Македонија и Русија го потпишаа договорот за Јужен тек

Информираме дека денеска (вторник, 23.07.2013 година) во Москва, Руска Федерација, во просториите на Министерството за енергетика на Руската Федерација, беше потпишан договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек - кракот за испорака на гас во Република Македонија.

Во име на Владата на Република Македонија документот го потпиша заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, а од име на Владата на Руската Федерација договорот го потпиша министерот за енергетика на Руската Федерација, г-дин Александар Валентинович Новак. На потпишувањето присуствуваа и претставници на руските енергетски компании „Гаспром“ и „Стројтранс гас“.

По потпишувањето се одржа средба помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак.

Премиерот Груевски истакна дека вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек е од исклучително стратешко значење за Република Македонија, проект кој донесува повеќекратна корист, обезбедувајќи енергетска стабилност на државата на долг рок, и обезбедување на доволни количини на гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура на Република Македонија. Премиерот Груевски посочи дека на тој план Владата, преку Министерството за транспорт и врски веќе склучи договор со компанија која е ангажирана да изработи физибилити студија за изградба на секундарна гасификација, односно гасоводна мрежа низ државата.

Премиерот Груевски истакна дека ваквиот проект е од исклучително значење како за македонското стопанство така и за граѓаните кои преку испораката на евтин гас ќе имаат пристап до исплатлив и стабилен енергенс кој ќе гарантира подобра иднина и економска исплатливост. Тој истакна дека ова е голем чекор за Република Македонија и е за очекување до крајот на оваа година да се потпише договорот со „Стројтранс гас“ и потоа ќе може да се отпочне со изградбата на внатрешната инфраструктура на гас и поврзување на градовите со овој енергенс, и дека ова е договор кој опфаќа само еден дел од севкупната градба на гасоводна мрежа.

Премиерот истакна дека ваквиот проект ќе влијае и на дополнително зајакнување на политичко економските односи на Република Македонија со Руската Федерација и е резултат на пријателството и позитивниот тренд во билатералната соработка, додавајќи дека договорот е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.

Министерот за енергетика Александар Валентинович Новак истакна дека Руската Федерација ги поздравува постојаните заложби за приклучување на Македонија кон овој проект кој е од исклучително значење како за Руската Федерација така и за државите од европскиот континент, заложба која резултира со денешното потпишување. Министерот Валентинович истакна дека овој договор е плод на искрените и пријателски односи меѓу двете држави кои демонстрираат одговорност за потребите на граѓаните. Тој истакна дека Јужен тек веќе почна да се гради, а планот предвидува до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека иако Македонија првично не беше предвидена да биде дел од овој проект, Владата упорно инсистираше и работеше на вклучување кон оваа гасоводна мрежа и овој проект денес стана реалност за Македонија. Ставрески посочи дека со потпишувањето на овој договор остварена е една клучна стратешка цел, а тоа е обезбедување енергетска иднина на Република Македонија овозможувајќи природен гас за домаќинствата, но и за стопанството и на тој начин зголемувајќи ја конкурентноста на македонските фирми што ќе донесе поголема заработка, а со тоа и отворање на нови работни места и економски напредок.

Инаку, коридорот долг 3600 километри под Црното Море треба да ги поврзе руските извори на гас со Југоисточна Европа, независно од Украина. Јужен тек се предвидува да задоволува 14 проценти од европските потреби за гас.