Груевски: Предлогот на СДСМ за уставни измени обид за алиби на Црвенковски

Предлогот за измени на Уставот во насока да не застаруваат делата од приватизацијата, е обид на СДСМ и на Бранко Црвенковски да си обезбедат алиби за приватизацијата направена на криминален начин додека беа на власт, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

- Тие сето тоа што го направија го направија законски затоа што така ги направија законите да може на лесен начин за симболични суми да се разграба државниот капитал и подоцна следуваа бркања од работа на околу 200 илјади работници. Значи, околу 5 милијарди капитал беше за симболични износи разграбан од блиските луѓе на СДСМ и тоа беше направено законски. Бидејќи опозицијата тогаш четири години не беше присутна, СДСМ претходно сама во Парламентот донесе закон со кој што овозможи такво нешто. Сега тие сакаат да се исперат со промена на Уставот за да докажат дека се што било направено било законски, изјави Груевски.

Тој го појасни ставот и низ пример. - Тоа е исто како сега ние денес кога имаме мнозинство во Парламентот да донесеме закон половина од девизните резерви на Македонија што се во Народна банка да ги поделиме помеѓу нас и тоа да биде законски бидејќи закон ќе има и после 10 години доколку некој не обвинува да кажеме ајде сега да го промениме Уставот да видиме дали тоа било законски и ќе се констатира дека било законски бидејќи сме донеле идиотски закон со кој што се прави нешто што го нема во ниедна држава, рече премиерот Никола Груевски по посетата на Институтот за хемија при ПМФ каде беа предадени во употреба две нови најсофистицирани лаборатории.