За четири деца-питачи покрената постапка за одземање на родителското право

Седумдесет и пет деца - питачи се затекнати на улиците на Скопје, Куманово, Битола и Прилеп од 27 август оваа година, кога започна акцијата на Министерството за труд и социјална политика, а мерката за привремено згрижување во установа е спроведена за 38 деца. Постапки за одземање на родителско право се покренати во четири случаи, а донесени се 16 решенија за постојан надзор над вршењето на родителското право. Во два случаи постапката е во тек, соопшти денеска на прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристески.

- Во Скопје 37 деца  се затекнати на улица. Од нив 28 се најдени сами без придружба на родител и се времено згрижени во соодветна Установа, а девет деца се најдени на улица со родителите и со спроведена стручна работа од страна на стручните работници од центарот се вратени дома, изјави Ристески.

Во Куманово се опфатени 18 деца на возраст од три месеци до 14 години. Две од нив биле привремено згрижени во установа, а за едно постапката за сместување е во тек. Останатите деца се вратени во семејствата на биолошките родители.

Во Битола со оваа акција беа опфатени 12 деца, во установа биле згрижени пет деца, а од нив три се вратени во семејствата.

Во Прилеп осум деца се затекнати како деца на улица-питачи. Две се сместени во Домот за доенчиња и мали деца во Битола, а едно дете, кое претходно беше сместено во згрижувачко семејство, по акцијата е сместено во Домот „11 Октомври“. Седум деца се вратени во семејствата на биолошките родители. 

- Во овие акции тимови од Центрите за социјална работа даваат стручни совети на родителите околу грижата и воспитувањето на децата, обезбедувањето на лична документација на децата од улица,  на здравствена заштита, образование итн. Исто така, се укажува и на последиците од негрижата и запоставувањето на сопствените деца и санкциите што произлегуваат како резултат на таквото однесување, посочи министерот.

Од евидентираните 37 деца во Скопје, осум се вратени во семејствата, осум од нив ја користат услугата на Дневниот центар за деца на улица, а девет посетуваат училиште. Вкупно осум деца кои биле евидентирани на улица за време на спроведување на акцијата, ЈУ МЦСР-Скопје претходно ги има сместено со  Решение за сместување во социјална установа. Прилепскиот центар за социјални работи во образовниот процес вклучи три деца. Во Куманово, пет деца на улица не биле вклучени во образовниот процес. Како резултат на оваа акција, едно дете веќе е вклучено во редовен образовен процес, додека за другите коишто се во поодмината возраст се бара соодветна форма за нивно вклучување во образовниот процес. Во Битола едно дете е вклучено во образовниот процес.

- Во образовниот процес се вклучени 14 деца, а за четири се бара соодветна форма за нивно вклучување во образовниот процес, изјави министерот  Ристески.

Посебен акцент од страна на стручните тимови на Центрите за социјална работа, додаде тој, е ставен врз надзорот над  родителското право кај родителите чии деца се на улица, пред се, заради заштитата на личноста на детето, неговите права и интереси преку обезбедување на услови за позитивен развој на детето.

- Во вршењето на надзорот над родителското право, центрите за социјална работа во прво време ќе преземаат превентивни активности, но доколку тие не дадат позитивни резултати, ќе се оди и со примена на репресивните мерки на заштита. Во овој контекст, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Скопје спроведува надзор над вршење на родителското право во вкупно 10 случаи, а во два случаи оваа постапка е во тек. Во два предмета има покренато постапка за одземање на родителското право пред надлежниот Суд, што е случај и во Прилеп. Воедно за две семејства од Прилеп донесени се решенија за постојан надзор над вршењето на родителското право, а во Куманово донесено е едно решение. Постапка за одземање на родителско право во Битола не е поведена, а има донесено 3 решенија за  постојан надзор над вршењето на родителското право, информираше министерот.

Ниту едно од оние деца кои се вратени во семејствата или згрижени не се повторно најдени на улица, тврди Ристески, а мобилните тимови констатирале дека родителите имаат потешкотии при градење на позитивното родителство и затоа се делува превентивно на јакнење на нивните родителски капацитети.

- За потребите на овие семејства преземени се активности за ослободување од партиципативност во делот за исхраната на децата во училиштата. Родителите се согласни нивните деца да  се вклучат во  образовен процес, доколку се задоволат основните потреби на децата за редовно следење на наставата, соопшти тој. За да се превенира питачењето, родителите на овие деца ќе бидат вклучени во Оперативниот план за вработување за следната година.

Министерот ги повика граѓаните да дадат подршка во овој макотрпен процес, во најмала рака со тоа што нема да стават пари во некое подадено детско раче, туку ќе му подадат рака, ќе му дадат можност за добар живот со носењето во Центарот за социјална работа кој преку стручна работа ќе го отргне детето од улица.