Министерот Попоски во официјална посета на Република Словенија

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во рамки на еднодневната официјална посета на Словенија се сретна со својот словенечки колега Карл Ерјавец, со претседателот Данило Тирк, со премиерот Јанез Јанша и со претседателот на словенечкиот Државен збор, Грегор Вирант.

На средбата со Ерјавец, како што соопшти Министерството за надворешни работи, биле нагласени одличните билатерални односи меѓу Македонија и Словенија кои се одраз на партнерство, пријателство и блиска соработка во сите сфери на општественото живеење.

- Министерот Попоски се заблагодари за искрената и континуирана поддршка што Република Словенија ја манифестира кон Република Македонија, не само во меѓусебните релации, туку и на регионално и на мултилатерално ниво, што беше потврдено и на тукушто завршениот Самит на НАТО во Чикаго. Информираше за Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на РМ и Европската Комисија, како инструмент за динамизирање на напредокот на нашата држава во пристапниот процес и дополнителен аргумент за подготвеноста на земјата да ги започне пристапните преговори, се вели во соопштението од МНР.

Во него се додава дека министерот Ерјавец ги апострофирал заложбите на Република Словенија за што поскорешен напредок во евро-атлантскиот интеграциски процес на нашата земја и соодветно валоризирање на постигнатите резултати и преземените реформи на тој пат, што, како што рекол, ќе биде од големо значење за стабилноста на регионот и добар сигнал за останатите претенденти за членство.

- Заеднички констатираа дека принципиелноста во меѓународната политика е од круцијално значење за перспективите на земјите кои својата визија за иднината ја гледаат низ призмата на конструктивниот пристап и меѓусебната соработка, стои во соопштението.

Динамизирањето на економските односи и зголемувањето на трговската размена како дополнение на блиската политичка соработка било главна тема во разговорот со словенечкиот претседател Данило Тирк. Заеднички било констатирано дека Македонија  заслужува членство во Алијансата и почеток на преговори со Европската унија, за што Словенија ќе продолжи силно да се залага и во иднина.

На средбата со премиерот Јанез Јанша, министерот Попоски изразил задоволство од традиционално добрите билатерални односи меѓу двете земји, искажувајќи надеж дека тоа е основа за понатамошна надградба на соработката во сите области од взаемен интерес.

Претседателот на Владата, Јанез Јанша, подвлекол дека евро-атлантското интегрирање на Република Македонија се наоѓа високо на надворешно-политичката агенда на Република Словенија, во која, како што посочил, земјата има сериозен лобист и гласен поддржувач.

Министерот Попоски и претседателот на Државниот Збор на Република Словенија Грегор Вирант на средбата се согласиле дека парламентарната соработка е исклучително важна во градењето на билатералните односи, но и во контекст на меѓусебна размена на идеи, согледувања и заеднички активности кои би ја интензивирале парламентарната дипломатија помеѓу двете земји.

За време на посетата, министерот Попоски ќе одржи предавање во организација на Институтот „Јоже Пучник“ и Факултетот за европски студии. Тој ќе присуствува и на прославата на 20-годишнината од формирањето на друштвото „Свети Кирил и Методиј“ од Крањ, најбројна организација на македонските иселеници во Република Словенија.