Јанкулоска на меѓународната научна конференција „Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот“

“Една од примарните задачи и должности, пред се, на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбебедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани. Наедно, тој систем мора да биде достаточно флексибилен и кооперативен за секаков облик на соработка и дејство со друг таков систем, оти јасно е дека предизвиците со кои се соочуваме денес не секогаш имаат национален предзнак, односно проблемите што можат да се испречат пред нас подеднакво може да  ги чувствуваме сите ние во еден поширок регион“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно воведно обраќање во рамки на меѓународната научна конференција - Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот - што денес и утре се одржува во Охрид.

Поздравувајќи го еминетниот собир на експерти од областа на безбедноста од речиси сите земји од регионот присутни на конференцијата, Јанкулоска потенцираше дека темата на собирот всушност е императивно прашање за целиот регион кое што денес претставува еден заеднички приоритет - евроатлантските интеграции.

Притоа, таа нагласи дека една од примарните задачи и должности, на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбебедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани.

Инаку организатор на научната конференција е Факултетот за безбедност при универзитетот “Свети Климент Охридски“ а во тесна соработка со повеќе образовни институции од регионот. Денес и утре на конференцијата ќе бидат презентирани повеќе научни трудови и согледуваања од различни сегменти на безбедносната проблематика, а во контекст на главната тема на конференцијата “Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот“. Почнувајќи од разни аспекти на полициските науки, казнено-поправните реформи и преструктуирања, менаџирањето со ризици и кризи како безбедносни предизвици и друго.

Во продолжение интегрално го пренесуваме излагањето на министерката Јанкулоска:

“Најнапред, дозволете ми да истакнам дека ми причинува голема чест и задоволство што денеска сум овде, на овој импозантен меѓународен научен собир, на којшто од еден експертски, академски ракурс ќе се дискутира околу разните безбедносни опсервации, подеднакво важни како за националната, така и за пошироката регионална стабилност и безбедност. Истовремено, на самиот почеток сакам да кажам дека дополнителна важност на оваа конференција дава и нејзиното заглавие -Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот – императивно прашање за целиот наш регион кој што во изминатиот период  минуваше низ низа сериозни, бурни, и би додала - коренити предизвици, притоа истакнувајќи го, или уште поточно речено, промовирајќи го во прв пред приоритетот што сите ние денес го споделуваме – евроатлантските интеграции.

За Република Македонија нема поважен интерес од целта кон која упорно, макотрпно и посветено работиме – наше севкупно општествено стандардизирање, односно хармпнизирање согласно приоритетот кој погоре го нотирав: максимално реализирање на евроатлантските перспективи. Во тој смисол, сосема е јасно дека и безбедносната сфера, како сегмент на општествената трансформација во која сме длабоко навлезени, не е оставена настрана. Напротив – таа, во годините зад нас беше прашање од посебна важност за државните институции надлежни за нејзино спроведување, и за чие што своевидно редизајнирање следствено стандардите, вредностите и нормите на евроатлантските асоцијации не се штедени ни време, ни средства.

Безбедноста не е проблематика на моментот или на трендот. Таа е прилично жива материја која нужно бара едно подолгорочно концептуално фундирање, но притоа и постојано прилагодување, односно надградби на нејзините системи, инфраструктура, човечки и технички ресурси. Затоа што познато ни е дека и разните предизвиците и закани не се статична работа, туку  еден мошне динамични спектар од карактеристики со упорна тенденција секогаш и секаде да ги детектираат и исползуваат слабите точки на системот. Згора на тоа, тука се и ризиците од безбедносни кризи предизвикани од природните фактори кон коишто, исто така, мораме секогаш да имаме адекватен одговор.

Една од примарните задачи и должности, пред се, на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбебедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани. Наедно, тој систем мора да биде достаточно флексибилен и кооперативен за секаков облик на соработка и дејство со друг таков систем, оти јасно е дека предизвиците со кои се соочуваме денес не секогаш имаат национален предзнак, односно проблемите што можат да се испречат пред нас подеднакво може да  ги чувствуваме сите ние во еден поширок регион.

Во тој смисол нашето делување секогаш треба да биде двонасочно: национално и меѓунационално. Институциите во Република Македонија од овој аспект никогаш немале дилема: чувајќи ја сопствената безбедност секогаш да бидеме подготвени, доколку за тоа има потреба, да ја чуваме заеднички безбедноста и на нашите соседи и партнери.

Во контекст на безбедносната проблематика морам да истакнам дека во изминатиот период, во Република Македонија, беше конституирана една мошне солидна регулативна и институционална основа за натамошна надградба на безбедносен систем којшто во целост ќе одговори на потребите и барањата на државата и нејзините граѓани. Но и на потребите и барањата на меѓународната заедница чии што доследен член е и Република Македонија. Тоа го сметавме и го сметаме за исклучително важна мисија преку чие што остварување уште еднаш ќе понудиме силен доказ не само за нашата одговорност и зрелост како држава, туку и за нашата одговорност и зрелост како земја која тежи кон целосно евроатлантско интегирање.

Токму заради тоа убедена сум дека и оваа научна конференција, од која што сосема сигурно ќе се стекнат нови стручни инпути во практичната операционализација и изградба на безбедносниот сегмент, е еден дополнителен показател во таа насока. Доволно е само да се види обемната понуда на респектабилни дискусии од безбедносната област, што, пак, е најдобра потврда на мојата претходна констатација. Конечно, јасно е дека нема практика без теорија, нема производ без идеја. Затоа, на крајот дозволете ми, посакувајќи ви успешна и плодна работа, да ви се заблагодарам за вашата исклучително важна контрибуција во сферата на безбедноста“.