Презентиран моделот за склучување договори за коцесија и за влез во мрежата на здравствени установи

Министерството за здравство првпат досега изготви мрежа на здравствени установи и услуги согласно одредбите од Законот за здравствена заштита, како и одредбите од предлог уредбата за мрежата. За влез на нова здравствена установа или услуга во мрежата потребно е склучување договор за концесија со Министерството.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој го презентираше моделот за склучување договори за коцесија и за влез во мрежата на здравствени установи согласно новиот закон за здравствена заштита и правилникот за најнискиот износ кога се работи за концесија и вршење на здравствена дејност во мрежата на ЗУ.

- На овој начин првпат правиме исчекор кон сериозно изедначување или не правење разлика меѓу јавниот и приватниот сектор во текот на постапките за доделување на договор за концесија, рече Тодоров.

Постапката за почнување на концесија, посочи тој, мора да биде во согласност најпрво со критериумите кои се содржани во мрежата, односно постапка за доделување на договор за концесија може да се отвори и да се додели ваков договор само доколку такво нешто е предвидено со уредбата за мрежата која е во владина процедура.

- Владата носи одлука за отпочнување на постапка за доделување на концесија. Во име на Република Македонија постапката за доделување концесија ја спроведува Министерството кое формира Комисија која ја подготвува целата тендерска документација и ја доставува документацијата до министерот за одобрување. По одобрување на тендерската документација од министерот Комисијата објавува оглас за доделување на концесија кој се објавува во Службен весник, потенцира Тодоров.

Тој појасни дека потоа следи јавното отворање на понудите и евалуација на пристигнатите понуди по што се доставува предлог до министерот за избор на најповолен понудувач со ранг листа, кој врз основа на листата склучува договор со прворангираниот, носи решение кое е конечно и потоа склучува договор со избраниот кандидат.

- Доставен е за објавување Правилник за најнискиот износ на надомест за концесии согласно кој за простор до 200 метри квадратни најнискиот износ за надомест е 150 денари за еден метар квадратен, а простор над 200 метри квадратни најнискиот износ се определува согласно позитивните прописи кои важат за утврдување на пазарната вредност на закупнината, рече Тодоров.

Укажа дека има определени поволности и доколку станува збор за градски населби тогаш се плаќа 100 проценти од најнискиот износ на закупнината, а доколку станува збор за селски населби почетниот најнизок износ е 50 проценти.

Тој во врска со другите подкритериуми кои се во насока на намалување на висината на закупнината во зависност од тоа во каква состојба е објектот, рече дека за објекти до 20 години стартуваат со 100 проценти од износот, до 40 години стартуваат со 80 проценти од износот, за над 40 години со 60 проценти од износот.

- Имаме определено минимални износи за концесија кои се движат - за здравствени установи со бруто месечен приход од Фондот за здравствено осигурување до 40.000 денари најниската месечна концесија ќе биде 200 денари. За оние кои имаат до 60.000 денари, најниската ќе биде до 400 денари, за оние со 90.000 денари месечната концесија ќе биде 500 денари, а за тие со месечен приход од ФЗОМ до 120.000 ќе биде 600 денари итн., додаде министерот Никола Тодоров.