Ристовски: Ќе дадам максимум за подобрување на состојбата на лицата со хендикеп во Македонија

Прашањето на инвалидност е прашање на право, а не на проценка. Овој пристап се наоѓа и во суштината на Конвенцијата на ОН и во актуелната политика што ја креира Министерството за труд и социјална политика, а која во себе ја опфаќа социјалната заштита, социјалната вклученост и социјалните услуги наменети за лицата со инвалидност да го подобрат квалитетот на нивниот живот, бидејќи целта кон која треба да се стреми европска Македонија е „Македонија без бариери за лицата со инвалидност до 2020 година“.

Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на одбележувањето на 3 декември - Меѓународниот ден на лицата со хендикеп што го организира Националниот совет на инвалидски организации на Македонија.

Во своето обрќање тој потсети на Конвенциите и стандардите на кои е потписник земјата од областа на социјалната и економската сигурност на сите граѓани, со што државата презеде обврска за заштита и унапредување на човековите права на лицата со инвалидност.

Ресорниот министер изрази задоволство од прифаќањето на предлогот за ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност и на факултативниот протокол што вчера беше прифатен од матичната Комисија за труд и социјална политика, а кој на дневен ред на собраниска седница ќе се најде в понеделник. Со тоа Република Македонија ќе влезе во 107-те држави кои ја ратификувале оваа конвенција што, како што рече Ристовски, покажува јасен сигнал дека Македонија е земја која сака и ќе овозможи висок степен на грижа за лицата со инвалидност.

Ристовски вети дека како министер за труд и социјална политика ќе даде максимум за подобрување на состојбата на лицата со хендикеп во земјава.

- Свесен сум дека ги немаат сите средства на располагање, но тоа е нашата задача да им овозможиме што е можно повеќе. Реализирањето на активностите оди чекор по чекор, се оди сегментирано, истакна Ристовски, додавајќи дека Владата има акциски план за изградба на пристапни рамки во сите јавни и државни институции.

Во Македонија регистрирани се околу 200 илјади лица со инвалидност во различни категории, но, според министерот, вкупната бројка варира.