанок на ОБСЕ, што се одржува во Вилнус, Литванија.

Осврнувајќи се на Југоисточна Европа, Попоски посочи дека Македонија и сите земји од регионот, постигнаа огромен прогрес, како индивидуално, така и на регионално ниво.

– Поддршката од ОБСЕ и неговите институции беше корисна и ценета и сега сите ние сме на патот кон ЕУ и треба да се посветиме на решавањето на истакнатите прашања низ дијалог, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој, меѓу другото, подвлече дека драматичните промени што се случија во земјите од Медитеранот - партнери на ОБСЕ, бараат зајакната соработка со нив, и изрази убеденост дека организцијата во соработка со други меѓународни организации и на барање на земјите – партнери може да обезбеди значајна поддршка и експертиза на патот на нивната транзиција кон демократија.

- Ние исто така целосно го поддржуваме јакнењето на ангажманот на ОБСЕ во Авганистан. Република Македонија веќе дава значаен придонес кон колективните напори за промовирање на стабилен, независен, просперитетен и демократски Авганистан, рече Попоски.

На маргините од Министерскиот совет, Попоски имаше средби со шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу и со францускиот министер за европски прашања Жан Леонети.

Еден ден по пресудата во Хаг за прекршувањето на Времената спогодба од страна на Грција, Попоски, на маргините од Министерскиот совет, попладнево ќе има средба со неговиот грчки колега Ставрос Димас.

Предвидени се и повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со домаќинот на форумот литванскиот министер за надворешни работи Аудрониус Ажубалис, како и со шефовите на дипломатиите на Естонија Урмас Пает, на Летонија Едгарс Ринкевичс и на Бугарија Николај Младенов.

Средбите ќе бидат искористени покрај за размена на мислења за билатералните односи, за регионални прашања и за презентација на пресудата од Хаг со која Македонија го доби спорот со Грција.

На состанокот во Вилнус учествуваат над 60 шефови на дипломатии и високи претставници од 56 земји членки на ОБСЕ, претставници од 12 земји-партнери на организацијата, како и на меѓународни и од регионални организации.

Меѓу учесниците се и американскиот државен секретар Хилари Клинтон, шефот на дипломатијатијата на Русија Сергеј Лавров и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон.

Главни теми на форумот се евроатлантската и евроазиската безбедност, како и слободата на медиумите.

Се очекува на дводневниот форум да бидат усвоени заклучоци во однос на решавањето на конфликтите, транснационалните закани, слободата на медиумите и зајакнување на ангажманот на ОБСЕ во земјите партнери од Медитеранот и во Авганистан.

Министерскиот совет на ОБСЕ се состанува еднаш годишно и тој е централно одлучувачко и владеачко тело на организацијата. Литванија го презеде претседавањето од Казахстан, а од јануари следната година таа функција ќе ја преземе Република Ирска.