МНР и Алкалоид организираа работен појадок со дипломатскиот кор

Министерството за надворешни работи и АД Алкалоид денеска организираа работен појадок со дипломатскиот кор во Република Македонија.

- Целта ни беше заедно со напорите кои ги правиме во делот на економската дипломатија за промоција на Македонија како интересна дестинација за странски инвеститори, исто така да ги запознаеме претставниците на дипломатскиот кор во Македонија со македонски компании кои се присутни на надворешните пазари и кои се заинтересирани да инвестираат надвор, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Клучните прашања кои беа поставени, нагласи Попоски, беа околу бизнис климата во Македонија и можностите за развој, ефектите од економската криза и интересот кој постои кај инвеститорите за македонски фирми.

- Сметаме дека овие можности и овие размислувања се добра платформа за поврзување на бизнис заедниците и отворање можности за нови пазари. Во тој дух ќе продолжиме и во следниот период со поголем број македонски фирми кои се значителни и присутни на странски пазари, да го поврзуваме дипломатскиот кор и да бидат дел од активностите за промовирање, како на Македонија како успешна дестинација за инвестиции, така и на наши фирми присутни на странски пазари и создавање нови можности, додаде Попоски. 

Генералниот директор на Алкалоид Живко Мукаетов рече дека на ваквите средби се можност и за други компании кои има што да покажат, да се презентираат пред целиот дипломатски кор, да ги објаснат стратегиите и активностите  за натамошно функционирање и ширење во делот на бизнисот.