Македонија доби музејска копија од Златната маска пронајдена во Требениште

Музејска копија од Златната маска пронајдена во Требениште денеска во Скопје и врачи на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска нејзиниот српски колега Предраг Марковиќ. Златната маска од Требениште се чува во Народниот музеј во Белград.

- На денешната средба српскиот министер за култура ми врачи копија од извонредно значајниот артефакт, Златната маска од Требениште која се чува во Народниот музеј во Белград. Музејската копија од овој непроценлив артефакт, кој во 30-тите години на минатиот век е откриен на територијата на Република Македонија, ќе се чува и пред јавноста ќе биде изложен во новиот Археолошки музеј, кој се планира оваа или на почетокот на следната година да биде завршен и отворен, рече Канческа-Милевска.

Таа објасни дека Министерството за култура преку Управата за заштита на културно наследство изминатиот период до Министерството за култура на Србија упатило барање за изработка на музејски копии од археолошки предметки кои се чуваат во Народниот музеј во Белград. Благодарение на добрата координација меѓу институциите на Македонија и на Србија, музејска копија од Златната маска од Требениште ќе има и македонскиот музеј на чија територија бил ископан овој наод.

Оваа постапка, како што рече, претставува гест на едно големо пријателство меѓу македонскиот и српскиот народ.

- Наодите „Златни маски“ во македонската наука се меѓу највредните артефакти откриени во познатата  некропола во близина на селото Требениште, Охридско. Денес две од нив се наоѓаат во Народниот музеј во Белград, а две во Софискиот археолошки музеј. Овие артефакти, кои се определуваат како култни предмети, се поврзуваат со верувањата и ритуалите кои се правеле за време на погребувањата, рече Канческа-Милевска.

Министерот Марковиќ рече дека музејската копија е подарок на македонскиот народ и на македонската држава, а гест од Србија и од Народниот музеј во Белград.

Тој потенцира дека експонатите кои се ископани во Требениште, меѓу другото откриваат оти на тој простор постоела висока култура.

Министерката Канческа-Милевска потсети дека пред неполн месец со својот колега се виделе во Србија, каде ја потпишале Програмата за културна соработка меѓу Македонија и Србија за периодот 2012-2014 година.

- Ги редефиниравме нашите добри и пријателски односи. Имаме голема и богата размена на многу проекти од сите области во делот на културата, како и институционална соработка, оцени Канческа-Милевска.