МТСП: Нa СОС бројот поднесени 207 пријави за лица во социјален ризик

Вкупно 407 пријави за лица во социјален ризик биле поднесени на СОС бројот 15 505 отворен од Министерството за труд и социјална политика.

- Од нив четири се пријави за бездомни лица, 22 за дете на улица и дете во социјален ризик, осум пријави за злоупотреби на деца, 22 за инвалидно лице, 41 пријава за старо и изнемоштено лице и 310 повици преку кои се побарани информации од областа на социјалната заштита, информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој додаде дека по сите овие пријави е постапено од страна на стручните лица на МТСП и од надлежните органите.

- По пријава на граѓани, 22 деца се дислоцирани од улица. Осум од нив во моментов се сместени во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“. Останатите се вратени кај родителите, рече Ристовски.

Тој појасни дека оние деца кои се вратени кај родителите, ќе бидат под постојан надзор на стручни тимови, а истите деца повторно бидат најдени на улица ќе биде покрената постапка за одземање на родителството.

Соодветни постапки, рече министерот Ристовски, се преземени и во случаите на злоупотреба на децата, во кои најчесто еден од родителите физички ги злоставувал.

На бесплатниот СОС телефон 15 505 граѓаните се уште можат да пријавуваат дете на улица или дете во социјален ризик, бездомно лице, старо и изнемоштено лице во социјален ризик, инвалидно лице во социјален ризик, како и случаи на злоупотреба на дете и педофилија.