Нов правилник за дополнителната работа на лекарите

Со нов правилник ќе се уредува начинот за дополнителна работа на лекарите во јавните здравствени установи, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Новина е тоа што дополнителна дејност ќе можат да извршуваат специјалисти со над двегодишно работно искуство, додека претходно тоа можеа да го прават само оние кои имаа седум години искуство. Дополнителната работа специјалистите ќе може да ја извршуваат во здравстената установа во која работат или во друга јавна здравствена установа, и тоа најмногу до осум часа неделно. Кои лекари ќе можат да извршуваат дополнителна работа ќе зависи од нивната успешност.

- Како дополнителна дејност специјалистите може да обавуваат дејност најмногу до 30 осто од обемот и видот на секоја услуга поединечно од вкупниот број на услуги што се изведени за претходниот месец. Суштината на овој концепт е да предизвикаме што поголем број услуги да бидат давани во редовното работно време за да се овозможи што поголем број  услуги да бидат давани како дополнителна дејност. Ќе бидат стимулирани здравствените работници да даваат поголем број услуги во редовното работно време за да можат да остварат и поголем број услуги како дополнителна дејност, изјави Тодоров.

Новина е дека ќе има право да извршуваaт дополнителна дејност само лекарите кои немаат намалена работна успешност и оние кои внесуваат податоци во системот за евидентирање на работната успешност. - Сите оние кои имаат работна успешност од 0,98 коефициент, нема да имаат право на дополнителна дејност, изјави министерот за здравство.

Правилникот предвидува системот за евидентирање на работната успешност по автоматизам да генерира извештај кој што автоматски на електронската пошта го доставува до секој кој што внесува податоци во системот и се определува од кој тип и вид на услуги, здравствениот работник ќе може да дава дополнителна дејност и во кој обем.

- Тоа значи дека секој здравствен работник на први во месецот ќе добие имејл од системот-автоматски генериран, во кој што ќе биде определено кој вид услуги ќе може да ги обавува како дополнителна дејност и во кој обем. Директорот има обврска да објави еден генерален извештај за сите здравствени работници, но и без да го објави директорот, здравствените работници можат да организираат ваква дополнителна дејност врз основа на поединечниот извештај, изјави Тодоров.

Исто така, ќе биде потребно лекарите да склучат договор со здравствената установа во кој ќе биде предвиден начинот на кој ќе бидат користени работните простории и опремата на ЈЗУ. Лекарите ќе може сами да си го одбираат помошниот медицински персонал и за тоа да го известат директорот. Доколку лекарот извршува дополнителна работа во друга ЈЗУ ќе треба да има договор со неа, но и да го извести директорот на матичната здравствена установа.  

- Секој здравствен работник кој врши дополнителна дејност за тоа прави посебно требување на материјали за да не се доведеме во ситуација да има лоша евиденција и да бидат злоупотребувани одредени материјали што се набавени на сметка на клиниката и да даде посебен извештај за извршената работа, што ќе се чува во досието, изјави министерот за здравство.    

Во овој правилник, исто така е предвиден ценовник за извршување на услугите. Овој ценовник како што посочи Тодоров ќе важи и за осигурениците на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, но и за лица од странство кои ќе сакаат да се лекуваат во земјава. Правилникот заедно со ценовникот во текот на следните седум дена ќе биде ставен на увид на веб страната на Министерството за здравство за да можат лекарите да дадат одредено свое мислење.

Тодоров посочи дека овој правен документ е изготвен од тим од Министерството за здравство и оти во него биле вклучени лекари, професори од клиниките, економисти. Тој вели дека со предвидените цени јавното здравство ќе биде во добивка.

Доколку при контролите на внесените податоци во системот и инспекциските контроли се утврди некаква злоупотреба или неправилнсоти, предвидени се казни за јавната здравствена установа, за нејзиниот директор и за лекарот кој извршува дополнителна работа.