Бесими: ќе бараме интензивен дијалог со Грција

Министерот за одбрана Фатмир Бесими, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека првата врата на која ќе тропнеме по самитот на НАТО во Чикаго е Грција, од која Македонија ќе побара интензивен дијалог поддржан од другите членки на Алијансата.

- Од Грција ќе побараме да го продолжиме дијалогот, интензивен дијалог, да ги надминеме разликите и за тоа сигурно ќе имаме поддршка и од другите земји-членки на НАТО. Значи тоа е она што ние ќе го направиме во наредниот период. За надминување на ова отворено прашање, ние треба да се гледаме како партнери во решение, а не како две страни ривали во еден проблем, вели Бесими.

Тој посочува дека Македонија немала поголеми очекувања од самитот на НАТО во Чикаго, поради тоа што проширувањето не било на агендата, но и поради тоа што спорот со Грција остана нерешен, пренесува Радио Слободна Европа во извадок од интервјуто со Бесими. Министерот додава дека интегрирањето во НАТО е единствена перспектива за Република Македонија.