Измени на Законот за радиодифузна дејност за поголема независност на МРТ

Постабилно финансирање и зголемување на независноста на Македонската радиотелевизија, се очекува да се постигне со новите измени и дополнувања на Законот за радиодифузна дејност со кои меѓу другото се предвидува зголемување на радиодифузната такса на 190 денари и на дозволеното време за емитување реклами.

Со измените се овозможува јавниот радиодифузен сервис да емитува и игри на среќа кои државата самостојно ги приредува или се организирани од субјект кој има лиценца од надлежен орган.

Од Министерството за транспорт и врски истакнуваат дека измените се направени според препораките од Европската унија која бара поголема независност во функционирањето на националниот јавен радиодифузен сервис.

- Со имплементирањето на овие измени се очекува подобрување во делот на независно работење на Македонската радиодифузија како национален јавен радиодифузен сервис, постабилно финансирање на МРТ, како и зголемување на домашната продукција, велат од ресорното Министерство. 

Освен играната, спорстката и забавната програма, јавниот радиодофузен сервис не може да ги прекинува своите програми заради емитување на реклами. Не е дозволено рекламирање во периодот од 17 до 21 часот на телевизиските програмски сервиси, освен во преноси и интегрални снимки на спортски натревари, програма од сопствена продукција, друга програма произведена во државата, културни манифестации и настани од големо значење.

Исто така со Законот е утврдено членовите на работодавниот орган и нивните заменици да се избираат за период од три години со можност за повторен избор.