Отворена манифестацијата „Денови на градинарството - Куклиш 2012“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска ја отвори четвртата манифестација „Денови на градинарството - Куклиш 2012“.

На манифестацијата чии организатори се  Здружението на граѓани „Кукла - Градинар“, министерот Димовски ја истакна заложбата на МЗШВ за  забрзан развој на аграрот, а посебно на раноградинарството како водечка гранка од земјоделството.

- Македонија, а посебно Куклиш, со својата блага клима е секогаш пред соседите, не само по својата раностасност, туку и по својот квалитет. Годинава нашата заложба за интензивен развој на градинарството ја покажавме со зголемување на субвенции во делот на производството под пластеници и оранжерии, а зголемени се и субвенциите за зеленчукот, кој ќе биде предаден во нашите преработувачки капацитети, рече Димовски.

За значењето на градинарството во македонскиот аграр, како што рече, доволно покажува фактот што дури 28 отсто од  вкупно остварениот  прихот од аграрот отпаѓа на градинарството.

- Македонското градинарство својот историски рекорд во извоз го оствари во 2010 година, кога беа остварени 424 милиони евра. Во 2011 година извозот порасна за 10,6 отсто или лани беа извезени раноградинарски производи во вредност од 461 милион евра, а овој тренд продолжува и во првите месеци од годинава, нагласи министерот Димовски.

Според него, идниот развој на градинарството Македонија го гледа во директна помош преку Програмата за рурален развој, задругарството и во  создавање на Центарот за  сертифицирано домашно семепроизводство, а  заедно со научните институции усовршување  на нови технологии во производството.

Претседателот на „Кукла - Градинар“, Васе Митушев упати благодарност до покровителите на манифестацијата - Министерството за земјоделтво, шумарство и водостопанство струмичката локална самоуправа и повеќе компании.

- Горди сме што нашата идеја е прифатена, не само од институциите и производителите, туку и од откупувачите, финансиерите и производителите на заштитни средства и репроматеријали, со што нашата манифестација станува мал саем на градинарството, нагласи Митушев.

На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Струмица Зоран Заев, кој истакна дека квалитетот на зеленчукот произведен во Куклиш, полека но сигурно станува препознатлив бренд, не само на пазарите во соседството туку и во Европа.

- Општина Струмица и понатаму ќе ја поддржува оваа манифестација и нејзината главна идеја за дружење на производителите, откупувачите и потрошувачите, рече Заев.

Министерот Димовски денешната посета во Струмичко ја искористи и да се запознае со штетите од невремето во Сушица и Зубово.