Министерот Адеми се сретна со претставници на Европската агенција за животна средина

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми денеска имаше средба со Гордон Мекинес, заменик директор на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Средбата се организираше како дел од редовните посети кои Агенцијата ги реализира за продлабочување на соработката со земјите членки и земјите соработнички на Агенцијата, меѓу кои и  Република Македонија, која активно соработува со Европска агенција за животна средина, уште од 1998 година, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

На средбата е поздравена континуираната поддршка која ЕЕА и ја дава на Република Македонија и на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и сегашните активности и проекти овозможени преку ИПА инструментот за претпристапна помош, кои овозможуваат подготовка на земјите кандидати и потенцијани кандидати за членство во ЕУ, како и учество во работата на Агенцијата и нејзините работни програми.

На овој начин, Република Македонија активно ги остварува своите евро-интеграции и редовно учествува во клучните извештаи и  годишната работна програма на ЕЕА, чија цел е навремено и ефикасно информирање на европските граѓани за состојбата и перспективата на животната средина.

Министерот Абдилаќим Адеми, даде поддршка за планирани активности за јакнење на институционалните капацитети и укажа на решителноста на Република Македонија да биде активен партнер во соработката со европските институции и европската еколошка агенда, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.