На ПМФ отворени две лаборатории, дел од владиниот проект

Природно математичкиот факултет доби две нови лаборатории набавени преку проектот на Владата. Едната се однесува на испитувањето на квалитетот на нафата и нафтените деривати, а другата за испитување на структурата на квалитетот на материјалите.

Лабораториите ги пуштија во употреба премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев.  

- Со набавката на првата лабораторија, која што е целосна и комплетна практично добиваме државен независен орган што ќе го врши истражувањето и испитувањето на квалитетот на нафтата и нафтените деривати и тој ќе биде независен во однос на испитувањето на оние кои се трговци и производители независно дали се тоа сопственици на обични бензиски пумпи или станува збор за поголемите како што се Лукоил, Макпетрол, Окта итн. Така што нема да има конфликни интереси само за себе да го испитуваат и да декларираат квалитетот на  нафтата, бензинот и другите нафтени деривати, туку тоа ќе го прави независен државен орган, изјави премиерот по пуштањето во употреба на двете лаборатории.

Тој појасни дека ќе треба да се спроведе владина постапка да се утврдат подзаконски акти за тоа доколку е потребно и законски за да се овласти оваа лабораторија да ги врши тие испитувања во иднина и да има независно испитување на квалитетот на нафтата и нафтените деривати.

Според него ова не значи дека досега некој измамувал во однос на квалитетот на горивата бидејќи нема такви докази затоа што немаше лабораторија од таков тип досега.

И лабораторија која ќе ја испитува структурата на материјалите, исто така досега не постоела и за тоа се испраќаа примероци во други држави, како Хрватска, Германија, и Далечниот Исток.

- Секаде се испраќале материјали за да се испита структурата на различни типови  на материјали која е потребна за  секој производител да направи сопствена декларација на своето производство. Така што сега добиваме лабораторија која ќе го замени праќањето надвор на примероци и плаќањето големи трошоци и од страна на компаниите и понекогаш од страна на самиот факултет, универзитет кога имало одредени истражувања, рече премиерот и додаде дека таа ќе им помогне на студентите, професорите, научните работници кои ќе можат на многу  полесен начин да ги прават своите истражувања, научни трудови и на некој начин да се во редот на добро опремени лаборатории, односно во редот на научници и студенти кои  имаат целосна опрема пред себе при изучување на одредена дејност или при истражување на одредена дејност.

Опремата што е набавена е најнова, најмодерна и најсофистицирана и е врв на технологијата што моментално може да се набави во светот.