Меѓународна конференција за води, клима и животна средина

Размена на искуства и изнаоѓање нови начини, методологии и технологии во набљудување, мерење и моделирање на сите важни сектори за користење и зачувување на квалитетот на водите и унапредување на животната средина е целта на 5. меѓународна конференција за води, клима и животна средина што од денеска до 2 јуни ќе се одржува во Охрид.

Повеќе од 60 научници и експерти кои се занимаваат со водата, климата и животната средина, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, ќе имаат можност за размена на знаења и научни докази од оваа област. Македонија, посочи тој, досега работеше на целосна имплементација на законите, односно директивите на Европската унија, а ќе продолжи и понатаму со усогласувањето.

- Намалените расположливи водни ресурси, но и зголемените потреби за вода се предизвик не само за Македонија, туку и за целиот свет. Се обидуваме да донесеме правилни одлуки со кои овие ресурси ќе ги искористиме рационално. Планираме да основаме регулаторно тело за води кое ќе ја одреди точната цена и ќе ги уреди правните аспекти меѓу субјектите кои продаваат, односно купуваат вода, а предвидена е и реализација на повеќе инфраструктирни проекти кои ќе ја подобрат состојбата со водите во земјава, рече Адеми.

Цветанка Поповска, професор од Градежниот факултет од Скопје истакна дека покрај научниот и практичниот аспект, целта е преку конференцијата да се промовира државата и заложбата на институциите за унапредувањето на животната средина.

- Општествата ширум светот да се прилагодат за зголемената потреба на свежа вода и во исто време да се ориентираме кон алтернативни извори особено онаму каде што има еколошки катастрофи на водините ресурси, смета Поповска.

Таа оцени дека последните години во Македонија има добар хидролошки режим и оти недостатокот од вода што го имаше претходните две-три декади со намалени количини во трите природни езера е надминат. Поповска заклучи дека климатските промени не се толку алармантно изразени кај нас, како што е тоа во некои региони во светот.

Координаторот на проектот Балњоис Марк Морал смета дека не е лесно да се справиме со проблемот од климатските промени, а со тоа и недостатокот од вода. Според него, потребна е добра тимска соработка за соочување со овој проблем.

- Многу е битно да го задржиме квалитетот на водата бидејќи таа е битна за животот на луѓето. За ова да успее не е потребна само соработката на луѓето што се занимаваат со хидрологија, туку од сите области кои на некој начин се поврзани со проблемот. Тој не е едноставен, туку повеќе од комплексен, нагласи Морал.

Организатори на Балњоис конференцијата се Балканскиот институт за вода и животна средина од Франција, Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, и Метеролошкото здружение на Република Македонија, МЕТЕО МАК.