Премиерот Груевски оствари средба со министерот за европски прашања на германската сојузна држава Баварија, г-ѓа Емилија Милер.

С О О П Ш Т Е Н И Е 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска во Минхен оствари средба со министерот за европски прашања на германската сојузна држава Баварија, г-ѓа Емилија Милер.

На средбата од страна на соговорниците беа истакнати добрите пријателски односи кои постојат помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, како и односите на Република Македонија и сојузната германска држава Баварија на посебно ниво во рамките на општата македонско-германска соработка.

Соговорниците ја реафирмираа заложбата за понатамошно унапредување на соработката со акцент на развој и продлабочување на економските односи, трговската размена и инвестициите.

Бизнис форумот на македонски и германски компании кој ќе се одржи утре во Минхен е оценет како добра можност за воспоставување на сериозни контакти помеѓу стопанствениците од двете страни, и таквите настани ја имаат полната поддршка на политичките авторитети.

Премиерот Груевски ги акцентираше реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во Република Македонија во насока на достигнување на стандардите за членство во Европската Унија и НАТО и унапредување на условите за економски раст и развој. Тој ја истакна големата улога, помошта и значајноста на поддршката која Германија ја дава на процесот на европски интеграции на Република Македонија.

Соговорниците разговараа и за повеќе конкретни форми на соработка на полето на евроинтеграциите кои се одвиваат помеѓу македонските и германските институции на полето на економијата, внатрешните работи, екологијата и локалната самоуправа, кои се одвиваат низ процес на консултации, и реализација на обуки, студии и проекти.