Министерката Канческа–Милевска во посета на Шведска

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска во рамки на еднодневната официјална посета на Кралството Шведска, денеска се сретна со шведската министерка за култура и спорт Лена Аделсон – Лијерот.  

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, присуствувал и амбасадорот на Република Македонија во Шведска, Кире Илиевски.

Двете министерки за култура разговарале за досегашната соработка во областа на културата и за идните активности преку кои Република Македонија и Кралството Шведска ќе ги интензивираат културните врски.

Министерката Канческа-Милевска изнела конкретни предлози, како одржување на Денови на македонската култура во Шведска во 2012 година, реализирање изложба од постојаната поставка од музејот „Нобел“ во Македонија, а се разгледала и можноста за отворање Македонски културен центар во Шведска.

Канческа-Милевска ја информираше шведската министерка за култура за позначајните активности на Министерството за култура во однос на капиталните инвестиции, како и за успешната меѓународна соработка, за што сведочат повеќето потпишани билатерални спогодби и програми за соработка во областа на културата.

На средбата, двете министерки за култура зборувале за можноста за иницирање на Програма за соработка меѓу двете министерства, со која би се отворила можност за соработка меѓу институции и поединци од Македонија и Шведска. Во таа насока, Канческа-Милевска ја истакнала одличната соработка која Министерството за култура ја има со Амбасадата на Шведска во Скопје.

Како дел од посетата на Стокхолм, министерката за култура Канческа-Милевска остварила неколку работни средби со повеќе директори на институции од областа на културата, а се сретнала и со директорот на Музејот „Нобел“ Олов Амелин, како и со генералниот директор на Уметничкиот совет на Шведска Кенет Јохансон.