Прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски

Денес, на веб страната на Единствениот национален електронскиот регистар на прописи, е поставен новиот предлог закон за  администрација, чија цел, меѓу другото е продолжување на реформите во насока на професионализација и дополнителна едукација на јавните службеници се со цел подобрување на сервисот кон граѓаните. Денес Економскиот совет на Владата ќе расправа за овој закон и предлозите, а и сите граѓани ќе може да се вклучат во дебатата за правење на добар и напреден закон, со што се покажува нашата транспарентност и искрена намера.

Очигледно овој предлог закон, и модалитетот на отворена комуникација со граѓаните за негово подобрување и отворен разговор за унапредување на нормите, силно го изнервира СДСМ па побрзаа набрзина, неподготвени, на две на три да излезат на прес- конференција за да се обидат да креираат перцепција дека тие нешто работат, а Владата не, и да предложат неколку мерки, па затоа и предложените мерки не само што не ги доставија до Владата по редот на нештата, туку на прес- конференција ги соопштија, а тоа придонесе нивните предлози да се непотполни и неиздржани.

Уште веднаш може да се забележи дека она што го нудат, а кога имаа време и можност да го направат додека беа на власт - не го направија, е многу пати помало и по обем и по квалификации од она што Владата и Министерството во моментот го прават за подобрување на состојбите во оваа област, а е многу пати помалку од она што следува и е ставено во предлог законот, кој е правен во соработка со врвни и еминентни стручњаци од ЕУ.

Сепак ние благодариме за предлозите, ќе елаборираме зошто се недоволни, и ќе го повикаме СДСМ да продолжи со предлози.

Околу првиот предлог за формирање на Центар за обука на службеници, може да кажеме дека овој нов проект е завршен во поглед на неговата анализа и финализација, и е правен со експерти од Европската унија со поддршка на Националната Школа за Јавна Администрација од Велика Британија, кои целосниот проект веќе ни го доставија и Владата и нејзините тела го разгледуваат и ќе почне со негово спроведување, така да или ова што СДСМ го нуди е плагијат на нашата работа, или пак како што можевме да заклучиме од она што штуро го истакна Данева на прес- конференцијата е многу помалку од она што го предвидуваме. Дури и во овој момент, на 10 метри од Владата, е сместен сегашниот Центар за обуки финансиран од Кралството Норвешка и ЕУ средства, а и во Министерството има посебен таков сектор, што говори дека веќе процесите околу оваа тема се длабоко започнати и сега дополнително ќе се надградат. Само за информирање, бројот на обуки што МИОА го направи во 2010-та е три пати повеќе од обуките што ги спроведуваше кога СДСМ беше на власт. Ние преземаме и иновативни мерки околу постојана едукација на вработените преку електронско учење со што тие не се приморани да го напуштаат работното место како што е проектот Микроучење и учење преку далечина.

Околу вториот предлог  „Тест за подобар квалитет“, сакаме да потсетиме дека СДСМ до пред два дена силно се спротивставуваше на ваквата наша идеја и проект, па покрај тоа што е чудно и контрадикторно како ги менуваат своите ставови, сепак е добро што ја прифатија нашата интенција која веќе ја реализираме. Веќе постои тест за полагање по сите светски напредни стандарди, со што се обрнува сериозно внимание на квалитетот, знаењето и вештините, а и на компетенциите на административците, така да овој предлог на СДСМ е веќе реализиран. Владата веќе воведува и систем на управување заснован на компетенции во администрацијата.

Третиот предлог, „Да се знае“ со кој ќе се овозможела јавна контрола врз систематизацијата на работните места во сите институции, е веќе воспоставен и не знаеме како еден професор по право нема увид во законски заснованата можност секој граѓанин кој сака да дојде до систематизацијата дека има можност и право да ја побара и таа во сите случаи се дава, бидејќи е јавен документ. Во идниот период кога ќе се обезбедат средства ќе се воспостави и уште понапреден систем за достапност на сите документи.

И четвртиот предлог на СДСМ „Подготвени за работа, веднаш“, со кој се бара редефинирање на Програмата за стручен испит за државни и јавни службеници, е веќе во многу напредна фаза на реализација. Не само што ќе се зголеми квалитетот на тестот, туку ќе се воведат уште неколку други вида на тестови преку кои најподготвените, најстручните и најдобрите ќе влегуваат и напредуваат во администрацијата. Да потсетиме дека СДСМ преку Александар Гештакоски, кој сега е во Совет на основачи на СДСМ, кој беше директор на оваа Агенција до скоро, можеше да предвиди или пак предложи ваква можност, но тоа не го направи, а сега кога набрзина го предлага со доза на нервоза од нашиот предлог закон, веројатно не знае дека неколку пати повеќе подобар модул веќе се спроведува.

Генерално, предлозите на СДСМ, иако беа непотполни и неелаборирани соодветно, со должно внимание ги разгледавме, и заклучивме дека во предложените области веќе се преземаат неколку пати подобри и поконкурентни мерки, и дополнително ќе се преземаат уште понапредни модули.

Го охрабруваме СДСМ да продолжи да предлага, но притоа да обрне внимание на она што веќе се спроведува, и да не предлага депласирани и застарени методи, бидејќи така не придонесува за конструктивно подобрување на процесите.

Утре МИАО ќе ја претстави Методологијата за воведување на систем на управување заснован на компетенции во администрацијата на РМ и ги повикуваме сите заинтересирани граѓани доколку имаат предлози за унапредување на состојбите да ги предложат, а ние сме отворени за соработка.