Интервју на министерот Бесими за Радио Слободна Европа

Самитот на НАТО во Чикаго не беше самит за проширување и не може да се оцени како неуспех. Остануваме максимално посветени на целта, а наједноствана стратегија за добивање покана за членство во НАТО е интензивен дијалог со Атина, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими.

- Ние не сме изневериле никого од нашите гласачи, затоа што интензивно работевме на зачленување на Македонија во НАТО во овој период, а ќе продолжиме уште поинтензивно да работиме и во наредниот период. Мандатот не е завршен, народот гласа на четири години, тоа е прво. Второ, самитот на НАТО во Чикаго не беше самит за проширување и не може да се оцени како неуспех. НАТО и евроатлантските интеграции се процес, вели министерот Бесими во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој подвелкува дека во овој период интензивно работеле на адресирање на отвореното прашање што се уште стои пред официјалната покана за членство на Македонија во НАТО.

- Во овој период се соочувавме со ситуација да немаме континуиран партнер за надминување на тоа отворено прашање. Како министер за одбрана јас немам право да изложам свои емоции, туку јас сум задолжен во однос на тоа што граѓаните ми довериле, изразиле доверба и го очекуваат од нас, а тоа е да го заокружеме овој процес на евроатлантски интеграции. Така и ќе продолжам, вели Бесими.

Според него, било направено се што е можно во овој период, а ќе се продолжи и натаму до постигнување на целта - членството во НАТО.

- И тоа што се правила на игра, односно тоа што треба да се исполни, ние максимално ќе бидеме посветени, но тоа да биде на еден начин на кој што би се одразиле интересите на Република Македонија, односно граѓаните да бидат задоволни од тоа што ќе се постигне. Ова го повторувам со цел по Самитот во Чикаго да не се создаде простор за шпекулации дека Македонија бара други алтернативи, односно останува на тоа што е најдобро за Република Македонија и што граѓаните го очекуваат, вели Бесими.

Според него, наједноствана стартегија за добивање покана за членство во НАТО е интензивен дијалог со Атина.

- Наједноставната стратегија за добивање покана за членство во НАТО се разговорите со Грција, односно еден отворен, интензивен дијалог со Грција во однос на ова прашање со цел да се отстранат дилемите, да се зајакне довербата меѓу двете земји и да се гледа на ова прашање како една можност за решение, за надминување на разликите и на тој начин ние за побрз временски период би ги надминале овие разлики за Република Македонија да добие покана за членство во НАТО. Првата врата на која ќе тропаме е Република Грција, од која ќе побараме да го продолжиме дијалогот, интензивен дијалог, да ги надминеме разликите и за тоа сигурно ќе имаме поддршка од земјите членки на НАТО, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими.