Николовски од Брисел: Нашата успешност во реализацијата на ИПАРД програмата потврдена од еврокомесарот за земјоделство Војчеховски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски денеска во Брисел на средба со еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчиеховски и министрите за земјоделство од регионот ги споделија успешните резултати на Севрна Македонија во досегашната ИПАРД 2 програма.

Како земја сме лидери во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на исористеност од 98%, со склучени над 2000 договори. Истовремено активно се подготвуваме за уште една успешна приказна со новата ИПАРД 3, со зголемени средства за уште поголеми инвестиции и модернизација на македонското земјоделство.

Министерот Николовски на состанокот ги презентираше успешните резултати од досегашната реализација на ИПАРД 2 програмата.

„Довербата која ја добивме како земја лидер од Европската Комисија со зголемувањето на буџетот за новата ИПАРД 3 ќе ја потврдиме преку ставање на располагање на средствата со објавување на јавни повици како и акредитација на нови мерки за инвестиции во руралната инфраструктура, советодавните услуги и ЛИДЕР“, истакна министерот Николовски.

Северна Македонија, како земја лидер од страна на Европската Комисија доби зголемување за 62% на неповратната ЕУ поддршка за новата ИПАРД 3 програма. Неповратни 97 милиони евра европски средства се ставаат на располагање за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство.

Голема улога во успешното реалзиирање на ИПАРД 2 програмата има посветеноста при реализација на оваа програма од страна на вработените во АФПЗРР.

Министерот Николовски на состанокот истакна дека само сплотени, сите земји од регионот, можеме да успееме во остварувањето на нашите поставени цели, додавајќи дека го продолжуваме заедничкиот дијалог и напори за успешна имплементација на ИПАРД во сите земји од регионот.