Одликуван почесниот генерален конзул на Македонија во Јапонија

Почесниот генерален конзул на Република Македонија во Јапонија Кијоши Мизуно денеска во Токио, во рамките на работната посета на премиерот Никола Груевски на Јапонија, на свечена церемонија беше одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, поради исклучителен придонес и несебичен ангажман за унапредување на односите и пријателството меѓу двете земји.

Одликувањето од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, соопшти МНР, беше доделено од страна на амбасадорот на Република Македонија во Јапонија со седиште во Виена, Ѓорѓи Филипов, во присуство на премиерот Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, како и претставници на Министерството за надворешни работи на Јапонија и претставници на македонската дијаспора.