Вицепремиерката Арифи и евроамбасадорот Орав ја посетија општина Боговиње

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Теута Арифи и шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Аиво Орав денеска ја посетија општина Боговиње во рамки на кампањата „ЕУ одблизу“.

Вицепремиерот Арифи и амбасадорот Орав се сретнаа со градоначалникот на Боговиње Хазби Идризи, со членови на советот на општината, како и со претставници на локалните невладините организации. На средбата се разговараше за активностите на општината, а посебен интерес беше искажан во однос на можностите за обезбедување поддршка за проекти преку европските фондови.

„Европската унија не е само идеја, туку и реалност која подразбира имплементација на многу активности, а ваквите настани придонесуваат за зголемување на видливоста и запознавање на граѓаните со процесот на европска интеграција“, истакна Арифи.

По средбата со градоначалникот, вицепремиерот Арифи и амбасадорот Орав имаа средба и со граѓаните, при што ги информираа и одговараа на  нивните прашањата за придобивките и обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ.

Кампањата „ЕУ одблизу“ се реализира во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Европа, а има за цел граѓаните од помалите општини во Република Македонија да се запознаат со процесот на интеграција во ЕУ.