Почна неделата на борба против трговија со луѓе

Изматата доминира како форма за трговија со луѓе, оцени денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на почетокот на одбележувањето на Неделата на борба против трговија со луѓе.

- Формите се реазлични, но доминираат ситуациите каде се работи за измама, а тоа не значи дека другите категории се исклучени. Секогаш има различни примери, праксата покажува дека методите за извршување кривични дела се модифицираат и се менуваат, но доминантна форма останува измамата, истакна на денешната прес-конференција министерката Јанкулоска.

Таа информира дека годинава во земјава се регистрирани 11 жртви на трговија со луѓе, од кои шест се малолетни, а две се странски државјанки. Кривично биле пријавени 36 лица за трудова и сексуална експлоатација од кои 11 веќе биле осудени на казна затвор.

- Напорите што заеднички ги правиме со нашите невладини и меѓународни партнери се единствениот правилен пристап во реализација на елиминирање на трговијата со луѓе како облик во кој најбрутално се уништува човековата слобода и достоинство, рече Јанкулоска.

Неделата на борба против трговија со луѓе почна денеска и ќе трае до 10 овој месец. Во рамки на одбележувањето ќе се одржат 55 настани во 10 градови низ државата за кои преку активностите на невладините организации, како што рече Јанкулоска, ќе се фрли светло врз опасноста од трговијата со луѓе на учениците од основните и средните училишта, студентите, но и сите граѓани преку предвидените информативни сесии и промотивен материјал ќе бидат запознаени со состојбата со трговијата со луѓе во Македонија.

Финалната активност ќе биде насочена кон вниманието за намалување на бројот на корисниоци на сексуални услуги со спроведување на искуството од Шведска како земја која го криминализира и користењето на сексуални услуги врз жртви на трговија со луѓе, информира министерката Гордана Јанкулоска.