Османи- Шаленберг: ЕУ проширувањето е најзначајниот геостратешки лост на ЕУ

Денес, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари телефонски разговор со министерот за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг.

Вокалната и постојана поддршка од Република Австрија за членство на државата во ЕУ се пресликува во сите сектори, не само во одличните пријателски односи, туку и во динамичната секторска соработка, истакна министерот Османи. Со оглед дека Австрија е земја број еден по износот на странски инвеститори во Северна Македонија, двајцата соговорници изразија очекување дека капацитетот на присутни австриски компании на нашиот пазар ќе продолжи да расте во наредниот период.

Австрискиот министер ја реафирмира силната позиција на официјална Виена за што поскоро интегрирање на сите земји од Западен Балкан во Европската унија, нагласувајќи дека ЕУ проширувањето е најзначајниот геостратешки лост на ЕУ. Во овој контекст ја поздрави реформската агенда на Владата со акцент на претстојните уставни измени.

Двајцата министри разменија мислења за активностите во рамки на нашето претседавање со ОБСЕ и австриската поддршка во справувањето со актуелните предизвици на Организацијата.

На средбата стана збор и за актуелните состојби во регионот, кои имаат последици врз безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа. Беше нотирано актуелното претседавање на нашата земја и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како и со САД-Јадранската повелба (А5), при што позитивно беше оценета улогата на Северна Македонија на активен чинител во генерирањето на стабилноста и мирот во поширок регионален контекст.